Младен Србиновски „Приказни од долна земја“ ПРВА КНИГА - В кенеф умрела? - В кенеф - рече мајка му со тврд, тивок глас што потплашува. Мајка му и татко му знаеја за чија смрт зборуваат. Младен претпоставуваше. Секогаш штом викне оџата на Вијан, тие ќе прозбореа за покојниот. Овој пат, оџата уште немаше викнато. - Влегла и не излегла. Цела ноќ не ја побарале... Остината ја нашле. - Смртта нема миризба, инаку, би ја сетиле. - Така си избра, кутрата... Утрово кога ја побарале каде е, била здрвосана... Младен им го фати разговорот на половина. Понекогаш ги заслушуваше. Такви беа нивните разговори: им почнуваа од најнеобично место и завршуваа во момент кога најмалку се очекува разговор да заврши; шифри од јазик што го ползуваат сопружниците доволно што живеат заедно, на кои одамна првичната младешка брборливост им секнала и меѓусебното познавање им здебелило приватен речник од полугестови, погледи и мимики целото тело што им го соопштува, само тие меѓу себе си го читаат недореченото од поттексти и паузи, тоа повеќе им значи од изговореното, и на моменти, да нема потреба од соопштување на најнужна зборовна порака, со денови не би зинале меѓу себе. Од таквите машиженовци посовршен јазик изградиле само растенијата и животните: такви сопружници да можат да живеат подолго од биолошки пропишаното на човекот, сигурно би стасале до немуштиот јазик на животинското и растителното и би си комуницирале со крици и гугукања, со клокотења и шумолења, вака, Господ ги разделува во моментот кога пред нив се отвора последната, конечната страница од универзалниот јазик на вечното, а зборовните информации на животните и растенијата соопштени преку немуштиот јазик на природата, остануваат за нас вечна тајна и загатка. Кој знае, можеби целиот таен јазик на вечното всушност е јазикот на таквите машиженовци појдени отаде минливото? Сопружниците прекинати на патот кон јазикот на вечното, однадвор се познаваат, по разговорите - директно од средина. Таквите сопружници одамна заборавиле што е вовед. Такви беа Оносим и Иконија. Зборуваа за Алиица. На двесте метри од нивната куќа, во Садиноските, умрела Алиица. Не беше многу стара, не беше стасана ни до шеесеттата. забрадена во шамијата спуштена до веѓи што ѝ го криеја погледот на крупните костенливи очи и покриена во долг мантил на обезличувањето, не се разликуваше од другите врснички Албанки во облеката. Ретко некогаш излегуваше од двор. Младен често играше со син ѝ Арбен и неколкупати имаше влезено во нивниот двор. Една есен, беше збирање овошја, на пат, од колата со полни кошеви јаболка, мајка му на Арбен му подаде две восочно жолти колачарки. Есено време во Вруток, јаболка има да се гаѓаат и Цигани. Од нив смрдат ридовите. Му беше гнасно да јаде подадено од Шиптари. Јаболката не се јадења готвени во нивни куќи, ама од нивна рака дадени, тешко пропаѓаат в грло. Да јадеш од туѓа, нечиста вера, со раце што го мијат задникот не е препорачливо, имаше слушано детето и ги фрли јаболката штом подзамина забрадената жена по товарената кола со плодови. Колку да ги миеш, ни вардарска вода не ги чисти: на лајна малку ќе удираат. Мечка од планина ќе научиш да живее, Албанец не ќе научиш на ред... Младен го знаеше и Алија, татко му на Арбен. широк в плеќи, со сако префрлено преку рамо и виткана цигара залепена на долната усна, пуши, поткашлува и очите му потсолзуваат од чадот. Имаше еден куп деца: мелеа пченка на воденица и јадеа бакардан со урда. Одамна е во Германија, отиде сам, пред да појде првата тура работници. Малку подоцна се организира колективно испраќање на работници во странство: Лазар од Маџои во домот ја подучуваше неквалификуваната работна сила на ѕидање и малтерисување и во групи од по десетмина, заминуваа за Германија. Лазар, мајстор што го нема, не замина за Германија: работеше ден и ноќ, кој посака го направи со занает и преработен, пред време го удри срце и почина. заминуваа само Албанци. Тектук по некој Македонец. Некаде пред Нова година, кога бил тамошен Божиќ, Албанчињата ги чекаа татковците. На кого татко им дошол, се гледаше на училиште. Новите алишта и обувки, не ги правеа нови деца... Алиштата од Германија не им ги бришеа мрсулите, тие си остануваа подзинати, а новата облека за неколку недели ја провлечуваа, чевлите ги подгазуваа и новото руво, во бојата и миризбата си ја добиваше нивната тукашна нијанса на немарност. - Германија ги отвори границите, стана циганска вреќа. Кој не сакаше, таа не го прими... Сталин кога ја делеше на две, им нареди да се измешаат со цел свет. Тоа племе што прави режими сите да им бидат слуги, да се сотре... - им објаснуваше Веле од Марка на Вијан, на моменти кога насобраните возрасни беа само Македонци. - Не, Германија е убава земја - списка Младен. - Какви играчки му донесол татко му на Арбен од Германија, никој нема такви играчки! - Ти ќе му кажеш на Велета од Марка каква е Германија! - Чие е ова дете? - Ним не им одговара што ги избркавте Германците одовде! Детето веднаш доби шлаканица од возрасните воспитувачи. За дете, секој возрасен е потенцијален воспитувач. - Тоа го зборуваат дома! За уши, детето беше исфрлено подалеку од купчето мажи. Откако дозна чиј е, Веле од Марка само кимна со глава. Никој тоа стармало детиште не го тераше да слуша разговори на возрасни. И другпат истото го правеше: со врсниците премногу не му се играше, се тргаше од нив или самите деца го бркаа од играта. Пред тоа, на Албанчињата кога им се приклучи, го избркаа. Татко му на Арбен му донесол една кола на навивање; ќе ја навиеш со клучето, а таа оди, фрла искри и писка. Арбен на сите Албанчиња им даваше да го навиваат количето, само на Младен не му даде. Кога и да се опулеше во ѕвезденото небо над Вруток, на ум му иде случката што ја паметеше од најраните години. Беше толку мал што му се причинуваше доживеаното нему му се случило, а не дека случката многупати му ја раскажуваше сестра му Иванка. Со случката толку се има соживеано, па му се чини дека и тој присуствувал кога се создаваа ѕвездите. Младен најчесто заспиваше при слични раскажувања. Беше време кога повеќе се жалеше куршум од човек. Тогаш децата заспиваа на вистински приказни; не беа лаги и измислици: сведоци на приказните беа сите вруточани. Сведочеа и со гордост зборуваа. Јавачот качен на коњ, го дигна автоматот и в небо истури цел шаржер. Разрешетаните гради на небото истурија млазеви жолта светлина над народот. Вруточани позинаа. Беше доволен само еден реденик куршуми, ноќта што со векови им ја скриваше светлината, да попушти. Осветлен од штотуку изроените ѕвезди, го препознаа јавачот во партизанска униформа. Горд и убав, како вистински победник, на коњ беше качен Веле од Марка. штета што штедеше муниција. Му беше потребна за други поважни работи: непријателот не беше сè уште целосно избркан од Македонија. Тој никогаш и не бил избркан и целосно уништен, во неа секогаш се прикриваа групи домашни предавници и затоа се штедеше највредното, куршумот. Секој куршум злато чинеше, а требаше во секое село да се издупи небото барем со еден реденик, да го огрее светлината на слободата. А Вардар си течеше од Вруток кон Гостивар, од Гостивар кон Солун. Старата книга многупати ја држеше в раце. Беше најубава и најстара меѓу другите книги. За да се заигра и не им додева на мајка му и баба Драгана додека разговараа и пиеја кафе, бабичката го пушташе да влегува во домашната крстилница и да ги прелистува попските книги наредени на дрвени полици меѓу иконите и кандилата. Зимно време, в црква кога е престудено, поп Аркадија и неговите предци попови, тука, на топло, ги крштевале новороденчињата. Баба Драгана, од родот Попоски, сестра на покојниот поп Аркадија, беше останата во големата попска куќа. Старите рачно пишувани или печатени книги со необичните кирилски букви, детето не ги разбираше. Речиси секоја буква ја препознаваше, неколку букви можеше да сврзе, некој збор му изгледаше познат, но никако не можеше да врзе реченица. На рачно пишуваното старо евангелие, со илустрации на птици во жолтозлатни бои, на маргините на страниците имаше и неколку записи. Ненадејно еден од записите разбра: Младен од Вруток ќе го укаса куче. Друг Младен во Вруток немаше! Детето се стресе. Некој предок од минатото, со истото мастило и истиот ракопис, очигледно нему му испраќаше порака: варди се од куче! На стрпливиот дамнешен книжевник, распнат меѓу изгладнетоста, препишувањето и долгите молитви што предизвикуваат мистични трески, како корка сув леб што му застанува во беззабата уста и ја турка со вода, му се всенува и му рие небитна, ситна порака за иднината. Ја запишува, да се ослободи од неа. Кај што има човек, има и куче. На возрасен не смее да каже за загадочното сознание од книгата. Ставајќи ги во недоумица, не само што не ќе му дадат задоволителен одговор, ќе му забранат друг пат да не влегува во запуштената крстилница. Младен пребледе од преплашеност, но не крикна. Можеби времето ќе му даде одговор на загадочниот запис. Синовите и внуците на покојниот поп Аркадија ретко доаЃаа, правливите парталосани книги, освен молците, одамна веќе никој не ги пофаќаше и малиот, љубопитен роднина од соседството, веројатно беше единствената рака што одвременавреме ги земаше в раце. Кришум, ја скина мазната, мрсна страница со испишаната порака од дамнина испратена до него и ја стави в пазува. Можеше незабележано целата книга да ја земе и никој ништо да не види. Години подоцна, разбра дека таа книга е бесценето значајна и скапа, откако во весниците прочита дека е пронајдено „Вруточко евангелие“ од ХIV век и депонирано во збирката на стари ракописи во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Овој ценет кирилски ракопис веќе бил откриен и регистриран кај попската вруточка фамилија во триесеттите години од дваесеттиот век од Радослав Грујиќ, научник и тогашен директор на музејот на Јужна Србија во Скопје. за описот на книгата објавил текст во зборникот отпечатен во Белград 1937. год, подготвен по повод четириестгодишната научна работа на познатиот српски лингвист и професор Александар Белиќ. Ова значајно откритие силно одекнува во славистичките научни кругови, на овој допис се надоврзуваат текстови од други научници, па во загрепската Енциклопедија на Југославија од 1958. уредувана од прочуениот писател Мирослав Крлежа, се изработува и посебна енциклопедиска одредница за прочуеното, но веќе загубено „Вруточко евангелие“. Ракописот е оценет како исклучително вреден и нецелосен препис на Светото писмо, се дава детален опис на неколкуте илуминации и плетенки во книгата, а се спомнуваат и добро обработените пергаментни листови од зајачка кожа. По многу децении трагање на македонскиот научен специјалист за стари ракописи Михаило Георгиевски, таа книга повторно е пронајдена кај Миле Попоски, внукот на поп Аркадија, син на проф. Владимир Поповиќ од Скопје. Босанската варијанта на правописот и неколкуте записи, особено глосата: „Митнице место патриархово идже се патриархи ставе сребром и златом“, демек и патријарсите со рушвет, со пари стигнувале до престол, на научниците им дава можност да сметаат дека евангелието е богомилско, никој не претпоставувајќи дека таа книга има уште една страница, уште една порака од вековите, што едно дете од Вруток толку љубоморно ја чуваше. Подоцна, неговото име влезе во мода и само во Вруток уште неколку деца така ги крстија, кумовите ни на крај памет не претпоставувајќи дека името Младен по себе влече кучиња. Ич да не ми кажеше чиј си, ќе погодев. Цел си на дедо ти Маџо - на младото збунето момче, му вели стариот професор Владимир Поповиќ во неговиот кабинет на Педагошката академија во Скопје. - Колчавест в лице, со мустачиња под носот, со постојаната мека насмевка што не му се симнуваше од лицето... широк в плеќи, но набран со две отсечни брчки меѓу очи, дека сепак си ја тера својата работа и не се витка на секоја пречка што ќе му излезе на пат... По градови без проблеми носеше градска облека и градски манири, а во Вруток од вруточаните во селската облека по ништо не се разликуваше. Само што влезе, те препознав... Не знам дали си со неуништлива волја на дедо ти? Ако си таков, ќе биде нешто од тебе... Не си ми дошол никогаш дома, чекај, тука ќе ти зготвам кафе... Стар професор, иден бруцош честеше кафе. Во пренатрупаниот кабинет од книги и папки, професорот одвај успеа да ослободи место, момчето да седне. Во години кога единствено сака да зборува и никого не може да слуша, а сè потешко наоѓа стрпливи слушатели, младиот роднина му дојде како нарачан. - Не е страшно да остарееш, страшното е кога од животот ти остануваат само приказните, а нив никој нејќе да ти ги слуша. Само што ќе зинам, ги дразнам домашните и ме прекинуваат да престанам. Сè сум понеподнослив... Разговорот меѓу подалечните роднини беше монолог на професорот. Болките на изнемоштеното тело секој старец ги лекува со сеќавањата за младоста кај што ја проживеал, и секој што заминува на зрела возраст од родниот крај, таму преживеаното, на старост му се престорува во здравје, таму мислата му шета како јазикот расипан заб што го влече и до бесознание за таму зборува. Младиот гостин немаше потреба од зборување: ако професорот само од раскажување го знаеше, она што слушна од него, му остави трага за цел живот. - Не го познавав татка ти доволно, а на деда ти се сеќавам како дете... Тогаш најмногу се памети. Биди пола на дедо ти, како што си на него по името и не ти треба моја помош и совет. Дедо ти без ничија помош сè сам правеше... Ако за некого татко ми Аркадија имаше почит, имаше само за деда ти Маџо, еден од безимените што ги движат времето и историјата. За некого се вели е успешен ако фати само еден тесен ракав од животот. широкиот зафат како на дедо ти е подвиг блиску до чудо... Времето не било во негова полза, а животот свој го држел колку што можел в раце. Јас сум математичар, не ги владеам добро теориите за општествата, но треба супстанца... Таквите луѓе имаат супстанца... Тајната на бројот што обликува и прави хармонија... Вистина и јас дома, Миле мој го поттикнувам, ама не е на дедо му Аркадија. И јас не сум на него, затоа секогаш ние почнуваме одново... Не бива цело време на памбуци да ве држиме. Без татко си - учи, немој на фамилијата да ѝ го правиш образот опинок. Татко ми, не случајно, сестра си му ја дал на дедо ти. На штотуку стасаниот матурант не му беше тешко да разбере дека монологот на остарениот математичар беше под силно влијание на Питагоровата мисла и откако многу нешта си кажаа, останаа уште долго загледани во издолжените попладневни сенки, квечерината на долгиот јуни што ги собираше низ паркот. На двајцата како да не им се прекинуваше средбата. Искусниот старец му подаде на момчето да прочита некои материјали, тој дури прегледуваше купишта листови. Идниот бруцош остана до доцна во кабинетот на професорот. Намерно дозволи да му заминат сите автобуси за Гостивар. Попладневниот разговор силно го потресе и ноќта што го затече во Скопје добро му дојде да се соземе. Го тресеше треска. Купи тетратка и веднаш, на една клупа покрај Вардар почна да ги запишува неизветрените впечатоци од средбата. Со пишувањето продолжи и во возот што взори тропаше низ Полог. Откако пристигна во Гостивар, не дочекувајќи убаво и да се раздени, прво отиде кај сестра му Иванка, тука омажена, од утро со неа да се расправа. Во Вруток, не отиде право дома, туку скршна кон црквата Св. Архангел Михаил што се наоѓа до изворот на реката Вардар. Влезе во селските гробишта. Стоејќи простум, долго ги гледаше јајцовидните порцелански, со златен обрач опшиени ликови на покојниците. Какво сака нека е жешко летото, на утро, покрај Вардар, не може да не ти подникне кожата. Освежен од пробдеаната ноќ, Младен нервозно ја виткаше тетратката со првите испишани страници. А Вардар на два чекора, спокојно си течеше од Вруток кон Гостивар, од Гостивар кон Солун. Изворот на Вардар и до него црква - тоа е Вруток. Вруточани, изворите на Вардар ги викаат Главардар. Над село, од подножјето на шар Планина на извориште со простор од четириесетина чекори, извираат, скокаат, се пенат од под големите бели камења и итаат кон Солун големите извори вода со неповторлива питкост и туристи и минувачи што се напиле, со денови в уста ѝ го сеќаваат студенилото и вкусот. За разлика од устието во Солун што не може да си го види изворот, вруточани кај и да се, му се враќаат на изворот, било православни, било правоверни. На десетина чекори до извориштето е црквата Св. Архангел Михаил, изградена во 1878. на темели на постара црква, по документи и во Вруточкото евангелие спомнувана како манастир со истото име. Меѓу црквата и Главардар стои стариот, огромен даб. И по годините е во средина: постар од црквата, помлад од Вардарот. Под неговите подадени гранки почиваат неколку знаменити вруточани. На влезот, кога ќе пречекориш преку влезната порта во црквата, веднаш те пречекува голем мермерен споменик на поп Аркадија, достоен по раскош за цариградски патријарх. Со очи - жарчиња што знаат што сакаат и способни тоа да го сторат, фрлаат искри на подбелената брада, одвај не потпалувајќи ја. Починат не натокмувајќи ја ни шеесеттата, кон крајот на Втората светска војна, тој што не знае, се запрашува дали под плочата почива некој владика или тоа е само гроб на обичен селски поп. Местото, црквата и изворот, даваат можности за такви нагодувања. Десетина чекори потаму, паралелно со црковниот влез, на височинка до ѕидот што ја опашува црквата, има два поскромни и постари гроба, без слики: подолниот е на зарко, брат на поп Аркадија, егзархиски учител убиен во времето на Балканските војни 1913. и погорниот на прочуената вруточка убавица Урубија, сестра на Маџо, умрена со доаѓањето на дваесетти век. Брат ѝ Маџо не е умрен во Вруток и го нема меѓу значајните вруточани што заслужиле со ликот и делото да ги закопаат околу црквата на постојан поглед од секој што ќе влезе во црковниот двор. Умрен и закопан во Букурешт, ако досега гробот не му е откопан и пополнет со потазе мртовци, како што е практика во големите градови, сигурно му е зарастен во треви и одамна од никого непосетен. Маџо и Аркадија беа врсници. Таткото на Аркадија, поп Томо, им кажуваше дека се родени во годината на градењето на црквата и умирањето на стариот поп Димо. Подоцна откако пораснаа, можеа сами да ја прочитаат годината на раѓањето; на каменот под покривот на црквата и денеска стои вдлабена годината на градбата 1878. кобната, нулта точка на отворањето на живата балканска рана на Конгресот во Берлин. Од страв од руската експанзија, Големите европски Сили на дипломатска маса повторно ѝ го вратија овој регион на Турција. Ослабената, корумпирана турска власт, немаше интерес за заштита на обичното славјанско христијанско население од централниот дел на полуостровот. Секој муслиман можеше да искаже непослушност кон султанот, се одметнуваше во качачка банда и вршеше невиден терор врз него. Потајно и христијаните се спротивставуваа и понекогаш ги начекуваа одметниците од заседа. Турската власт ако немаше волја, сила и специјални полицајци поопсежно што ќе ги истражуваат таквите случаи, имаше метод како да ја санкционира искажаната рисјанска дрскост. За казна на осомничените, власта им носеше албански фамилии од Арнаутлакот отаде Шар Панина, населувајќи ги во рисјанските села, а лекот од нивниот зулум врз тогаш доминантното рисјанско население, по препорака на локалните полошки бегови и аги беше да земаат и плаќаат заштитници, сејмени од Албанците, за да ги бранат од одметнатите качаци по шумите. Кадија те тужи, кадија те суди. Во Вруток за сејмен им го препорачаа Расим. Дветри години Расим сам сејменуваше, а потоа неговиот голем фис од Арнаутлакот, од Пешкопеја, преку Шар Планина ги префрли во Вруток. Зависно од возраста, полот и имотот, сејменот ја опрделуваше тарифата за осигурување на секоја човечка глава. Од цел Вруток, осигурувањето не важеше само за Урубија. Сејменот некогаш ја загледал како му ги потерува неколкуте овци на поило на брата си Маџо и имал што да види... Името што означува вид златна пара најточно ја потрефува убавината на штотуку задевојчената Урубија: светната самовила како сонце. Реши, ќе ја граби. Барем, од нејзината фамилија е лесно. Мајка ѝ умрена на пораѓањето со Маџо, татко им отиден на печалба и веќе не вратен, растеа сирачиња со баба им Бевцена. Седумгодишен, Маџо веќе беше главено момоче. Баба му, го молеше попот да го земе да му слугува колку за едни опинци и едно јадење на ден и поп Томо некако се согласи. Во куќата попоска кој ќе стигнеше, го воспитуваше со што знаеше и умееше. Аркадија негов дури спиеше, тој веќе ги напасуваше говедата, пред тоа истимарувајќи му го коњот секогаш влакното да му свети, за ако се качи на коња, сите први да го поздрават. Еден есенски самрак по Митровден, добитокот кога се пушта саламадија по ниви, дојде Аркадија од дома Маџота да го викне. Младото слугинче, папсано од есенските работи по цел ден кај попот, таман вечера пред запалена боринка и се подготвуваше да легне, некој од попската фамилија го оставил коњот на Селиште и поп Томо бара, Маџо да му го доведе. Детето помисли заедно со Аркадија ќе одат по коњот, па спокојно отиде во поповата авлија. Аркадија си влезе дома и тој остана сам во дворот. Му стана јасно, поповиот син нема да излезе. Не смееше и да помисли да го одбие попот, а требаше сам по темнина да оди преку Вардар. Од пенџер попот ја виде нерешителноста на момочето па излезе до праг, во двоумењето да го стресе. Од рапавиот попски глас Маџо не еднаш се префркнувал и во моментот кога страшно му свика да тргне, му се здочини нема нешто полошо в темнина што може да му се случи од стравотилаците што му ги задава лошиот поп. Нозете сами му кинисаа. Поповската попара мораше да се срка ако нејќеше да умре од глад. Поповиот коњ оддалеку го позна својот мал слуга и пријателски му за'ржа. Му даде да го фати за узда и мирно му стоеше на момочето кога го одведе до најблискиот плот, од него качен, да го јавне. Топлината од слабините на коњот, Маџо го опуштија. Подруго е, не е веќе сам низ темнината. Дамарите на коњот му играа под кожа, ненадејно ќе притрчаа под слабините и ќе му се смиреа на грбот. Животински реакции колку го олабавуваа животното, толку го храбеа слугинчето да се потсмири; си прозборува со коњот како со човек; и тој има душа, го потчукна, најлошото поминало и тој бил на ливада сам, а одговорите на мирното животно беа неправилните грчења под кожата. Неговиот животински јазик го немаше научено, но детски си вообразуваше дека со некои такви тајни знаци си зборуваат сите божји суштества под небото. Во приказните што ги слушаше дома од баба му, најубави беа оние за луѓето што го научиле јазикот на животните и тревките: ги разбираат и си разговараат со нив. Маџо заедно со Аркадија го подучуваше во келијното училиште кај поп Томо писмото и јазикот на луѓето. Најбргу од децата ги научи буквите и почна да потчитува од евангелието. Знаеше четириесетина букви; тие беа премалку за да чита од јазиците на животните и растенијата што беа секогаш кон него пријателски расположени, како што беше пријател и тој со нив, но за вистинско заемно пријателство, школо за учење на нивниот јазик во Вруток и околните села немаше. Во старо време луѓето знаеле да го зборуваат јазикот на тревките и живите суштества и опстојувале сложно на плеќите на земјата; подоцна човекот го заборавил нивниот јазик, почнал да ги покорува и мачи живите суштества, ги изгубил најголемите пријатели, се изгубил самиот меѓу нив и така осамен, божјите суштества што носат душа, сè повеќе го сметаат човекот за непријател и само по некој необичен, редок човек што сè уште ги знае прастарите тајни на редот и опстојувањето, преку приказните порачува каде е грешката, до каде стасал човекот по патот што никаде не го води. Човекот кога би увидел дека се запатил во ваква слична темнина, живиот свет би му простил и би му помогнал, како на коњот што не треба да му кажуваш кај да оди по оваа темница: прст пред око не се гледа, тој не го греши патот. Што дека го знае јазикот на луѓето кога од нив идат маките: поп Томо знае дека деца имаат страв да одат по темнина; коњот му беше поважен од слугата, а сами го заборавиле... Заборавен во самосожалувањето и опуштен од топлината на коњот под него бавно што оди, неусетно се доближија до мостот. Во близина на брзиот Вардар постојано што удира и пени, студената есенска ноќ станува уште постудена; честакот густи, високи ели и во највисоко летно пладне прават сонцето никогаш да не стигне до реката што тече во полумрак, а влагата и провевот вечно фурејќи долж коритото, лесно пробиваат до кожа и секој минувач го тераат на подникнување. Двете осамени суштества се стресоа. Коњот за'ржа и се вкопа, а на лито облеченото момоче му се повторија морниците како при доаѓањето. Префрлањето на дрвениот мост на Вардарот е најстрашниот дел од патот. Очите веќе му беа навикнати на темнината и можеше јасно да забележи дека коњот не застана поради студенилото. На два чекора покрај мостот, во израснатите трње беше дошол некој чуден четириножен призрак во бело крзно: ниту пес, ниту волк, ниту животно за кое досега слушнал. Привидението почна околу себе да се врти, да паѓа ничкум и страшно да завива како што не испушта глас ниедено друго живо суштество. Момчето продорно крикна и залелека за мајка му што ја нема. Мајка му не ја познаваше и попусто ѝ го спомнуваше името кога се наоѓаше во неволја. Луѓето кога ќе умрат, го забораваат јазикот на живите и не им се оѕиваат и при најголема мака, па дури да се повикувани на помош и мајките. Мртвите на тој свет единствено што научуваат е да можат на живите да им доаѓаат на сон, а соништата колку и да се страшни, се сонуваат на безбедно. Коњот се дигна на две нозе и од себе го собори детето. Веројатно тоа е едно од сеништата за кои толку слушал, што спијат во гробиштата од двете цркви покрај коритото на Вардарот. Ноќните сеништа дење спијат и штом ќе се замрачи, кога око не раздвојува црн конец од црна темница, стануваат и шетаат до првите петли. На мртовци, со црн конец им се зашива покровот, барем дење да мируваат. Зашиени со бел конец, и на виделина мир не ќе се има од нив... На живите, на виделина им е дадено да прават ѓаволски работи. Колку и да беше до село, во таа доба, Маџо беше најосамен и на најтемното место на светот. Влезе во територија на толосумите тие кога ја управуваат темнината. Морничавите ноќни врисоци ги будат вруточаните од најдлабок сон само уште еднаш да станат и ги проверат лостовите дали добро ги залостиле вратите, да се помолат на бога да не се тоа пискотници на луѓе од нивното семејство, исчекувајќи што побргу да се раздени, да се избројат дали се сите на број. Маџо викаше и лелекаше колку грло го држи, но тешко некој би распознал нечиј глас од шумењето на водата или некој воденичар би отворил врата со замандаленото сурме на влезот уште со ден. Од Стенче и В'лковија па нагоре, цела Горнополошка котлина во Вруток ги носеше житата на мелење и јамболиите на перење. Доскоро, древните марифети да се исклепа воденичен камен што меле жито и да се реди бука што бели јамболија, беа занаети само на Славјаните, и околу водениците и валавиците што ги имаше над триесетина по текот на Вардар низ селото, не еднаш се слушаа врисоци и барање помош и никогаш никој од нив не се осмелуваше да излезе, подаде глава однатре дури убаво не се развидели и не слушнат јасно човечки гласови дека врват по патот што оди покрај вода, од село, кон Гостивар и светот. Коњот и малиот јавач се вратија педесетина чекори наназад, до плотот од кај што момочето повторно го јавна коњот. Животинчето зеде изобилно да се моча. Маџо забележа дека тоа нему одамна му се случило в бечви. Крстењето на сирачето, молењето на бога, лелекањето или острата миризба на мочката не го избркаа чудното привидение што заседнало покрај мостот; тоа пак зеде да се врти ќерне и да испушта крици. Околу полноќ, откако на третиот пат се осмелија да се наближат кон мостот, чудното животно беше заминато и без проблеми поминаа. Момочето го врза коњот под сушинка и отиде дома. Баба му и сестра му не беа легнати. Не се знаеше кој повеќе плачел и кој повеќе се исплашил. Отечен и префркнат, со глас потрошен од лелекање, Маџо не можеше да прозбори. Стравот в грло му застана и му тресеше солзи од очи. Баба му го искапе, му палеше жарчиња и го храбреше дека нема ништо, лошото поминало... Од утро отидоа кај Кемајлица да му закуша од уплав и да се напие вода миена од коски на диви животни, а потоа баба му отиде кај попот да се кара што не се зажали над дете сираче, па го праќа в црни темнини по коњот. Му рече што ѝ дојде на уста, повеќе не го пушти да слугува кај него, а нејзина нога веќе не стапна в црква на причесна. Маџо целата зима подмочуваше в кревет. Се плашеше кога ќе дојде мрак и никаде не седеше ако нема уште некој до него, додека не го изведоа еднаш баба му Бевцена и закушувачката Кемајлица до Вардар. Старата Албанка знаеше рисјански и му рече: - Господ треба да ги чува мајките дури им се мочаат децата в гаќи. После тоа се може и без мајки, не се толку потребни. Си пораснал без неа и не ти личи да остане уплавот во тебе. Сега од волк вода ќе се напиеш, ќе се измиеш и останатата, заедно, по Вардар ќе ја истуриме. Вардарот стравот ќе ти го однесе. И навистина, мразот како што цицаше влага од секое вирче, како да цицаше и од стравот на детето и со заминувањето на зимата тој како што полека попушташе и се топеше, така некоја влага му го подлокуваше стравот. Детето полека се оправи, почна по малку да јаде и само што замина свети Трифун и се пресече првиот страк лоза, баба му го прати на гурбет со еден подалечен сват, дури во Букурешт. Маџо ја бакна раката на баба му за збогум, ја бакна сестра си Урубија в чело дека ќе собере за две-три години пари да ја омажи и замина од Вруток кога Вардар е најбуен. И кога го напушташе Вруток во петлово време, в темнина покрај Вардар не му текна дека беше преплашен. Веќе оздравен, само се стресе од студот, се сврти уште еднаш од Присој да го погледне селото пред да му го снема од ридот, поминувајќи ги со поглед 'ржаните покриви на куќите чии оџаци веќе чадеа. Вруточани стануваат порано од петлите, си помисли, ним не им треба петел. Кој знае колку ќе сработат штом толку многу запнале да крадат време од ноќта, да ја претвораат во ден. Оџаците беа далеку од него со топлината да му стоплат една грутка мраз што ја сети некаде под ребра дека ја имало во него. Од неа се притресе и подникна. Во него топлината имаше сила само малку да лизне од грутката студенило колку да испушти една солза в око. Ја обриша, се прекрсти и се сврте да си го гледа пред себе патот. На фурнаџии јеловчани по улици, им продаваше ѓевреци, симиди и кифли. Работа како нарачана за негова возраст. Со таблата на глава се провираше во најголемите мешаници низ Букурешт: со едната рака ја држеше, а со другата подаваше од пецивата и враќаше кусур. По цел ден надвор. Најважно: легнуваше на топло и никогаш гладен. Се изнајаде бел леб. Спиење немаше, само дремнување под текнињата фурнаџиски во кучешко време: од полноќ до први петли. Го научи градот, го поднаучи јазикот, ги студираше луѓето. Првпат најаден, имаше сила да талка повеќе од сите улични продавачи. Од улични мангупи, од почеток, имаше проблеми на улица, но тој најубаво ја чувствуваше новата слобода: трча, а нема Албанчиња да го задеваат за бадијала. Толку голем град, а не беше Стамбол! Од сите продаваше повеќе. зајакна, можеше и сам да се справува со напасниците, стекна углед меѓу нив и никој веќе не се обидуваше со закана да му го зема пазарот или ѓевреците. Улицата го научи и го прими. Полека, почна да подмовува под нос. Зарем е можно никогаш да не гладува и по гурбетчии дома да испраќа пари? Израсна и од ништо не се плашеше. Можеше да тегне и турка и количка, и зеде уште една работа: пред вечер почна да продава и поретии за господата што излегле по улици: шеќерни петлиња и јаболчиња на стапче, шеќерни ореови јатки и печени јајца, печени семки и костени, а во зависност од сезоната, лете студена боза, зиме топол салеп. - Како не се изморуваш? - му велеа при купувањето или на узминување веќе редовните муштерии. - Како што Вардар не застанува и јас не смеам, - им одговараше на муштериите, дури им го враќаше кусурот и учтиво им се заблагодаруваше. Ниту тие слушнале за Вардар, ниту тој можеше да разбере од каде им толку пари на луѓето да си дозволуваат освен за леб, да трошат и за збесови. - Од ова дете ќе биде домаќин, - им велеа родителите на своите распекмезени деца. Тоа ќе знае да ја цени парата, а не како вас, цел живот на меко. Секој производ си имаше своја сезона на продавање, а беше немоќен да го измени диктатот на сезоните. Тоа да му успее, ќе се збогати. Во тоа лежи печалбата и тука сакаше да го употреби умот. За грутката мраз в гради во сите сезони што го ѕемнеше, никому не зборуваше. Неа сред лето ако ја извади и ја употреби, ќе се збогати. Не ја извади, ја употреби и направи пари. Секоја година им праќаше дома по некоја пара, памучни, цветни пештемали на сестра си и кафеавести, волнени шамии на баба си. Собираше пари и немаше намера да дојде уште една година. Требаше да собере доволно за да ја мажи сестра си. Му порачаа, како знае, да дојде. Шест години го немаа видено. И дојде. Сестра му ја најде жива. Со чеза, во Гостивар, го пречека другар му Аркадија. Еден со друг кога се видоа, разбраа колку се пораснати, времето, тие години, за нив многу сработило. Со движења на возрасни, со првите мустачиња и гнојни чирчиња: Аркадија во попска мантија, Маџо во европска облека. за тој саат и пол колку што има до Вруток, сè му израскажа. Урубија задевојчила во најголема убавица. Селскиот сејмен Расим ѝ фрлил око: ѝ немало спас; немал право, но ја грабил. Порачувал, ако нејќе сама, со сила ќе ја граби. И: ја грабил, ѝ немало спас. Урубија не излегувала веќе ни до Вртишта на чешмиче по вода, ниту во двор в бавча. На вруточани не им треба нашироко раскажување на оваа приказна. Сметаат, случката подробно ја има опишано Војдан Чернодрински во „Македонска крвава свадба“. Им ги изменил имињата и ги поднаместил работите приказната да биде поинтересна. Како за книга. Во шеесеттите години на дваесеттиот век кога се сними истоимениот филм, гостиварци од тоа време в кино си ја гледаа нивната Урубија. Гледаа и повторно ја плачеа. Четириесет дена девојка издржува во туѓа куќа и да не се потурчи. По зачуваната фотографија, направена веднаш по судењето пред конзулите, Урубија е поубава и од актерката што ја толкува на филмот. Вруточани, со поп Томо, се жалеле до Битола кај европските конзули и тие се согласиле: ќе организираат фер судење. Дошле францускиот и рускиот конзул во Тетово и пред нив и пред преполнетата судница Урубија го извадила фереџето од себе и му се фрлила на вруточкиот поп, крикнувајќи „не давај ме“. Како да не се овековечи таа убост и достоинство на фотографија! Сите рисјани од цела тетовска чаршија ја даруваат со најубавото од своите дуќани. Собира две коли најубави подароци, а битолчанецот Милтон Манаки, првиот снимател на Балканот, дојден заедно со конзулите, бесплатно ја овековечува до поп Томо, до човекот што ја избави од силниците. Целата во модрици, ослабена и преплашена, пред францускиот и рускиот конзул изјавува, животот го давам, верата не ја давам, ги кине срмените чинтијани од себе што не ги соблекла за да легне до несаканиот маж. Тетовскиот кадија немал што да рече и пресудил во корист на тужителите: францускиот конзул несомнено испратил доклад за уште едно кршење на човековите права во европска Турција, во себе чудејќи се на нерационалното размислување на девојката, во првата година на дваесеттиот век што одбива да живее во изобилие и се враќа во мизеријата и бесперспективноста, а рускиот конзул, веројатно и тој го регистрира случајот, но не се знае дали напомнал дека на тој начин функционира славјанската душа. Тоа се подразбираше. Брат ѝ Маџо не ја затече Урубија на нозе. Легната, не можеше ни да стане, ни да збори. За зборење и не требаше, од очите само што ѝ останале на неа, сè ѝ читаше: дека ја грабиле ноќе, дека биле четворица мажи, дека никако не отворале со баба ѝ, дека кучето што им се нафрлувало го начпарале, дека преку оџак им влегле в куќи, дека одвај од бранење и отимање ја извадиле Урубија од куќа, дека баба ѝ Бевцена добила кундак по глава и колку една тупаница згрутчена крв имаше под шамијата и ја тресеше главата до крајот на животот, дека како последен потег при отмувањето, Урубија се фатила за дрвениот дирек од чардачето пред влезната врата и вчепчена за него, четворицата не можеле да ѝ ги откопчаат прстите и покрај сите тегнења и удари по рацете... Како срасната за дирекот, никако не попуштајќи, малку требало да остане дома ако не попуштел дирекот и не се откорнал... Тогаш веќе било лесно: две жени сами и дирек несаглам. Останале само пискотниците. Не бил брат ѝ до неа да се вкопча за него, па се фатила за дирек. Рацете уште ѝ беа сини од удирањата и нив единствено можеше да ги движи и сестрински да го прегрнува брата си и немо, со солзи да го полева. Маџо имаше донесено пари за нејзина свадба. Биле пишани за погреб. Од присуството на брата си смртта ја узмина Урубија за две години. Потоа ѝ направи погреб каков што Вруток не видел. Поубав од свадба. Рисјаните од Вруток многу гледаат на погребите. Наоѓаат маани како да се тргнати со сватови. На погребот ѝ дојде народ од целата околија; крај немаше опашката на поворката. Ја закопаа на тумба, десетина чекори од влезот на црквата, на најубаво место, од висина да ги гледа своите вруточани кога идат в црква на празници или на венчавки што самата не ја дочека, со пемпезар, на оро невестинско што не се фати. Знаат вруточани со мртовци како треба... Двете коли подароци од тетовчаните како бовчалоци, на спроводот ги разделија како на сватови. И што е за право, до едно време се потсетуваа на неа, ја помнеа, штом ќе влезеа в црква и свеќа ѝ палеа. Потоа дојдоа години кога ја забораваа в црква, а се потсетуваа на неа на маса; на слави и муабети: едни ја раскажуваа нејзината судбина како што ја слушнале, а други пак измислуваа и додаваа нови моменти приказната да стане уште повозбудлива, сметајќи на ефектот што ќе го предизвика на живите. Судбината за Урубија беше како измислена за на софра; се вивнеше ли џагорот кога сите зборуваат и никој, никого не слуша, за постарите беше вистински момент да почнат со приклучението за Урубија; вревата одеднаш тивнуваше и вниманието нараснуваше, а паузите меѓу зборовите на раскажувачот врз слушателите паѓаа како крупни трошки тишина... Времето неуморно носеше нови премрежија за разговори и некогаш некој ако ја започнеше оваа приказна, таа делуваше на нешто општо и чуено и како доказ дека приказната не е измислица, ја спомнуваа куќата на брат ѝ Маџо како нејзин роден дом, а потоа се префрлаа со раскажувањето за братот. Маџо седеше дома скоро три години. На заминување за на печалба, замина сам. Не испушти солза, не се сврте кон Вруток, не чекаше никого. Само ѝ ја целка раката на баба му и погалувајќи ја по главата што постојано ја тресеше, ѝ ја пофати под шамијата згрутчената тупаница од засирена крв и замина сам по Вардар кон светот. Надолу заедно и тој и реката, секој по свој пат, разбра зошто под гради има грутка мраз, во најголеми горештини што не му се топи. Некој в гради, некој в глава, некој на кожа, секој човек во себе на некое место има по една таква згрутчена, скаменета тутулка, од крв, мраз, жар, од коска, од камен, некого таа го лади, некого го гори, го тресе, занемува или кутнува, и таа тутулка е нашата шифра на болката по која се распознаваме. На сестра си Урубија не разбра кај ѝ беше собрана грутката. Веројатно в грло. Тогаш малку од студенилото му се стопи во него, колку за еден длабок здив испуштен со слаб крик низ уста и пара што се оцрта во провевот покрај реката. „Во Вруток ли ми се избистри умов, сè што ми изгледа поинаку,“ си велеше во себе. Градот убаво што го знаеше, на второто доаѓање, со други очи го гледаше. Нов, а познат. Пораснал. На лице, за постојано, му се појави одвај забележлива насмевка што му правеше да ги изгуби грубите слугински црти и се престори во млад, упадлив работник. Едноставното, евтино пециво што се грицка во одење: тркалести ѓевреци со ситни зрна сусам на нив, муштериите ги разликуваа и избираа еден од друг по формата, по добро извиениот тестен круг што прегрнува празнина. Кој ѓеврек, извивајќи се, поубаво ја прегрнал празнината, тој беше попривлечен за купувачите. Кон таа животна едноставност младиот работник го туркаше животот: прегратка празнина што се обидуваме да ја исполниме. Јазикот на неизреченото, речник подебел од зборовите на сите јазици, извира од нас: почнува со читање на гестовите, погледот и држењето на телото, продолжува со читање на окружувањето, за да се стаса до невидливото што го напипува само умот. Амбициозниот провинцијалец што се дрзна да го освојува светот, го учеше јазикот на животот, поголем и посложен од оној што го зборува устата. Дарбата за читање на неизговореното е особина што закржлавува на благодети, а забележлива за човек минат низ премрежиња; момчето од земјата на изворите, таа дарба ја совладуваше од малечок, употребувајќи го јазикот повеќе за поткасување отколку за зборување. Начинот на кој се смееше и работите кои го смееја беа најдобриот показател на неговата природа, а насмевката бесплатно што ја продаваше со ѓевреците, бргу ја забележаа купувачите на улица. Колку убаво момче си станал, - му рече уште при првото повторно среќавање госпоѓа Милена која живееше над фурната. Беше сопственик на куќата и живееше најчесто сама. Со мажот, постар офицер инвалид, настрадан на кој знае кој од честите локални балкански фронтови, понекогаш одеа по бањи и санаториуми, а кога беа заедно тука, послугата наутро им носеше топол бурек и јогурт. Секој од работниците сакаше мајсторот него да го прати со табаката појадок кај господата на втори кат. зркнати во госпоѓата што се однесуваше како да не ги забележува, постарите калфи некогаш ако нејзе ѝ го подадеа појадокот, повеќе сакаа да ѝ ги видат нејзините натколеници отколку нејзиниот ситен бакшиш. замесувајќи го виденото со куп измислици и гестови што опишуваат женски облини, по цел ден шепотеа меѓу себе кој во каква состојба ја затекол. Сопственикот на фурната не дозволуваше да се зборува непристојно за стопанката на куќата и појадокот за господата беше испраќан по малите чираци: ним сè уште повеќе им светнуваа очите од бакшишот што го добиваа секое утро. Маџо беше најчестиот среќник наутро што се пикаше кај госпоѓата и калфите него најмногу го испрашуваа да им опише како ѝ стојат на офицерката тантелните облеки повеќе што отскриваат отколку што скриваат. Навечер, на враќање од град, со логавиот господин или со поголемо друштво, госпоѓата избираше од количката што ја туркаше Маџо по едно печено јајце или некаква слична поретија за скромна вечера, порачувајќи му утредента што да ѝ однесе за појадок. Порачаното ѝ го носеше откако ќе продадеше три табли ѓевреци и симиди низ улици, некаде околу десет и пол претпладне. Веќе на возраст кога помлад од него требаше наутро да се качува со табаката кај госпоѓата, а сè уште срамежлив да зборува за долната облека што предизвикуваше машки блудни мечти додека ја гледаа пружена на жица од балкончето на внатрешниот дел од зградата, самата стопанка побара Маџо да ѝ го носи појадокот. На момчето тргнато по среќа и случајно ѕирнало во чудесиите меѓу кои живееше госпоѓа Милена, станот на горниот кат му изгледаше материјализиран предел на приказните од родниот крај. Се трудеше на прсти да влезе и побргу да излезе. зимата, по враќањето, не беше така. - Мажот летоска ѝ умре, сега тебе ќе те јаде - му дофрлаа калфите од завист. Во маѓепсаниот простор на вториот кат, госпоѓа Милена му рече да влегува без чукнување в соба. Затекнувајќи ја во полупровидна ношница како се тегне в кревет, гледајќи го сладострастно, момчето срамежливо ѝ враќаше на насмевките и се храбреше во себе: овде е друг свет, друга земја, овде е учтиво да бидеш поразголен. - Седни - му рече госпоѓата. Редно беше да послуша. И жена е и стопанка и сама. Сè има прв пат, ама го збуни. - Се брзам, госпоѓо... Маџо овој момент го очекуваше: во себе плашејќи се и посакувајќи го, не се надеваше толку да збунуваат два -три потајни збора со жена. Затечен од леснотијата со која госпоѓата ги изговараше своите намери, собата му се преврте пред очи и одвај ја најде вратата. Вцрвенет, се растропа по скали, ја зеде полната табла со пецива и растреперен излезе да продава. Турата по десет и пол, најдолго се продаваше. Оној што утрото излегол од куќи и сакал нешто од нозе да касне, веќе купил, утринските нервозни брзања спласнуваа и повторното акање по улици му идеше како спокојна, безделна прошетка за куси разговори и нови запознавања. Дента од возбуда, не можеше да се соземе; беше од друго место и месен од друго тесто. Да умрат, кај него жените не изговараат намери со збор. Значи, можело и вака: сè има првпат. По изброените симиди и ѓевреци, испадна, неколкумина честел без пари. Првпат му се случи да згрешил во враќањето кусур. Газдата не му се налути. Овој чирак првпат така му направи. Вечерта Маџо ја исчисти фурната, подготви дрва за пополноќното прво месење и легна под ноќвите. Незаспан, молчеше кога дојдоа калфите. Прво го запалија огнот под казанот да се грее вода, па после и во фурната. Истурија неколку вреќи брашно во текнето колку една соба, растворија квасец во вода и го истурија во куповите брашно, му истурија и една ока сол и се соблекоа на гаќи и маици. Во ходникот, на камениот под, со сапун, внимателно ги измија нозете со топла вода до над коленици и влегоа во белите планини брашно. Стопанот носеше кофи топла вода и ја истураше во брашното што младите мускулести стапала го гмечеа и претвораа во бела житна кал што им се лепеше за потколениците, избивајќи им меѓу прстите во змиести лентички. И Маџо не можеше да издржи разбуден под ноќвите. Стана, ги иссече внимателно ноктите на нозете, ги насапуни и изми до над коленици, дојде по налани до разработените млади тела што молчеливо збивтаа во ритам, месејќи ја тестената белина што им се подаваше и хомогенизираше. Влажна слатковина му шлапкаше и го гиликаше Маџо под петиците. Се ѕвереше надвор, во темнината дали ќе светне жолт квадрат светлина од прозорецот од горниот кат, вртејќи се и храбрејќи се дека ја полни седумнаесеттата и време му е за машко зачекорување во животот. Знаеше, утрото ќе го чека подразголена, ќе го куражи и кани да седне до неа, а тој ќе трепери дури не ја стави под колена и измеси како белово банатско брашно под петици што му крцка, му пее. Така и беше. Утрото кога се врати од продавањето по улици, го зеде јогуртот и ѓеврекот за госпоѓа Милена и пак се стресе. Му наиде поголем страв одошто кога сплаварот ги префрла преку големиот Дунав. Не веруваше дека таа возбуда и на друго место ќе му се појави, не особено при средба со жена. Се осмели, влезе и се задржа една минута. Госпоѓа Милена не го покани да седне. Деновите му врвеа во работа и каење што испадна слабоумен акмак, а ноќе, штом стивнеше работилницата неколку часа, легнат на текнињата, гледаше во таванот, наслушнуваше дали е будна, претполагајќи според одот на кое место во собата се наоѓа навредената госпоѓа. - Никогаш во мојава куќа олку убав маж не влегол... Седни - беше новата иницијатива на госпога Милена, по две недели негово доаѓање. Маџо седна. Потоа му рече да ѝ го подаде ѓеврекот. По печеното тркалесто тесто да го поземе, госпоѓата ја пушти морковестата нога. Од под јорган кога се дигна една негувана долга нога, ѓеврекот ѝ застана некаде далеку на натколеницата, до под дебелите меса. - Ајде грицкај, злато мое... Госпоѓа Милена беше без гаќи. Црн, густ, влакнест џбун меѓу нозете, бесрамно му се нудеше. - Ајде, златен мој... Маџо се наведна и опојноста на миризливата мека кожа го удри во главата. Му беше прв допир со женско тело. загриза од ѓеврекот што ѝ беше заглавен на бутката, жалејќи што не донесе уште еден и другата нога вака да ѝ ја дигне. Белите меса збувнати како тестото во ноќвите од најубаво панонско брашно од кое се печеа белите пецива, чекаа месење. - Полека, не гризи толку силно - промрморе низ стенкање госпоѓата. Качен на сплав на спасот што пренесува мажи преку најдлабоки вирови или ги насукува на крајбрежни плитоци, Маџо заплови со страст. Без билет, тргна кон друг, инаков живот. Качување без бегање, качување и веслање. - Од каде доаѓаш ти, будалче? - Од Турско. - Знам дека си од Турско, од кое место? - Од Вруток. - Големо место ли е тој Вруток? Град ли е, паланка ли е? - Село е. - Кое друго поголемо место е најблиску? - Гостивар е најблиску. - Нешто уште поголемо? - Надолу, по Гостивар е Тетово. - Не сум чула и за него. Друго? - После иде Скопје... - И за него не сум чула. Некој друг град? - Поголем не знам госпоѓо. Таму е Турско, не се шета слободно... - Што има нешто големо, планина, река? - Шар Планина е над Вруток. Изворот на Вардар и до него црква... - А Вардар? Е, за Вардар сум чула... значи, Македонија. Чекај да ја отвориме картата на Балканот. Маж ми имаше воени карти, ги имаат и најмалите места... На атласот шарени мапи, госпоѓа Милена набрзина го најде неговиот Вруток. - Туф, туф, цакна со устата, ти си бил од сред Балканот, од најдлабокото. Еве го твојот Вардар и Шар Планина. Во полукруг, тенката сина линија што се извиваше меѓу доминантната кафена боја на мапата, беа начичкани еден до друг: Гостивар, Тетово, Скопје... Маџо имаше научено да распознава латински букви. И неговиот Вардар го има и неговата земја некого под небово го интересира и ја става во книги! Многубројните испишани темнокафеави полиња од неправилни форми со бела боја на ивиците, испресечени од мрежа синкави конци со нерамномерна должина, го потсетија на смрзната кал, смрзнати грутки каква што тој носеше и чувствуваше во себе, грутки мраз од вруточките вардарски сенки какви што сигурно носат во себе и неговите земјаци, сред лето што здрвуваат во човека ако необлечен се шета под нив. - Тоа е твојот Балкан. - Каде сме сега? Каде е Букурешт? - Еве го Букурешт, со црниве крупни букви. Ете колкав пат поминуваш додека дојдеш овде. - А што е по средината, дебелава сина линија што ја сече кафенава плоча? - Дунав. Нели ја поминуваш кога доаѓаш ваму? Ти гледај, а јас да се облечам... На згради повеќекатници, широки улици, возила што одат без влечење, телефони и слични чудесии кои секојдневно ги среќаваше, правејќи го тукашниот живот неспоредлив со оној од родниот крај, беше навикнат, таквите новини веќе многу не го чудеа и ги сфаќаше за нормални, но едно гледање во географската карта му даде увид в миг да ги среди сопствената збрканост и детските остатоци на немир и изгубеност со кои не требаше да влегува во животот на возрасните; ја разбра сопствената ориентација во просторот, а релациите во животот што одбра да ги врви, имаше можност отстрана да ги ѕирне, дури и да ги обележи, за да го определи сопственото суштествување во времето. Во тој кус половина час не мислеше дека неговиот живот ќе се дели на пред и по тој момент; тој нецел час мешавина од трепет, наслада и просветленост му се случи одеднаш, за бројани минути сите сетила, мускули и мозочни бразди до максимум му беа вработени, а сета лавина на созревањето тешко ја примаше и набрзина сваруваше и најбистриот ум, со каков се одликуваше дојденецот и само времето ќе покаже што ќе излачи овој пресврт во неговиот личен живот, поголем од првото префрлање преку Дунав. И љубопитен и преплашен, врз брановите меѓу горниот и долниот свет, лежеше згрчен врз штиците на скелето што го плискаа со вода и тераа на повраќање; грутката смрзната кал во себе што ја чувствуваше, брановите му ја плакнеа, неговата каллива скопченост ја заматуваше оваа огромна вода, прочистен да слезе на брегот од другиот живот. Стапна на цврсто, се прекрсти, ја погледна поминатата вододелница на световите и почна да се ориентира: отаде Дунав, долу е темнината, Долна земја, а одовде Дунав е светот на Горна земја. Дунав, реката од приказните, хоризонтално, дремливо спружена госпоѓа во безделничење е границата меѓу двата света, меѓу пеколот и рајот; еден е животот долу, а друг над Дунав, овде, горе. Подадениот кафеаво црвен јазик на Балканскиот полуостров со многубројните заливи и острови од околу нурнати во синевината на Медитранот, на Маџо му заличуваа на тантелената полупровидна облека на госпоѓа Милена што секојдневно се вее на жица, што тој, било пишано, веќе ѝ ја соблекуваше. Неговата распрострена Долна земја се цедеше во синевината на Медитеранот со измешани грутки од земја и крв. Маџо е скелето: оди и во едната и во другата земја, им припаѓа на двата света и нив мора да ги измири во себе. Некои конци кинеше, некои сами пукнаа во него, а нови врзуваше за да ги вкопча двата света во едно, како двата света од приказната за златното јаболко што ја слушаше пред заспивање од баба му во родниот крај, за змејот што го држеше во покорност и жед целиот народ на Долна земја и за да им пушти вода, за данок, секоја година им земаше по една млада мома. затоа умре сестра му Урубија: змејот избра да ја голтне. Во Долна земја, злото со убавина се гости. Со Урубија се нагости, злото се плати со нејзината младост и убост, Вардар да тече. Таа синкава извиткана тенка линија на Долна земја што извира во неговото родно место кој знае колку време тече и кој знае колку убавина отишла курбан, Вардарот да не осекне, народот за вода да не поцрка. А бива ли Полог без вода, бива ли оние сенки и воздух да ги снема? Му текна за сестра му Урубија млада закопана, за потплатата на змејот со човечко месо... Му се натажи срцето, му се пристори му дојде сестра му в соба и нежно го погали со раката. Од грутката мраз под гради, сестриниот допир му стопи дветри капки студенило и дветри капки солзи капнаа на картата пред него. - Зошто плачеш, будалче? - го прекина госпоѓа Милена со нежни зборови. - Од жал за сестра ми. Сега беше тука... - Која сестра? - Сестра ми Урубија, покојна. - Од каде сега таа тука? - Од Долна земја, се ослободи за миг. - Која Долна земја? - Ние сме од Долна земја, пленици на змејот што спие под Шар Планина. Тој кога се буди, Шар Планина се навалува и кого дофати, го поклопува. Сестра ми ја потфати, но јас се спасив и дојдов кај тебе, - низ насолзените очи, мангупски ѝ се насмевна. Госпоѓа Милена го бакна и му ги избриша очите. Од тој ден, Маџо почна секој ден, по некоја минута, сè повеќе да се задржува на горниот кат. Госпоѓа Милена пред сите сфати што може тоа момче да стори, пред да стане плен на тукашни провинциски девојки или почне да плаќа по сомнителните жени, улицата што му овозможуваше да ги запознае. Само што почна животот да го троши, таа остана без човекот што беше на прецутување. Беше во раните триесетти: престара повторно да трпи здодевен брак од полза, а премлада да не ги истроши благодетите што ѝ останаа од таквиот брак. Нејзе човек ѝ требаше и среќата сама ѝ го донесе. Од момчето пуплеа потенцијали и промислено ако се нафати да му ги вади, пред нејзини очи ќе расцути маж од мечтите. Нејзината посесивност копнееше за маж што ќе го штити, љуби и обликува по своја прилика, благородна женска особина што мажите ги одбива, збеснува и од која бегаат и дури го сетат лезетот од заљубената жена до себе, веќе ја изгубиле. Свесна по женски дека Маџо е со судбина да ја предизвикува логиката на животот на двата света на кои им припаѓа, не сакаше да му ги меша световите; беше задоволна ако неговиот живот што ќе се одвива тука, нејзе ѝ припадне. Во рацете на госпоѓата, селската непринудна едноставност на Маџо почна да се менува: гестикулациите му воспримија извесни форми на мекост без нагли, отсечни движења, а во погледот му се појави влажност што доаѓаше од неговата задлабочена промисленост и заедно со неопределената загадочна насмевка го правеа уште попривлечен. Односот кон работата воопшто не го промени. Неговите одвај видливи потези им бодеа очи на работниците во пекарницата и по повеќе од една година, тие му направија караница со стопанот. Тоа беше негов прв и единствен скандал во животот. Калфите се помирија што успеа кај госпоѓата и не му се лутеа на неговото често задржување по дваесетина минути кај неа, ги дразнеше што ги избегнува, молчи и ништо за поминот на горниот кат што не кажува. Се почувствуваа навредени што веќе не можат да раководат со чиракот што расте пред нивни очи, а немаат ни пикантерии што ќе ги употребат во моменти на безобразни машки будалеења и подигрувања, неговиот машки успех да им послужи за мајтап каков што може да накалапи само примитивен човек. Чистосрдечните шеги им секнаа и Маџо штом стапнеше во работилницата стануваа подиви и посурови одошто беа, расправајќи се до тепачки, клеветејќи го катадневно кај сопственикот, на чија забележлива незаинтересираност беше полесно да се влијае. Дојден од Долна земја и ништо не прифаќајќи од новиот живот освен да стиска пари и смислува како да ги префрла преку граница, стопанот еден ден испука, заборави дека е сепак само кираџија во куќата на госпоѓата и си дозволи кога Маџо остана десетина минути со бурекот горе, со сè престилката на него и забрашнените прсти, да се качи по скали и без да тропне на врата, да им влезе в соба. Глетката што ја виде за него беше шокантна и гнасна: со главата меѓу нозете на госпоѓата, Маџо ја лижеше по оцепеното месо, срамното место што никогаш не ѝ го видел на жена си, постојано навлажнето и смрдливо, гадливо и со рака да се пофати; тоа го збуни и згрози, плукна од згадување и го удри со нога по задник натртениот Маџо, кој не успеа ни да се сврти. Ја тресна вратата и излезе. Се разбира, утредента фурнаџијата беше избркан од куќата. Таму остана Маџо. На двајцата им се отвори шанса за нов живот. Маџо знаеше колку може да направи и работеше тоа што можеше да го реализира. Во приземјето, на местото на фурната, отвори кафеана. Местото одговараше; куќата беше во центарот на Букурешт. Додека мајсторите го реновираа локалот, на крајот на градот, во парцела на госпоѓа Милена планирана за викендичка, плати да му ископаат голема дупка шест метри на шест и исто толку длабока и со првите студени денови на ноември, рамната Влахија штом почне северец да ја бричи и почне водата да мрзне, секоја вечер Маџо почна дупката да ја налева со по два прста вода. Ноќта водата замрзнуваше и идната вечер, над мразот повторно пушташе нови два прста вода: таа ќе смрзнеше и над неа нов тенок слој, сè дури по два месеца, пласт по пласт, со мраз не се исполни огромната празна дупка. Вкопана во земјата, покриена со штици, чергички и искосени тревки, под сенките на дрвјата и куќите и најсилното летно сонце ништо не ѝ можеше, и во жегата кога секој пијалак од топлотија станува блуткав, ноќе ја отскриваше коцката со мразот, со секира од него цепеше неправилни грутки мраз и ладеше во локалот најстудени пијалаци што можеа да се пробаат во било која кафеана во Букурешт. По студените пијалаци кафеаната се расчу и во неа од навал не можеше да се влезе. Најважните луѓе на градот, фабриканти, министри, банкари и уметници доаѓаа кај нив на пијачка. Со денови однапред се резервираа маси. Кафеаната „Тиктак“ стана прочуено место на собири и забава за новата класа богаташи во градот и државата забрзано што се развиваа. Грутчето студен мраз што не му се топеше во градите и во најтоплите месеци, го оплоди и претвори во санта мраз, во најжешката сезона таа му ладеше пијалаци како неговата студена душа, правејќи му огромни пари, углед и влијание во животот на „Источниот Париз“. Тој начин на примитивно замрзнување од Долна земја, незаменлив до пронаоѓањето на фрижидерите е можеби единствениот оригинален пронајдок на нејзините луѓе што изобилно се ползуваше во Горна земја и таа примитивната постапка можеби најсликовито ја самообјаснува колективната состојба во големата дупка наречена Долна земја, вечно окована во студенило од мајстори замрзнувачи. Сопственикот и сопственичката на кафеаната не работеа, вработија многубројна послуга, а тие ја надгледуваа работата што тргна. Госпоѓа Милена нејзиниот нов сопатник го водеше на ноќни забави, го тераше да чита весници и го облекуваше во модерни шивачки дуќани... Убавиот сопственик беше фодул, што да наметнеше на него, му личеше. Добро му стоеја и камгран костумите на Горна земја и народната облека од кафенобели контрасти на антерии и гунчиња: боите на неговата земја, на патријархалноста и вечноста. Костумите од различни бои, материјали и кројки прават разлики од луѓето. Уште на границата на световите облеката им правеше проблеми на многумина понеупадливи од него и ако ништо не преземеше, можноста да стаса неограбен до родниот дом беше неизводлив; ако ги подмитиш цариниците, не ќе се измолкнеш од одметнати банди што крстосуваа по Долна земја. Неприродниот спој на световите го прифати како таков и наместо да пцуе и на секое минување, наивно им оди в уста, неговиот напор за провлекување меѓу световите беше лукавство произлезено од даденоста. Од млади години се престори во мудрец на живеењето и траењето, ретка, најголема божја дарба што ја поседуваше. Борба во животот прифаќаше: преслаб за директни напади, се местеше самите удари да го промашат, слободно да работи секому пред нос. Ништо незаконито, сè на видело, јасен до нејаснотија, едноставен до прекомплицираност, секаде, а никаде, со сите, а сам. Беше мравка чии резултати доцна ги забележуваше околината, кога стануваа видливи, кога е предоцна завидливците нешто да сторат. Пред да тргне на пат, со знаење на госпоѓа Милена, спроведуваше цел план од тајни постапки на сопственото преобразување, никој ништо да не му стори додека го помине Дунав и ги облече беневреѕите на Долна земја. Планот нему му истекна, напорот за него беше природен и не се бунеше; беше воспитан, ако не може да се измолкне, да трпи. Повеќе денови не се капеше и бричеше и тотално запуштен, на денот на заминувањето, навруваше закрпи од некој букурешки бескуќник и во облечените партали се протнуваше меѓу двата рески дела на световите. Одеше дотаму дури и се потсеруваше в бечви, и сосмреден, корнејќи на граница, секој бегаше од него. Со кантиче в раце полно злато, жолтиците в маст наставани да не тракотат и со бовчичка на раменици, ги поминуваше сите граници за Долна земја како на прошетка. Сите граничари, и педантните Австро-Унгарци и Турците рушветчии, не поземајќи му ја дури и патната исправа, држејќи се со прстите за нос, му мафтаа само да им се тргне од пред очи. Посовесни граничари некогаш ако му го поземеа паспортот и го забележеа убав и негуван на фотографијата, го сожалуваа, до кај стигнал бескуќникот што го изгубил умот. Животот е крпеници, скинизакрпи; никогаш не го фатија дека пренесува злато. Негово, заработено, заштедено. Смрдеше меѓу световите, префрлајќи ги, неповреден потврдувајќи: златото не смрди. Аркадија отиде на учење во Скопје. Во дворот на соборната црква „Св. Богородица“ скопјани изградија училиште за световна настава по име на сесловенските просветители Кирил и Матодиј, во него неколку години учителствуваше прочуениот велешанец, Џинот и тоа училиште со децении беше едно од центрите на бранувања во Долна земја. Таму го одведе стрико му, учителот Зарко. Во истото училиште и стрико му помина две години. Години пред тоа, него во Скопје го одведе неговиот даскал, тетовчанецот Андреј Стојанов. Легендарниот велешки даскал Џинот, исцело предаден на делото, ја ширеше мрежата училишта и отвори училиште дури и во Гостивар. Велешкиот даскал во Гостивар остана една учебна година и откако тргна работата во училиштето и тој можеше да замине во друга мисија. Своја замена најде во тетовскиот опитен даскал Андреј Стојанов, тетовчанецот долги години работејќи де во Тетово, де Гостивар, описмени и истера многубројни генерации горноположанчиња. Кај него во Гостивар се описмени сегашниот вруточки учител Зарко. Изучи три одделенија и по оние две во Скопје, заедно со брат му, поп Томо, ги убедија поугледните вруточани да собираат годишна плата за зарко и да отворат славјанско-преродбенско училиште во Вруток. Младиот Аркадија, на секое враќање од сколијата, со стрико му и татко му, задумано ја расправаа сложеноста на нивната Долна земја. На седумдесетина километри од дома, Аркадија го шибаа непознатите за него ветрови и води на Скопје. Се исплаши од својот Вардар. Не си го позна Главардар бистар и чист, бразда во однос на скопскиот. На неколку чекори од црквата и училиштето, голем, матен и непредвидлив, Вардар во секој момент се закануваше да го поплави училиштето, црквата Св. Богородица и Скопје. Моќен и подмолен како пуштена дијанија од темна пештера, корне цели басје земја и дрвја и трупа на туѓи полиња, ама на скопјани ваков Вардар им беше мил, нивни. Вардар во Скопје му заличуваше на разбудената градска волја јурната за духовна самостојност: матна сила со подводни вирови од сите народи, јазици и вери на Долна земја што меѓусебно се скаруваа, маало со маало, куќа со куќа; можеби Долна земја е мала дупка штом на сите во неа им е тесно и времето, однатре ги исфрла како удавеници. Каурите во Полог барем си ги знаат противниците; им летаа глави, но и никнеа цркви и училишта, народот беше растрчан по околните држави и не беше толку раскаран. Од Полог надолу, народот не се знае на кого да врти плеќи, на кого гради... Аркадија се плашеше да не го зафатат скопските пизми; поседе две години во Скопје, се изнаслуша часослов, земјознание, сметање и приказни за градските првенци Аџи Трајко, Аџи Поповичи и Аџи Коцеви, и реши, сепак, да го земе занаетот на татка му. ќе се жени и ќе се запопи. Замислен и загледан во матните бранови на Вардарот што рикаше есенски надојден покрај пожолтениот врбјак со мали плотчиња, прашувајќи се колку можат овие кревки исплетени гранки да ѝ се спротивстават на водната стихија што им ги корне бреговите, Аркадија не го забележа другар му престорен во скитник, со кантиче в раце што замина покрај него. Маџо го забележа, но не му се јави. Прекрстувајќи се пред црквата и благодарејки ѝ на Светата мајка што стигнал дотука жив и здрав, пушти нозе побргу да го узмине. Не си дозволи во тоа издание да го види. Се сретнаа подоцна неколку дена, во Вруток. Аркадија другар му, на Маџо му ја понуди за жена братучетка му Роса, ќерка на стрико му, Зарко. На учителот не му трпеа децата и му остана само Роса. Понудата беше неслучајна: за истата прилика со баба му Бевцена, веќе зборувале жените Попоски. Со баба му, веќе проговори, а нејзе не можеше да ѝ се спротивстави. Немаше причина: за неговото потекло во Долна земја, Роса беше одлична прилика. Сирак да земе ќерка од попска куќа, да се смеша со најбогатите во селото, значеше признание на неговиот нараснат углед. Без раскошот на убавината на Маџовците, Роса беше само убавка. Скоро ја наполни шеснаесеттата, и со стаменост од благороднички ков, беше цел на машки погледи и многу стројници одби пред да се согласи да појде во маџоската колипка. Маџо се согласи и на Митровден, бериќетот од полињата кога е дигнат и по поле се капе провидната есенска оплакнатост на сиромаштијата што по малку ќе чукне на врати, од најнеугледната и најпразна куќарка во селото со стока и луѓе, сиракот и баба му отидоа на свршувачка во најугледната куќа во селото. Ни понеобични сватови, ни посмешна вршачка. Бабата и внукот слегоа стотина чекори до Средно маало кај што доминираше куќата на поповите и учителите. Маџо не беше збунет како секое момче стасано за зет, особено што до него немаше постар маж: татко, стрико или некој од пошироката фамилија, задружно како што живеат во Долна земја, под еден покрив. Нему доволна му беше баба му. Ја полнеше дваесеттата, кон околината беше безразличен и самоуверен и многу не зборуваше. Еден збор - лира. Неговата молчаливост беше од неговата самозадоволност, ја знаеше најголемата вештина, да прави пари: од едно, две, од ништо - нешто и разговорот по нормалниот тек со зетот тешко одеше. - Јас ја спасив сестра ти Урубија. Трчав по судии и конзули и поради неа барем заслужува да се посватиме - откако седнаа, рече стрикото, поп Томо. - Беше пишано да биде жртва... Ви требаше како жртва - рече низ пауза, тивко Маџо. Во соседната соба седнаа жените. Колку што зборуваа и ја понудуваа со мезе и јадење остарената сваќа, повеќе се напрегнуваа да слушнат како оди разговорот во одајата кај мажите. Оттаму доаѓаа само гласовите на домашните мажи сè повисоки и повисоки, како сами меѓу себе да се раскарале пред идниот зет. - Нам ни било речено да носиме добро, просвета и знаење во Долнава земја - рече тастот, учителот зарко, помладиот брат на поп Томо. - Училиштето до црквана, покрај Главардар, кај што учевме. Треба поправање - рече Аркадија. - Пазарете мајстори, јас ќе платам. - Ти многу имаш за тебе, па и за училиштето ќе даваш! - му се развика поп Томо. Маџо се потсети на неговиот рапав глас што го подзаборавил, се потцрвене и тивко му одговори: - Божјата казна нѝ е пренесена како мрзливост. Само со работа ќе бидеме спасени, вели еден германски поп во Букурешт. - Ти ќе нѝ продаваш ум од германски попови! Ние ништо не знаеме! - Тогаш, што чекавте да дојде до паѓање?... - Добро и Маџо има право... Главите да им наредат на рацете што да прават, а не само на устите што да зборат, - велел во Лешок на манастир калуѓерот Кирил кога го учел народот. - Слободата е отаде Дунав, - сакаше да ја смири работата Аркадија. - И Србија и Бугарија се одавде Дунав и се ослободија со Берлин. - Бисмарк нас само нè врати во Турција. - Кој знае и таму каква е слободата или само ја викаат слобода. - Блуткава и безвкусна. - Ама ја имаат... - Само ние останавме неслободни, талог на газерот на Балканот. Не барајте веќе од нас стебло, само фиданки во туѓи авлии... - Татко ми покоен од тоа умре, - пак привика поп Томо - Македонија во Берлин кога ја вратија на Турција, тогаш се родивте вие двајца, прлиња што скокате пред магаре. Татко ми го пазари ѕидањето на црквата и мислеше во слобода ќе ја осветиме. Кога виде дека нè вратија на Турците, не издржа. Не нејќе Европа, сè од пусти страв, преку нас, наваму Русите да не излезат... што сакаат ни прават. Во поповите зборови Маџо ја сети неговата бујност и болка. Мака му е, сепак, тој трие плеќи од плеќи со народот. - Така е, така, вие најубаво знаете... - ги поддржа. - Сега, две недели бев во Скопје, на училиште, по книги... Ти не знаеш, што е таму... Добро овде што ги нема сите влијанија. Цело Скопје е фатено за гуша: Турци, Арнаути, Бугари, гркомани, србомани... Душава ми се исплаши, рече Аркадија. Уште полошо е од порано, кога бев на сколија. - Не знаеш ти, сват, што значи со народ да работиш... Настрана, не се мешаш во народните работи, а солиш ум - пак ја почна поп Томо. - Не сум платен да расправам за цареви и султани... за училиштето, сакав, ќе платам. - Ти направи прво куќа, па после прави училиште! Внуката моја кај што треба да живее! - повторно се раздразни поп Томо. - Ќе направам... Поголема од вашава. За никого добро, ни лошо, ни воодушевување, ни понижување, а за сите по малку презир имаше во држењето и разговорот на Маџо: ниту се жалеше, ниту за мираз нешто им бараше. Попоските беа договорени, дури и нешто земја на копукот ќе му дадат... Сега, нивното довчерашно момоче, со нив се носи барабар. Лошо во неговото однесување немаше, а тоа дразнеше. Да не го знаеја, би му се исплашиле. Тоа го налути поп Томо, навикнат со него цела околија да зборува со почит. - Знаеш - му рече попот, - пред петнаесетина години, оној пат, покрај мостон за Прекувардар, ноќе, кога ти излезе толосумот... - Од кај знаеш, попе - возбуден рече Маџо. - Јас бев толосумот. Го свртев кожувот наопаку... - Зашто?! - Ти завидував на бистрината, беше најдобар. Од кого сте и какви сте: вие не смеете да бидете најдобри - и сестра ти покојна, и ти! Од утови - соколи! Сестра ти јуначки заврши и со смртта помогна на народов, ти ете се спаси и ние, пак први рака ти даваме... Си дочекал со мене на маса да седиш и од прв пат, уште рамен со мене ќе се правиш! Па дај ми време да те проголтам! Тоа ни го направија на Берлин: значи, добро процениле! Најдоброто го уништија, а ние немаме сила да се измолкнеме. Нè престорија волчјо врвиште. Сам да се исушиш, капка по капка да истечеш, тоа не успеав... Ама видов што јунак, за зет ќе земеме - се изнасмеа задоволно попот, гледајќи како поентира неговата убедливост. Маџо се ококори. Грутката мраз под гради му потпорасна за неколку капки, му ја подникна кожата да му ја допотенцираат мрачната логика на попот: бистрината на неговиот ум, во доследност со постапките, правеше склоп на невозможни крајности од јанѕи што само личност од Долна земја може да ги спои и безболно да ги носи во себе. - Ете... тивко изусти Маџо. Добро е што ова не го слушна баба ми... Таа ме натера за женење. Да го слушнеше, сега таа ќе ја растуреше веридбава. Разговорот застана навреме. Тишината го доречуваше неискажаното. На сите им се чинеше претерале и секој преслушувајќи се во себе што кажал и покрај острината на разговорот, беше свесен дека нешто важно и многу лично соопштил, тоа како група ги прочистуваше, а тишината со врзивната способност ги зближуваше. Не се срамеа еден од друг и се гледаа в очи. По силната развиканост, на ваквиот ненадеен машки молк, жените наседнати во женската одаја се исплашија кај нив да влезат. Дотогаш непречено влегуваа. Божем да видат недостига ли нешто на софрата, сакаа да разберат што се случи одеднаш кај мажите... Можеше ли да стане срам и пропадне свршувачката со голтарот до вчера што им беше момок? Старата Бевцена го прочита мигот. Само таа можеше да појде кај мажите. Влезе и најприбрано ги праша дали се договориле за денот на свадбата. - Па, бабо... - ѝ рече Маџо и остави долга пауза - сега, на Никулден. - Тогаш, ај аирлија - се зарадува старицата. Го погали внукот и се испоздрави со сватовите. Од другата соба дотрчаа жените и се избакнаа од убавата вест меѓу себе. Годините на Бевцена ѝ дозволуваа дури да земе и земјена чашичка и наздрави и со мажите за младенците. штом се договорија за денот на свадбата, можеа да здивнат. Жените фатија древна викаечка песна со надоврзување на гласовите. Куќата заѕуни од нежните женски грла. Времето беше лошо и не смееја со пушка да ја испукаат убавата вест. Роса трепереше. Единствено децата, нејзините помлади бертучеди, ја прекинуваа нејзината возбуда преткајќи ѝ се во нозете; ја донесоа да им целка рака на идниот маж и на бабата, наместо свекрва. Баба Бевцена и зетот ја даруваа невестата со големи, жолти петолирки злато какви не даваат и чорбаџиски куќи. Тешкиот муабет од силни зборови со долги паузи како тогаш да ја стресе куќата на Попоските. Угледната фамилија не можеше да ја скрие збунетоста: нивниот бивш момок ја научил најважната книга на животот: се збогатил! Знак дека не згрешиле во изборот на зет. Невестата на Никулден стапна кај Маџо и кој знае од кога, невестинска свежина повторно шеташе во трошната куќарка. Одајчето на младенците, варосано, светна, се исполни со ковчегот невестински и шарениот куп перничиња од бои и дезени по кои се разликуваат богатите и сиромашните невести. Меѓу навезените перничиња од нежни момински прсти, доминираат оние со необична правоаголна форма; долги три педи, широки една педа, добро натискани со слама, стари партали и пердуви или кај побогатите полнети со волна. за главите во Долна земја толку евтино што чинат, среќа е, ако се разбудат и уште на раменици им стојат, капи им ставаат да се разликуваат кој е кој; под уморна глава и рака да ставиш како возглавница е доволно, ќе те прелаже сонот, ќе го прекршиш денот на две, ноќта ја правиш ден, работиш, домаќиниш и за неа не треба везено перниче. Секаква возглавница е најслатка перница за главите што чекаат да клапнат, ама секаков перник не се става под невестински задник... Тајната на толку шарените невестински перничиња е уште една нелогичност на луѓето од Долна земја, неа не ја знае човек и научник од Горна земја и заслужува уште збор, два разгатнувањето, особено, еден ден кога ќе ги снема луѓето од Долна земја и престорени во приказни и фолклор, значајната појава ќе остане незабележана. Луѓето од Долна земја водат љубов страстно и чудно: на земја, на распослани сламени рогожи покриени со килими или черги, молкум в темнина, со удирање месо од месо, без испуштање гласни крици на страст, со чкртање заби, со стискање усни, со с'скање на невестите како кога сркаат од врела лажица да не се попарат. За такви моменти на сласт, перничето е битен реквизит од тајната вселена на љубовта што се одвива мегу машиженовците. В темнина, ката ноќ да водат љубов, никој не ќе ги ѕирне: љубопитно око единствено што може да види пред спиење е кое перниче младата го наредила за под глава што потоа ќе се пресели под крстини, пред да се расчекори за слатка омалштина, везовите на љубовта ноќта што ќе се пресликаат на дебелото месо на невестата, низ кои шари ќе мине страста, на неа отсликана, со игла ненавезена. Маџо замина пролетта. Според него, многу се задржа, а според Роса, малку остана. Роса затрудне. Маџо не дочека да го види детето што му се роди меѓу Богоројците. Вети, идното лето ќе дојде. Ново дете кога ќе ѝ направи на Роса. На возраст кога најголем страв им е дали ќе издржат уште една зима и повеќе пречат отколку што можат нешто да сработат, старите луѓе себеси сакаат да си потврдат дека не јадат бадијала леб, сè уште се употребливи и се бафтаат со работа што нема допир со онаа на помладите: пролетно време, на млакото сонце, постилаат на ќилим да се потсуши некоја ока пченка, обично најлоша и про'ртена, ако останала неизедена преку зимата, за да ја фати и не ја гмечи воденичниот камен; лете собираат сливи и џагали, седат покрај казан или чуваат бостан, наесен лозјето го привардуваат, зиме тронат по некој скут пченка за живината и го потпалуваат огнот, а во сите сезони околу нив им трчаат и се прпелкаат внуци што им се подигруваат со маните и немоќта што ги носи староста, по стопати слушајќи им ги истите приказни и преживелици. Маџо се ожени, и ако даде госопод, наскоро, на баба Бевцена ќе почнеа да ѝ се тркалаат како грнци, внучиња по рогожа. Стискаше заби и дочека невеста... Маџо се подзадолжи, а пари од никаде... Мораше да замине. Старата Бевцена, есента, по цел ден беше в лозје вардејќи го од натрапници и врани. Од ударот со кундакот што го доби по глава, имаше сè поголеми главоболки. Се врзуваше со шамија околу чело, дремеше старечки и во бунило продолжуваше сама во себе да си разговара со домашните што одамна не беа покрај неа. Се вртеше со кожушето кон сонцето да ја пече; топлината ја опушташе, задремуваше и повикуваше на разговор сè живо и мртво, мрдајќи со брадата како да џвака. Доволно беше да седне на припек и ги затвори очите и со кого ќе посака да се види и поразговара, пред неа ѝ доаѓаше; старицата го земаше соговорникот и водеше по места знајни и незнајни, истерувајќи долги, мекамлиски разговори, без да е старечки здодевна и ја избегнуваат. Ноќе на сон, не ѝ се отвораа толку лесно разговорите; страшни соништа, постојано нешто лошо ѝ претскажуваа. Од лошо веќе старицата за себе не се плашеше, лошото во нивната куќа се случи... Сега, арното треба да доаѓа. На влезот од лозјето, до патеката, беше врзано кучето. По некое чудо, оздраве од начпарувањето кога ја грабнаа Урубија. Подостарено, полека и тоа поврати храброст и повторно лаеше по луѓе. Во еден таков септемвриски ден, околу Крстовден, од бадијалџење и прејаденост, лут на сè, вруточкиот сејмен врвеше покрај лозјето. Кучето како да сети дека тој беше во неканета посета кај нив в авлија кога тешко го повредија. Го скина синџирот, скокна преку ограда и се фрли на јавачот. Бевцена се подаде да види дали некој влегува в лозје и недорассонета, од навика, свика по немирните деца. Расим пукна по кучето и го промаши. Пукајќи, на сејменот му падна фесот и лут што нема кој да му го подигне, а знаејќи дека старицата е од куќата од кај што доживеа срам и не успеа да си ја задржи грабената девојка, со чивтето, сред лозје, Бевцена ја застрела. Сејмен е или не: најпосле некој треба да плати во куќата од која трпи само понижувања и станува за потсмев пред селаните. За среќа, никој не виде дека му падна фесот и сам си го подигна. Неколку чекори источно од големиот споменик на поп Аркадија, спроти сонце, а постојано засенети од костени и ореви, в темели на црквата чмаат безимените, мали гробови со бигорни плочи, обраснати во мов. Тоа се гробвите на поп Димо и на татко му поп Томо, со чие залагање се обнови црквата во пресвртната 1878. Од поп Димо нема фотографија; по кажувањата, минијатурното, свиткано селско попче, на лик на некоја од рачно испишаните, извиткани црни букви од „Вруточкото евангелие“ како да се истресол од книгата и не запира со својот наум: Вруток е на секој чекор со урнатини од свети места, црквишта, а вруточани одамна се без црква; барем црквата на Главардар, на местото од разрушениот манастир Св. Архангел Михаил од настаните по Австро-Турската војна... - Со боринче и свеќи ќе се браниме во мраков, му велел дедо ми, поп Димо, на татко ми, поп Томо - многупати знаеше да им рече поп Аркадија на верниците, за некоја работа што сакаше да ја истурка со народот. - Нема господ - ќе му речеа верниците. - Сè нам несреќи ни се случуваат... - беше одговорот на селаните, сакајќи да се измолкнат од обврските. - И да нема господ, ние ќе живееме сè како да го има, - подготвено им одговараше поп Аркадија и кој знае по кој пат им ја повторуваше приказната од татко му, за дедо му. А приказната и на најколебливите по духот им доаѓаше како мелем за закрепнување на душата. - По Прочка, само што почнале постите, дедо ми ја искачил Влајница и преку Маврово, отишол кај Мијаците во Река, до Галичник. Прво, во Никифорово ги пазарил најдобрите ѕидари Пандила и Трифуна, а во Тресонче го капарил Аврама зографот, син Дичов. Кога ја прескочил Влајница, Мавровско поле се белеело во снег. Се свртил назад, го погледнал Вруток, светол и зазеленет во Пологов, се прекрстил и не знаел што да прави, да оди натака, во снеговите или да се врати... Решил, ќе продолжи и премрзнат, кога стигнал, што ќе види: цели села, Галичник, Росоки, Гари, Осој, Тресонче, Лазарополе, сè художници. Машко и женско. залостени дома, цели фамилии рисуваат икони. Едни делкаат липови штичиња, други мешаат бои и ги премачкуваат, а највештите цртаат. Илјадници божји очи од секоја куќа те гледаат без да трепнат, илјадници Христови очи во сцени, од негово раѓање, до воскреснувањето, а надвор ветрот завива како гласот на светата девица Марија: распаметена, босонога, одамна не чувствува студ и снег, ветрот ѝ ја турнал шамијата од глава, а таа трча од куќа на куќа, чука на капаците од прозорците и ги оплакува нашарените штици со ликот на син ѝ. Таа сцена на мајчината болка сè уште не беа ја нарисале, таква Богородица низ снеговите може да нариса само Дичо зограф од Тресонче и сега нему ќе му ја нарача. Се знаат, по малку се и пријатели. Скапчија е, ама никој ја нема раката негова. Десетина негови икони одамна имаше купено и беа наредени на највисокиот ред на олтарот во црквата. И во новата црква ќе бидат на највисокото место. Старото попче посетуваше и други марифетлии со разни ножиња стрпливо што длабеа ореови трупчиња како тантели; куќите на Мијаците беа престорени во ореови сликовници на Светото писмо. Одаите им мирисаа на фирнајз и златни растворени бои, а не на овчовина и сирење, на што треба да мирисаат сточарски села. Бог со тоа ги хранеше; живееја од рисување на неговиот лик. Од нарачки не седнуваа. „Убаво, многу убаво,“ - се крстел дедо ми, поп Димо, плашејќи се и прашувајќи се дали е на арно од толку художници, толку рисувачи... Цели фамилии, цели села, секој да смее да си го прави Бога по своја прилика и марифет како ќе му дојде, секој да шлапа во долгата зима со бои по липови штици, а напролет да се запатат низ цел Балкан, да ѕидаат цркви и на влажен малтер да зографисуваат. - Боже господи, многу им дозволи на луѓево: твојот лик се мајтапи, го спомнува и рисува кој ќе стигне? Ќе нè требиш или ќе не спасиш нас рисјаните? Ова ниту било ниту ќе биде... Народот во Долна земја се потепа за художништво. Секое село ѕида или поправа цркви и пазарува мајстори и зографи... Ова е некој твој знак, некое твое претсказание ама не знам, на арно или на лошо... Се туфкал на глас дедо ми, што наидувало на смеење од бистрите Мијаци со големите глави и изразити црти на лицето. - На арно е, попе, на арно. ќе видиш Мечката кога ќе ги потера Турците, в Босфор ќе се подават. Раат ќе поживееме. Од Долнава земја ќе излеземе на видело. Големоглавите Мијаци се смееја, си муабетеа, се прашуваа како и каде да ги постават светите лица и откако ќе се договореа со најискусниот, од вештите раце ќе почнеше да се појавува божјиот лик: од дрво прогледуваа очите на Бога. Од почетокот, вруточкиот поп се крстеше на секој нацртан божји лик, но увиде дека е бесмислено да се прекрстува пред илјадници Христови смирени очи што го наблудуваат од секакви агли, нашлакани од секакви раце и наредени на сите места по одаите. Камари од Исуси и Богородици, Аврами и Исаци, Параскеви и Илии, Свети Јовани и Ѓорѓии и други светци и маченици; небеса прокинати од копја подигнати, чекаа да набодат ламји подзинати... Во Тресонче не го најде Дичо зографот да му нарача икони во бело. Дома беше син му, Аврам зографот. Рисуваше. - Одамна отиде татко ми... Беше зима, оче, еве ваква силна и татко малку настина. Кашлаше. Мајка зела да му згрее ракија. згрешила кутрата, неграмотна... Наместо да го земе шишето со ракија, турила во ѓезвето од слуенот што ги раствораме боите. Несакајќи го отрувме. Не беше стар, само што наполни педесет години. Да беше жив, сигурно ќе ти нарисаше и бели икони со светци во снег. Јас тоа не можам, ја немам дарбата на татко. - Бог да го прости. Неговото зелено на иконите, многу ме потсетува на вруточкото зеленило покрај Вардар... - Тоа зелено го уби татко ми, воздивна син му Аврам. - Тајни се божјите патиштата, синко. Беше господар на зеленото и Бог сакал да го раствори во зеленилото. Секоја пролет тој ќе се прераѓа. Сега ќе го има во секој лист покрај рекава Радика. Неповторливото зелено на Дичо зограф по повеќе од стотина години беше откриено од познавачите на уметноста и споредувано со прочуеното зелено на Веронезе. Директен потомок на славните зографи Дичо и Аврам е првиот академски сликар од Долна земја, Димитар Пандилов Аврамовски, ликовна академија завршува во Софија, а потоа од Париз на тие простори ќе го пренесе импресионизмот. - За месец и пол, штом ќе помине Велигден, ние сме во Вруток, - му даде рака Аврам, син Дичов. Попот требаше да се враќа. Надвор фрчеа силни виулици и изнапаѓаа снегови до прозорците од вториот кат на камените куќи на Мијаците и волците можеа низ пенџер да гледаат како се цртаат божји икони. штотуку родените Исуси, очи в очи се гледаа со волци. Од памтивек во Долна земја волци и светци живеат заедно. Со карван кираџии низ снежната пустелија попот се врати за два дена до поле, до ановите вруточки, крстејќи се за цело време од помислата дека можеби бил, без да знае во Светата земја. Можеби бев во Светата земја, не топла пустина, туку снежна пустелија на маките Исусови им раскажуваше на домашните и селаните што доаѓаа да го посетат. Легнат на рогожа, ни топлата постела од кожи и јамболии, ни врелите чаеви не му помагаа да ја стопли остинатата старечка снага, да му го истераат студот влезен в коски. - Ако умрам, барем прошетав низ Светата земја, бев на аџилак, - велеше на крајот, кога ќе паднеше во бунило стариот селски поп Димо. - Јас не верувам дека дедо ми Димо умрел од настинка. Не можел да го истрпи студенилото од Берлинскиот договор, нашето враќање в уста на волците... Мене ме видел, јас штотуку сум бил роден, - ја завршуваше поп Аркадија приказната за дедо му. Стариот селски поп Димо, го закопаа покрај темелите на почнатата градба. Испушти душа штом слушна дека дојдоа мајсторите и започна градбата на црквата. Петстотини години турско, некако завршија. Во Балканските војни, илјада деветстотини и дванаесеттата, балканските христијански народи божем се договорија и ги избркаа Турците од Балканот и по неколку месеци, тазе сојузниците се удрија меѓу себе за делба на Долна земја. Вечно погодното време на албанските одметници за пљачкање, продолжи со поголема жестокост од времето на Турците. ќе се зададеа качачки банди од Арнаутлакот, ќе се стркалаа по Шар Планина како грутка снег кога ќе се вала по падините и собира што ќе најде пред себе, додека се смири в Полог. Жртвата беше незаштитеното славјанско население. Немаше каурска куќа што не ја ограбија: овци, говеда, коњи, алишта, покуќнина, храна... Албанско крадење. Најбогати луѓе, зенгини, за една ноќ стануваа перишан. На уши ако им видеа на жените ушници, им ги кинеа со сè ушните јаготки. Есента во Буната, качаците стигнаа во Вруток. Имаа сила за уште пет километри подолу по Вардар, до пред Гостивар. Тоа им беше крајната точка на налетот. Одоздола по Полог се задаваше српска војска. Ноќта, во Вруток, удрија на вратата од поп Томо. Дваесетина коњаници им ја опколија авлијата и со викотници и истрели бараа да им отворат. Целата попоска куќа се разбуди, а децата почнаа да пискаат. Појавувањето на попот пред насилниците беше негова сигурна смрт. Попадијата го дигна капакот од потонот, слезе поп Томо во него, а свекрвата и помладата снаа ги укутурија преплашените деца на рогожата што ја послаа врз капакот, дури попадијата појде да им отвори порта. - Отвори бе папаз, дури не сме ти ја запалиле куќата! викаа разјарените Љумјани. Излези да видиш како на суд ќе водиш Турци и ќе ги срамиш пред кадии!... Попадијата присебно се прекрсти и отвори. - Каде е попот? - Не е дома. - Го криеш! - Не, не е дома... - Не е дома, а!... Качаците пребараа во сите одаи и не го најдоа. За десетина минути претурање зедоа што им дојде до рака. Ја оплакнаа куќата, но попот го немаше. - Немој да го криете, мајката ваша бугарска... Куќата ќе ви ја запалиме! - им се закануваа со анџарите - сите ќе ве запалиме! Каде е попот? - На воденица е... Прир'жаа качаците со длабоките непријатни гласови и заминаа со богатиот плен. Во полна темнина, во застојаниот воздух на потонот, испотен со мантијата што се лепеше за него, поп Томо ја чувствуваше како да се пикнал во утробата на мајка си и повторно е ембрион во мајчина црна кошулка во каква што веројатно се раѓаат по судбина овие луѓе, жени што треба да ги спасуваат за голиот, недостоен живот на кој се осудени: да се смалат, да стануваат помали од зрно, да пропаднат, да траат под кошулата на жена си за да се спасат. Денес кога куќи со потон, куќи со утроба не се градат, луѓето не знаат дека порано секоја куќа во Долна земја ја имаше просторијата за пристан при безизлез. Десетина години подоцна, Долна земја ја посетува прочуениот архитект Корбизје и воодушевувајќи се од градбата и хармоничниот распоред на просториите на овие куќи кои детално ќе ги опише, а одредени градителски искуства од нив и ќе примени во своите проекти, утробата на куќата не ја забележал. Веројатно како небитна. Стомакот куќна темнина во помирни времиња е заборавен и веројатно нејзиното вратиче долноземјаните не го отвориле пред дојденецот. Без видлив влез како кај визбите, туку само отвор со капак и скали во ископаната и изѕидана утроба на темнината, на напиканиот внатре му се присторува како да се пикнал жив в гроб, без можност да го определува времето и да се ориентира по денот и ноќта, во друштво со некоја каца, лигави полжави, стоногалки и из'ртени компири за најлошото. На созданијата од најдолните пребивалишта на животот мисли и Достоевски во записите со демонски ликови што ги преведуваат како „Записи од подземјето“; тој не пишува за мафијашки типови од подземјето, прави записи на судбини со влез, од безизлезот. Како сета Долна земја да е планиран безизлез. за излез. Пикнат како во дундата на жена му, поп Томо ја преседе ноќта, спаси страдна глава и понижен и збунет, кога излезе утрото на виделина, за една ноќ беше целиот обелен. Тој беше единствениот вруточанец што не ги слушна ноќните извици за помош. На воденица беше брат му Зарко, учителот. Не можеше да не им отвори на качаците. Жив ќе го запалеа. Им отвори, а попот го немаше. Лутината ја истурија врз мирниот егзархиски учител. Тој немаше време ниту да се исплаши, ниту в потон да пропадне и одгатнува зошто во Долна земја спасот е во смалувањето и пропаѓањето, наместо во крилјата и возвишувањето. Имаше време само да крикне. Како му излегла мачната душа на учителот никој не знаеше точно да каже. Бучната водна струја е изговор да се правда човек божем до толку не чул викотници. Намовнати од повици, во време на опасност, селаните се преправаат божем не чуле никаков глас, целото село пикајќи се во огромен, глув потон на симулацијата и саати треба да поминат, пладне да фати додека појдат до комшии божем за некоја работа, попатно да прашаат ноќта кој што чул и знаат ли чија страдна душа на маки излегла, секогаш, непогрешливо избегнувајќи да влезат во куќата кај што се случила несреќата. По патот што врви сред село, покрај водениците, до пладне никој не мрдна, а камоли да влезе во поповата воденица. И поп Томо седеше дома до моментот дури не се соземе народот и зортот не го натера да примрда со добитокот до племни и поила. Брат му не го очекуваше; штом дома не дојде утрото, јасно беше неговото: тој ја плати неговата штотуку обелена глава. Напладне тој прв стапна во воденицата. Влезе и ниту викна, ниту се изненади од глетката на попружениот брат: раскрвавен, со пресечен грклан покрај четирите воденички камења што напразно вртеа и тропотеа по вчера опљачканото жито. Утредента учителот го закопаа до гробот на Урубија и тој да може да си ги гледа селаните и учениците пред црква дали добро се крстат и знаат ли да ја кажат молитвата. „Човекот од прав се создава и во прав се престорува“, му попеа брат му Томо на спроводот, а дојдените селани на закопот, пченицата му ја изедоа раат. Макар низ пукотници и тресоци, дента и во другите села кај што имаше погреби, лесно се извршија. Српските војски навлегоа во Полог. Славјаните велеа ќе ги горат арнаутските села, а изгореа само две: Здуње и Речане. Во зулумбаченото, поп Аркадија, за среќа, не се најде дома. Пред тоа, го повикаа во Скопје. По некој ден се врати и кога слушна за стрико му, многу се разжали. - Арнаутите ако не го убиеја стрико ми, сигурно ќе настрадаше од Србите. Се грабнале за гуша Срби и Бугари и сите егзархиски учители и попови најжестоко ги прогонуваат, - им ја објаснуваше новонастанатата ситуација на ужалените домашни. - Што ќе речат, велете, така е... Пукотниците од српските војски Тасе ги слушна во Скопје. Турските единици се повлекуваа и градот беше во паника. Тасе се плашеше да не го заробат или мобилизираат, па уште ноќта, реши, преку планини ќе тргне за Вруток. По цела ноќ акање по беспаќа и прегазување на Треска, утрото се искачи на Света, премин на Сува гора, над селата Стенче и В'лковија. Условно, тоа е замислената линија што го дели Полог на два дела. Му се опушти душата: Стенче и В'лковија цела околија! Се наоѓа над две големи рисјански села; можеше спокојно да седне и раат да испуши една цигара. Од богатата котлина есенските јарки бои уште не беа собрани, бликаа во прозрачното утро што првата есенска слана ќе ги попари и однесе во темнината на коренот. Неговиот Вруток, поткачен како на чардак на Шар планина, отспротива белееше. Имаше уште саат и пол пат. Се враќаше од Стамбол со педесетина лири, најслатки сушени риби цилуњи, алишта за секој домашен и по некој шеј; таан алва со суво грозје за жените, шеќерчиња за децата и убаво наточена секира од најдобро сириско железо. По толку денови на враќање и граници, се гледаше крајот; сега ќе треба да го прегази Вардар на поплитко и по него да фати за дома. Разгазената патека сама го одведе на поширок брод. И само што ја преброди зголемената есенска вода, скриени во ставите пченкарница, од другата страна го пресретнаа неколкумина вооружени одметници. Се бранеше и отимаше, викаше и се молеше, но ништо не помагаше. Го одвлекоа во блискиот елак и што му направија не се виде од густите, високи дрвја. Тасе гол дојде дома в полноќ. Само со секирата в раце. Ете нешто и арамиите му оставиле. За секирата што му дозволиле да ја земе, не се молел. Ако се пљачкаши, му ја оставиле. Што куќа е таа ако нема секира дрвце да пресече: имаат и тие куќи, жени и деца... Ноќта дома не се појави; и гласот да му го познаат, домашните на јабанџија ноќе не отвораат. Се пикна меѓу говедата и се топлеше. Гол го виде само жена му; ѝ се јави утрото, кога влезе да ја помолзе кравата. Потоа ја раскажуваше болката и добиваше утешни одговори што ги очекуваше: лесно си поминал, си спасил глава. Другото, сè се надоместува. Тасе на секирата ѝ направи убава рачка и оттогаш, секој ден само ја остреше. Ја пофаќаше со прстот до каде стигнала острицата, а секирата стануваше секој ден сè посветната и поостра. Новата секира му стоеше зад врата, дома. Стоеше мрсна како конзервирана и светната, неупотребена. Дрва трупеше со дотогашната стара секира. За неколку дена вруточани научија за неговата пасија кон новата секира и почнаа да го мајтапат. - Со каменот ќе ја истрошиш од острење, а не ја употребуваш? - Ќе му дојде времето, ќе ја употребам, - велеше Тасе, не прекинувајќи го острењето. Другарите од негова врст, си даваа облози дека може секирата Тасева да избричи брада човечка, а тој со неа ја бричи брадата. - Да, од Стамбол ја донесов за бричење... Само со секира треба бричење и на суво - одговараше Тасе без смеење, внимателно пипкајќи ја острицата. Тука мајтапите не застанаа, па кога ќе го видеа, почнаа директно да му велат дека дента, со секирата се избричил. Неколку дена потрајаа мајтапењата, дури не му претераа. Тасе ја зеде секирата и пред нив, со неа се избричи. Оттогаш со Тасета не се мајтапеа. Набргу по некој ден, со пукотници, по Полог се зададоа српските војски. Фати албанско бегање. Тасе го избриша острилото со крпа, му укна, со ракавот го гланцна и се огледа на него. Му дојде времето за секирата. за два, три дена, секирата отсече четиринаесет албански глави. Сите што го знаеја, се чудеа на Тасета како не го потресува крвта што го прска. Не беше ни некој бабаит, ниту дотогаш покажал насилништво. Полегнати покрај плотови, вруточаните Албанци не се осудуваа ни да ги земат и погребат настраданите. На бел ден, и да се појавеше некој и се доближеше до жртвата, од некаде, Тасе ќе се зададеше молкум како куче што не лае, од зад порта, од зад племна и со еден замав им ги расцепуваше главите на две, или им ја отсекуваше од вратот. По неколку дена, такви искрвавени, безглави, труповите ги закопаа во заедничка јама, на Бигор, до Вардар, денеска во кругот на рибникот. Подоцна се прозборе, Тасе се одмаздувал не само што неодамна му го зеле златото, туку покрај тоа, грабачите и машки го обесчестиле. Од големите ели, такво нешто не се виде. Набргу потоа, Тасе ја собра фамилјата и замина засекогаш од Вруток. И денес оваа приказна, за секирата Тасева, пјата и Тасес, живо ја прикажуваат Албанците од Вруток, помладите колена за да знаат, која куќа им должи крвнина. Уште нероден, во Полог постојано некој некому, зад врата веќе му чува наострена секира. Србите не останаа ни две години. Во Сараево го убија австрискиот престолонаследник и ги забркаа преку Албанија в море. Со гладот и тифусот дојдоа бугарските војски. Фатија да градат теснолинејна пруга од Скопје, преку Полог, за Охрид. Од заднина требаше снабдување на Источниот фронт. Прва светска војна: Полог беше во заднината на фронтот. Од народот собираа храна за војската и коњи и волови што им ги влечеа топовите. Кој не умре од војната, гладот и тифусот, по пругата испушти душа. Машко и женско, со четврт леб, цел ден работеа најтешки работи. Наредено беше секој возрасен, петнаесет дена бесплатно да одработи на пругата. Те земат ли, нема пуштање... Се собраа војски од Горна земја... Од цел свет. Долна земја ја длабеа, во неа да гинат. На фронтот од стотици километри, од Дојран до Охрид, се судрија двата света. Долна земја се покажа голема кртечина: што промрда, во себе голтна. Внимателно одржувани, денес, низ Долна земја, стојат парцелите со гробишта од војниците на Големите сили. Делегациите на Големите сили, денес, повторно идат во Долна земја во мировни мисии. Имаат стратешки интереси. И свои гробишта. Им ставаат венци, се поклонуваат во слава на одамнешните паднати херои и молчат една минута. Една минута ништо не наредуваат. Не излажуваат, не ветуваат... Гробиштата на Големите сили се единствените културни споменици во Долна земја што се во беспрекорна состојба. Големите сили не штедат на гробишта: над нив најдобро се гради империја. Централните сили дочекаа вовчето да тргне. Чајничето бувташе, префтуваше на угорниците од Влајница и кашличаво и прегреано како и тоа да се заразило од тифус, по цел ден збираше душа преку Буковиќ, дури се дотркала, преку Дебарца, до Охрид. Народот од селата покрај пруга му подаваше на вовчето трева и јонџа да касне, но без кувет, не стигна да им однесе победа на Централните сили. Стигнуваше само да го натоварат со искасапени војници од цел свет и ги транспортираше кон Горна земја... По три години умирање, Антантата го проби фронтот. Дел од победничките војски, низ Полог, поминаа за дома. Чутурави во рилките, со бели заби, за народот најчешитни беа црнците од француските единици. Такви човечки сурати до тогаш не беа виделе. Качени на високи камили што дофаќаа и зобеа од гранките на дрвјата, во бунило од тифусот и прегладнетоста, на народот им се присторуваше Црна арапина од народните песни, тргнал во поход, па им бегаа од патот. Со војските од Јужниот фронт, во Гостивар се врати српскиот полициски наредник Терзиќ. Среде Гостивар, десно од црквата, беше кафеаната „Сибир“. Ја држеше мавровецот Ефрем. Кога отишол на печалба во Америка, поминал неколку години на Алјаска. Човекот беше голем домаќин и работник, со кафеаната убаво работеше, но сите сметаа, на печалба нешто му се случило штом измислува такви необични приказни. Во доживеаното не му веруваа, но сакаа да му ги слушаат приказните. Ефрем се бранеше од навалувањата, зарем еднаш им ги раскажувал истите работи, но сепак, попушташе пред муштериите. Приказните беа како измислени за кафеана. Кај може да има постудено место на светот од неговото Маврово? - И јас истото го мислев кога се пријавив на конкурсот за Алјаска. Во кризата немаше многу работа низ Америка, па си реков, ако, учен сум јас на студови - сам се прашуваше и сам си одговараше кафеанџијата ама Сибир е бетер! Преку него ѓоа било поблиску за враќање, а останав три години по пат низ Сибир... за да им објасни колку е студено, кафеанџијата им кажуваше, таму на пазар, млекото го носат во дисаѕи, во грутки мраз и така го продаваат, дома мраз да грееш в тенџере, а јајца од кокошки, смрзнати, со лопати ги товарат на санките. И како расправаше, што повеќе кажуваше за сибирското студенило, сè повеќе се потеше. - Ти, бе Ефрем, се потиш, како да раскажуваш, онде в бањана дека си бил, а не во мразеви... - некој од присутните ќе го прекинеше, а другите гракнуваа во весела смеа. Сред една таква сибирска приказна на Ефрем, цела кафеана кога се престоруваше во уши, а ќумбето баботеше од разгорените пењувчиња, преку стакло, Терзиќ со коњот влезе сред кафеана. Коњот никого не згазна. - Дај му да попије једну љуту! Кога ги изговори тие зборови, луѓето попаднати од столови, се осмелија да погледнат кој влегол. Ефрем кафеанџијата прв го позна: српскиот полициски наредник Терзиќ. Која власт да дојдеше во Гостивар, сосе коњ влегуваше низ прозорец. - Наредниче Терзиќ, вие сте? - Да, ја сам. Појебали смо ваше Бугаре и сад ја и мој Шарац заслужујемо пиќе. Ефрем му наточи пијалак на наредникот. Терзиќ не слегувајќи од коњ и тресејќи ги ситните стакленца од убаво стокмената униформа, дуплата ја испи на искап. Коњот нејќеше. Препиено или преморено, убаво истимареното животно, одненадеж се препоти. Од светлите влакна му закапа потта. Животното не можеше да се мрдне. Ефектот што го постигна, влегување низ прозорец на ослободителот, беше расипан. Коњот ја исчаши ногата од колковите. Наредникот ја зеде шапката, ја удри од рака, ја стави на глава и почна да ги гледа присутните што му се изгубиле малку од сеќавањето; тие се виновни сега што ќе мора саканото животно да го убие. Да не беа внатре, тој не ќе покажуваше сила на новата власт... Беше најмал проблем да им нареди саканиот вранец да го однесат некаде покрај Вардар и да му испука куршум. Коњска смрт; станеш ли неупотреблив, куршумот в чело. Дали е ова некаков лош предзнак? Повторно ли малку ќе се задржи оваа власт? Пред тоа, само што дојде, мораше преку Албанија да се повлекува... Затоа ли крвавеа гаќи и три години на Кајмакчалан поминаа в ров? Слезе од коњ како облак темен и не знаеше кому да му ја истури лутината. Присутните ги отворија очите и почнаа да се пикаат кон ѕидовите. Ефрем кафеанџијата го прочита изворот на бесот на наредникот. - Господин Терзиќ, нема потреба од плашење за коњот. Јоанче крепијата за минута, к'лкот ќе му го намести... Наредникот иако беше тука на служба пред скоро три години, не разбра најубаво што му кажа кафеанџијата, но ја паметеше понизната Ефремова природа што му подвладуваше. Кафеанџијата не застана со иницијативата. - Ене онде... Ајде побргу да го однесеме... Онде, на педесет чекори, подолу му е фурната. На наредникот како од магла му дојде ликот на фурнаџијата. Неколку пати и самиот му имаше однесено на коњ повредени граничари... за фурнаџијата немаше исчашена човечка коска што не можеше да ја намести, но не прокоментира дали има марифет и за коњи. Кафеанџијата ја искористи моментната колебливост на наредникот, му го зеде оглавот од рака и полека со тивки зборови почна да го гали и вади кутрото живинче од локалот. - За шинати во умот само не можам да помогнам. За сè друго има лек, - велеше крепијата Јоанче додека го опушташе логавиот, помодрен од болка, што му го довлечкале грчулка. Алосани, искривени, отечени, доаѓаа катаден кај него и сите ги стануваше, на свои нозе дома се враќаа. Слаб и исушен, а јак и во најубави години, со очи што зрачат вечна благост и доверба на човек себаплија што прави добрина на народ, под прсти ја сеќаваше болката на другиот. ќе го види, ќе ја притресе главата, ќе му се поднасмее, прашувајќи го кај се унаказал и веќе знае како излегла коската. Кој зглоб, од која чашка. Имаше цврсти прсти како менгеме што стега и сигурен фат божем пеливан те фаќа, молневито те привиткува каде што треба, ти светнуваат ѕвезди, коската си дошла на место, на омалениот пациент му олеснува, го пушта болниот грч на лицето и ги отвора очите. Да ги слуша господ закрепнатите паталци како од благодарност му даваа по една година од својот живот на крепијата за уште да живее, Јоанче никогаш не би умрел. Крепијата за себапот никогаш не земаше пари, но благодарните паталци сами му оставаа ситен бакшиш, блосувајќи го него и неговата фамилија арното да ги следи и ако има Господ и Рај, за сите добрини што им ги правеше на турско и каурско, крепијата Јоанче ќе е сигурно првиот положанец во Рајот. - Божја работа се и луѓе и коњи, господин нареднику, го успокојуваше Јоанче накострешениот џандар. - Двете живинчиња направени се на шестиот ден од Создавањето и имаат слични коски и дамари. Зеде две обли цепеници од камарата за загревање на фурната, со ортоми за задните нозе му ги врза коњот да не мрда и со нога го стисна в слабини. Во рикот на болка луѓето и животните не се распознаваат. Коњот ѕвисна, просолзе и додека му ги одврзуваше цепениците, животното му го лижеше вратот и се милуваше со мајстор Јоанчета. Ни да претне, ни да клоцне. За десетина минути работа, Терзиќ повторно можеше да го јава вранецот и гордо да помине низ сите села и ја објави новата власт што ќе ја претставува тој со коњот. Крепијата имаше голем удел новата власт кусо да не трае; мајстор Јоанче ја зглоби исчашената власт да издржи дваесет и три години, до илјада деветстотини четириесет и првата. - Камшик само за вас! - и ќе те фљуснеше кај ќе му дојде. Сакаше ли да те удри, ќе те застане и зашиба затоа што си го поздравил, ако не го поздравиш, пак ќе те нашара со камшикот затоа што не си го поздравил. Дали си Бугарин ќе ти рече, не, ќе му речеш. Шта си тогаш, ќе ти рече, Србин ќе му речеш. Не ти верувам, ќе ти рече. Верувајте, господине, ќе му речеш. Легни на земја, ќе ти рече. Зашто, господине, ќе му речеш. Со коњов да поминам над тебе, ќе ти рече. ќе ме згазне, господине, ќе му речеш, ако си Бугарин, ќе те згазне, ќе ти рече. Ќе легнеш, ќе наполниш бечви штом до уши ти газат коњски копита, ама коњот знаеше, сите луѓе се верни Срби и никогаш не ги згазна. И Албанците не ќе ги згазнеше, ама за нив такви игри не важеа. Врз нив веднаш играше камшикот. Му направија во Гостивар двокатна жандармерија спроти турскиот амам, донесоа уште по некој учител, писар и поп и божем се смири работата. Се создадоа самостојните кралства Југославија и Албанија и најголемиот дел од меѓусебните граници одеше по врвовите на Шар Планина. Во високите планински села се изградија гранични караули; над Горни Полог граничарите беа над Печково и Горно Јеловце, близу волчјите врвишта, на готовс кон качаците кога го префрлаа ограбениот добиток преку граница. Ќе притрчаше ограбениот селанец до жандармеријата, растреперен ќе го пријавеше ограбувањето на стадото и низ страшно српско пцуење и заканување, војниците ги земаа пушките и се пуштаа во гонење на Љумјаните. До граница веќе немаа куршуми, а потаму во Албанија не се можеше. Народот ѝ се зарадува на безбедноста, а потоа почна да шепоти дека граничарите се договорени со качачките банди да се узминуваат, но никој не смееше отворено да каже. За право, дочуваа едно стадо, овците на Патрета од Печково. За дваесет и три години колку што остана кралска Југославија, на нив ниеднаш не им ги украдоа стадото овци, коњите или крупната живина. Покрај нивните стада врвеа ограбувачите, нивната стока не ја притеруваа со украдените. Им беа ли јатаци на качаците и тоа не можеше со сигурност да се потврди. Војниците граничари сепак донесоа нешто ново: непознатата болест, франгаусот, во тешки болки и гноеви скриените меса да ти капат. Од наконтените и најадени млади луѓе во жандармериите, беа заведени некои жени од селата; жена е поводлива и се подлажува, ако не е таква, зар би легнала под маж... Се претпоставуваше кои жени легнале со српските џандари, се криеше, но болеста неколку фамилии унаказа засекогаш. Една од жените од Дилеската фамилија во Печково се зарази од курвинската болест и сиот пород алосан им се раѓа. Полна куќа нетокму луѓе. Од мугра штом ќе се разбудат, куќата им јачи од викотници; ниту се разбираат, ниту може да бидат разбрани. И да ги жалиш и да им се смееш. Некој некого в село кога сака да навреди, ќе го прекара по нечие име од рожбата Дилеска. Девојките пораснати за мажење, кај ќе им дојде, во двор, на пат, ќе клекнат да се испразнат, не срамејќи се дека им се гледа срамот. Машкото, Бошко, исто. Пораснат, сè на него, само умот испиен; се гали, лиги испушта, кажува недолевени зборови и тој нешто да рече. На црковен празник, кога не се работи и од здодевност немаат што да прават младите печковчани, негова врст ќе го земат во ливаѓето и ќе се мајтапат со него. Некој пат, девојки на негови години, го зеле во ливадите и му ги кревале кошулите, да им ги види висулките и дебелите меса, вечната жед на секое момче. Но, ниту му даваат да ги пофати, ниту нешто да им стори. Цивкајќи околу него и девојките сакаа да видат маж меѓу нозе, тоа што ги чека со мажачката. Начнат од болеста на срамот, Бошко не знаеше што е тоа срам; беше од божјите невини суштества од пред Адамово време што сè уште немаат каснато од јаболкото на сознанието; не разликуваше добро од лошо, од Бога не беше избркан од рајот и не се срамеше да им ја извади поцрвенетата, укрутена машкост и возбуден од скриените рајски предели на жената, почнуваше пред нив да прави чакија. Искривениот Бошко в лице, кога ќе почнеше да добива грчеви од сласт и лицето уште повеќе да го искривува, низ подврискувања и вртење очи и девојките ги искривуваа лицата. Тој што ги видел отстрана, определи дека сите изгледале подеднако среќни. заличуваа, сите се во рајот. - Дали се организирани? - Не, Ваше Величество. - Секаде, не, ми викате, после испаѓа нема куќа што не е организирана... - Јас Ви тврдам, Ваше Величество. - Дали си ти способен тоа да го одржиш? - Да, Ваше Величество. Овие чокалии сакаат да работат. Вредни се. Ги има насекаде на печалба. Белград е полн од нив. - Знам. Нека работат, само не против државата. Умот в глава, наредниче. - Разбирам, Ваше Величество. Во обиколка на новоприпоените територии, југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ помина и низ Вруток. Беше зачуден од добро подготвениот селски пречек. за разлика од местата во Долна земја кај што имаше симпатии и народот му изразуваше варварски емоции, овде наиде на увежбана подготвеност. - Кралевата е последна, - печејќи ги бравите за ручекот, Маџо ги смируваше возбудените вруточки првенци што ќе седнат со кралот на маса. Кралот на Главардар се напи чудесна вода и можеби таа му ја омекна диктаторската душа, па се опушти кога влезе да се прекрсти во дворот на црквата. Сè оставаше впечаток: новите куќи, облечениот народ, природата, големата црква, единствено старото егзархиско училиште покрај гробиштата потсетуваше, човек, сепак се наоѓа во разоруваната од војни Долна земја. Лекцијата на Маџо за приспособливоста совршено беше научена. Наредникот Терзиќ беспотребно се плашеше за време на ручекот некој селанец, на него да не се пожали пред кралот и за казна да го испратат во долното течение на Вардар, во краиштата на теророт од кај што глава не извлекоа многу негови другари. Дипломатичноста на селскиот поп и селските првенци зачудуваше; без нивна поддршка, неговите неодговорни полициски шљокачи, власта тешко би ја одржале. Седнати со кралската свита на ручекот, селаните подробно разговараа за сите премрежја низ кои минуваа, наоѓајќи такт да останат ненападно аполитични; ни селски исплашени и збркани од реткиот гостин, ни по селски нешто криеја. Облечен во селски алишта, и бела престилка на себе, Маџо за сето време служеше и молчеше, преку стомакот вршејќи ја мисијата; постојано покрај него, кралевиот личен обезбедувач го следеше во работата, пробувајќи секое парче од печеното пред да се сервира на распосланите, расположени гости. На крајот, кралот го пофали готвачот дека во животот не пробал толку убаво печено. Маџо се заблагодари и повторно, по селски не издрдори што треба и не треба; не издаде дека е личен пријател на романскиот крал со чија лоза токму тој се посвати и романска принцеза доведе во Белград; не го потсети Неговото Величество ни дека веќе бил служен со романскиот крал во неговиот ресторан. Задоволен од сè, кралот прв пресече: - Ете, поради вашите жртви, поради овие гробишта, ти попе, дали би отишол да работиш во скопската митрополија? - Ваше Величество, ако е заради гробовите, оставете ме тука да работам со живите. Тие што сакаат да работат, амбициите можат и овде да ги исполнат. Јас би ја замолил Вашата висост, ако се може некако за едно ново училиште... Сите деца од околијава треба да се описменат, и Арнаутчињата... - Дали сакаш твоите деца да се школуваат со кралска стипендија? - Ваше Величество, јас имам и сам да ги школувам... да видиме за некои посиромашни... На заминување, кралот пак се преслуша со наредникот и дојдените учители: - Велите, не се организирани, а? Учителите кажаа дека немаат проблеми со наставата. - Умот в глава со овие чокалии. Гледате ли колку се бистри. Родени дипломати. Осоколениот наредник тоа чекаше: - Овде е песна, Ваше Величество. Тврдам со моја глава, Ваше Величество. - Ако ме излаже твојата глава дека се организирани, запомни, ќе ја пратам на Југ! Во Штип! Под организираност кралот и државните чиновници ја подразбираа организацијата ВМРО, најсилна во средниот тек на Вардар каде што катадневно му гинеа војници и полицајци, а во атентат од нивна рака, неколку години подоцна беше убиен и самиот тој, во Марсеј. На местото на старото црковно училиште, на десетина метри од Вардарот, со кралски пари, набргу почна да се дига голема двокатна училишна зграда. Поп Аркадија ја продолжи семејната традиција: синот Прокопија го запиша во богословијата, а Владимир на учителската школа во Скопје. По завршувањето на школувањето, Прокопија малку време поработе како поп во Вруток, па се пресели во Тетово, а Владимир по средното учителско, се запиша на филозофскиот факултет тогаш што се отвори во Скопје. Бистрината на Владимир им падна в очи на професорите во најголем број дојдени од Белград, особено на вредниот Радослав Грујиќ, воедно и основач на новоформираниот музеј за Јужна Србија. Спријателувајќи се со својот добар студент и професорот изрази желба да го види изворот на Вардар. Визитата низ Гостиварско професорот ја направи и за своите впечатоци објави неколку текстови по списанијата во Белград, некои текстови напиша за службите со строго доверливи информации, а впечатоците за попоското семејство му останаа за анегдотски прикажувања. Господ си игра со семејствата, си рече амбициозниот професор кога ја запозна попоската ќерка Драгана. Синовите на лика беа на таткото: крупни и бистри, но кон сестра им, бог доста заштедил; рахитичната, искривена ќерка, очигледно на млади години прележала детска парализа и силно деформирајќи ја, само што не ја заковала за стол. Ја имаше бистрината на фамилијата, знаеше да чита и пишува и за тоа суштество што одвај ги влечеше нозете, поп Аркадија ѝ имаше донесено домазет; сиромав вдовец од Сретково со машко, неколкугодишно сираче. На професорот не му се веруваше дека на ѕверот домазет, му умрела жена му од глад, повеќе беше за верување дека му умрела од слатките маки под него. Заради корка леб, здрав, огромен мажјак, камен в раце што топи, ете на какво понижување е подготвен; спие до човек што само на збор е жена, што ниту ќе му роди, ниту ќе го задоволи. Домазетот имаше сила, ако му се подадат, куп жени под себе во убавина да столче. Иднината на домазетот беше очигледна: или ќе му налета некоја здрава вруточанка, или ракијата не му бега... Со својот студент ја посетија и тетка му Роса, ќерката на несреќниот учител Зарко. Во куќа како замок, животот на подостарената достоинствена жена со задевојчената ќерка го потсетуваа професорот на многубројните женски книжевни ликови; затворени во златен кафез, во осама им течеше животот. Старински, за секој домашен, внукот Владимир потенко ја испраша за братучедите со татко им што беа во Горна земја. На постариот, Иван, не му одеше многу учењето и сега работи со татко му во кафеаната, а помладиот, Оносим, веќе е на студии по медицина во Прага. Богатството на куќата беше очигледно; постојано имаа главени двајца момоци што им работеа со имотот и спиеја покрај добитокот, во преградена соба во племната. Професорот беше пријатно изненаден од напредните селани. За потребите од електрично осветление на Гостивар, државата планирала да изгради хидроцентрала, вруточани се согласиле да им подарат и бесплатно место и да помагаат со работа, само да се приклучат на струјата. Така, изградбата на централата го направи Вруток единствено село во Долна земја со електрична енергија. Професор Груиќ беше уште поизненаден од агитацијата на поп Аркадија за обновата на Симничкиот манастир, запален во турското од албански одметници. Се слушаа гласови, божем на многу Славјани од Горнополошката околија им се сонеше да го обноват манастирот на Св. Симеон столпник; како светецот испосник што издржал качен триесет години на столб, така и тие, години и векови се додржаа овде. Рабовите од Полог што преоѓаат во густи шуми како измислени за пустиници, во стари славни времиња чичкаа од манастири скоро во секое полошко село. Сега е останат само еден, Долнополошкиот во Лешок, исто така пален, па обновен пред повеќе од сто години од селскиот ќалугер Кирил Пејчинович. Поп Аркадија доби дозвола од црковните српски власти во Скопје да може да го обнови манастирот на темелите од старата градба покрај Симнички камен, чајничето кога почнува по теснолинејката да ги совладува змиулестите кривини од сртовите на Буковиќ, пред да се спушти кон Кичево. На копањето на темелите се собра невидено народ. И навистина, малку кога копнаа под тревата и ги поттргнаа камењата, под јагленисаните греди најдоа два човечки костура. Од реонот на планинскиот премин над манастирот, меѓу Гостивар и Кичево, веќе постојано населен од Албанци пљачкаши од каде се регрутираа качаци што ја пустошеа околината, народот убаво ги помнеше одметниците што го тероризираа населението и го принудуваа на исселување; последниот таков голем одметнат главатар од тој крај беше Каљош од Зајас. Во заднината на фронтот на Првата светска војна, тој оперираше со група од над стотина верни одметници од кои пропискаа рисјаните од Кичевско па до Скопско. Над лажниот мир со српскиот ќотек, манастирот растеше во симничките ливаѓе, до изворот што излегува од под карпа. за припомош дојде и едно младо Ѓаконче, од прилепските села, попе Спиридоне. Малото магаренце и минијатурното попе беа вистинска атракција за децата. Поповото магаренце беше од оние што прилепчани ги чуваат една сезона, додека го пренесат тутунот од нива до дома и наесен повеќе им се исплаќа да ги пуштаат волци да ги изедат и напролет нови да купат, одошто да ги хранат преку зима. Качен на магаре, ѓакончето заличуваше на фигуричка од компир боцната на четири стапчиња, во играње какви што прават повештите деца. Пререлигиозното смешно попче што на секој трет збор го спомнуваше името на бога, одеше од куќа на куќа и збираше доброволни давачки за манастирот, секогаш враќајќи се со полни дисаѓи пченка и пченица за исхрана на мајсторите. Бог е едно, а исповедувањето е друго; понекогаш, на ѓаконот по нешто му даваа и албански селани да им помогне севишниот, спомнувајќи си за предците што пред неколку колена биле христијани. За најважното откритие на професор Грујиќ не му требаше шетање низ Гостиварско. Го пронајде во попската куќа. На полиците во домашната крстилница, меѓу многуте славјански книги, учениот веднаш сфати дека налетал на бесценет стар ракопис. Не им веруваше на очите: ова раскошно евангелие со убаво уставно писмо од босански тип, веројатно ползувано од босанските богомили, очигледно е дојдено во некаква необична размена со богомилите од Долна земја. Добриот познавач на ракописното наследство набрзина ги исчита неколкуте записи на маргините од страниците и веќе со сигурност можеше да ја определи староста на книгата: меѓу ХIII и ХIV век. Попот и синот студент му го даваа старото евангелие, но професорот се плашеше да ја однесе во сè уште недоволно обезбедениот музеј и за побезбедно, ја остави кај нив уште за некое време. Научниот свет набргу разбра за книгата. Таа година, Српската академија на науките и уметностите од Белград, прославуваше шеесетгодишен јубилеј на познатиот лингвист Александар Белиќ и славистичкото одделение собираше материјали за печатење научен зборник во негова чест. Научниот прилог за откритието на непознато евангелие од неговиот бивш студент, испратен во научна мисија во Скопје, беше како нарачан за зборникот и професор Грујиќ текстот го напиша уште при престојот во Вруток. Објавената научна новина предизвика големо внимание во славистичките кругови, а книгата именувана по местото на наоѓањето влезе како библиографска одредница во енциклопедиите за културно наследство. Многу војни поминаа, многу време, скоро цел живот, на Роса дури ѝ се даде шанса да појде во Горна земја. По толку години, неодамна Маџо ѝ порача да извади паспорт. Се стресе, не е за арно: сигурно Маџо е болен. Набргу потоа, по неа дојде постариот син Иван. Од очите му прочита дека Маџо не е жив. Синот ја убедуваше дека татко му е само болен, уште е при живот и сака да ја види. Мајка му не му поверува, а сакаше да ја лаже. Не е вчерашна. Со лошите вести така се почнува, збор по збор. Утредента од зори тргнаа за Горна земја. Ќерка ѝ Бојка не отпатува со нив. Се преправаше болна и остана дома. За разлика од лагата на син ѝ, ќеркиното преправање ја заболе. Бојка беше стасана за мажење и како што в снага пуплеше и се оформуваше, во неа бубреше непозната фамилијарна црта на женска избрзаност која не се знае што ќе ѝ донесе, се тревожеше за неа мајка ѝ. Имаше иста жичка со брат ѝ Иван, да подлажуваат. Можеби затоа, со него, сестра му по малку и се согласуваше, но со помладиот, Оносим, воопшто не се трпеа. Бојка беше бесна на цела куќа; пред неколку години ја зедоа во Горна земја да учи женско училиште и по една година ја вратија. На училиште не ѝ се одеше, ниту помагаше во работата на кафеаната. Единствено ја интересираше да се пика по сепареата и да се качува по катовите со соби за гости, доведувајќи ги домашните неколку пати до работ на скандали. Мечтаеше да им врати и сега ѝ се даде можност: - Што барам сега таму, оттаму ме вратија... Штом не се грижи за своето чедо, тој не ми е татко! Ја оставија да седи и спие петнаесетина дена кај вујко ѝ Аркадија и со него да наѕираат дома. Куќата не остана празна, момоците продолжија да се грижат за добитокот и посевите. Роса беше престара да мисли на сензациите од патувањата од кои млад човек штом ќе прескочи куќен праг е на исчекување; наполно му се предаде на сина си и ниту мислеше, ниту имаше намера да препрашува каде се качува и на што ќе се превезува за Горна земја и како што се клацкаше во ритамот на возовите и пајтоните што одеа по патиштата од високи планини, длабоки клисури, невидено големи води и недоодни рамници, пред очи на Роса ѝ се одмотуваше нејзиниот живот поминат во самотија. Сега, првпат поминувајќи го компликуваниот пат што секоја година по еднаш ѝ го носеше и ѝ го одземаше нејзиниот Маџо, себеси се прекоруваше што понекогаш му се лутеше што барем еднаш досега не ја зеде со себе и не ја прошета по Влахија, рамна како темпето на бога. Подобро што не ја зел, сега се убедуваше, од какви сè тешкотии и тој неа ја спасил и таа него го ослободила... Трасата на животот на нејзиниот Маџо помината од Роса во еден правец, беше доволна да ја разубеди во претчувствата што ѝ се наталожуваа за сите години на осамата; имаше најубав маж што нејзино око видело, а толку малку го имаше до неа... Празна постела јаде, на секакви мисли наведува и колку да биде жена при маж, малку ѝ е. И животните имаат страст па доволно им е еднаш годишно да родат младенчиња и да станат мајки, кај човекот тој мерак е прејден на ката ноќ до ненасита... Добро е што и еднаш годишно ѝ доаѓаше, тој ја направи жена и мајка, тој ѝ обезбеди имот каков што може да се посака во Долна земја и само нека го види жив и здрав и таа нека се врати жива и здрава, при живот, секој ден ќе му пали на својот домаќин свеќа на св. Архангел. И досега Светиот војник од Главардар ѝ го чувал домаќинот по овие патишта, и сполај му нему, досега му отворал премин меѓу световите, ѝ го пуштал да дојде до неа. Маџо не го затече жив. Нејзиниот престој во Горна земја ѝ се пристори на помин низ стомакот на змејот од приказната за Долна земја; сите индустриски помагала: од возови, автомобили, лифтови, трамваи, телефони, стакла и огледала, синџири и запчаници, се стомачните органи за дробење и мелење храна на ламјата. Устата му е таму некаде, во нивната Долна земја, а патот хранопроводот. Ова е народ таму што влегол и голтнат стигнал тука: што поблизу е до чмарот, смета подалеку стигнал во напредокот. Нејзиниот Маџо безрезервно ѝ се подал на таа уста и сега беше исфрлен од неговото шкембе. Во тој огромен мев го минал животот со луѓе кои од толку што сакаат живот, кај ќе сетат виталност, се нафрлаат да му ја исцицаат. На нејзиниот Маџо, полн со живот, стрвно му биле нафрлени. Преку изострените патријархални вредности на Долна земја не ѝ требаше многу да го процени новиот свет, доволно ѝ беше да ги испогледа суратите што беа дошле на погребот за да заклучи кај дошол нејзиниот Маџо, со кого живеел и каде го потрошил животот. Во персоните што врвеа пред неа, гледаше вапцани корупки нашарени јајца и некој кога ќе посакаше да се поздрави со неа и да изрази сочувство, синот Иван сè не ѝ кажуваше кој е кој од царските мазни питулици, трговските препреденици, брбливите неранимајковци, ситните доушници, тајните љубовници, бесрамните корлаќи и корлаќки... Кој сè не дојде, кој сè не се заврте околу неговиот сандак. Роса му запали свеќа и солза не испушти за човекот нејзин, а камоли на глас да го истажи и реди каков што е обичајот на испраќањето на мртовците во Долна земја. Беше необично мирна. Од себе одделуваше човек што никогаш и не бил нејзин и треба да остане во светот кај што отишол и се изгубил. Од тој човек цел живот беше одвоена и со него не треба и на тој свет да бидат заедно, во ист гроб. Го испраќаше и во себе бога молеше, овие срамотилаци тука нека останат, нека не се префрлат во Долна земја. Маџота не го виде. Православци беа, ама од сандак не ѝ го покажаа. Таа нејќеше. Го чувале в капела, смрзнат труп, жена му додека дојде. Таа таков студен го знаеше, топол не го помни. Зошто ја доведоа тука, да испрати огромна грутка мраз, да ѝ се чудат на однесувањето и збунетоста? Мртвиот Маџо веќе не беше интересен и љубителите на животот безобразно сега се вртеа по неа. Неговата законита сопруга со необична народна носија и не мораше да дојде на овој циркус од закоп со лисичји омјази каде што неколку жени го оплакуваат нејзиниот законит Маџо. Во поворката се најде и некој познајник на Маџо, писател и дипломат од други краишта на Долна земја и понекогаш, на пропатување, навраќал на пијалак во прочуената отмена кафеана со курвиштата. Овде резилот имаше престиж и носеше углед и богатство. Љубопитниот писател со шешир, мантил и беспрекорен костум по најнова мода на Горна земја, не можеше да издржи да не ја опипа душата на варварската Пенелопа. Се доближи и преку син ѝ Оносим ѝ изрази сочувство на старицата. Роса го подразбра сличниот јазик на кој прозбори дојденецот со очила и достоинствено држење. Кога тој повторно го замоли Оносима да ја запраша мајка си, покрај ужаленоста, како се чувствува на оваа процесија кај што за првпат доаѓа токму на смртта на нејзиниот маж, Роса не знаеше дека занаетот на писателот е пред сите, на виталното да се нафрла. Повлечена од него за јазик, по толку години, пред очи ѝ дојде невестинскиот бел чаршав здиплен во невестинското ковчеже, сефте што го посла на првата брачна ноќ, од девичникот искапан со неколку капки крв. Срамежлива да пропадне в земја, по обичај, утрото го префрли чаршафот на чардак цел Вруток да го види искрвавен, а потоа, платното го криеше како нешто најинтимно, од сите погледи, дури и од себе, во кое ќе ја замотаат и закопаат, господ кога ќе рече дека ѝ е време да се пресели под дабјето вруточки. Од нејзината верност преку цел живот кон домаќинот, се засрами. - Сега единствено што сакам е некој од народов да ме нарече дека сум курва. Писателот од одговорот се вџаши: не му требаше превод. Доби реплика што сам никогаш не ќе ја измислеше. Го извади блокчето од внатрешниот џеб на мантилот и со растреперена рака го запиша исказот. Ете, колвнаа од нејзината животност и во Горна земја... Роса се сепна, но беше доцна: касаницата живот не можеше да ја врати назад. Дали угладениот писател овој крајпатен запис некаде го употребил, никој не може да потврди. Подоцна, велат, добил дури и Нобелова награда. На враќање, Роса нејќеше дома да ја врати постариот Иван. Со очите што му играа како по зејтин, нејзиниот син не го разликуваше од луѓето на Горна земја. Го молеше Оносим, помладиот син дома да ја врати. Оносим беше со испитите пред дипломирање и колку да ја молеше да го остави, попушти пред мајка му. - Донеси, внучке, топла вода в леген... - Јас сум ти слугинка секоја вечер да ти ги мијам нозете?! Нека ти ги мијат жена ти и ќерка ти! Аркадија се вкочани и доби нежив, стаклест поглед. Откако почна да му белее брадата и косата, бастунот што го носеше в рака повеќе како реквизит на статус, првпат му помогна да не падне. Убеден во својот неприкосновен авторитет во фамилијата и околијата, имаше изгубено чувство дека некој и ќе смее да му се спротивстави. Постојано во активности за општи цели, попот одамна не трошеше збор на ретките инаетења. Единствени понекогаш што можеа да не го слушаат беа жените в црква; ќе ја отегнеше службата до бескрај, а собраните на куп жени не можеа да издржат без да го промрдаат јазикот. Строгиот поп тогаш одеше меѓу расшепотените жени и со евангелието од кое читаше ги удираше по глава. За жена што ја удрил попот со книгата по глава беше голем срам и нејзиниот престап дома беше повод за големи расправии со свекрвата и мажот, но жена бргу заборава, а и попот на таквите престапи не ставаше варда; при следното сретнување жените му целкуваа рака и со тоа, сметаа, може повторно слатко да прошепотат со другачките в црква, најслаткото шушулкање што е грев да се запира; особено таму, цело село на купче собрано, нагледно за секого да прокоментираш. Без формална власт и место во црковната хиерархија, Аркадија вршеше поголема функција од селски поп и многу внимаваше на својот и фамилијарниот углед и нивното дејство врз околината; неговите искази беа насоки по кои се раководеа верниците во неговата епархија, а внуката, порасната во негова близина, требаше само безрезервно да прима и по автоматизам се потчинува на вујковата личност, иако попот никогаш поодблиску не ја запознал напернатата природа на девојката. Откако се созеде, Аркадија го дигна бастунот врз внуката и со силина почна да ја удира по плеќи и дебелите меса. - Јас ќе ти ги скршам роговите што си ги пуштила, магарице една! Бојка беше уште поизненадена од реакцијата на вујко ѝ. Растена на слатко и благо, аздисана меѓу браќа и слуги што ѝ исполнуваа секакви желби, ни на ум не ѝ доаѓаше дека некој смее и напреку да ја погледне, а камоли рака на неа да дигне. Не толку од болката колку од чувството на повреденост, го пушти гласот колку ја држи в грло. Аркадија запре. Сега тој беше шокираниот: откако ја има, такво неприродно човечко рикање не се чуло во поповската куќа. Поставувајќи ја софрата за вечера, попадијата им беше свртена со грбот и од почит кон мажа си, немаше намера да се сврти. Одамна женската љубопитност ја имаше истренирано да ја прикрива и не само што мажот ѝ за женските избрзувања би ја казнил, и таа немала потреба од вмешување во неговите работи; пред попот молчеле и најпроблематичните. Со ненадејните неконтролирани лелекања на внуката, попадиката прв пат сети дека мажот ѝ не ја владее ситуацијата и има потреба да му помогне. Се сврти и го виде вкочен со дигнатиот бастун и ококорени очи, како скулптура на инквизитор кога камшикува еретик. Големата соба се исполни со домашните. Викотниците на гостинката не престануваа. - Ме отепа, леле, ме отепа! Кубејќи се за коси, Бојка се валаше по подот собирајќи ги посланите черги. - Застани, кучко една! Чекај јас да те соскубам, да има за што да рикаш! - ѝ свика попадиката и ја грабна Бојка за коса. - Што си се раздрала краво една! Ова е куќа попоска, овде нема аздисување! Бојка ги прекина викотниците и попадиката влезе во офанзива. - Па и што ако те удрил, викај уште посилно, малциве да те чујат! Па што ако му измиеш нозе, малку ли трчал за вас! - Бре, бре - се соземаше попот што таксират нè фати, што ја примивме оваа проклетија в куќи... Не знаев дека е олку непендек. Татко ѝ сега го закопуваат, таа рика како магарица... На тие зборови Бојка стана и почна да се потсредува. Братучетка ѝ Драгана беше преслаба да може да ѝ помага, но нејзиниот слаб глас како да ја вразуми да појдат до бањата да се избања, мала просторија на втори кат, подадена на греди од заднината на куќата и единствена цементирана просторија во побогатите куќи кај што се носеа кофи со топла и студена вода и со полевање, се капеа домашните. Додека рахитичните раце на братучетка ѝ во бањата ѝ ги триеја плешките, Бојка го слушна познатиот глас на пукање рака од рака на лист од трендафил; беше нивниот слуга Веле од Марка. Завршил со дневните работи во нивната куќа, ги нахранил говедата, ги напоил и можеше да сврти некој круг низ село. Во темниот и тесен ходник, во кој ретко се движеа домашните, пред вратата на бањата, на масиче во бокалот со вода, ставаа букети развиени трендафили и во провевот миризбата одеше по соби. Бојка ја натера братучетка ѝ да ѝ донесе од бокалот расцутен страк и ја истрие со него, да замириса. Драгана излезе по цвеќе, но Бојка веќе не ја пушти пак да влезе. Земајќи ѝ го трендафилот, ѝ ја турна вратата пред нос и набрзина, со палецот и показалецот од едната рака направи кругче, го стави на него најголемиот лист од миризливата латица и со влажната дланка од другата рака кога го зачука, нежната ципа на листот се распука со голем пукот. Ова беше првпат Бојка да одговори на ишаретите на Велета од Марка. Од зад врата, гласот на братучетка ѝ Драгана одвај го слушна: - Да не ти стана нешто, братучетке, добра ли си? Што пукна олку? - Добра сум, добра, сега ќе излезам. Бојка се облече, слезе во големата соба и најспокојно му рече на вујко ѝ: - Вујко, јас сакам да си одам дома. Мајка ми ме остави да бидам кај вас додека се врати, ама јас веќе кај вас не стапнувам, и без да чека одговор, ја зеде бовчата што си ја донесла со алишта за преперување. Вујко ѝ Аркадија првпат во животот сети, победен е и остарен. Бојка отиде дома и само што светна виделото на прозорецот, на врата ѝ чукна Веле од Марка. Тој беше сместен со другиот момок во племната, во собата за момоците. Поради сеното, в племна не беше дозволено да палат ќумбе, но им беше топличко, се топлеа од здивот на говедата. - Каде е Џемо? - Замина, стопанке. - Замина? - Сакаше да оди два дена дома, да се препере. Нема многу работа... - Тогаш, изгасни го светлото. Веле од Марка го изгасна. - Дојди! Веле од Марка со шубе отиде до неа. Од оваа девојка што сега го кани до себе, не еднаш добил шлаканица. Бојка трепереше. Веле од Марка ѝ пушти рака на лице, но таа не мрдна. Затрепери и Веле од Марка. Не знаеше што да прави со недостапната жена што ја посакуваше, а сега му лежеше мирна. - Легни... Веле од Марка легна. Бојка воздивнуваше. Воздивна и Веле од Марка. Другата рака ѝ ја стави под долгата селска кошула што мирисаше на купечки сапун, со години што ја гледаше попружена на теловите, мечтаејќи еден ден да ѝ ја поткрева до над слабини. Бојка трепереше и траеше. Веле од Марка почна срамежливо да оди со раката кон пределот кај што се соединуваат нозете, чатал на најголемата мечта на мажот. Бојка трепереше и воздивнуваше. Можно ли е олку лесно да се стигнува до недостапната тврдина или ова е само некаква стапица што ја подготвува неговата млада стопанка. Бојка полека се расчекоруваше и воздивнуваше. - Немој, Веле... Веле од Марка веќе се преплаши. Никакви зборови веќе не помагаа; само го тераа да продолжи тоа што наумил тој или таа. Или двајцата. - Немој, Веле. Леле, леле... Во гласот на Бојка немаше застрашување; Веле од Марка добро наумил. Гласот ѝ беше умилкувачки до омалување. - Немој, Веле, леле, леле, Веле, леле, Веле, леле, леле, леле, леле, леле... леле... леле... Преморен од цел ден работа со народ, Аркадија цел ноќ не заспа и не сакаше ни збор од попадиката што се обидуваше да го разговори. - Молчи ти... ја прекина. И по суратот и по умот, зар' не гледаш, била од сој надвор. Добро што замина. Уште некој ден ако останеше, кој знае уште со што ќе ме насрамеше. Во неговиот живот имало многу ноќи што не ги проспал, но барем треперел што ќе донесе утрешниот ден, ако се помине ноќта. Таа ноќ некој друг трепереше. за Бојка и Велета од Марка ноќта можеше никогаш да не замине. Неопределена тапост што се всели во главата на попот, не му дозволуваше ништо да мисли, ниту можеше да ги чуе сластните лелекања на внука му. Куќите им беа на стотина чекори растојание. Изворот на Вардар, а до Вардарот црква. Зачнат на Шар Планина, во ѓољојте, никне под неа, во подножјето и расте по цело корито, до Солун. На планина, секој ден, боговите му пророкуваат што ќе му се случи. Пропаѓа, оди до долната земја; од капките бистрина се осветлува долната земја, по него полесно се спуштаат и качуваат душите, живи и мртви, кај што се небо и земја заедно. Ѓољојте на Шар Планина се вратата: жртвата принесена таму, на Главардар извира; вечно движење и дотекување на енергија како постојаност, небо сино над изворот како вечност, природата меѓу нив како цикличност. Вруток. Кој доаѓа на извор, со шише вода заминува. Капка свежина в шише затворена: куќата да ти ја освежи и олади. Двајцата браќа, сираци, првите жители на Вруток, закуќувајќи се на оваа питома тераса, имале нивче на меѓата на горната земја, со стара јаболкница што секоја година раѓала по едно златно јаболко. На полноќ, на денот на преоѓање на летото во есента, темнината кога гризнува од светлината прва поголема касаница, јаболкото од зелено наместо да узрее, позлатувало. Од под изворот на Главардар излегувала ламја, чудовиштето од долната земја го кинело јаболкото и се враќало в темнина. Една година, кога замомчил, решил поголемиот, ќе го чува и одбрани јаболкото од ламјата. Со јаболкото ќе се збогатат... На полноќ излегло чудовиштето, стариот брат се исплашил од него и побегнал, но в година помалиот не се исплашил, фатил борба со него, го бркал по планина дур' на шара, на ѓољојте, кај што врти водата во мали езерца и пропаѓа. Чудовиштето во нив се спуштило. Малиот брат се вратил во Вруток и му кажал на брата си за сета работа преку ноќта што се случила. Изнаврзале појаси и ортоми во должина од три години темнина и малиот се спуштил во дупката. По три години спуштање стапнал на тло, во царството на змејот, господар на долната земја. Дента се славел црниот празник во царството. Чудовиштето за да им пушти вода на горната земја, им барал најубавата девојка да му ја дадат. Младиот јунак, сирак, го убива злото, ја спасил девицата и потекла водата за жедните души. Го молеле, остани нов господар во долната земја. Нејќел. Пекал за дома. Пат за дома, немало. Мудреците, мислеле, мислеле и му го дале најголемиот орел за прелетување од долната земја во горната. Орелот летал со месеци по темната нагорнина, но пред стасување во горната земја, побарал јадење. Момчето од своите бедра му пресекло месо и го нахранило орелот. Оттогаш, мажите се помали во задникот од жените. Изворот на Вардар, а до Вардарот црква. Низ Полошката котлина, тесна и долга, обрастена во бујно зеленило, како гроб студен и дамнешен на непознат јунак, легнат и зараснат меѓу Шар Планина и Сува гора, се испружил Вардар; под глава му се поттурила Влајница, а Вруток, срцето отворено. Поубаво место за умирање, поубав гроб од зелен Полог, на дуњаава не се наоѓа. Подигнати на терасесто земјиште, вруточани, имаат чувство, цел живот го минуваат качени на чардак. Од терасестата рамнинка на која е сместено селото, кога и да погледнеш кон Гостивар, котлината надолу, постојано е во измаглица. Лете, зиме. Во Гостивар кога ќе се спуштиш и ќе се запатиш низ Полог, тргнуваш по светот низ измаглина. Само од Вруток се гледа и се воочува прелагата: најголем дел од луѓето живеет во магла. Се спушташ ли од Вруток надолу, кон Равен, гледаш, веќе е нешто друго, нешто се случило: потопло е, се изгубила неповторливата свежина што само Главардар ја создава, меѓу небото и земјата се создала скрама како сфуматото на Леонардо со незабележливи премини од појасно кон позамаглено, а најпрецизно не можеш да определиш каде започнува, а каде завршува замаглувањето. Како да им кажеш на луѓето: живеат во полумагла? Си стасал до смислата, до симсилето, како што велат вруточани, до тајната на вечното кружење на маката по тесното грло на Вардар. Од Долна земја кон Горна и назад. Провлекувајќи се до родниот крај низ тесните грла на световите, Оносима нешто го притискаше во градите и колку што повеќе се доближуваше до дното на Долна земја, толку посилно беше гушењето. Не се паничеше, знаеше, од возбуда е. Се потсети на школската лекција од селскиот учител за тактиката на првите префрлања на словенските племиња преку Дунав. Под вода, со цевчиња трска в уста, нуркајќи ја поминувале големата вода додека стигнат на брегот на Долна земја. Векови поминаа, а тие сè уште се под вода, со трските в уста. Чекаат време, погодно, друг што ќе им го создаде. Измешани со мртвите, од рабовите на тие дупки, ѕиркаме во темните каверни што водат во подземјето, од кои фаќа вртоглавица дури ѝ плукаме на смртта; кон тие отвори јуриша измореното човештво кон вечна темнина, од каде сè дошло и во што сè ќе се престори. Светот е престорен во грутка ровко, шарско сирење со издупчени темни шупели и Горна земја еден ден штом се повлече в темнина, световите ќе кружат по внатрешните коридори. ќе има ли сили престорениот свет како лицето на Квазимодо да бликне со нова лава од нашите прегреани емоции и да запали нов живот? Вруток: почеток на сите почетоци, крај на сите краеви... Тишината што го облазуваше, сигурно ѝ припаѓаше на смртта. Натискан на дното на Долна земја, гушењето во дробовите не му попушташе. Како да дишеше на цевче што стоеше во Горна земја и доволен е само прст на нечија рака да му го затне и тој да се загуши. Надвор од животот, а жив, на медитеранска светлина, а в темно, го јадеа јанѕи Оносима, младиот апсолвент на прашкиот медицински факултет. Во осаменички прошетки во леговите покрај Вардар, заробеникот на есента дофати орев; го стисна, му ја искати испуканата обвивка и на прсти му се отпечати бојата на листопадот што сакаше да ја проба. Во волчјо време, меѓу два и четири пред изгрејсонце излезеш ли надвор, студенилото те чека. Се созело, излегло од воденичен провев, сонце кај што не припарува... Воортачено со темнината, пак господари над Вруток. Те стресува и кожата ти ја фаќаат морници. зиме, така се острат сечила. Остави ги надвор и утрото поткасуваат. Лути што изѕемнале, с'скаат на секого. Ги допреш ли, кожинката ќе ти ја слечат. Тоа е добро, така се остри и мозок. Се оптегнуваш и ти се чини првпат прогледнуваш в небо и в ѕвезди. Тогаш се зема книга. Се учи. И најтап ум проработува и најтешка лекција станува читлива. Тогаш, кога е сè помеѓу неопределено и недолупено: тогаш материјата е најблиску до праматеријата од која бувнала, сè уште не е расчленета во посебности, сама на себе не личи, сама себеси не се препознава и поднесува. Изморена од милениумското внатрешно спротивставување, итајќи кон нова смрт, застанува во волчјото време, петел да ја рассони пред новото бликнување. Не плаши се, тогаш стани, тоа се вистинските атрибути на бога, материјата, мислата и природата. Тогаш, час, два, не повеќе, светото тројство е единствено и мирува. Склучило едночасовно примирје, останатите дваесет и два, три часа се клоца и гризе меѓу себе. Тогаш прекини го сонот, сексот, тогаш изми се и здраво испрди се. Не повеќе од еден час, два, тогаш биди дивјак, кога си најблиску до себе, до природата и мракот, а после пак врати се в постела и боледувај преку цел ден. Во Вруток најубаво се боледува. Зимата Оносим остана со мајка си и сестра си. Роса сакаше да го задржи синот една зима до себе. Неговото присуство ѝ ја смируваше болката; сенката на Маџо пред нив беше дојдена дома. Зашиен во мртовечки покров да не бега, пред спуштање во отворениот гроб, на покојникот му се ставаат ситни пари за пред Св. Архангел, пренесувачот на душите. Од ваму отиде таму, Дунав му го сечеше животот на две, и дури сега, преминувајќи ја реката на вечноста, со смртта ги помири световите. Во Горна земја го помина животот, сè стекна и сè остави, на него таму ништо не потсетуваше, ниту некој имаше време на него да мисли; во оваа куќа ретко доаѓаше, но и на сенката му се сопнуваа домашните. На секој ѕид негови слики, на секој чекор негови предмети и алишта. Крцкањето на гредите во ритамот на неговите стапки... По преоѓањето во вечноста, душите на мртвите Св. Архангел ги врзува на скаменетото време. Овде. Оносима го предизвикуваа човечките односи од стариот крај да ги толкува по тогаш модерните фројдистички учења; во попримитивни општества феномените се појасни за набљудување. Донесе и книги, учеше и со нив се бранеше од дивотијата. Се надеваше, веднаш штом ќе се врати, ќе дипломира. Наутро, кога правеше пауза во читањето, со мајка си и сестра си ќе згрееја ракија со горен шеќер и потпивнувајќи, ги потпрашуваше и слушаше како со страст му раскажуваа сè што знаеја и што слушнале. Декадентниот интелектуалец со младост каква што може да се посака, полн пари и разочаран во животот, сакаше да се соживее со овдешниот живот и да им влезе под кожа на луѓето што ги примаше како фолклор. Напролет кога требаше да замине во Горна земја, се затрпа коридорот меѓу двата света и мораше да остане. Се затворија границите. Фати војна. Втората светска. За две недели капитулира кралската југословенска војска. Војниците од касарната во Гостивар се повлекуваа кон Дебар, ги фрлаа оружјето и шинелите и во цивилно, кој како што знаеше, се упатуваше дома. Лошиот предзнак со коњот на наредник Терзиќ, се исполни по дваесет и три години. Во бегање не треба коњ; сами петици удираат на плеќи. Српските џандари за една ноќ ги снема. Сите страни се божји: од која страна ќе дојде новата слобода? Во Гостивар, поп Ефтим му кажал на поп Аркадија, ќе дојдат Бугарите. Вчера бил во Тетово и се сретнал со адвокатот Никола Бутика. Тетовчани веќе се самоорганизирале и направиле народни комитети за пречек на бугарските војски. Гостиварци спијат. Ќе го дочека ли тоа на стари години? Веројатно не го лажеше... На поп Ефтима очите му светеа. Го сети, и тие ќе се организираат. На лицата низ чаршија, најубаво пишува до каде е работата. Меѓусебно читање на омјазите е непогрешливата азбука на неизвесноста, а низ чаршија нема со кого да се узминеш. Дома напикани, траат. Аркадија стигна до Вруток за помалку од час. На стари години трчаше. Срцето ќе му излезеше низ грло од тупотење; младешки полет не го оставаше да се влечка. Имаше зборови за сите. И за војските нестасани и за населението на цедило... На Вијан се собраа околу него. Не требаше ништо да им каже: сè беше на него на видело. Пантомимичар во мантија играше нема претстава; кој знае дали на почетокот е зборот? На почетокот е гестот; слепоочниците му скокаа под капата, брадата му мрдаше од играта на мускулите на лицето, очите му светкаа и потсолзуваа, бистрејќи му го погледот и да не си блиску до него и те удри реата од потта од под мантија, од држењето на телото јасно му се читаше новодобиената достоинственост. Новоста што сакаа да ја чујат вруточани, ја прочитаа и веќе беа на чисто што ќе се случува со нив. Најтешка е неизвесноста. Не знаеш во кој тефтер ги пишале Големите сили, чие време дошло: на правоверните или православните? Аркадија им кажа, кој знаел да чита, на него секогаш имало што да се прочита. Телото на веќе застарениот поп не знаеше да излаже: ќе да беше дошло неговото. Без договор, неколку Албанци се тргнаа и влегоа в џамија, на десетина чекори од нив. Оџата Самет од шелерите беше вешт читач на омјази. Не му требаа зборови зашто се дојдени. Задуманоста им ја разгатна од челата. Потпрен со плеќите на ѕид и седнат на подот врз овча кожинка, со едното колено свиткано до висина на брадата, на него ја имаше пуштено раката со низата ќилибарни бројници од триесет и три зрна. Ниту мрдна ниту дојденците нешто му рекоа. Седнаа до него. Жолтите ќилибарни зрна што ги пушташе со палецот, се удираа едно од друго, секој удар создавајќи им во ушите на насобраните сè посилен ек како да се трескаат карпи со карпи од кој одвај не им испукуваат ушните тапанчиња. Оџата ја изврте целата низа додека со куса реплика, тој прв не ја прекина немата претстава. - Спасувајте глава, Алах тоа го дозволува, - им рече тивко со изработен глас на проповедник. Никого не фати паника, ниту некој нешто изусти. Мажи се. Станаа. заедно со оџата излегоа од џамија. Од влезната порта оџата сакаше самиот да го прочита омјазот и држењето на поп Аркадија. Како по наредба, народот им се потргна да се погледаат. Од петици до глава, ги исшетаа погледите еден од друг. Една врст се, можеби врсници. Цел живот се знаат, цел живот се читаат и се мерат. Забавено, оџата Самет се врати назад. По него, се врати в џамија и некој верник. - Точно е, нивна слобода. Аркадија го донесе нивното... Тоа беше втората, последна реплика на оџата. Потоа замолча и во џамијата настана тап молк и можеше однадвор да се чуе здиањето на поп Аркадија како враќа душа од премаленост; пешки ја донесе слободата и ја истури на Вијан. Дофатлива, шиштеше в уши. Никој не седнат, во напнатата вкочанетост единствено нервозно се движеше палецот на оџата навикнат на префрлање в дланка на бројниците. Ги имаше ставено в џеб. Веќе не требаа бројници и молитва. Стореното беше речено и никој повеќе од него не очекуваше зборови; кога не треба, уста не можеш да му затвориш... Нема врата што меже да се затвори од злото. Дошло, речи му добро дојде. Ставен пред ѕид и господ те откажува. Советувањето заврши. Испотени, без оџата, мажите повторно излегоа на Вијан. Аркадија сè уште збираше душа од омалувањето и како што длабоко вдишуваше воздух, назад целиот не го испушташе; со секој здив како да се пумпаше, стануваше сè поголем, покрупен и поисправен, годините наназад му се враќаа и силата младешка од која пукаше, убавите години на бабаит човек, мантијата само му ја допотенцираше. Откако се наду до прскање на телото, ги смири здивот и мускулите; моментот бараше од него нешто да каже. Неговата нема претстава на средсело беше поефектна од часови проповеди в црква. Ваков возвишен мир меѓу верниците што го немало ни при најголемите служби при Воскресението, го натераа попот да помисли дека цел Вијан е црква на која им ја соопштува подзатурената, најважна божја заповед. Беше необично кус и ефектен: - Бугарите стигнале до Страцин. Идат наваму. Ги пречекуваат секаде со цвеќиња и... - за да се соземат насобраните, направи пауза. заврна тешка тишина што се гледаше како паѓа над луѓето, но не можеше да се види формата на врнежот што ги полева. Луѓето пурееја. Уреа испаруваше, или некој вистински се помоча. - Ако дошло вашето, не давај нè... - Ти кажи што да правиме! - Бугарите од колепка деца колат... - Вие знаете сè што правевте... - Никогаш веќе, само спаси нè... - Да смислиме... Вака. Ако сакате глави да спасите, пред да влезат војските, најдобро е да ве прекрстам. До скоро време, вие и сте биле рисјани... - Ако, само спаси нè... - Соберете се од дома, дојдете на Главардар и немајте гајле... - Господ да те чува, само спаси нè... - Кај што фрламе за Водици јаболка и немајте гајле... Да појдам дома по петрафилот и кадилницата. Секој дваесетти јануари, втор ден Водици, христијаните вруточани ритуално го прославуваат крштевањето на Исуса од кумот Јована. Цело село пеејќи „Во Јордане“, фрла јаболка во Вардар на соцапаните кумови, а тие збираат јаболка од вода, блосуваат, прскаат по народот со босилек и колку да се изводенат, на тој ден никој не настинува. Отсега цело село ќе му фрла за Водици јаболка на кумот; гласот на загрозата молневито ги мобилизира правоверните и за време колку што треба в кадилница да се стави жарче од оган и темјан да замириса, мажи, жени и деца Албанци доаѓаа со трчаници. Роеви. Душа се спасува. Ете и во лошо, се најде човек што може да ги заштити. Аркадија прв се сошлапа во вода и ги повика друговерците да влезат по него. Босоноги, во опинци или сосе налани, сосе беневреци и чинтијани, некрстените послушно влегоа во студената вода, дисциплинирано повторувајќи ги упатствата што им ги даваше попот. Чиниш, по крштевањето во Јордан на Божјиот Син, лично дошол кумот Јован во Вруток, си го крштева и збира божјото стадо. Аркадија сред река се распеал крштелни песни, се размавтал со крстот и босилекот, миризбата на темјан сите ги обвиткала, а Вардар до колена... Новите верници пиеја вода, се крстеа, ставаа грсти вода в пазуви, се плискаа и истураа од вратот надолу, кажувајќи си ги новите рисјански имиња запомнети од прадедовците пред да се помуслиманат или модифицирајќи си го дотогашното име во нова славјанска форма. Проврени под петрафилот и целувајќи го крстот, излегуваа наводенети, прекрстени и олеснети, за мала работа спасени. Над елите, за цело време леташе кружно и застануваше на гранките еден гулаб. Помислија птицата е Божјиот дух, но децата го препознаа превртачот, чиј е. Освен во тие минути, ако во него не се вселил божјиот дух... Покрај водата, многумина православни вруточани, ги пречекуваа и прегрнуваа покрстените. Некогаш бил до тебе спасот, си велеа тазе покрстените од нив дури се цедеше студената вардарска вода која не еднаш како деца ја прешлапувале. Тресејќи се подникнати, додека се враќаа дома, чувствуваа олеснување и смиреност, наоѓајќи полно оправдувања за постапката; знаеја кој предок, кога им се помуслиманил, како се викал со рисјанското име на кое многумина сега се надоврзаа, не заборавајќи и на нивниот славен Георги Скендербег со децении што ги одбиваше нападите на Турците и мајка му Милосава Славјанката, по потекло од овие полошки краишта. Со овие рисјани живеат и добро е што се најде меѓу нив кум заштитник, во нивниот живот без заштита. Вака, прекрстени, подготвено ќе ги пречекаат ослободителите. Од прекрстените во Вардар, дента никој не настина, само некому носот му кивна колку на здравје, да му речеш. Настана спокојно очекување на ослободителите што ги очекуваа од исток, по пат, по Вардар да дојдат. Не дојдоа. Дојдоа по друг пат, од запад. Ослободители не беа Бугарите, туку Италијанците. Така се договориле Големите сили. Подобро небото да му се срушеше над плеќи... Оносим се воспаничи и веќе не му требаше болно самонабљудување и вживување во судбината на роднокрајците; почна да ја живее, за да преживее. Неколку дена одеше до поштата и никако не можеше да добие телефонска врска со Горна земја. По неколку дена и поштата се затвори. Ноќе слушаше радио и вртеше на разни станици вести, кои од кои, полоши. Една по една, државите во Хитлеровото опкружување паѓаа под негова власт... Прага од неговите студентски денови веќе е негова, а дипломатите од Големите сили сè уште се надеваа по мирен начин да ги задоволат Хитлеровите апетити и да ја одбегнат директната војна. Можеби е убаво што не се наоѓа таму, но зарем овде му е поубаво? Повторно се отвораше голема кртечина на времето во која сè пропаѓаше. Оносим дојде, и световите се затворија. Со мајчин инстинкт, претчувствува ли Роса опасност што со себе го доведе или попуштајќи пред мајчините сентименти самиот се втурна во безизлез? Истрпе кошмарна година, а излез не се гледаше. Роса не му дозволуваше да шета по лаговите околу село, сестра му Бојка стануваше сè поарогантна кон него. Одеднаш ги преживуваше двата искршени света, а парчињата од двата крша го сечеа. Длабоко во себе крвавеше; животот му заврши, не знаеше уште колку му остана да буричка по сеќавањата. Сред Букурешт, во нивниот локал „Тиктак“ секоја вечер доаѓаа луѓе од високата класа; она што се случуваше денес во Париз, по една недела требаше да биде мода и во Букурешт. Брат му Иван одеше со Ориент Експресот до Париз и оттаму за кафеаната доведуваше девојки-танчерки. Површната препреденост склона кон разврат и матни работи со која се одликуваше брат му и разни типови што таквите објекти магично ги привлекуваат, му беа туѓи, но логиката на бизнисот диктираше и штом беше во можност и самиот мораше да помага, особено во сабота кога елитните слоеви на Букурешт резервираа места во престижната кафеана. Понекогаш доаѓаше и романската кралска двојка Фердинанд и Марија. Поради широката култура, научените јазици и убавите манири, за нивното сместување во сепарето и целиот вечерен престој се грижеше младиот син на сопственикот и ако не беше во Букурешт, а кралот ќе се најавеше, најчесто на Оносим веднаш му порачуваа да дојде. Кралска волја. Татко му Маџо, се надеваше, пријателството со кралот ќе го искористи за синот и по неговото дипломирање ќе успее да го уфрли на служба во Дворот. При наеротизираната атмосфера на веселиот канкан, во дискретниот машки договор, Оносим измислуваше телефонски разговор или итен кус рапорт за вледетелот и незабележливо го извлекуваше божем нервозниот крал на брза средба со некоја танчерка по катовите за ноќевања над кафеаната, кралицата остануваше студентот да ја забавува, на крајот, секогаш задоволната кралска двојка, заминуваше со полни усти фалба за младиот сопственик. Оносим ги сакаше жените, други типови и во други околности, но емотивно не засегнувајќи го, вешто ја обавуваше и улогата на млад денди; татко им обично преку летото одеше во родниот крај, а тој и брат му ја држеа кафеаната; за неговата најголема љубов, сам да се затвора и со часови да чита, тогаш имаше најмалку време и тоа беше една од причините што го одбиваше од оваа работа. Неговата мечтаена слобода му се пружи кога отиде на студии во Прага; заживеа полн живот на млад добар студент кој не пати од финансиски проблеми и кај да се појавеше, стануваше миленик во друштвото... Сега, сето веќе беше минато: ограбени и осиромашени, со месеци војна, без никаков глас и трага од светот, треба да е задоволен само што е жив. По цел ден скриен в куќи, само ноќе, смее тајно да слуша радио. На студентските љубови не смееше ни да мисли; од убавите Чехинки со провидна кожа што се плашеше ќе ги скрши ако посилно ги прегрне, со очи како чешки кристал од кои не понесе ниту фотографии, почнаа да му избледуваат на прстите и погледот. Неговата изгубеност паѓаше в очи. - Не си надвор, сепак си дома... Те гладаат девојки, стројници ни испраќаат зборови... за кого ќе посакаш, можеме да те ожениме, - го тешеше мајка му Роса. Од почеток држеше до многу работи и за нив не дозволуваше да му се префрла. Преку ден, самиот наоѓаше работа низ куќи, но ноќе, темнината му беше сè подолга. Читањето веќе не го исполнуваше, читање од немајкаде и прочитаните интелектуални недоумици некогаш ако му правеа задоволство, сега само повеќе го тревожеа; понижен, не само метафизички ја чувствуваше сопствената загроза, а беше бессилен да ѝ се спротивставува. Сам в темнина ноќе, слушајќи радио, го мелеше умот во мисли од кои фајде нема. И со радиото требаше да престане. Новата италијанска власт бараше секој сопственик на радио да се пријави и радијата им ги одземаше. Недозволено слушање радио се казнуваше со смрт. Радио во Вруток имаа само тие. Кога ќе се сретнеа со вујко му Аркадија, за женење му призборуваше. За разлика од пред мајка му, пред вујко му примолчуваше. Можеби тие двајца, насамо се договараат... Тоа што го дразни, а не може да го смени, веќе не би требало да го лути; друг живот немаше, а жена покрај него му требаше; световите се водат од моќни тајни сили, а тој е преслаб да може да им се измолкне; заробен е и го водат низ ходници на искушението. Книгите за читање ги пикна в долап и затворен в соба со демоните од прочитаното, беше бессилен да смисли нешто што барем за некое време ќе го префрли во поинаков свет. - Ќе ме одведеш в сабота, за Тодорија на причесна в Гостивар? - Ќе ја видиме и Иконија. Роса во намерата не попушташе: жена е решение за синот. Го турна во оваа каша и женска сила од неа ќе го извлече. Во последно време, низ полоштијата се прочу како убавица Иконија од Ангелета од Печково. Пред да ѝ се врати синот, Роса случајно ја виде штотуку задевојчената убавица со родителите на поминување низ Вруток. Ја измери со искусни очи и завиде на куќата кај што ќе влезе. Никој не ја учел, а толку добро ја носеше својата убавина. Свесна е што има, свесна е што може: и да контролира и да се контролира, значи, умна е. Го владее најтешкото. - Како самовила е, ќе видиш. Меѓу тројца браќа, една на мајка. В сабота утрото на Тодорија, по божја поделба, мажите и жените в црква си стоеја каршија едни на други. Стопени во миризбата на темјан, маки, пот и сокови на стасаната младост, испостени во неостварени мечти и скриени страсти, шанса беше за младешки погледи и старечки меркања, подоцна, стројници преку збор што ќе се обидат да ја овоплотат збувнатата плотност во едно тело и света врска, меѓусебно што ќе се сркаат како виното и нафората, накотувајќи здрав пород. Ништо без причина не е создадено на земјинава шир; смее ли да не се состави барем за момент нивната совршена убавина во едно? Две божества од религија што бога не моли, залутани во храмот, ја уништуваа светоста на службата и причесната. По еден на двете страни од народот, слегле на причесна два ангела нарисувани од ѕидовите, на себе собирајќи ги погледите на верниците, безбожно давајќи на знаење и бог да нејќе, од бога се дадени да бидат заедно. Нападната од убавина, црквата беше неподготвена да се брани; двајцата пркнати во чудесната Шар Планина, нивната магиска привлечност како генетски во себе да собрала од очите и погледот на шарскиот рис. Сите собрани погледи и очи во црквата изгледаа како имитација на погледите и изразот на очите на Оносим и Иконија. Монотоното попско пеење само ја потенцираше свештената немоќ пред јазикот на погледи и придушени воздишки. Верниците беа повеќе за истурениот пред нив живот, отколку за сложените библиски задгробни приказни. Се собра во црквата недозволиво многу убавина и живот, и таа Тодорија, и стројниците испратени во други подводаџиски мисии, слабо ја вршеа разузнавачката обврска. Од Оносима и Иконија цела црква очи не спушти. - Ќе пуштиме стројник. Едно на друго што си прилега, бог го раздвојува. Роса од тоа се плашеше. Бог ги спојува на момент, да има за што да патат и продолжат како не треба. Можеби затоа убавината е ѓаволова творба? Да беше божја работа, тој ќе спојуваше еден спроти друг, ќе им се раѓа убав пород и светот ќе се спасеше. На секој чекор, гледаш, споени кој со кого не треба. Никој не го видел, можеби сам Господ е грд сурат, па на убавите им се свети... Да беше убав, самиот, вака, барем еднаш ќе излезеше да ни се покаже. Роса се исплаши од богохулните мисли, се стресе и се прекрсти. Ѓаволот да не ја искуша. Бог го има шамивчето на ороводецот, но ѓаволот го игра орото. Нејзиното е изиграно, но имаше синови и ќерка помлада допрва што ќе го играат. - Ќе ја земеме, па што сака нека биде. Оносим кога ја виде, по плеќи трпки го полазија. Се скамени. Неповторливиот израз на очите доаѓаше од совршената става со цврсти и еластични мускули; моминскиот црвен срам на образите Иконија знаеше да го истакне. Баш беше икона. Чиниш цртана. Оносим се повлече зад столб, да не ја гледа постојано. Ги гледа светот и им чита реакции. Сите други погледи ги заборави и ги следи само нивните. Понекогаш незабележливо ќе ја подадеше главата. Незабележливо немаше. На ум повторно му идеа постапките на татко му Маџо спроведувани стрпливо како врвна мудрост на опстојување, а ранливи на најбитното: неспособност да сака. Ќе може ли тој да љуби или ќе биде нов Маџо? Роса очигледно знаеше да сака и го љубеше татко му штом му наметнува ваква животна шанса. Фосфорестите зеници на стотина женски очи одспротива се втренчуваа во младиот убавец. Иконија сè уште не го виде. Со ледена проѕирност на Чехинките и варварска свежина во појавата, бадем бледа в кожа, сафир в зеници, врат како на лебед, со синџирот златници над челото и косата високо сплетена на теме, кадифената моминска носија ѝ даваше достоинство и држење на императорка. Овде, во Долна земја, најмногу што може да биде е селанка, да беше во Вавилон, ќе беше Семирамида, да беше во Египет, ќе беше Клеопатра, да беше во Троја, ќе беше Елена, да беше во Византија ќе беше Теодора, да беше во... Еј, јас почнувам да се вљубувам во селанката, си рече сам во себе Оносим, се поднасмеа и ѝ шепна на мајка му дека ќе ја почека надвор. Сакаше да излезе од возбудливата претстава во црквата. Добро е. Жив е, има емоции. - Ајде да ја свршиме! Започнаа седумнеделните велигденски пролетни пости. Тие ако не ја земат, до Велигден на други ќе ја дадат. Иконија одбила многу стројници и прилики, и оваа пролет тешко дека ќе може уште една година да бега. Братучетка ѝ до неа ѝ кажа дека Оносим и мајка му ја загледаа. Ја праша каде се застанати и внимателно ги побара низ главите. Беше лошо застаната и ја виде само мајка му. Мартовски, младешки топла однатре, телото и се топеше и само што не се излеало во вирче милина по црковниот каменест под како влажниот снег, на лапавици што паѓа по шарски падини и се топи уште во допир со земјата. Село до село, меѓу себе доволно се знаеја. Печкоските деца учат во вруточкото училиште. Иконија кога заучи, Оносим го заврши четвртиот клас и замина за Горна земја. Сега, кој знае каков е, а поп Аркадија веќе прозборел со татко ѝ за Оносима. Свршувачката ќе биде на Велигден. - Не свршувачка да ми правите, ако не ми се допаѓа, никогаш не го земам! Службата заврши. Христос воскресе! Се причестија, се искршкаа со црвени јајца и се омрсија по долгите пости. Верниците од црква заминаа дома. Празничните гости можеа да почнат. По непријатностите со Бојка, поп Аркадија првпат влезе во нивната куќа. Се качија на истимарени коњи, со нови амови и седла, во празнична облека различна на тројцата: Роса во селска, вујкото Аркадија во попска и Оносим по европски. Тргнаа за Печково низ зелениот растителен тунел на Шар Планина. Гостите што дошле со намера да се ородат, големата Ангелкоска фамилија прво ги седна на чардак на триножни столчиња, додека им ги врзат коњите. Ќе ги послужат со студена вода и локум за добредојде, ќе ги испрашаат како поминале по патот, како им оди животот, ќе им пуштат дете да се искршкаат со велигденски јајца за да се опушти атмосферата, па потоа ќе ги внесат во големата соба, на маса и покрај мезето и ручекот, ќе се договорат за датумот и подробностите за свадбата. Иконија требаше со студена вода и локум да излезе и да ги послужи гостите што ќе ги служи цел живот. На мајка ѝ и на целата фамилија што се собрала за свршувачката, до последен момент им се спротивставуваше: - Малку отворете ја вратата да го видам, инаку не ги послужувам... Малку ѝ ја чкртнаа вратата. Немаше каде. Иконија имаше што да види. Спроти неа, седнат младич на триножно столче, од збунетост, гледаше в земја. Од чкрипотот се штрекна, костенливата коса, целата во беќарски локни, му падна над челото. В лице, како бог. На Иконија и се стресе снагата и табаката што ја држеше в раце со полни чаши вода и локум ѝ се преврте и водата ѝ се истури врз празничните, срмени алишта. Вратата ја подзатворија. Гостите можеа да слушнат само тресок на чаши. - Сакам, сакам, ќе го послужам. - Сега сакаш, а? Ми поверува? - ја задеваше братучетка ѝ. - Да, да... - Поцедена невеста пред гостите?... - Ти пресоблечи се. Твојата руба ќе ја облечам. Братучетка ѝ се пресоблече. Комплицираната народна носија набрзина ја облекоа на Иконија. Свежа и бела како штотуку олупено велигденско јајце, Иконија срамежливо ги послужи гостите. Постојаните мајтапи со домашните одеднаш почнаа да ѝ пречат, а не смееше да им се лути. Мајтапите најчесто таа ги почнуваше. Одеднаш стана збунета и пелтечеше во зборовите. Колку што заслужуваа дотогашните нејзини ифтирии, до толку домашните не ја задеваа галеничката. Ја оставија да биде сама. Иконија отиде кај врзаните коњи на гостите што трупкаа мирно од сеното. Им донесе уште два снопа јонџа. - Сега им фрлив, не гнаси се, - ѝ дофрли братучетка ѝ што ја следеше. - А ти ме следиш? - Аха... - Ќе ти дојде редот, тогаш ќе видиш... - Фрли им, тогаш... Од твои раце повеќе ќе јадат... Претпоставуваше кој коњ е од нејзиниот иден маж. Беше со ново седло. Го погали. Од неконторолираната радост му се обеси на вратот и нежно го бакна. Момински запалена, везејќи ги перничињата во долгите осамени ноќи, мачтаеше ваков убав делија да ѝ дојава на коњ. За него ги везеше, под ваков делија ќе ги става под себе, ваков убавец ќе ја милува. Овој коњ ѝ го донесе, ова благородно животинче отсега ќе биде и нејзино, неа ќе ја носи ваму кога ќе доаѓа на гости, трудна или со машки деца на раце. Отскоро ќе му биде нова стопанка, мажот ѝ ќе го води за оглав, а таа качена како царица, тешка и горда со полн стомак или рулек на раце, ќе доаѓа кај родството мајчино. Коњот како да ја сфаќаше радоста на новата стопанка, па и тој се почешуваше нежно со главата од неа. Коњите и љубовта не знаат за војна. Младите разменија прстени и од чардак можеше да пукне една пушка. Свечен истрел и голема свадба ќе нема. Само што седнаа на маса и го поставија ручекот, отспротива, на Влајница, почнаа жестоки пукотници. Од чардакот Ангелкоски убаво се гледаше: во далечината, чадеше Ново село. Недојадени, сватовите станаа побргу да се вратат дома. Војна е, а Маџовци се дрзнаа да мислат на свадба. Шар Планина секогаш е во буричкања, ретко од неа пука пушка за радост и свршувачка. - Дојде нивното, ќе летаат наши глави, - мрмореше Аркадија не испуштајќи ни воздишка. Организационите одбори попусто подготвуваа на табака леб и сол за пречек на ослободителите. Бугарските војски дојдоа само до Групчин, на чекор од Тетово. За добредојде, тие каснуваа леб и сол од другата страна на Вардар. Во овој дел, леб и сол и торжествени говори на италијанските ослободители им понуди албанското население. Откако ја поминаа Албанија, преку Струга, во Полог карабинерите беа пречекани од албанските балистички организации. Малубројните италијански војници се вселија во испразнетите касарни на овие гратчиња и војната премногу не ги интересираше. Се загледуваа по жените, сакаа кокошки, фаќаа жаби и секоја ноќ ѝ пееја со гитари на среќата што не ги испрати на големите светски фронтови. Војничката работа ја вршеа заедно со албанските соработници. Во постојани потери го претресуваа регионот. Другото беше нормално, летаа славјански глави и се празнеа нивните клетови. Ќе поминат десетина дена, две недели и ќе се чуе: филјан човек е најден мртов. Пред зајдисонце каурите се затвораа дома, на боринка вечераа, ако имаа што да вечераат, ѕемнејќи им до разденување остинатите души. Уште првото лето на војната, Џемо од Симница и Веле од Марка заминаа од кај Маџовци. Нејќеа веќе да работат. Од самата помисла дека некому биле слуги, се срамеа. Оносима тоа многу го плашеше... Потиснатиот бес, слугата најчесто го истура врз оној што му обезбедил леб. Ги исплати и за штотуку почнатата шестмесечна руга, од Ѓурѓовден до Митровден. Премала, неколкумесечна незаработена надница со која тешко може да ги купи... Набргу, овците и крупниот добиток од клетот качаците им го ограбија; имаа премалку добиток и пари колку што раснат апетитите на новите јунаци на времето. Молчење и страв. Убав глас од никаде. Единствените новости дома ги носеше Бојка, подоцна што се покажуваа како точни. Колку да нејќеше да разговара со брата си, Оносим од неа разбра дека Џемо е водач на албанските сили од Полог. Не е одметник. Станал воен партнер на италијанските фашистички војски. Тој и неговата група им се потчинуваат на нивните команди. За заслугите веќе го одликувале со чин мајор. Риејќи в земја, подземниот крт на времето пред да отвори кртечина, од земјата подига тумбичка, создавајќи илузија за оние над набабрената грутка: со неа, тие растат нагоре; забрзано претурајќи ги Световите, не се знаеше муцката на подземјето кого ќе запрета, а кого ќе ифрли. Овој пат решил големите идеи да ги спроведе преку Велета од Марка и Џемота од Симница. Сам или со другари, до пролетта, пред да замине в партизани, Веле од Марка по цел ден беше низ село. Со вглавено дрвце меѓу забите од долната вилица, усната што му ја влече на еден крај и мангупски натегнатиот каскет на глава, шара со очите, потсвирнувајќи ја „Интернационалата“. Џемо од Симница, суровиот материјал на омразата, цивили ретко го сретнуваа; кај беше средбата со него, таму беа палежите, куршумот и лелекот. Висок, сув, црн, страшен како олујна ноќ, за рисјаните беше уплав штом ќе му го споменат и името. Со поистакнатите соборци: Мефаил од Зајас, Аќиф од Речане, Аќиф од Горјане, Шериф од Желино, оставаа пустош зад себе. Три дена по свршувачката на Оносим, со него на поле, Роса и Бојка имаа ненадејна средба. Пченката беше неколку прсти потерана над ровката земја; достатно натопена од обилните пролетни дождови, под мотика се ронеше како тарана. ќе има род, само кртот да не им се наврти на корените... Гладот и војната чукаа на секоја врата и садењето на гравот не смееше да се одложува. Стравот мораше да се совлада: на Велигден џемовците ги опколија партизаните во Ново село и во борба и палежи убија дваесетина партизани. Полог беше преплашен. Од Вруток како партизан беше убиен Злате. Ранет, барал вода. Од четата на Џемо на него налетал соселанецот Асим. Земјакот му рекол да зине и му пукал в уста. Роса не му дозволуваше на Оносим да оди на поле; за него сега и дома имаше доволно работа; залутан куршум на аздисани одметници завршуваше на секого. На човечко месо, пушка најубаво се испробува. Машко, се разбира. Есенеска зорета, момче од Здуње, работејќи на нива, од пченки некој го застрела. Аркадија од Лешница на пат го најдоа мртов. Поп Лазо од Зубовце на чардак беше застрелан... На жени, џемовците не дигаа пушка. Со Роса на нива беше Бојка. Колку да е голема нивата, садењето грав е лесна земјоделска работа омилена и измислена за машиженовци. Едниот оди напред со мотиката, на секој чекор копнува во ровката земја, а другиот одзади, со семето, во дупката става по три-четири зрна грав и со нога ги запретува. Обично напред оди жената, со мотика отвора дупки, на секој чекор му се наведнува и божем ненамарно, со часови му ги отскрива пред нос белите нозе и во умереното ритмичко наведнување и исправање на двајцата, ветрето му помага на мажот да ја помириса жената пролетно сочна, од што го фаќа блага пролетна несвестица, за навечер одвај да дочекаат меѓу себе, на рогожа да се насладуваат еден на друг и ја поиграат омилената ноќна игра, проста како грав. Пелазгите, најстарите жители на Балканот, од митските времиња кога уште не знаеле како затруднува жена, верувале дека забременува од јадење грав. Ништо страшно нашите дамнешни балкански предци што не знаеле како забременува жена, битно е што по истиве овие ниви, на овие ветриња и сонце, садејќи грав на ист ваков начин, пред сите нас го поврзале гравот со вечната страст меѓу половите; заминеш ли лете низ Полог, во секоја нива нескриено ја гледаш најверната љубов што одсекогаш постоела: гравот вешто се извиткал и грозничаво ја прегрнува пченката, а од земја, од жабја перспектива, секогаш љубоморно ги набљудува и им завидува по некоја тромава, жолта тиква. Ах, тој немирен грав, грав тетовски. Надалеку прочуен со вкусот, положани го јадат колку што можат и не можат, до препукнување на стомакот; комплексната врска меѓу гравот и забременувањето, според положаните, сепак, е марифет на садењето, и неслучајно е што во Полог често се вели, тешко на тие машиженовци заедно грав што не садат; скарани маш и жена, и садење на грав ако не ги смири, друг поефикасен лек за брачна слога не ќе им помогне; за трудна жена по пат, и машко и женско со симпатија ќе прокоментираат: се прејала сладок грав; затоа, своето богато искуство со гравот, положани топло му го препорачуваат на богатиот свет што го заборавил неговото лековито дејство како решение за нивните демографски кризи; убедени се: суштествува корелација меѓу наталитетот и гравот. Секогаш, се е сè просто како грав. Потпечувани од пријатното сонце и газејќи по топлата ораница, двете жени од задлабеноста во разговорот ги прекина звук на возила. По патот од Гостивар за Дебар што одеше до нивата на Маџовци, се зададе колона од камиони со мотор пред нив. - Италијаните идат. Роса и Бојка останаа в нива како запретани до гуша в земја. Немаа каде. Се обидуваа да продолжат со садењето. Дигајќи облаци прав, колоната се приближи до нивната нива. Водачот на колоната седнат во кабинчето до моторџијата, дигна рака камионите да запрат и со едно префрлање на краците, излезе однатре. Возилата застанаа и наведнатите жени мораа да ги дигнат главите; што им е пишано, ќе биде. Со албанско бело кече, во италијанска униформа и со војнички еполети, војникот ги подигна очилата и Роса и Бојка го познаа старешината. Без насмевка, Џемо им доаѓаше во пресрет. Со отсечни, одмерени движења на горд планинец, намуртениот лик со големи мустаќи и дебелиот баритон на гласот, Џемо неслучајно сееше страв во околијата. Роден војник. Роса и Бојка стресени, пребледеа. - Аирлија работа! Не ме познавате? - Фала, Џемо, да си жив и здрав. Како не те познаваме... - се јави Роса. - Како си ти, мајке Маџоице? Се држиш? - им пушти рака Џемо. - Е, по малку, старски... - Добра си, добра. Немој да се плашите од мене... Јас кај вас сум јал леб, тоа не го заборавам. Со мене сте биле добри. Како ви оди работата? Е, колку имам одено по овие ваши ниви... Секоја меѓа ја познавам... Како е Оносим? - Добар е, добар... - Да го поздравиш, да не се плаши. Ние ги бркаме лошите. - Ти, Бојка како си? - Добро, бе, Џемо, еве, да посадиме грав... - Немој да се плашиш, ние сме војска, не сме од оние бандити што излегле в шума. Види да ти кажам... што прави Веле од Марка? - Не знам, од кај јас да знам... Откако заминавте од кај нас, не сум го видела. - Знаеш. Немој да ме лажеш. Многу мразам некој кога ме лаже. Јас сè знам. Отишол в партизани. Виде пред три дена што им направив во Ново Село?... Салата ги сторив. Веле од Марка за малку ми побегна. Кажи му, само ако ми падне в раце, јас ќе го дерам жив. Жими вера, ќе го дерам. Еве сега одиме нагоре по селана: Маврово, Леуново, Никифорово, Беличица, сè знам, во нивни куќи ги чуваат. ќе ги најдам, готови се... Немој да те лаже Веле од Марка! Знам, сè знам... За една болва, палам цела рогожа, жими вера. ќе ве палам сосе ќука. знам, вие не све такви... Ај, со здравје. - Со здравје, Џемо. Возилата збрчеа, колоната замина оставајќи ги зад себе думаните прав и преплашените жени што немаа сила да доработат. На бразда се измија, фрлија вода в тил и в пазуви, ја скрија мотиката в меѓа и заминаа дома. Сакаа да брзаат, но нозете им се сечеа. Дури отпосле, по пат сфатија што сè можеше да им се случи. знаеја полно судбини на кутри несреќници... На Роса едно ѝ работеше умот и ја тешеше: добро прави никаде Оносима што не го пушта. Во сето молчење, Бојка само еднаш прозбори: - Е, тој ќе го фати Велета од Марка... На Роса ѝ доаѓаше да ѝ се развика на ќерка си, да ја фати за коси, но немаше раце за тегнење, грло за зборување, ниту уши за слушање. Не ѝ подаде збор и Бојка не продолжи. По патеката под дебелите костенови сенки имаше долго клинкање за до дома; кожата и косата стравот ги дига нагоре; омалштина ги совладуваше, а селото и куќата како да побегнале и се искачиле повисоко кон Шар Планина. По пешачењето што им се стори цела вечност, конечно им се појави куќната порта. Се прекрстија и влегоа в авлија со големо опуштање. На влезната врата го затекоа Оносим со еден од работниците во кафеаната во Букурешт и со шамивче бришеше солзи. Со лажна нажаленост, работникот молчеше до Оносима. Еден од многуте работници од овој крај што работел кај нив, некако се вратил од Влашко и лоша вест им соопшти на Маџовци. Иван најстариот од децата, што остана во Букурешт и мислеа е понасигурно, пред повеќе месеци е најден мртов покрај пруга, во близина на Пешта. Очевидци тврделе, се лизнал од воз. Работникот пред вџашените жени не ја повтори целата претпоставка насамо што му ја раскажа на Оносим. Постојано со многу пари, најверојатно некоја од неговите многубројни љубовници, во договор со потплатените кондуктери, го турнале од недозапрениот воз што често му подзастанувал да скокне на мали, локални станици кај што не застануваат експресните возови. Го ограбиле и турнале; едно од безбројните, неодгатнати класични убиства во „Ориент експресот“. Неприродно студенило се всели меѓу ѕидовите, а болна тишина од набрчканости, воздишки и недоречени зборови, создаде нов јазик меѓу домашните. Лицата им стануваа меланхолично лирични, а очите им добиваа сјај на треска што го тресе човека однатре. Ниту да го жалат на гробишта, ниту да го тажат... Раздаваа и го плачеа, без да знаат каде е закопан; огромното семејно богатство, во Горна земја се претвораше во рассеани гробови. Студена, смрзната роса ја сланоса косата на старицата и ѝ ја пиеше снагата. Роса длабоко, мајчински жалеше, палеше свеќи за покојниот син и во осамените ноќи што би распаметиле и најцврст човек, носеше мудри одлуки. Ако имаше нешто заедничко со покојниот маж Маџо, тоа им беше заедничкото, не застануваа пред маките. Свршената Иконија побргу да ја донесат... Сватовите се согласија. Особено Иконија. Ја зедоа во најкрвавото, селата од Мавровско и од Река кога изгореа до темел, најчесто сосе домашните в куќи. Маврово, Леуново, Никифорово, Беличица, Кичиница, Богдево, Мраморец, Малкоец, Попоец, Подвис, Буковиќ... Стотици и стотици убиени, десетици и десетици села опожарени... - За закопи не прават проблем, - велеше Аркадија и одеше од село до село да ги опејува мртовците. Митре, татко му од Ѕакета, го фатиле под ановите вруточки, во Облаче, денес кај што поминува автопатот кон Охрид и в облаци зеленило отсекаде што дивее, во долот, го искасапиле. Најубава околина за претешка смрт. Утредента престанаа викотниците и селаните слободно отидоа да го соберат и закопаат. Тргна и поп Аркадија. Не се плашеше за себе дури не го забркаа кумот оние што пред две години ги прекрстуваше на Главардар. Му откажаа кумство. Во загроза, попот ја присобра мантијата да не го сопка и фати да бега како момче; помина преку шаварот, го прешлапа Вардарот и влезе во дворот на Св. Мина, крстејќи се и благодарејќи му на светецот што не го стигнаа кумовите. шелероските останаа отаде Вардар да му се смеат на кумот без шапка, преплашен, искалавен и наводенет како црковен глушец, душа што збираше во црковниот двор. Срамејќи се гологлав и воден да појде низ село, префрли преку плот кај Мојсоските, да прати абер до попадиката. Вратата од племната приклопоте; под сушинката го затече Петрета како го крпи кожниот фудбал. Петре со години одеше на печалба во Белград, продавал семки на трибини на стадионите и збудален од фудбалските натпревари, на секое идење, дома носеше по една кожна топка како печалба и дури постоеше дома, по цели денови шутираа на некосените ливади со неколкумината другари. Единствено жена му Виторија не знаеше да игра, велеа вруточани, да знаеше и таа, ќе беше подобро за неа. Од мажа си чекаше пари за децата што ѝ се раѓаа едно по едно, а за неа имаше само кожен фудбал или тупаници. Од грижи се разболе и плачејќи и зборејќи си сама со себе, не изживеа долги години. - Што си станат ваков, бе, попе? - му се изнасмеа Петре дури го кинеше конецот со заби. - Ме забркаа Шиптарине... - Леле, каков си станал... Вратата од племната тешко чкрипна и однатре излезе Веле од Марка, облечен во пртизанска униформа. - Леле, каков станал назадниов елемент, - рече и тој низ смеа. - Татко можам да ви бидам... Одвај глава спасив, вие ми се смеете. - Арно ти беше ние со години кога ти бевме за потсмев? - Виде и ти тврдо... - Еретици, мислете малку! - Еретици, еретици, додека дојде нашето... - Ниту му се радувам на вашето зло, ниту се радувам да ве мачат, вели Свети Максим Исповедник. Младинците повторно гракнаа во задоволна смеа, контролирајќи го гласот. Разговор не можеше да има и поп Аркадија реши сам да тргне за дома. - Гледај сега некому да ме предадеш дека сум дошол овде! – Веле од Марка го испрати со прекор. Покрај задоеноста со фудбалот, на печалба, група вруточани се поврзале со комунистичките идеи и во селото формираа партиска келија, една од првите во Долна земја. Нивното време очигледно доаѓаше за разлика од времето на поп Аркадија што си одеше. Воден, преплашен и засрамен, само што излезе попот од портата Мојсоска, се сретна со внука му Бојка. Погледите кога им се сретнаа, на момент се збунија, но двајцата помислија колку е убаво што не зборат. Бојка да не се правда каде тргнала, Аркадија, сосапан во калови, да не објаснува кај ја изгубил шапката; тоа не им пречеше да не си ги прочитаат еден на друг постапките и Бојка слатко му се изнасмеа на испрсканиот авторитет на вујка си. Аркадија се довлечка дома во треска. Се пресоблече во суво, легна сред бел ден што не му се случило од бебе, и кога стана, веќе не можеше да ја исправи снагата права како чам, ниту уште еднаш го јавна коњот и гордо, со ќамилавката да помине низ Долна земја. Скршеницата на душа не му зарастуваше и забележливо за секој ден, попот од на нозе венееше, а по два, три месеци, престана и да јаде. Сеќаваше дека е готово со него; фрлен е в ендек од седлото на времето што се обидуваше да го држи за узди; доста време се залажуваше дека го јава и му се спротивставува како Исус Навин што го застана сонцето да помине неговиот народ преку Јордан. Стискаше заби и молчеше, а подобрување не се гледаше. Попушти пред домашните кога сакаа да му донесат доктор. На изучените синови им рече да го однесат во Софија, кај прочуениот доктор, кукушанецот Станишев. Вечерта пред тргнување му престанаа болките, му се соарне, се исправи, ја расплете обелената долга коса зад шија што ја чуваше во туфка и по толку ноќи поминати во болка, го фати длабок сон, без нешто да го заболе до вторите петли, кога тргнаа. Во Софија, професор Станишев го прегледа и попот чекаше со недели оперирање на стомакот. Хирургот што прв во светот отвори стомак, потајно поразговара со богатите синови Соломонови што не жалеа пари за стариот кум, дека е попусто оперирањето, а на Аркадија му даваше да пие лекарства од кои му поминуваше болката. Соломон, врсникот негов од Вруток, одамна дојден на печалба во Софија, најмногу му се израдува на својот другар од детството. Дуќаните веќе им ги имаше оставено на синовите и двајцата старци можеа да шетаат колку им душа сака по софиските улици и паркови. Аркадија го фати прелагата што се појавува на секој смртник пред конечното смирување. Имаше сила ден и ноќ да разговара и враќа преживелици со домаќинот. Соломон го поддржуваше во шетањето истоштениот поп и го водеше гостинот кај многу земјаци на видување, или понаколај, им одеа по локалите, на по едно саде кафе. Дваесетина дена потраја нивното шетање. Последното им беше кај Зоксимовци. По испиената боза и разговорите, врвејќи низ сенкалакот од големи дрвја, попот застануваше на секои дваесетина чекори да земе душа. Бастунот веќе не помагаше во придржувањето, па пушташе рака за нешто поцврсто да се фати. Се зачуди кога се придржа на ограда за цевка од пушка. Илјадници штикови и пушки исковани во војнички беспрекорен низ, оградуваа голем и негуван парк, а меѓу дрвјата се белееја згради со постаменти, тераси и украсно езерце со скулптура во дворот низ кој шетаа војници. - Што е ова, бе, куме? - Касарните на Воената академија. - Што е оваа ограда од „манлихери“? - Тие низ Македонија пукаа... По Првата светска, по налог на Големите сили, наредено беше да се уништат неколку илјади цевки. за спомен што крвавеле, сега на оградава почиваат... На истоштениот од болеста поп, му се слоши. Не успеа ништо да каже; позина, ги сврте немоќно очите и се задржа да не падне за една од пушките што не стасаа до неговиот Полог. Колку него нешто го притискаше в грло, толку посилно тој ја стегаше цевката и со брзина на куршум што поминува низ празнината на пушчената цев, низ свеста му помина целиот негов живот. Држејќи го студеното железо в дланка, помисли на рацете што ги носеа. Неколку илјади студени и уништени орудија на народот што тајно ги носеше преку граница, што не стасаа до тие по нив што пекаа и за нив плаќаа, за целиот негов живот што не знаеше што е подобро: неговиот крст на гради или пушката? И двете работи биле бессилни за неговата Долна земја како и неговиот поминат живот, бесмислен и жален. Му се заврте пред очи, погледна в небо и низ гранките што шумолеа и пријатната ладовина што ја создаваа, сепак, го виде синото небо, намачкано од истурена туба на небесната боја како на фреските од неговата црква во Вруток, а на гранките, небесната војска; кружно наредените херувими и серафими и нивниот заповедник Архангел Михаил, со мечот во десната и со јаболкото во левата рака, му мавтаа за добредојде во небесното царство. Попот почна да паѓа. Лизгајќи се на оградата од пушки, крстот на синџир цел живот што му висеше на градите, му се фати на пушката што ја држеше и не му дозволи на попот да се спружи на земја, туку само да се спушти на колена со гордо дигнатата глава и стаклестиот поглед што гледаше неопределено нагоре. Кумот Соломон можеше само да ги затвори со рака очите на покојниот. За враќање на мртвото тело на попот немаше никаков проблем преку граници. Нека е и војна, секогаш на мртовци кога се враќаат во Долна земја, границите им се отворени. Го закопаа на влезот на Св. Архангел на Главардар и му направија голем мермерен споменик каде што до ден денес почива и сè уште никој не му го скршил споменикот. - Каде е радиото? - Не знам. - Не можеш да не знаеш? Вчера го зеде кај тебе в соба. - Го зеде Веле од Марка. - Веле?! Ти си му го дала... - Сакаше да слуша. - Знам говедарите сакаат фудбал, ама за радио... - Отсега и радио слушаат. - Како што си го дала, така да го вратиш. - Знаеш дека е забрането чување непријавено радио. За него Џемо и Италијанците апсат и стрелаат. Биди благодарен говедарот што не те пријави. - И сега?... - Сега слуша радио. Ако ти треба, ти земи му го. И тој сака да чуе Москва што му порачува... Кога ќе дојде, да знае како со тие што слушаат Радио Лондон и на кралици им дигаат нозе по сепареата. Иконија ја зедоа без музика. На друго не се штедеше; ниту на невестинската срмена руба одамна нарачана кај Нофита терзијата, ниту на невестинските кошули од бел американ, до под колена, широки шест лакти, набрани на киндови како подоцнежните плисирани здолништа; а киндовите фатени со бел конец, се отвораат кога ќе треба невестата да се расчекори и воздржано подига ширити на шифонска бела заводливост, над брановидни долини од перничиња, со искинати конци од блага несвестица на задоволство. Невестински не погувеа, невестинско стамено не изигра; нечујно, молкум ја доведоа Иконија. Свекрвата Роса ја прогледа низ сито, фрли над младоженците жито, шеќерчиња и ситни парички, по нив деца да се грабаат во невестинските нозе; но дојдени деца немаше, а машко дете ќе требаше на невестата в скут да ѝ седне, машки деца да им раѓа во фамилијата, членовите кај што не живеат долго. Само неколку постари, оштрбени жени, влезени на потшега в авлија каде што кога и да стапнеле, чорбаџиски стопандисаниот простор ги понижувал, како наречници на кртот на времето, токму на најсвеченото, на свадба се потсмеваа над судбината на најдостојните меѓу себе што не им се дава во сватови коњи да јавнат, со весела песна невеста да донесат. Единствено гломазниот апарат со полирани ногарки и црното платно на Никодина фотографот од Гостивар покажуваше дека нешто свечено се случува во дворот на Маџовци. Пред закачениот ќилим на ѕид, искусниот фотограф ги редеше домашните за кадросување; Оносим е на сите три фотографии; седнат, европски облечен и балкански вкочен, а зад него жена му Иконија; вториот пат се кадросаа невестата и мајка му Роса, стојат зад машката глава со спуштени раце на машките рамена и на третиот пат, Бојка сестра му, им се приклучи на жените, невестата беше во средината и само таа една рака стави на рамото на седнатиот маж. Со Иконија полесно го пречекуваа утрото. Сонцето од Сува Гора в мугри, преку џам ги пецнуваше; уште еден ден се живи и здрави. Силата на утрото ќе го тркалаше денот до пладне и фати ли зајдисонце, на растегнатите сенки на самракот, во човек повеќе трепереше трескав страв до разденување: што ќе донесе бескрајната ноќ... Плетат или везат. Прстите да работат, не скрст раце; тоа е неподносливо. Во несоница, вработи ги рацете. Не се оставаат раце празни; ако не работат, умот оди на лоши мисли. Не го лажат умот, не го вртат јазикот настрана од болниот заб... Военото студенило, лето не го топли... Нелегнати, в полноќ снагите оладуваат. Ќумбето е запалено и пламенот излегува низ вратничето надвор; само себеси се оближува, пламено ја лизнува темнината и се враќа назад. Тоа е целото осветлување. Светилките никогаш не се палат. Секој шум ги подникнува. Кучињата лаат на сè почестите ноќни летови на авиони. Вечераат на боринка и по дигањето на софрата тивко шушкаат во ноќта. Иконија и Оносим се срамат да се одвојат и легнат. А сакаат. До први петли во една соба сите се заедно. Воената ноќ е предолга за стравот, куса за задоволствата. Од враќањето во Долна земја, Оносим е во состојба како повторно да е напикан во утробата од која излегол; на почетокот, состојбата што му изгледаше само како метафора и дури по малку и го забавуваше, сега, немоќен да ги заштити жените при најлошото, иако покрај Иконија има можност за блажено исчезнување од секојдневието, не може целосно да ја победи паниката што го обзема, но Иконија ја мириса неговата неопределена, но реална загроза и страв и прибрана, му се подава; оцврснатите тела од селска работа им се сакаа и убаво се разбираа; освен голем, сладок проблем, неочекувано за него, таа му се престорува и во незаменлива потпора. Наутро ќе свареа кафе и повтуваа течен разговор од сосила насмевки. Оносим им прикажуваше за Букурешт, Прага, Виена, Пешта и други места на Горна земја, а Иконија се хранеше со неговото знаење и искуство. Му се воодушевуваше, го љубеше. Младешки весела, својата милина насекаде ја ширеше. Не допираше само до Бојка. Молчејќи, заедно со домашните ќе испиеше кафе, не забележувајќи ги постојано по малку отечените усни на невестата од ноќешни љубења. Женски, золвински не ја закача, чаша шербет не ѝ подава кога почна да ѝ се повраќа. Снаата прва се обиде да се зближи со золвата, божем, внимателно ќе ја р'чне. Сакаше да ѝ гледа на филџанот кафе, ќе треба ли наскоро и за неа да се подготват свадбени бовчалоци... Со зли очи, рамнодушно, Бојка скоро ја ошамари со погледот. Направи грч на насмевка, ја стресна главата, напреку ја погледна од под белки, и неодмерено ѝ врати: - Ти гледај си го маж ти. Тоа не е твој проблем. Иконија ништо не пререче, ниту потоа, некогаш нешто преречуваше; дополнително создадени тешкотии во куќата од женски каприци никому не му требаа; доволна беше треската на опстојувањето што трае со години: се дават во влагата на згуснатиот воздух на ноќта, тегнејќи преѓа на болката што се мота околу вретеното на помраченото време. На вретеното на времето нема место за тенки, золвини предења; снаата ќе се стрпи. Игривата светлина на пламенот од ќумбето, предметите и луѓето во грозничав трепет ги престорува. На таа сиромаштија, тие зими три одаи затоплуваа. Во кујната спиеше Роса, одвоено во својата соба Бојка, а во невестинската одаја Оносим, Иконија и родената ќеркичка во првата зима на војната. Дури не појдат на спиење, рулчето седи до нив, повиено во лулката во која се лулале сите што се родиле во оваа куќа, од Урубија до неа, Иванка. Малото им е мирничко. Претпоставките на кого им личат децата, штотуку почнуваат. Рулекот не знае за војната и ноќната треска, освен за полната цицка со млеко на мајка си. Се плаши од темните сенки на игривиот оган по ѕидовите и се смирува само во лулката. Без ниедна шајка, старата лулка спојувана со чивии, при лулањето цвичи како неподмачкани врати на ментешиња и монотоното ритмичко чкрипење, ги успива децата. Малку потпораснати, штом научат да зборат, домашните ги повиваат во повоите на сонот, приказните. - Бабо, ај пак раскажи ни ја гачката за чудовиштето од долната земја. - Е, доста таа, секоја вечер, устава пена ми фати... - Ако, те молам... - Си биле двајца сиромашни браќа. Имале едно нивче и на меѓата од нивчето имало една стара јаболкница секоја година што раѓала само по едно јаболко. Во ноќта кога летото преоѓа во есен, јаболкото наместо да узрее, позлатувало. На јаболкото доаѓало чудовиштето од долната земја... Заковани со погледот во игра на пламенот како од Платоновата пештера, се печат на внатрешна температура однатре што ги гори, секоја измината ноќ што им бразди нови брчки и повеќе бели влакна. Во полудремка, премалени од благата несвестица на муграта, на стол ги дочекуваат првите конци на зората, прснати од Сува Гора кон Шар Планина, што се начекуваат на капките пот на слепоочниците, остинати во тишината на очајот. Трета есен е на војната, велат: ѝ се гледал крајот. Мусолини капитулира и Полог влезе во новата државна творба Голема Албанија. Италијанските фашисти им оставија на албанските соработници многу оружје и воена опрема и Џемо стана апсолутен господар на регионот, до следната, последна година на војната. Предолга и прекрвава беше годината со последната есен на војната; ако некаде имаше задгробен живот за рисјаните, тој беше тогаш, овде. Џемовците веќе не мораа да внимаваат за постапките пред италијанските партнери; сами команданти - сами извршители. Сите дотогашни успеси на куршумот и ќибритот, сето ограбено богатство од добиток, злато и покуќнина, не го радуваа и смируваа Џемо; три години сè е под волјата негова, а од обѕири, трпи; раска в очи го насолзува и не ја вади: пред него цел, Симничкиот манастир. Кога да станеше и легнеше, пред него се испрчуваа кулата и кубињата, силуетите на црквата и конаците со крстот што го параше воздухот, небото над кое тој беше господар, син на орлите што ги носеше навезени на капи и знамиња, за чие раскрилување и идеали бестрашно војуваше суровиот војник. Изѕидан пред десетина години токму до неговото родно село, како да беше подигнат во негов инает; од безбројните дрвени манастирски греди, спица како да му се зари под нокт, гнои и боли, а не дава да се стисне, со еден стисок да излезе и гнојот и туѓото тело, брцне гнојта и стивне болката. Не дека не го почитуваше рисјанскиот господ или не ги знаеше каурите од Полог... Дојде неговото: по јајца ги натера да одат, јајце не ќе скршат; не, не видел мака од каурите, не го двоеле од поугледните Албанци ни со постапка, ни со збор, дури и кога подавале велигденско јајце, чест и за тој што ти го подава и за тој што го зема, не го узминувале, не забораваше ни дека слугувањето по нивни побогати куќи го спаси од сигурна глад... Новото време тоа од него бараше, а тој е водачот; образот е над сите мали сопки што ги измислува животот и умот на немоќниот, над него да се сожалиш. Успее ли во тоа, на него рака веќе не дигаш. што е за право и од дружината никој, ништо не му рече, но знаеја одоколу да му префрлат токму на моменти кога беше најопуштен, мангупски стапнувајќи му точно над поткожното, гнојно привче вутума да скокне, измислувајќи му ситуации дека не еднаш, на враќање дома, на манастирот се сопнува и го крши носот, поддржано од соборците во долго смеење од кое заболуваат слабините. На манастирот се сопнуваше неговиот углед и без некој да му речеше, не ја ли очисти гнојницата израстена среде негова територија, последици ќе трпи неговата власт во народот што го поддржува. Сам Господ ја нареди како што треба; Италијанските војници сè почесто зборуваа дека може секој момент да капитулираат и преплашени за себе, малку ги интересираше дисциплината на албанските помошници. Антихитлеровската коалиција ја преземаше иницијативата на фронтовите и не се знаеше само денот кога Мусолини ќе падне. Фати матното и чекање немаше; нема сентимент: манастирот е изѕидан на погрешно место и на манастирот му дојде крајот. Доста со коњот подзастанува да не ги згазне смешните, сосмрдени попчиња што му се плеткаат пред нозе. Чудна сорта се каурите, ќе измислат некакво чудотворно дејство на вода, камен или дрво, ќе почнат да го посетуваат, се крстат, оставаат кончиња и веднаш ѕидаат. Штом е божјо и кај ќе им текне да дигаат чатија на бога, некому тоа ако му пречи, од бога е и да се руши. И се рушело. Такви чирови мора да бидат истискани од напатената земја на орлите, од неговиот двор, од селото кај што тој се родил и ги слушал приказните за орлите и нивното потекло од нив, за Али паша Јанински со чии јунаштва се идентификуваше, пред два века како ги избркал и разорил влашките градови Грамос и Москополе, со чија сила неговите предци наваму се населија. Силата е едниствениот реален бог на која ѝ треба клањање. Па ако можат, ако некогаш дојде нивното, нека повелат... Џемо никогаш не бега од своите постапки, ниту не признава нечие јунаштво. Сега бог е со него. Колај работа беше со манастирот. На самрак, привикаа пред портите за подбишега, ја турнаа портата, го истераа добитокот од котари, викнаа по преплашеното калуѓерче да излезе надвор, да се помајтапат со него, да го потегнат за брада, го соскубат и му ја запалат, ама доцна се собраа, веќе јасно не се гледаше, а преплашеното калуѓерче не излегуваше надвор. До пред војната, во манастирот се вртеше народ, многумина за здравје и преспиваа во него, но откако се разбуричка, преку ден, некој и да се приврткаше низ манастирот, пред зајдисонце што побргу заминуваше. Куртул гарантираше само Џемо. И тоа, ако го затечеш на арните. Да им требаше, ај, ќе го бараат единствениот постојан жител на сè уште недоградениот манастир... Не им требаше. Скриен во некоја најмрачна одаја, во некоја каца, набрзина пребарувајќи, тешко дека би го нашле во темнината. Од многуте вакви потфати, можеа само да претпостават како ќе стрча попчето однатре со потпалената мантија и прибегува низ двор и без одолговлекување, турија ќибрит. Попе Спиридоне беше в црква. Влечеше подвижна, несигурна скала од кандило до кандило, се поткачуваше, ги полнеше кандилата со масло, ги поправаше фитилите, ги палеше кандилата што потпукнуваа од водата и нечистотијата собрани во нив и се подготвуваше за секојдневната вечерна молитва што сам ја изведуваше. Беше служител и верник на залостена црква во која никој не доаѓа. Црква е убава, отворена, со луѓе полна... Ретко, како пред Потопот, господ ги запизми луѓето, тој сега не верува во нив, нејќе да му доаѓаат и кој знае каква одмазда им подготвува во овие времиња? Секој Потоп има по еден Ное и сполај му, добро е што има барем еден што верно му служи и неуморно се моли во име на сите грешници. И со кандилце неизгасната светлина се наоѓа правиот пат. Нашето е да му се молиме да се смилостиви. Надеж има. Ненадејната врева пред манастирот и извиците што го повикуваа да излезе, го прекинаа попе Спиридоне од длабоките размисли за најтешките прашања од тајната на суштествувањето, ненапишана Библија на сопствената религија од примитивни заклучоци што се потпираа на неговата наивна предаденост кон бога, ниту некаде така чуени, ниту во некоја книга прочитани. Веднаш му стана јасно што се случува околу манастирот; самиот беше сведок на пронајдените јагленисани човечки трупови кога пред петнаесеттина години се откопуваа темелите од некогашниот запален манастир, и во овие немирни времиња, како нешто нормално, повторно се призборуваа такви црни предвидувања и за оваа сеуште недовршена, новоподигната градба; Џемо нешто ако наумил, нема тој господ што ќе го запре. Се стресе, заплака и почна да поттрчува од икона до икона и трескаво да се крсти низ темнината во која одвај се распознаваа ликовите. Од запалените кандила, на светите лица единствено им светеа белките на очите. И тоа е доволно: човек по очите се распознава. Темнината може сите бои од иконите да ги голтне, но штом очите светат, не ја свршила целата работа: ликот се распознава. Не беше сам; стотици очи во темнината гледаа во него. Целото потонато во црно и на калуѓерчето в темнина му се распознаваа само очите. В црква имаше чифт подвижни очи, низ темнина што се движеа, трепкаа и солзеа и стотици очи, неподвижно ококорени. Му дојде мисла, стотиците очи што не замижуваат пред опасноста, ќе го спасат. На Христова возраст, не изгледаше на неговиот врсник, Светиот Син пред распнување, на маж штотуку навлезен во средната возраст; неизрастен, џуџест, на оваа возраст беше ист како она стармало, поткелавено и набрчкано дете со оформен лик на средовечен човек, во мајчински прегратки што го држи на иконите Светата родилка, Марија Одигитрија. Често, на мирна вода, попе Спиридоне кога ќе си го видеше својот лик, помислуваше дека светата Мајка него го зела во мајчина прегратка за да ја нарисаат зографите, само уште ретката козја брадичка од Спиридона да му ја доцртаат на Светиот новороден Син; Исус Христос на раѓањето е ист Спиридон на триесет и три години. И необразованите верници тоа ги буни: Исус се родил на Божиќ, божја сила покажувал до Велигден, само три четири месеци и воскреснал. Значи, се родил стармал, ликот тоа го покажува. Цел живот калугерчето ја чувствуваше Богородица како своја мајка. Уште кога беше мал му се појавуваше на сон, го советуваше како да се однесува и како да ја слави, тој сите обврски беспоговорно ги исполнуваше и нормално беше во најтешкото, да побара нејзина заштита. По стопати на ден, на секое влегување в црква, се поклонуваше пред топлиот, сериозен поглед на Божјата Мајка насликана во повеќе сцени. Една од нејзините икони што можеше да се извади, беше закачена повисоко на олтарната преграда и Попе Спиридоне ја довлече скалата под икона и се поткачи да ја земе. На каменестиот, лизгав под од искапаните свеќи и масло, во темнината не ја намести најубаво скалата и подавајќи се по иконата, се лизна со сè икона, од високо падна на под и со лицето тресна во божицата. забите му се поткршија, а бузите му се оцепија од жестокиот, крвав бакнеж со Мајката спасителка. Размачкана со крв, Божицата Мајка си остана дрвена Марија и на последниот бакнеж со воспаничениот слуга. Татковците се сурови и се случува мирно да жртвуваат синови, но оваа, мајка е или маќеа? Манастирот почна да гори и неа ако ја имаше и беше вистинска родилка, ќе се појавеше: небото ќе се отвореше, рофји ќе удреа, свети воини ќе притрчаа и ќе го спасеа, а тој пред небесните сили со иконата в раце, ќе им излезеше на Џемовците да им каже, голем грев правите, но господ нека ви прости, не знаете што правите. Одеше од ѕид, до ѕид, испушташе глас меѓу пеење и лелекање, усните му отечуваа, а капки крв му капеа по расото и камените плочи; молитви не помагаа, а друг начин за спас не знаеше; неговата едноставна религија беше со јасна дејствена логика, секој да си ја извршува својата обврска и ќе дојде рајот. Тој, колку што можеше, неговото го правеше; неуморно им служеше и ги повторуваше до несвест молитвите кон небесните сили, но нивните конкретни дејствија никако да дојдат; повторно му дојдоа на ум моментите од пред години, на копањата на манастирските темели и откопаните јагленосани костури во нив, со подгорени икони до смртен час неиспуштени од раце. Не, нема и тој да ја испушти иконата на светиот лик! Отецот е бог штом не прискокнал на маките на Синот, но и Мајката е бог штом вака го гледа, а му дозволи крваво да ја бакне. Обочните родители се кревки пред искушенијата на своите деца: ова само боговите го можат; Синот Христос нема деца и не е проверено како ќе реагира над искушенијата на својот пород. Татко му и мајка му се богови, ама Христос, сигурно е човек. Прво човек. Огнот со леснотија се префрлаше по сувите манастирски греди, ќе потстивнеше и потоа со поголеми пламени избиваше на друга страна. Манастирскиот добиток беше со време истеран и одведен од манастирот, но во крцкањето на гредите и одделните тресоци при паѓањето на покривите, од огнот долго време доаѓаше глас како на мекање. Од папотењето на пламенот, гласот најубаво не се распознаваше; некое јагне не го виделе при истерувањето од клетовите, залутало во црквата и сега, заробено во огнот и гредите, се пече и мека како жртвено јагне или тоа беше гласот на кутрото калуѓерче што лелекаше среде пламените, до полноќ. Симничани, митројкрштани, сретковчани, церовчани, ѓунојчани, куновци, железноречанци, преплашени и возбудени, слушаа се крстеа, а подалечните села на Славјаните, начичкани на затемнетите прозорци само гледаа како во ноќта пламенот им го голта манастирот на кој сите, колку што можеа, работеа и помагаа; нивниот господ го немаше или немоќен пред силата од под земја што се задава и тој од небо го гледаше горењето на единствениот манастир во Горни Полог што издржа само неколку години, на манастирската земја што пред три-четири века имала над седумнаесетина манастири, во секое село скоро по еден, вистинска Света гора во Полог. Можеби и господ пред наездата, со време ги собрал парталите и заминал одовде, не кажувајќи им на верниците дека оди, оставајќи им само темели и преданија; или не му требаат овие манастири и овие верници или и тие треба да направат како комшиите Албанци со време што му свртија грб на овој бог, се свртија кон друг и при секоја укажана можност, ги палат храмовите на својот бивш бог. Префркнат, народот уште долго зборуваше, се крстеше и собираше партали, во уште еден голем бран да се сели од местото кое очигледно е земја на пеколот. Албанци од Љума, од Ќафа, Пешкопеја не се плашеа од просторот на рисјанскиот пекол и во нов бран се доселуваа на местата оставени од богот на Рисјаните. Манастирскиот покрив се сруши и некаде пред зори пламенот стивна; останаа со денови да чадат греди од подгорените ѕидови тлеејќи дури падна првиот дожд. Со текот на времето, Албанците симничани гредите ги дигнаа за горење, со камењата си ги подѕидуваа браздите и околните ѕитчиња на нивите, а под купиштата земја остана да лежи јагленосаното тело на Ѓакончето Спиридоне како археолошки материјал за некои идни ископувачи. Манастирските темели се зарамнуваа со земјата, трева почна да расте и да ги покрива и од чајничето што одеше во близина, некој ако ти покаже кај бил манастирот, можеше само да се насетат контури на запретани ѕидови што чекаат нов поп Аркадија што ќе го обнови вечниот циклус на градење и уривање. Болниот вруточки поп тие месеци испушти душа, далеку од градбата на која го дотроши животот. Десетици години подоцна, новото време изгради нова пруга, со нормален колосек за Кичево, малку подалеку од теснолинејката и местото на манастирот; Симничкиот Камен под кој извира големиот извор, денес го посетуваат само штирки жени; се провираат под каменот за здравје, пијат вода, се мијат на скриените женски места и ги влажнат за пеканиот пород. На педесетина километри оттука, сега единствен манастир во регионот е Лешочкиот во Долни Полог и тој пален и обновуван неколку пати, војната ја издржа незапален, што е чудо за Долна земја. Фашистичката оска на светските фронтови почна да доживува порази; во судирите со партизанските единици, џемовците почнаа да трпат големи загуби и беа принудени на постојани отстапувања и криења. Сè поотворено се зборуваше за дефинитивниот пораз на фашистичките сили. Во Гостивар и Тетово, главните упоришта на Џемо, партизаните влегоа без борба. Со малубројните преостанати соборци тој се повлече кај свои јатаци во непристапните, повисоки предели на Шар Планина и во четвртата есен од војната, Веле од Марка ја донесе новата слобода. Митровден помина, лисјата беа веќе паднати, но дожд сè уште не ја миеше празната Полошка котлина; се задолжи циганското лето, преку ден сонцето ги затоплуваше кусите есенски денови, а утринската слана ги немаше пресечено со непријатно студенило. Ноември беше на половина... Каурите со одвај додржлива радост, а правоверните со задуманост и страв, од уво на уво, си порачуваа: вечерта партизаните ќе слезат во Гостивар. Во пријатната квечерина, по џемпер надвор да излезеш, се зададе од некаде и југот, навестувајќи дека ќе донесе друго. И денот само што подзамижа, над градот од сите страни закакотеа оружјата и светлечки рекети. Партизаните влегуваа. Сила да им се спротивстави немаше. Вечер како нарачана за прослава. За помнење. Качен на коњ, пред да слезе в град, Веле од Марка прво дојде на Вијан. Стамен и победнички горд, селаните не можеа одеднаш да го препознаат. Во сивомаслинест шинел, со титовка и петокрака на челото, со автомат на градите и реденици прекрстени куршуми, Бојка прва го препозна коњаникот. Како не ќе го препознае? Петокраката на капа таа му ја навезе. Колку плетени чорапи и елеци им има испратено на партизаните, самата не знае. И таа, девојка за мажење, затоа си зеде слобода меѓу мажи да излезе на Вијан и го пречека својот победник. За да ѝ биде попријатно, на раце ја имаше тригодишната Иванка, девојчето на брата си. Иконија ѝ дозволи да ја земе; слободата ќе ја приварди од настинка. Бојка крикна и се стрча кон коњаникот. Со еден гест на раката, Веле од Марка ѝ даде на знаење да причека. На народот што се собра околу него, им се обрати со кус, пламен говор на вистински ослободител: - Македонски народе! Дојде денот на долго очекуваната слобода! Радувајте се! Долгата ноќ на ропството заврши и идат светли денови за нас! Темното минато е победено, ќе живееме како браќа и слободата никогаш нема да ни зајде! Ќе разговараме низ песна, ќе живееме како една куќа, ќе се храниме од еден казан! Народниот непријател е победен и за своите злодела ќе одговара пред народната правда, пред вас! Да живее братскиот Советски Сојуз, да живее генијалниот стратег Сталин, да живее Народна Република Македонија, во рамките на Федеративна Југославија, да живее другарот Тито! Народот му возврати со едно громко: „да живее“, за доаѓањето на слободата, ослободителот испука еден шаржер в небо и слезе од коњот да се поздрави со насобраните. Прегрнувајќи се и честитајќи си ја слободата, им одвраќаше на задржувањата дека се брза за Гостивар, а утре ќе дојде и ќе ги назначи првите органи на народната власт преку кои ќе врват законите во селото. Се прегрнаа и со Бојка. Кон автоматот на рамо на дојденецот, малите рачиња ги пушти тригодишното девојче. Со капче, добро облечено и закопчано, црвенушкото буцале околу гушата беше наредено со низарче од крупни, варени костени. Дојденецот го штипна, му откина еден костен од низарот и пред да го стави в уста, Бијка ја запраша: - Чие е детево? - Од Оносима, - му одговори. Веле од Марка се намурти за момент и однесениот костен до пред уста го тресна од земја. Се качи повторно на коњ, им дигна рака на соселаните и бестрашно, в црна темница се упати кон Гостивар. Пред толку оружје и директните истрели во него, небото набрзина капитулира; разрешетаните небески гради, над Гостивар истураа млазеви жолта светлина. Ѕвездите се размножуваа: една ѕвезда се распукуваше и од себе пораѓаше безброј нови ѕвезди, игриво што паѓаа на земјата. Бојка да беше поблиску, ќе собереше еден скут ѕвезди и на малата внучка Иванка ќе ѝ ги нанижеше како костените. Одејќи врз ѕвездите, коњот на ослободителот имаше можност да ги пасе; да беше отворена кафеаната на центар, за него сега беше најмал проблем со коњот преку прозорец да влезе во „Сибир“. Последните тешки воени години, сопствениците мавровчани кафеаната ја затворија и во новото време, повторно не ја отворија; наскоро куќите во центарот, новата власт ги национализира. Од споменот по кафеаната, луѓето од мавровските села почнаа да ги викаат сибирци. Младен, братот на Иванка, се роди подоцна, во ослободувањето. Од малост се одликуваше со бујна вообразија, често не можејќи да определи што е туѓа приказна, а што нему му се случило. Раскажувањата на другите, измислуваше, нему му се случиле. Претерувањата на малиот ја плашеа мајка му, но Оносим се забавуваше со таа особина на детето и ја тешеше Иконија. - Зар не гледаш? Се вживува само во интересни раскажувања... Нека ја задржи таа особина да разликува интересно од здодевно и ќе биде нешто од него. На моментот на создавањето на ѕвездите Младен не присуствуваше, но со измислици си го претставуваше своето учество во собитието. Приказната му ја раскажа сестра му. Сакаше да ја слуша секоја вечер. Прв пат молчеше кога ја слушна, но веќе утредента почна да ѝ се меша и ја поправа сестра си во раскажувањето дека не било така на Вијан, да вади и додава ситници што ќе ја направат поинтересна приказната и тоа негово претерување траеше додека не ја изнервира сестра си и не се затепаа. Татко му и мајка му секоја вечер ги разделуваа и пресудуваа чија приказна е вистинита. Беше време кога децата заспиваа на вистинити приказни. Тоа му беше најубавата приказна, ја усвои како негово доживување и в училиште, десетина години подоцна, на лекцијата за создавањето на вселената и небесните тела, на целото одделение Младен им ја раскажа својата теорија за настанувањето на вселената: ѕвездите ги создал Веле од Марка. Сите му се смееја. Сите го знаеја Велета од Марка, на сите деца им беше идол, познати им беа неговите херојства, знаеја и за настанот на ослободувањето што се случил пред вруточани на Вијан, ама сè не било баш така, ниту тогаш тие биле родени. Младена не го расколебаа: тој никогаш, ништо не измислува. Беше убеден дека има право. Како да се порекне, кога пред очи го гледа целиот настан како на филмови што им ги прикажуваат на училиште или средсело во Културниот дом. Некому ако треба нешто да признае е сестра му. Не знаеше да ѝ одговори чии раце го држеа во моментот на доаѓањето на слободата, но нејзе ништо, никогаш нема да ѝ признае. Со неа постојано ќе се тегне за коса. И како што растеше, Младен сè повеќе се убедуваше дека ослободителот и сега што го гледа одвреме навреме в село, не дојава на коњ, туку на подземниот, голем крт, оној од приказните, што спие во Долната земја. Првата наредба на новата народна власт беше: секој што поседува оружје, во рок од три дена, да го предаде во Гостивар. Камари од оружје и муниција се образуваа на гостиварскиот плоштад... Но така лесно не се амнестираа народните непријатели. Секој што имаше да пријави нечиј сторен злостор, доволно беше да те покажат со прст... Касарната на Дебарски пат беше полна со народни непријатели. Ноќе ги стрелаа под пругата, кај старата станица на теснолинејката, денеска ќумур маало, утредента в касарна да има место за други. Повеќе се жалеше куршум од човек. Револуцијата немаше време за двоење: го кркаше и сувото и суровото. Албанците комшии молеа комшии Македонци да ги заштитат, да потврдат дека биле мирни, само глава да спасат во матното. Никогаш нема да им заборават; во заблуда биле ако некогаш им згрешиле. Некој помагаше, некого потплатуваа, некој сеир им гледаше... Кој го окрка, го окрка. Зулумбаченото траеше кусо време, не повеќе од две недели. Втора голема одлука на народната власт беше, се заборава меѓусебната омраза: сите Македонци, Албанци и Турци се браќа Југословени и од сите млади луѓе ќе се образуваат заеднички војски за доослободување на Титова Југославија. Сите на Сремски фронт! Револуцијата работеше големи нешта и со крупни бројки. Меѓусебните непријатели на двете спротивставени страни, четири години меѓусебно што се убиваа, застанаа во заедничката југословенска војска. По Божик, во петта година од војната, илјадници од Долна земја отидоа на Дунав, во рамниците панонски на Горна земја. Ги бркаа фашистите до дупка, до границите на Горна земја, до капитулацијата на Хитлерова Германија, во мај, истата година. Хитлер беше убиен. Војната заврши. Од фронтот на работ на Горна земја, илјадници не се вратија. Обновата почнуваше, дивото животно на власта веќе јаваше низ Полог, но заостанатите елементи го сопираа братството и единството. Џемо уште не беше фатен. Спиеше над пушка и не се даваше. Му оставаа по троа простор да се извлекува. Симпатијата на албанското население кон него, сега прејдена во пасивна поддршка, при избрзан потег на новата власт, ќе останеше; оставаа самото ново време да го уништува и да им ги кине последните, емотивните конци меѓусебно што ги врзуваа, рушејќи му се сам од себе неговиот мит. На Шар Планина, меѓу Југославија и Албанија, зацврстуваше границата на новите комунистички режими и шансите за непречени маневрирања намалија; во сеопштото антифашистичко расположение и да се довлечка Џемо до некоја држава, секаде ќе е непожелен. Многумина од најверните јатаци му откажуваа; преку него најубаво се амнестираа; невовлечените во дотогашни дејствија од нив беа дистанцирани, а компромитираните со доставување информации се обидуваа да ги потпокријат сопствените траги. Одамна Џемовите приказни за светото тројство на Албанецот: пушката, огништето и фамилијата и бркањето на христијаните во Русија, не наоѓаа пламени приврзаници. Тие говори успеваа само при успеси и терор, незаштитеното рисјанско население од него кога бараше милост, сега најголем негов успех е ако избегне патрола или директен судир со безбедносните сили. Им стана товар на своите и им носи само несреќи; неговите довчерашни јатаци лицемерно му извршуваа наредби, гледајќи што побргу да го истуркаат од куќи. Патроли го следеа во чекор; постојано под опсади, на неприкосновениот господар, крал на височините, и огромната Шар Планина му стана тесна. Можеше само ноќе да излезе надвор и слободно да гледа во ѕвезденото небо над Полог до кај што го носи погледот, од тетовската врата до неговата Симница, на Влајница, во која не смее со месеци да стапне; а по небесното синило, чиниш се истурил кобел млеко од најголемото шарско стадо штотуку измолзено и во него се капат безброј ѕвезди на Млечениот пат. Заглибен во пресметките на омразата, заборавил со години да погледа в небо, од времето кога со овчарска здодевност и монотонија, по цел ден неопределено гледаше во небесните височини и на шупелка ја свиреше, „Се навали шар Планина, ми потфати три овчара“... Стадото додека кротко пасеше, ќе скине сламка, ќе ја лапне, мангупски врти со јазикот низ заби и безгрижно оптегнувајќи се, ќе чека да налета Веле од Марка и тој со сламка в уста од едно исто пасиште, да се поборат и потрошат од бликнатата младешка енергија низ игра. Тој што беше дента посилен во борењето, тој само смееше да носи сламка в уста и чврги му оптегнува на другиот. Ех, среќни времиња на бадијалџењето, во што се престорија нивните чистосрдечни игри, ќе воздивнеше Џемо. Кртот на времето го издигна на високо место на власта колку врвовиве на Шар Планина, ама сè било прелага, ја сеќава под нозе планината како се навалува и полека му иде денот кога ќе го потфати и пропадне во некоја дупка на времето, како водата на Вардар тука во близина што пропаѓа, во бистрите шарпланински ѓољови. Тој ќе пропадне, беше начисто, во прашање беа денови и месеци, а по врвовите на власта се искачува Веле од Марка; не се знае само колку време кртот на времето ќе го задржи на грбот. Не можејќи со никого да зборува за болките и недоумиците што го мачеа во месеците по ослободувањето на Долна земја, излезен надвор, Џемо водеше полноќни, измислени разговори со Велета од Марка. Го знаеше како дише, како мисли, едно време држеа и чесно меѓусебно пријателство, но ете, кртот на времето преку Велета од Марка решил да се расправи со него. На судбината не може да ѝ застане, не бара сламка за спас, Џемо веќе нема од што да се плаши, само полесно ќе му биде пред да ја изврши кртот на времето слепата волја, да можат тој и Веле од Марка да седнат и со сламките в уста, на раат да поразговараат. Незбиднатиот разговор Џемо многупати сам во себе го направи. Со Велета од Марка сега не се зборува, смета, вечно ќе трае неговата власт. Бесмртник, се замислува. Во нечиј поглед недоумица ако види, го чисти. И тој кога беше во положба во која е сега Веле од Марка, не помислуваше на разговор. Силата сега е со него, од друг мудрост нејќе, мудроста ќе ја добие кога ќе паѓа, ќе пропаѓа, тогаш ќе го прибоцка нешто в гради, но ќе нема кој да го слуша. Заедно јаделе, 'рчеле, чврги еден на друг си удирале, не се сакале можеби, ама и немало причина да се мразат, ја туркале работата. При моќ би требало да го види, навреме да му каже и го поучи, негови грешки да не прави. Сега сигурно ја има земено и Бојка за жена... Нормално ќе беше да им појдеше на свадба. Двајцата го знаат, на двајцата им држел тајна, па и да го земе бајракот и онаков бабаит, да излезе напред на сватовите, му личи. Роден бајрактар. Нема врска чиј бајрак држи в раце. Долноземјаните, на свадба, секогаш пуштаат една софра за поканетите комшии од друга вера, а тие двајца направија огромна крвава свадба врз кутриот народ, деновиве, што, еве, привршува на Шар Планина. зошто мудроста доаѓа со паѓањето на власта, по окрвавувањето на рацете со невина крв и беспотребни патила? Доцна иде умот, требаше ли тие двајца да се мешаат во оваа работа, никој што не може да ја оправи? Двајца говедари, водеа човечки стада на колење: тој на моја, јас на негова касапница. Кај може Веле од Марка да води држава? Власта е јака дијанија, ќе го фрли. Кај смее народот нему да му верува и арно од него да очекува? Би им кажал и на народот и на побратимот, ама доцна е. Сега никој од него нејќе да слуша совети и мудрости, му ја сакаат само главата, а таа толку мудро размислува, бре, луѓе божји, да има само кој да ја слуша, помудар на дуњава, не би нашле. Многу мудреци станале говедари, но и многу говедари омадреале и грешка божја е да му ја земат главата пред да ја чујат што мисли. Мудроста секогаш доцни: клинка по победникот со привремена бесмртност. Истото го чека... Неговото. Од планинскиот ветар в лице што го удираше, ќе му просолзеа очите и низ прекршената светлина на насолзеноста, ѕвездите и месечината му се мултиплицираа и небото го гледаше од различни агли на солзата што не ја бришеше, туку надрочена, ќе му се стркалаше низ образ и ќе му капнеше на земја што била помудра од сите смртници и подготвувала на секоја лажна, човечка сила, стапица, свое време како прелага. Сакаше барем ова да им го каже на своите деца, на своите најблиски, но и со нив веќе не може да зборува. Го знаат бестрашен, моќен и цврст, ќе го запомнат, ќе им го пренесат таков, ќе додадат кај треба, ќе одземат кај не треба, ќе се колнат во таков... Ваков, поинаков, ќе го сметаат за слабак; од него никој нејќе мудрост, ниту можела мудроста да се пренесе, лошото полесно се врти, пренесува и пресадува за иднина. Му текна за случката со Велета од Марка како ѝ ја изедоа на старата Роса целата баклава за еден Велигден. Двајца гладни, диви мажи изедоа цела тепсија попарени слатки во шербет. Цел ден ги дразнеше миризбата на слатките што ги подготвуваше Роса за утредента. Се разбира, и нив ќе ги послужеше стопанката, но може ли со по две парчиња слатко да се задоволат такви здрави мажи, со поглед што празнеа пред нив што да им се постави. Утрото, двете стопанки кога отидоа в црква, тие им ја зедоа тепсијата со баклава. И во јадењето немаа мера; ја изедоа, се прејадоа и повратија. Роса кога ги праша тие да не им ја зеле тепсијата со баклава, Џемо и Веле од Марка се погледнаа в очи и прснаа во незадржлива смеа. Старата стопанка не им се налути, на најголемиот празник ли ќе се лути... Се изнасмеа, и побара барем да ѝ ја вратат тепсијата; за гладни, господ дозволува и на празник да се засучат ракави. Попладнето Роса направи друга тепсија слатки и кога ќе се спомнеше баклавата, цела куќа одекнуваше од смеење. Џемо се наведна да скине страк сламка и од очи му капнаа две крупни солзи. Наместо баклава, овде во Полог луѓето каснуваат некоја лута тревка, некој плевел од полошките бавчи што колку да ги обработуваш и корнеш пак никнува, говедата ги подлажува да го каснат и од чиј отров в слабини подувуваат и им нема спас. Долго време и тој отровот во себе го имаше и сега отровот на омразата кога му заминува, мора да остане истиот; лут, отруен и суров, за пред луѓе, за преку ден, и не дај боже на ден пладне да му налетаат на пусија луѓе на Велета од Марка... И Веле од Марка постојано мислеше на Џемо. знаеше со кого има работа и не го дробеше мозокот да одгатнува зошто се мразат, има ли причина толку да се мразат и дали се најопасни беспричинските пизми. Застанаа на спротивставени, непријателски страни и автоматски станаа најголеми душмани. Требаше да го фати, мислеше и неуморно ја плетеше мрежата да го улови. Го гонеше постепено; го изморуваше и деморализираше, постојано да биде под шах. Не беше малку, скоро две години беа во прашање; најверните следбеници на Џемо секојдневно му носеа вести за успесите на новата власт, многу негови луѓе се префрлаа кон новите услови на живот, а тој веќе не може да се џилити и победнички да излегува пред народот; кај него сè беше по старо, мора во секакви услови да чмае и повторува бајати пароли во кои веќе и самиот не верува и токму во моменти на отапен инстинкт за опасност и настап на секаква дезорганизација, кога сам на себеси е здосаден, како болен в постела кога чувствува господ му иде по душата, во таков момент требаше да се појде по Џемо... Џипот на полицијата најпосле влезе во Ѓурѓевиште. Брчеше и потскокнуваше по камењата како да ги одбира дупките. Селото претходно веќе беше опколено. Од монотоното дрнкање на џипот по беспаќата на планината не се гледаше опасноста на акцијата. Додека се искачија низ неколку села до највисокото на Шар Планина, од секоја племна, од зад секој ѕид можеше да им припукаат. Преризична беше проценката и наредбата: да се влечкаат под носот на непријателските елементи, а тие да не пукаат, самите раце да не им ги држат пушките, на планинците и при мала еуфорија што се многу опасни да им паднат оружјата, нескротливите сега молчаливо да ја гледаат драмата и сами да си го извадат Џемо и го предадат; заедничката гордост и болка сама да им се откине како припиена пијавица преполна со крв од болно место. Нема отстапување пред послабите, времето сега врз нивниот прочуен водач само истура пепел, го обвива со тенка скрама и го темнее како стара пара која подоцна, колку да ја триеш со нова разградлива сода на омразата, никогаш не ќе светне со стариот сјај, зашто самата супстанца на паричката била неблагородна, лажни биле каратите на светоста. Таа игра ја сакаше и играше Веле од Марка, опасна и ефектна. Џипот застана пред џамијата и од него излегоа Веле од Марка со уште тројца крупни мажи во цивилни, елегантни костуми и кожни мантили. Излезе оџата од џамијата и со источњачка кроткост се поздрави со дојденците. Усвоената смиреност на надмоќниот, појавата на жртвата го тера на уште поголема сталоженост; ситуацијата ја држи в раце и со продолжување на играта од куси залажувања на испланирана млакост, само повеќе ја става во безизлез. На оџата не му прозборуваа, а не му се ни џилитеа, чекаа тој прв да праша зошто се дојдени. Не се познаваа, ама не требаше претставување; тој што си ја игра добро улогата, му остава простор и на партнерот до себе да игра. Селскиот оџа сети дека тие нема први да прозборат и прв мораша да почне: - А бе, деца, зашто селово ни е блокирано? Ние сме мирен народ, никому ништо не му правиме. - И ние сме мирни, оџа, мирна власт. - Народов има страв да излезе надвор... - Му се случи некому нешто? - Не, што е за право... - Нека излезе, нека шета, ништо нема да им се случи. - Ама јас не можам да им гарантирам... - Ние им гарантираме. Секаде е слободно. - Се плашат, опколени се. - Знаеш зошто е опколено... Угледен си во селово и ако сакаш да им гарантираш и ги заштитиш селаните, оди речи им нека го доведат Џемо со неговите. Ние да не го бараме по куќи... - Нешто да ве послужиме, гости сте ни дошле... - Заврши ја оваа работа, па ќе се послужиме. Сега оди како што рековме. Станати сме од зори, дури стигнавме по пат, се изморивме. ќе седнеме онде во лединчено да се одмориме. за петнаесет минути да сте овде, со него и со луѓето негови, како што почна, така заврши Веле од Марка, со мек глас како да му нарачува на помладо дете од продавница да му донесе цигари. - Ама јас не можам таа работа... - Можеш, можеш... за петнаесет минути... Имаме и друга работа... И без да го погледнат, најспокојно се наведнаа на чешмата пред влезот од џамијата, се изнапија студена шарска вода и отидоа во лединчето на дваесетина чекори подолу. Седнаа на тревата и спокојно пушејќи, загледани одозгора во Полог што им се протегаше како на дланка, заличуваа на студенти во природа што сакаат пред враќање, уште малку вљубено да помолчат во височините. Длабоко вовлекуваа од чадот, молчеа и со пушењето се смируваа. Тишината ја прекинуваа ретки кукурикања на петли и зуење на инсекти. Глувотијата сред бел ден ги плашеше. Првпат стапнуваа во царството на Џемо каде до пред некоја недела не смееја и да помислат да стапнат. Гледаа одозгора на расцутениот Полог, темелно обработен во ниви како под конец, поглед со години што беше резервиран само за Џемо. Не беа расположени за мечтаења; ја испушија и втората цигара и збор не прозбореа меѓу себе. Мислеа на едно: време ли е за овој потфат или дојдоа нечија самбендисаност со глава да ја платат. Веле од Марка ја прочита нивната задлабоченост па им даде знак со рака, да станат. Станаа, ги удрија панталоните од траен англиски штоф, ги истресоа фатените суви тревки по ногавиците, се искашлаа, се фатија за пиштолите под мантилите и полека се вратија сред село. До џипот, оџата веќе ги чекаше. Беше сам. Безбедносниците забавено, долго му се приближуваа. - И?... - овој пат, прв контролирано испушти глас Веле од Марка. - Еве... - рече оџата и го отвори дрвениот сандак што му беше до нозете. Од сандакот светнаа илјадници алтани, прстени и златни женски белезгии. Целиот беше исполнет. На четворицата дојденци им се ококорија очите и во истиот миг, додека беа сите со погледите во златото, Веле од Марка го зграпчи оџата така вешто за грклан и му требаше со прстите само уште мало движење, за да му го извади гркланот со рака. Ненадејниот зафат, совршено увежбан и преземен во најнеочекуван момент, оџата колку што го здоболе, толку го исплаши. Му се зеде здивот. Некакво насилство очекуваше, на тоа му мирисаше, посебно што дојденците пред него се правеа свилени, но откако првиот контакт со нив му помина, се созеде и во моментот кога со селска итроштина помисли ги ставил в џеб и сите муабети, сето она што катадневно го слуша за бескомпромисноста на новата власт ќе испадне е лага и евтини приказни за гладните голтари за кои само времето работи и штом првпат се доберат до медот како нафрлени оси, од него не ќе се извлечат, токму тогаш ја сети нивната рака, вешта, лукава и цврста и тоа на најлошото место, в грклан. Оџата без воздух скркоре; шокот во кој се најде, беше проследен од празнење в панталони. задоволен од смрдеата што ја почувствува, Веле од Марка малку се поднасмеа и од фатот во гушата, попушти со раката. - Види, оџо, ти си угледен во селово, човек во години, оди сега дома, измиј се, преоблечи се и дојди со Џема овде за петнаесет минути. Ние пак ќе појдеме онде на лединчено да здивнеме. Веле од Марка со нога го затвори сандакот со златото и најсмирено, пак сите четворица отидоа на истото место молчаливо да пушат цигари. Во мачната напнатост беа задоволни од прикажаната игра пред невидливите очи од зад ѕидови што ги набљудуваат. Покажуваа победничка надмоќ; сè им оди според планот. Пушејќи ја цигарата, Веле од Марка се прашуваше како ќе се однесува пред него познатиот непријател; во работа, косење, товарење, борење, виткање раце си ја премериле силата, но има ли кувет да моли за милост безмилосниот одметник раце што крвавеше врз невини луѓе, вешто што им поставуваше клопки и најсурово му тепаше луѓе. Оној народ долу, по полето вредно што работи, сè уште мирно не спие од помислата дека една темна, несовладана сенка од Шар Планина надвисната е над нив, низ цел Полог и ја засенува цела Долна земја. Тоа човечко чудовиште, победено од времето, најпосле и физички ќе биде совладано. Пушејќи ја втората цигара, во близина одекнаа неколку истрели. Агентите полегнаа на земја и молневито ги извадија пиштолите. На дотогаш самоуверените безбедносци срцата им затупкаа. Се залажуваа дека со пиштоли од едно полнење се штитат; од секој пенџер беа лесна цел за куршум. Влезени во територија што не ја контролираат, друг кај што е некрунисан крал, сами дојдоа пред уста на чудовиштето што не може да опстојува без жртви; многу способни кадри што ја преживееја војната, настрадаа од непромислени потези; неодамна и самиот Веле од Марка одвај извлече глава при една заседа во која му настрада земјакот, Манасија Мерџаноски. Такви евтини грешки Џемо не простуваше; селото е опколено, но помошта до нив предоцна би стигнала... Во моментите на безнадежност какви што само Џемо знаеше да им ги приреди, кога изгледало е готов и од добиена партија, восушност, тој победуваше, викотниците на вооружени лица поименично по агентите и нивниот командир, им дадоа повта да се приберат од мислите на безизлез. - Другар капетане, Џемо е мртов! Излезете! Бандата меѓу себе се пресмета. Сами, од зад грб го убија! Преживеаните тројца, се предадоа. Расплетот најпосле заврши. Сè е во ред, тие се овој пат живи и здрави. Поправајќи си ги облеките и фризурите и соземајќи се од стравот, им се поврати гардот на гордите победници на Долна земја. Четворицата агенти прво отидоа до џипот. Му ја отпетлаа церадата одзади и го сместија внатре сандакот со злато. Тоа е капка од златото што беше насилно собирано од невиното население на целиот регион. Ете и тоа дојде во вистински раце. Беа народна власт: од народ, за народ. Потоа, со достоинствен од, поминаа низ сретсело до куќата кај што во конечна, меѓусебна пресметка, Џемо беше убиен од своите. Животот не даде можност за финална средба меѓу лутите непријатели; сепак, се постигна тоа што се посакуваше: самите негови, од него се ослободија. Сами му пресудија. Новата власт првпат зачекори овде, а првиот впечаток е најважен. Извршувајќи увид на местото на драмата на губитниците ставени пред свршен чин, Веле од Марка постојано обмислуваше на кој начин, поефектно да се прикаже пред народот смртта на нивниот непомирлив непријател. Слободата ја иссонува, Велета од Марка го дочека, но низ целата прва година на слободата, Бојка од него не доби глас. Пред тоа, само колку ѝ ветуваше дека, најпосле, ќе биде негова, достојна жена, на достоен маж. Револуцијата не дозволува сентименталности и можеби имаше причини што не дојде додека не го ликвидираа Џемо, ама збор да не пушти за поздрав... Во војната се јавуваше и порачуваше што му треба, а сега, еден од највисоките функционери на семоќната, безбедносна УДБ нема време збор да ѝ пушти. Сепак, ќе притрпи. На победниците им се простува, а таков јунак заслужува восхитувања. Без резерви. Му испраќаше облека и храна да ѝ се врати силен и здрав, одмазднички да наплатува; немаше кому и зошто, но имаше дразба да се одмаздува и се инаети на цел свет, чувствувајќи се навредена со местото што другите ѝ го резервираа за животот; сметаше заслужува повеќе, тоа ја правеше ранлива, а револтот не го криеше. Зборот современ ѝ се допаѓаше; не знаеше што со современоста, но за неа многу сакаше да се бори, гореше и помагаше. Се сметаше современа. Женската тактичност ѝ беше најслаба страна: непишаната лекција беспрекорно што ја совладуваат жените, никогаш не ја научи, пргава и љубопитна, пикаше нос кај што не му е место, не знаеше јазикот да го држи за заби и на најблага забелешка спротивставувајќи се и сметајќи дека не е осудена секого да слуша, доволно ѝ беше што има само еден авторитет кого беспоговорно го слушаше, нејзиниот Веле од Марка. Особено, кога ја слушна комунистичката концепција раскажана од негова уста, воодушевено ја прими; виде, не се сами; огромна, моќна, интернационална организација намерачила светот да го смени и ја преврти историјата; радикалното сфаќање за уредувањето на светот, особено упростено од негова уста, многу ѝ се допаѓаше; наскоро кога ќе им се скрши 'рбетот на назадните сили, гласно, најпосле ќе може в лица да им рече, светот почнува од нив. Неговата подарена слика, одзади со нацртано срце, ја стави пред ваза и секој ден ѝ менуваше вода и цвеќиња, цела куќа да ја гледа. А Веле од Марка, мангупски сликан со трендафил меѓу заби, со залижаната буљка нагоре и подбивен поглед на цел свет што му се спротивставува; в чаша да го пиеш. И покрај сите прекорувања за неговите постапки, продолжуваше слепо да го обожава. За Велета од Марка не еднаш мајка си ја има отерано кај што не треба, но ќерката веднаш потсмешливо ѝ враќаше за нејзиниот живот без татко ѝ, сама што го преседе. - Слугата, слугински не заврши... Иде неговото, се врти колце на тркалце! Сега тој е горе, а други слегуваат долу! - Ќе ја удираш главата, ќе видиш... - Немаше што, а го чекаше цел живот, јас чекам и ќе дочекам. Имам кого. - Неблагодарна си, гледаш до кое дереџе стасавме... - Ете, јас сум неблагодарната ќерка, остави ме, вие сте благодарните... Од тешките зборови на ќерка си, Роса не еднаш лежеше болна. Бојка не мислеше дали ја повредува мајка си, сакаше само побргу да ѝ се врати нејзиниот Веле од Марка, а него го немаше. Нејзината нервоза домашните не ѝ ја гледаа или нејќеа да ја видат, а тоа уште повеќе ја збеснуваше. Пониети в црква да се помоли, свеќи да му пали, па се откажа; не, тоа никогаш не би ѝ дозволил. Тој и црква!? О, тоа страшно би го налутило нејзиниот Веле од Марка, тој црквите магацини ќе ги стори, до чембер, со жито ќе ги полни. Одозгора, од кубе со нога ќе гнете, повеќе да собере магацинот, светците да се загушат в пченица, еднаш народот да се најаде, шкембињата да им испукаат. Од пред војната, Веле од Марка им завидуваше на нив, кулаците Маџовци, единствени в село што јадеа пченично брашно, а другите и со кисел пченкарник не можеа да се прехранат, и знае, единствено од буржоаскиот порок тој што ќе прифати сега во слободата е да јаде само леб од бело брашно. Штом в црква ѝ беше забрането влегување, сепак, некаде ќе требаше да се моли, имаше мака, а што измислиле за таа работа комунистите, таа лекција ја немаше слушнато; се сети, ќе оди на долната црква, на Св. Мина, на изворчето во дворот со лековитата вода ќе се измие, ќе остави конче во мазгалите. На ајазмото ќе појде, а в црква не ќе влезе. Предводничката во чекорот со новото време в село прва ја пресече плетенката од долгата коса како симбол на вековната заостанатост, на улица разговараше со момчиња, а европските алишта што ги имаше донесено од Горна земја, ги облече. Беше најинтересна меѓу другарките и кусо време ѝ завидуваа на современиот изглед. По неколку месеци во слобода, другарите од Организацијата почнаа да ја избегнуваат, на состаноци, никакви задачи не ѝ доделуваа, ниту ја испраќаа да води агитации особено меѓу нејзини врснички Албанки за фрлање на фереџето. Кога да прашаше дали се јавил Веле од Марка, замолчуваа, а по извесно време, в лице ѝ се прикикотеа. Последното влегување во просториите на „младинската“ во селскиот дом ѝ беше само до прагот: на масата свиреше нивното домашно радио. За разлика од други жени во такви моменти што не знаат да се воздржат, Бојка првпат се исконтролира во реакциите. Шубето од неговата постапка со костенот, во неа проработе; новата власт со неа се држи службено, а заостанати и неизјавени младинки испраќа на разни курсеви и партиски школи; попуста ѝ беше и самокритиката за чорбаџиското потекло и нејзината определеност потврдена на дело за вклучување во новиот живот. Кроце ја затвори вратата божем нешто заборавила па ќе се врати и слезе незабележливо по скалите. Велета од Марка веќе нејзина уста не го спомна. По убиството на Џемо, работата стана јасна, во Вруток, најпосле, дојде Веле од Марка и уште вечерта излегол на Вијан и нашироко раскажувал за фаќањето и убиството на Џемо. Дома со него донесол и невеста, напреден партиски кадар, веќе доста поднапредната во стомакот. Селските пецкања почнаа уште утредента; Бојка кон надворешноста се обидуваше да се затвори, но со домашните не се обновуваа лесно рушените мостови на општење. Подготвеноста да почне со нив да зборува, значеше, поразена е. А беше. Во куќата се дигаа веѓи и раменици. - Се најала вошка, па излегла од рогожа... - во скржавите разговори, Оносим сакаше да ја утеши сестра си. На понижениот му останува само зборот, таа сакаше да зборува, но гордоста ја задржуваше; нејзината беспомошност единствено што можеше да направи е да ја искине неговата слика што катаден ја бакнуваше и ја редеше со свежи цвеќиња. Фрли секакви ситници што имаше од него и се обиде да го заборави. На сила, со сила. Народот ја почитува и се плаши. Власта знае, сила треба да се покажува. Ја покажуваше и Џемо. Кој е посилен, се виде - револуцијата. Народот уште не ја виде, но силата ѝ ја почувствува. Родно место ѝ е Долна земја. Рофката полошка земја ѝ одговара, во неа таа рие и издига личности на височини, планини. На таа дијанија со немерлива сила ново ѝ е името револуција. Пес ли е или крт, не се знае, непријателот го запознава, канџите за врат штом ќе го стиснат. Џемо ги сети. Веста за неговото убиство силно одекна во Долна земја, особено низ Полог. Толку му било пишано. Падна в кртечина и го изеде темнина. Како ја фатија и како од под земја ја извадија големата дијанија, остана тајна. Веле од Марка ја јаваше и со сета сила јуришаше низ Полог. Со неа, секаде стигаше. Со неа му дојде до глава на Џемо; му ја отсече и му ја стави во сандачето со злато, горјанскиот оџа што им го понуди. Со затворени очи, гологлав, со разбушавена и проредена коса со шишки на челото и забелени влакна на слепоочниците, тврда, избраздена кожа околу очите и на чело, со густа, подрастена брада на јака оформена вилица, крвта од главата се цедеше на памукот во сандачето. Главата му ја изложија во Гостивар. Со сè сандаче ја наместија спроти турската бања, на едно од пенџерчињата на тогашната полициска станица, изградена во кралска Југославија, народ да ја гледа. Повеќе од еден месец, околу неа се собираше тишина. Секој вторник селаните од околијата кога слегуваат на пазар в Гостивар, прво одеа да ја видат Џемовата глава, па потоа одеа на пазар. Човек и да имаше однапред потсмешлива или зла мисла, пред мртвата глава молкнуваше; ниту на нешто се потсетуваше, ниту емоции им будеше. Се чудеше и подзинуваше. Човечката зачуденост е на кружна основа: кругови отворени очи, кругови отворени усти... Околу отсечената глава тишина кружеше, со по некоја мува кружно што леташе и на неа застануваше; брмчењето на мувите не се разликуваше од бучењето на ушните тапанчиња на насобраните; одвај чујниот звук на летањето на мувите нарушувајќи ја напластената тишина само ја допотенцираше неколкуминутна вкочанетост на минувачите. Со изгубениот ореол на страв што до пред неколку недели кружеше околу Џемовото име, со подотворени клепки, без заканувачки поглед и тен на живот, издвоена од силниот крвоток и подвижното тело, одеднаш неговата отсечена глава на показ што ништо не покажува и создава презир кон туѓите потреби за зборување, создаваше неопределено смирувачко дејствуво на секој што ќе поминеше покрај неа, само од себе терајќи го секој минувач во себе да се запраша, зарем онаа мирна, безлична глава можела и некому правела зло. Главата во сандачето набрзина никој не ја узминуваше, странично да фрли поглед и не подзастане во одењето; застануваа, помолчуваа и слично на мувите што лазеа по кожата и исушената крв врз памукот, долго по неа шетаа со погледите. Пред отсечената глава никој не зборуваше; требаше да изодат барем дваесетина чекори, требаше гласови од чаршијата да ја неутрализираат тишината што кружеше околу изложената глава за да прозборат колку нешто да кажат, за побргу да го префрлат разговорот на друга, попријатна тема. Но и новозапочнатиот разговор не им одеше; рассеани, со ненедејното зголемено зуење во ушите и очигледната пројавена нерамнотежа во одот, набрзина замолчуваа и им требаше одредено време дури не им се изгуби звукот од ушите како од брмчењето на мувите околу Џемовата глава; звуците од ушите како да им беа разлетани по дамарите и одеднаш појавената жед во нив ги тераше што побргу да се напијат вода или да влезат во некоја слаткарница на боза, ако сакаат побргу да им престанат мувите со зуењето во ушите и им поотапи чувството дека околу секоја глава вртат муви, па макар нивната била на раменици и со раце бркнуваат на мувите. Главата на пенџерчето стоеше неколку вторници, повеќе од еден месец. Пенџерчето беше од ходникот на полициската зграда и од постојаниот провев, главата не замириса и не ширеше неподнослива реа на распаѓање; само се сушеше и црнееше и ликот на и онака црниот Џемо стануваше уште поиспиен и поцрн. Сламчето тревка што му беше меѓу заби, му остана; измешано меѓу густите мустаќи пожолтени од тутунот, стракчето сува трева од истата земја што не се разликуваше од мустаќите е исто со она што и понатаму го врти низ заби Веле од Марка, но, тоа веќе е небитно; битните, пресвртни времиња никому не дозволуваа фаќање за сламката на спасот и власта ликуваше: правдата е задоволена и народот веќе од ништо не се плаши. Сега, со мртов Џемо - сè е многу полесно. Развиените држави од Горна земја, на почетокот на милениумот исфорсираа групна воајерска манија, „реалити шоу“, експериментирајќи со луѓе во провидни, затворени простори што им ги заменуваа становите. Со недели, во стаклените контејнери, поставувани на централни градски простори, се затвораа поединци или групи, набљудувани од толпи луѓе што лепеа носеви на стаклата од провидните кафези. Пренесувајќи го експериментот со камери, во нивната интима зјапаа милиони телевизиски гледачи кои оценуваа чија животна симулација е поубедлива: кој да се елиминира, а кој да продолжи. Многу одамна, уште во педесеттите години на дваесетти век, од други побуди, од брзањето прекутрупа да се стигне до комунизмот, сличен експеримент беше направен во Вруток. Постапката не беше сфатена како експеримент и на неа денес ретко кој би се сетил: беше само попатна состојба кон излезот од Долна земја и мракот што со векови овој регион си го има како роден крај. Со големиот градежен зафат, Мавровскиот хидросистем, новата власт реши да изгради неколку хидроцентрали, меѓу кои најголемата во Вруток. - Тука, на изворот, тука ќе извира комунизмот - ги објаснуваше Веле од Марка долгите, опсежни мерења на групите стручњаци по Шар Планина, Бистра, Маврово и Горни Полог. Од Партијата беше определен за главен надзорник на зафатот. Наскоро збрчеа булдожери, направија патишта и довлечкаа машини... Пливна народ. Работа имаше во изобилство; се довлечкаа сите мускули и грла од Долна земја. Вруток зовре. Сите сорти сурати на градилиште се пронајдуваа и стануваа запчаник од моторот на револуцијата што бревташе напред. Нагледно се гледаше кој е во чекор со неа; кој клинка, кој ја турка локомотивата на револуцијата, кој ѝ става шипки в тркала, кој бара работа, а кој моли бога да не ја најде; револуцијата беше тука, зад кривина, зад втората петолетка, со раце се фаќаше и делеше на еднакви делови на градителите, како вруќа манџа со кутлача од заедничкиот казан. Сите јазици што се зборуваа во Долна земја, се слушаа на големото градилиште. Пот, мускули, плускавци, мотори, возила, дупчалки, гарнирано со песни и свечени маршеви. Стројот на револуцијата преобразуваше нови луѓе; доаѓаа во Вруток едно, се искапуваа на изворите на револуцијата и вчас, како да го прешлапале Вардар, дома се враќаа други, одвај сами на себеси препознатливи. Сопствениот поглед не можеше веднаш да регистрира кој колку пораснал во своите очи. Дојдоа младинците, адреналинот на револуцијата; најбучни и највесели, не штедеа раце и грла од телата оптегнати до испукување. Селските ливади ги претворија во младинска населба; се роеја младинските бригади од Долна земја; го копаа, црпеа и товараа минатото на колички, со кубици, со планини, и по натфрлените норми, победнички, очеличени заминуваа. Народите од сите страни, чиниш Вавилонската кула ќе ја изградат, седум неба ќе продупчат, до бога ќе стасаат, за брада ќе го потегнат вечниот забошотувач, со векови што ги заостана. Непозната енергија проструи и Полог се разбуди од вековната зачмаеност. - Доста војувавме, сега ќе градиме... - им изјавуваше Веле од Марка на постојаните посети на новинарите. На Бигор, на влезот на селото, никна работничка населба од бараки, мензи и магацини за новодојдените работници. Револуцијата никого не остави несместен; важно беа под стреа, заштитени под покривот на комунизмот; за повеќе ќефови, новиот систем кога ќе стапне овде со двете нозе: електрификација плус индустријализација. Засега се оцртуваше трагата само од едното стапало на неговото пристигање, електрификацијата. Веројатно левото. Од брзање, од поважни работи, на неколку бараки не стигнаа веднаш да им изѕидаат преградни ѕидови. Никој не се бунеше; под суво, со младост и идеали. Во едни бараки беа работници самци, а во други брачните сопружници. Распоред си правеа сами: од влезната врата, до спротивниот ѕид кај што беа двата големи шпорета, оптегнуваа паралелно две јажиња, за да го одбележат заедничкиот ходник, а потоа попречно ги преградуваа ѕидовите на својот стан. Преградувањето на просторот беше со сиви магацински ќебиња префрлени на јажињата. И во опремата на становите се почитуваше уравниловката. Сите предмети беа магацинска стока на реверс: два железни кревета со пружини и душеци, двокрилен метален шифоњер, маса со два дрвени стола и бокал вода со цвеќиња на него. Клуч од станот, никој. Не им ни требаше. Во комунизмот крадење ќе нема. - Комунизам на дело, сите според можностите, секому според потребите - катадневно повторуваше Веле од Марка. Сепак, немаше секој исти потреби. Сè уште имаше исклучоци. Подготвителната градежна работа беше завршена, трасите отворени, жичницата од Вруток до Водостан на Шар Планина носеше работници и градежни материјали и почнуваа комплицираните градежни зафати; ја дупчеа Шар Планина, со километри ѝ правеа каверни во утробата кај што ќе се монтираат турбините врз кои ќе паѓа вода од врвовите, пред тоа собрана во вештачко езеро. Во истата планина, дамнешен, непознат мајстор и на Вардарот му има издлабено такви тајни ходници, по нив паѓа водата од сините езерски ѓољови, до изворот, строшена во бела пена што клокоти на Главардар. За сложените зафати на градилиштето требаше да дојде главниот инженер од Загреб, а Веле од Марка привремено требаше да го смести да живее во близина, деноноќно да може стручњакот да ги надгледува работите. Настрана од калабалакот, а блиску до работата, инженерот требаше да има целосен увид во работата. Најдоброто решение за негово сместување, според Велета од Марка беше домот на Маџовци; најубавата куќа во селото задоволуваше повисоки стандарди за живеење; на пропаднатите чорбаџии, тој им испрати младинци да им ја соопштат одлуката, а утредента и кола да им пренесат нешто од покуќнината во новото сместување. - Ќе одите меѓу работниците, треба и со нив малку да се смешате... - Велат, имате живеано со многу народи по туѓи држави и лесно ќе се снајдете меѓу пролетерите. - Шанса да се приклучите кон пролетаријатот, да се превоспитате и воспримите нов морал. - Бегавте од него, го понижувавте... - Сега тој управува, - им велеа младинците додека им фрлаа од покуќнината и алиштата во дворот. Маџовци сè стоички примаа. И небото да им го собореа на плеќи, ќе трпеа; како ретрограден општествен елемент, ако противречеа, можеа и повеќе да настрадаат. Вака, само ќе ги интернираат. Понижени и исплашени, со малку алишта и голиот живот, за едно попладне се преселија во бараките меѓу дојдените работници. Земјата и тоа што им остана од добитокот, веќе им беа здружени со имотот на другите вруточани за колективно социјалистичко обработување. Мажите ораа, товараа и ги работеа погрубите земјоделски работи, а жените од нива на нива копаа од утро до попладне. Баеги трудна, Иконија одеше на работа во Колективот и копаше со жените за заедничко јадење; на своите ниви, со свои алатки, работеа за новите господари. Напладне им носеа манџа со казан во која летаа два компира и по некое зрно ориз; половина час ќе поседеа под сенка, ќе ја иссркаа манџата и ќе продолжеа да тераат пости до зајдисонце. Новата власт Албаците од Полог не ги пикаше во колективите со сила. Однапред ги имаше определено како назадни елементи што не знаат современо да живеат и губитниците во трка со времето беа спасени од визиите на великиот Сталин што нивните сонародници во Албанија под Енвер Хоџа убаво ги искусија. И во најрамните полошки села, Албанците колективно не се здружуваа; за тој експеримент беа податливи Македонците и од највисоките шарски села. Партијата успешно ја изврши агитацијата; селанецот како најзаостанат општествен елемент, при насилното ставање во колектив, во Вруток не покажа премногу отпор како во други места; се потврди тезата на теоретичарите на марксизмот дека количеството на класната свест ќе биде подоминантно кај работникот во однос на селанецот. Од нивите никогаш не одекна весела песна како од градилиштето. Селаните знаеја да запеат само порано, додека си ги обработуваа своите ниви; влезени во задруга, уста не отвораа. Тие моменти во убедувањето особено потфрли Светозар Пепоски, комунист и првоборец од фамилија исцело посветена на отпорот, подоцна што дотурка во Белград и до сојузен, југословенски министер за труд и социјална политика. Татко му Мојсе, теоретски непоткован, со никакви убедувања не влегуваше во колективите, а син да тепа татко, не личеше. Во случајов, синот не можеше, па макар и по партиска должност. Татко му беше посилен и ретроградните сили во нивната куќа сè уште не се предаваа. Еден ден, Мојсета го собра народната милиција, го одведоа со џипот неколку дена во станица на коски местење и големиот домаќин, на крајот, влезе во Колективот, но дома кај нив, велеа, никогаш не заживеале партиските закони. На син му Светозар, многу често се забележуваа модрите визии на татко му. Еден друг вруточанец, Змејко, не се бунеше, не забошотуваше, не зборуваше против, беше и работлив, ама по постапките сетија дека не му посакува арно на Колективот; работејќи, стреата од каскетот необично ја вртеше, над едно од ушите, денеска како што тоа го прават раперите; тоа од Партијата го разбраа како негова опструкција: на Колективот да му оди наопаку. Кутриот Змејко се правдаше дека низ работата, божем незабележливо каскетот така му се вртел, сè додека и него не го собраа да му покажат како се носи шапка на глава. Шапката на змејко како да ја покажа вистинската страна: Колективите по образец на советските колхози, по неколку години беа распуштени и земјата им беше вратена на сопствениците. Оносим не влезе во Колективот. Осиромашени, социјално неосигурени, а пара од никаде, в барака ќе им дојдеше третото дете... Во работничката амбуланта работеше доктор Нејман, син на руски белогардејци. Бегајќи пред комунистите на Ленин, таа фамилија по чудна судбина се скрасила во Гостивар и толерантни и образовани, своите знаења и навики несебично ги споделуваше со новата средина. Докторот штом слушна од Оносима дека е апсолвент по медицина од Прага, веднаш му рече да дојде и да му помага, па веројатно потоа ќе се изнајде чаре и да дипломира. Долги години по војната недостасуваа медицински лица, а неискоренетите зарази низ населението и повредите на работниците на градилиштето беа постојани и добродушниот доктор сметаше ќе нема проблем за вработување на Оносим. По десетина дена работа, Оносим ја напушти амбулантата. - Се најдовте двајца пропаднати буржуи?! Ние дури крвавиме, вие се борите дома под јорган - планина! Можеш и ти да леташ, без моја дозвола штом си го прибрал! за него, работа само в каверна! - му се заканил Веле од Марка на доктор Нејман. Оносим немаше избор. Влезе в каверна, свесен што носи таа работа. Тунелџиите имаа поголеми плати; сметаше, ќе работи само малку, некој месец, најмногу една година, па ќе се отворат границите... Невешт за тешката и опасна работа, со рамо туркаше петнаесеткилограмна дупчалка в камен. Бревтање на машини, пукотници на мини, летови на лилјаци, грачења на птици, свирежи на камиони, продорни писоци на сирени... Провеви на камена прашина вдишуваше, здрвена манџа за третосменците сркаше... Го длабеа бескрајот на Долниот свет. Со поткопани темели, понекогаш на плеќи им се рушеше каменото небо и работници запретуваше. Тресењето на дупчалката снагата му ја дробеше и в барака се враќаше целиот побелен. На чешма колку да се миеше, прашина на него остануваше, носот колку да го фркаше, ноздрите му беа цементирани со црнила. Јадејќи, ситни камчиња му крцкаа низ заби. Новата ситуација најтешко ја поднесуваше Роса, најзаостанатиот член на Маџовци. Уште при доаѓањето в населба, врвејќи со колата покрај Св. Мина, старицата ја извади шамијата, се сврте кон црквата и прекрстувајќи се без страв да не ја пријави коларот, отворено колнеше: - Господ и Света Мина нека им платат! Никој друг! Не грижете се, пак ќе дочекате арамолепци од вас помош да бараат! Само овие куќа и држава не вртат. Јас не ќе дочекам, ама ќе видите... Со наши раце, прошка и помош, душа ќе враќаат! Роса не можеше да го истрпи новиот начин на живеење и гледа како цела фамилија ѝ се понижува и мачи; неразбирливиот страшен збор интернирање што не можеше да го погоди и го изговараше како интилирање, во новата средина ѝ се разјасни. Во работничката менза не одеше: да цркне не би стапнала таму. Сакаше да престане да јаде, да умре, но в барака ќе ѝ се роди ново внуче и ќе требаше како баба да помага; нејќеше да слушаат од зад ќебиња како ја молат да јаде, а таа старечки се инаети. Иконија на шпоретите по нешто приготвуваше и мораше да проба. Бојка заработе в менза и миеше чинии. На домашните им носеше супа и манџа во алуминиумски котлиња, што се редеа и поклопуваа едно над друго, а одвоени, во исто време послужуваа и како тенџерчиња и како чинии. Во такви садови сменските работници си понесуваа храна по градилиштето. Роса за јадење истрпуваше, мака ѝ беше нуждата. Не можеше да оди во заеднички женски клозет и да седне на шољите кај што седнуваат безброј жени. А се мора. Со тесарите, Оносим ѝ направи на машина дрвена школка за шољата. Клозетската школка Роса ја чуваше под кревет и да не мириса, паќната старица ја миеше на чешма со рибаќна четка толку детаљно што штицата светеше. Баба Роса кога ќе излезеше враце со дрвената школка пожолтена од чистење, децата знаеја дека баба му на Младен тргнала да моча и него го задеваа. Во новата средина, од Маџовци, тој најдобро се снајде. Сите работници и фамилии ги зазна, ги научи по име, им одеше од стан, до стан и играјќи со децата, им ги учеше нивните јазици. На сите се јавуваше, со сите се поздравуваше, сите го знаеја и задеваа. Секогаш му беше интересно, сè беше во постојано движење: машини, материјали, жичници, вагонетки... Од децата беше најпослушен, а за возврат работниците му даваа да игра со карбитните ламби и шлемовите со кои одеа на смени во тунелите. На карбитните ламби, пламенчето избиваше отстрана, од чепче скоро на газерот на ламбата и мафтајќи ја леко во раката, на моменти пламенчето подзгаснуваше, а потоа се подзасилуваше. Со карбитните ламби в раце, ноќе, работниците изгледаа како рој светулки што одат низ темнина, навестувајќи жетва. Карбитна ламба и шлем имаше и татко му. Сепак, најинтересно му беше во бараката со ходникот направен од несериозна игра на возрасните. Темен, тесен, долг... Возрасните поставиле памучни граници, правила на игра, самите да ги кршат. Нивните правила, само децата ги почитуваа. Линијата на сопствениот стан беше лична слобода. Можеше меѓу ќебињата главата да ја подава надворешен, недобредојден детски насилник, да ти се заканува што ќе те снајде само ако ја подадеш главата отаде ќебето, ама внатре не смееше да пристапи, во гарантираната слобода од имагинарни ѕидови на приватноста. За возрасните тие правила, најчесто не важеа. Младен се увери. Ноќе, откако ќе се изгаснеа светлата, заспиеја изморените станари и тивнеше бараката, почнуваа неговите прошетки. Внимателно се измолкнуваше од креветот на кој спиеше со татко му и мајка му, внимателно се провираше под ќебињата и лазејќи од куќа, до куќа, стигаше до крајот на бараката. Во штамата, за станарите почнуваше друг живот, ништо понеинтересен од оној на светлина. Срцето му биеше под грло: влегуваше во тајниот живот на возрасните. В темнина тие беа различни од покажаното денско лицемерие, немаскирани со светлината и меѓусебната контрола. Одвај се додржуваше да не крикне пред нежни шепоти, плескање шлаканици, чкртање на мадраци, пригушени плачеви, заканувачки пцости до власта, крцкање на заби, пијанки, зборување во сон, крикови на наслада... знаеше кој како спие, 'рчи и мириса, кој каква долна облека носи, на сите им ги знаеше тајните, маките, копнежите... И луѓето како и светот од приказната што му ја кажуваше баба му, имаат горна и долна природа; сеќаваше како мајка му и баба му се правеа дека спијат, како го исчекуваа татко му да се врати од смена. Знаеше дека се будни и тогаш не слегуваше од креветот да шета. Недозволени прошетки преземаа и други деца; се сретнуваа на недозволени места, во недозволени станови, молчеа под туѓи кревети и маси... Некогаш беа за уши вадени од под кревет, од под маса, од некого добиваа шлаканици, од некого само прекори за забранетите погледи кон светот од детска перспектива. Не виде само едно, на мајка му како ѝ се изгуби големиот стомак. Една ноќ, татко му дојде в барака со доктор Нејман, мајка му ја зедоа со џип и ја вратија по неколку дена без големиот стомак. Тогаш, од најрана возраст, разбра, има работи за кои не смее да прашува, дете кога најмногу сака да прашува. Подоцна сето кога беше минато и во еден долг, здодевен распуст ја читаше „Алиса во земјата на чудата“, преживеаното од бараката го почувствува како заедно да пропаѓа со Алиса, паѓајќи во ходникот на чудата од звуци, луѓе и состојби, ходникот на Долна земја. Не се знае кога човек ги изживува моментите од животот битни за неговото подоцнежно формирање, кој знае, кога човек ја одбира својата професија? Стопаните добро кријат, или болшевиците лошо бараат: ништо не најде во куќата на Маџовци. Неколку дена пред да дојде инженерот, Веле од Марка влезе во куќата на која беше озлобен и во која слугуваше, темното петно во неговата револуционерна биографија и додека ја има, не ќе може да ја избрише лузната на понижувачката работа во неа што ја извршуваше. Коректниот однос на сопствениците кон него само повеќе го дразнеше во беспричинската навреденост што ја носат луѓе од социјалното дно и божем извршува увид пред да прати мајстори нешто во неа да поправат, со брат му копаше по ѕидовите да најдат скриено злато. Маџовци немаа златници колку што се подаваа раце во годините на војната. Специјалистот за брани допатува дватри дена порано и браќата ги затече меѓу искршените долапи во копањето по малтерот; инженерот Прохаска од Загреб беше обвинет за божемна соработка за време на војната со окупаторските власти и избегнувајќи го најлошото, за казна беше испратен во Долна земја. Меѓу многуте универзитетски професори, уметници и стручњаци по војната што спасуваа глава, на неколку години, по казна во Скопје дојде дури и еден од најголемите диригенти на дваесеттиот век, подоцна чест гостин на најзначајните светски музички сцени, маестро Ловро Матачиќ. Истоварени од службен автомобил пред новиот дом, инженер Прохаска и неговата сопруга помалку се изненадија од внатре затечениот Веле од Марка со неговиот брат; им беше јасно што прави во туѓа куќа партискиот надзорник додека му ги слушаа пелтечењата дека тој лично, ете се ангажира во поправките на куќата кај што ќе престојува високиот гостин. Утредента во куќата на Маџовци дојдоа мајстори од градилиштето и набрзина прикрпувајќи ги дупките и ковејќи ја дрвенаријата, оставија на ѕидовите и по мебелот видливи лузни од невкус и немарна грубост и нека не беше однатре исфрлана и искрадена покуќнината, доволни беа само неколкуте дена влегување на луѓе во домот на Маџовци кои никогаш не живееле меѓу предмети што бараат внимателност со ракувањето, и нивната куќа за неколку дена повторно ќе ја престореа да заличува на останатите од Долна земја. Веле од Марка не знаеше ништо за личната драма на дојденецот инженер и неговата сопруга, и збунет како селски учител при ненедејна училишна инспекција, мирно стоеше пред нив, чекајќи да им исполнува наредби, тресејќи се по автоматизам пред лицата што беа испраќани на градилиштето од повисоките државни органи; нормално, таквите секогаш имаат специјални ингеренции и немерлива власт, но кога разбра дека има работа со осомничен тип без никаква реална моќ што одвај спасил глава и од него ќе зависи неговата идна карактеристика за превоспитувањето, со инженерот почна да се подигрува, фалејќи се на Вијан дека имал успех кај жена му. Извлечен од опасните политички хајки и со дадената шанса да работи со својот занает, инженер Прохаска сиот ѝ се посвети на работата; немаше работно време; од мугри до мрак, по тунели, брани, канали и насипи, додека го држеше сила, талкаше низ огромното градилиште што се одвиваше на неколку расфрлани пунктови: трите хидроцентрали ќе користат иста вода што претходно ќе се акумулира во Мавровското езеро. Инженерот зборуваше со работниците, имаше трпение да ги подучува во ракувањето со алатките и машините, предаваше на внатрешните, интерни курсеви за доквалификација на неквалификуваната работна сила... Човечки се однесуваше со секого: неговото потекло и воспитување го обврзуваа на благородност во постапките; исплашените работници и измачените луѓе ја чувствуваа неговата човештина и му возвраќаа со благодарност. Се заинтресира и за стопаните на куќата во која живееше; колку да беше поскромно од салоните во кои се движел, мебелот што го затече, определениот вкус на предметите и покуќнината, лицата на фотографиите по ѕидовите, алиштата по плакарите и книгите на јазици од Горна земја по долапите, покажуваа за живот во домот со завиден луксуз. Во суровото окружување од борба за голо преживување, на инженерот само му се дополнуваше сомневањето дека е влезен во куќа со судбина слична на неговата. Работниците му го посочија сопственикот на куќата, тукашен работник во тунелот и инженерот се запозна со Оносим. Имаа кус, искрен разговор. Инженерот се интересираше каде му е сместено семејството и по некој ден, сред зима, отиде и ги посети во работничките бараки. Се држеше воздржано дури не виде дека малечките даца на Оносим живеат во заедничка барака. На Маџовци им предложи веднаш да се вратат во својот дом. - Јас сум ваша дозвола... Јас ве примам! - се обиде да му рече на Оносим на македонски, а потоа продолжи посмирено на хрватски. - Не ми пречиш мене и на жена ми, не ми треба толкава куќа. Таа е ваша. Јас ќе живеам горе, вие ќе живеете долу. И самиот, земајќи ја под рака старата Роса да ја врати во својата куќа, со смеење ѝ рече: - Ајде почитувана госпоѓо, ќе го чуваш и моето бебе, не само внуците на твојот син. Мојата сопруга скоро се породи. До вечерта, Маџовци беа дома. На суровиот живот што без престан ги камшикуваше, ако никогаш не испуштија солза, стасувајќи пред својата куќа, Роса и Иконија се расплакаа. Безгласно липаа, милувајќи ја и бакнувајќи ја влезната врата. На првото видување и запознавање, од дома излезе и сопругата на инженерот. На сопствениците на куќата грлата им беа стегнати и се тресеа како врби над Вардар; благородните души на дојденците не можеа да се воздржат, па и тие испуштија солзи, гледајќи како изгледа да се бакнува домашна врата. Мило им беше што помогнале некој да си ги милува родните порти. Со завршувањето на хидросистемот, Веле од Марка очекуваше унапредување и нејќеше ситни караници со принципиелниот инженер за овој негов недозволен потег; слученото го голтна и по сугестија на инженерот, за да ја покаже својата широкоградост, нареди да се изѕидаат заборавените преградни ѕидови во неколкуте бараки. На Младен му беше неразбирлива толкавата возбуда од враќањето на домашните во тивката семејна куќа. Во бараките беше поинтересно и да можеше, ќе останеше таму. Се плашеше да се противи, да не биде исплескан... Рассеано задумани, него го заборавија на враќањето. В раце, со заборавената или намерно оставена дрвена клозетска школка на баба му, сам, по нив клинкаше. Сите Маџовци не се вратија во родната куќа. Десетина дена пред враќањето, Бојка отиде наблизу, во друга куќа, во друго маало, двесте метри подолу. Алија ѝ беше врсник. Живееше неколку ѕида подолу, во катундарите. Вруточанчињата меѓу себе се зазнаваат уште непојдени в училиште. Додека порастат, играат по сокаци и на Вијан. Потоа се двојат. Возрасни кога се сретнуваат на нива или в продавница, се поздравуваат, прозборуваат, но зборот им е немоќен, повеќе покажува растражен пат на дијалогот отколку спонтан разговор на соселани со исти размислувања и табиети. Одамна се прочитале кој како реагира, а не си местат едни на други мајтапи со селски итроштини, доведувајќи го насамарениот до збеснување. Омразата е молчалива и невидливито го гледа: како двајца боксери меѓу себе што се меркаат и пред да почне борбата, еден на друг веќе си ја зеле мерката и стравот и уште недигнати тупаниците и неразменети ударите, во себе знаат што ќе направат. Нема беспотребни залетувања, некој нешто ако преземе, се осигурил ли пред тоа дека со еден удар ќе го реши мечот? Во Долна земја поправен нема. Дојденецот таму е вкочен и исплашен, но тукашниот знае како, се однесува како писател на постмодернизмот, зборува небитно, а некажаното, битното, се подразбира. Секој гест е со поттекст, а зборот до кај што фаќа место... Тврд, се реди на тврдо, не лебди како меур сапуница; принцезата на зрно грашок се разранила, див селанец зборовно меурче го разранува. Долноземјаните со такви мери мерат човечки акал, кој колку го бива, кој колку може, што му е намерата, што нуди и до кај ќе стигне... Мерат попрецизно од психолошки тестови, а на нив најлесно се утнува; на светлина се и мерат со сенката на човека, со темната преѓа на умот. Над Долна земја ако е Горна, под Долна земја е вагата. Човештвото е качено на огромен вселенски кантар беспрекорно што мери, а јазичето на кантарот е невралгичното место. Едните се на едната страна од јазичето, другите на другата страна, вечно под нозе им е нестабилно, тлото се движи и во секое време, знаат на кое дереџе се, која страна кога може да претегне. Живеењето на јазичето на кантарот на светот, луѓето ги прави несфатливи за среќните народи под чии нозе невидливата стрелка не покажува кој лета кон Горна земја, а кој се струполува во кртечината на времето. По мерите на вселенскиот кантар под стапалата, тие луѓе се во беспрекорна хармонија со вселената и за нив нема човечка сила што ќе ја смени намерата на бога. Бог не заборава, но е бавен; ѕидовите во цепутката меѓу цивилизациите се превентиве; најчесто не си се доѕидал, отспротива те рушат. Со женските е појасно: незадевојчени подигруваат со врсничките, потоа нема контактирање. Бојка сфати јазичето од кантарот на опстанокот кај ја дотурка кога се реши да прескокне преку авлијата на престапот, кај Алија. Беше од многудетната, сиромашна фамилија на Садиновци. Немаше занает, но работејќи во работничката мензата, се покажа вреден работник. Лупеше компири, ги миеше казаните, делеше оброци и им помагаше на готвачите. Тивок и насмеан, беше убаво примен од персоналот. Оваа е умрена за маж, си помислуваше кога ќе ја сретнеше Бојка. Упадлива и полна до испукување, кога би кокетирала, машки би имале страв да ѝ се доближат. Изгледајќи како изгубена меѓу казаните, Алија почна да врти околу неа, да ѝ помага во дигање на садовите, потајно загледувајќи ја во белите меса немарно низ работата што ѝ се отскриваа. Му беше непријатно да се врти околу девојка што е забрането да му припаѓа, но непрестајната врвулица дозволуваше одвај забележливите разговори видливи в село, овде да поминуваат незабележливо. Сменски кога ручаа или пиеја кафе, седнуваше до неа. Откако се поотпуштија во разговорите, во моменти кога имаше помалку работа, нудејќи и цигара, ненадејно ѝ предложи дали сака да оди кај него. - Како кај тебе?! - Како моја жена. Тоа ѝ го рече, ја погледна, стана и спокојно си замина. Бојка се стресе. Ненадејна вртоглавица ѝ ја заврте мензата пред очи. Да беше на нозе, сигурно ќе паднеше. Пребледена, поседе неподвижна неколку минути на столот. Потоа стана, отиде до чешмите и се плискаше долго по лицето и во вратот. Ноќта ја тресеше треска и око не затвори. Ја обземаше необјаснив страв, чиниш непознат демон се всели во неа. Утредента оддалеку се виде со Алија, но не се поздравија. На работа се потсмируваше, но се вратеше ли в барака, невидлива сила како да ја чекаше зад ќебињата. Дојдеше ли ноќта и ставеше глава на перница, за неа почнуваше несносливиот кошмар; во полутемнината, будна или низ полусон, низ глава ѝ се вртеа разните приказни за истите такви женски престапи направени низ времето. Сите такви грешници умираат в кенеф и душата им оди в лајна. Таа помисла не ѝ даваше мира, ѓаволски ја истоштуваше и не излегуваше од неа. Сакаше со некого да зборува, но има разговори што не дозволува уста да ги изусти... Беше со добро здравје, но од неспокој и несоница почна сè да ја боли. Рацете почнаа да ѝ се тресат, а во зборувањето почна по малку да запелтечува. На работа почнаа често од раце да ѝ паѓаат чинии и лажици. Почна да гори во температура, а усните што ги поткасуваше ѝ се разрануваа и лупеа. Изгуби апетит и почна да се топи на својот внатрешен оган. Подослабна, очите ѝ се подотворија, а кожата ѝ стана посветла. Самата помисла на одлуката ѝ се чинеше како мала смрт; ќе биде жива, но од нејзиниот свет никогаш не ќе го види овој свет. за едни веќе ќе ја нема. Оваа одлука не е ситна детска пакост, барајќи повеќе да го сакаат, детето им причинува болка на возрасните; како дете и таа сакаше мајка си да ја преплашува, се преправаше божем умрена, легнуваше без да мрдне додека ја префркне, се криеше по ковчези, низ племната, не се одзиваше и молчеше пред престрашената мајка дури не ја видеше расплакана и разулавена и излегуваше пред неа, местејќи се на неа да се сопне, в раце да ја земе, да ја гушка, ја тресе и ја враќа во горниов свет. И сега, зимата кога спијат со неа заедно, сеќава мајка ѝ сред ноќ старечки како се буди и ја наслушува ќерка си дали дише и спие, а Бојка преправајќи се дека спие испушта тивка, сонлива воздишка. Оваа одлука не е игра: думаше и по цела ноќ ги врти сите приказни за таквите ретки престапи што вџашуваа и оставаа лузни и врз народот, закопувајќи ги најдлабоко во себе. Убаво се сеќаваше и на домашните приказни за нејзината несреќна баба Урубија која ретко некој ја спомнуваше, особено прикажувањата за веќе разболената убавица, по судењето, дома од постела, со изнемоштен глас кога им ја објаснувала нејзината неможност на чекорот кон потурчување; постојано опседнувана од притисоци и убави ветувања какви што само пред убавината може маж да покаже, во моментите на безнадежност дека не ќе може да се извлече од рацете на грабнувачот и да помислела да попушти, секој пат пред очи на Урубија ѝ идела приказната за големецот што се заљубил во Циганка, кого таа никако не се согласувала да го земе. Богатиот и убав достоинственик Циганката го вртела како што сакала, тој правел сè што ќе посакала таа, ја дворел со најслатко и најблаго, ѝ купувал најскапи алишта и подароци, лазел по неа, лаел, но нејзе помила ѝ била чергата и таа пак си тргнувала по скитање и питање; умилкувачот веќе паднал болен, а од неа не се откажувал, нозете ѝ ги миел и водата ја пиел, но за неа сè било малку, дури ептен не го поцигани, ептен не го земе под себе; го терала да научи цигански, го терала да живее со чергарите и со мечките, и тоа го направил; за мајтап го имале сите Цигани, се смееле со него, но малку ѝ било на циганската лукавштина, па го натерала да земе стап и торба, да пита; откако и тоа го направил, не се задоволила, туку го пратила да оди дома, да пита во родната куќа, од мајка му. Тоа не можел да го направи. Ја молел сè што ќе ѝ текне да ѝ изврши, само да не бара пред мајка си да излезе како чергар. Циганката не откажувала од таа намера и попусти биле сите дотогашни понижувања на вљубениот маж, штом саканата не е со него. Немал каде: испартален, почергарен, достоинственикот собрал храброст, отишол и почукал на родната куќа, излегла мајка му, го препознала, почнала мајчински да го колне и плаче, но може ли мајчино срце да не попушти, па му дала на синот збудален по жена, питани партали и леб. - Бев - ѝ рекол, на циганскиот изгор кога заминал од пред родната куќа. - Што почувствува кога излезе мајка ти пред тебе за да ти поверувам? - Од што се засрамив да пропаднам в земја, мајка ми кога ја видов, пред очи ми дојде синкав чад, нешто ми пукна како пушка в уши и синкав пламен ми излезе низ очи. После ова, веќе сè ми е сеедно и сега можеш да правиш што сакаш со мене. - Е, добро, - му рекла Циганката - тоа синкавото што ти пукнало пред очи е дека ти пукнал срамот. Сега веќе си се поциганил и може да се земеме. Бојка сама со себе не знаеше: беше вљубена или сакаше да се залажува дека е вљубена, но понудата постојано и риеше во умот со недели. Со кого да проговори, по женски да се назборува? Алија итро ја избегнуваше. Не го виде десетина дена, а знаеше дека е околу неа, од некои пенџери на мензите дека ја подгледнува. Подоцна кога се видоа случајно, како да не се познаваат, не се поздравија. Потоа почнаа да се погледнуваат и зимата кога Бојка пак почна да му одговара на неговиот поздрав и тој да седнува до неа, на Алија му беше јасно дека се прекршила. И една втора смена, кога ѝ рече, сега ќе дојдеш ли со мене... Бојка пред подготвено да му одговори, почувствува како ѝ нејзе пред очи ѝ бувна синкав пламен. Очите ѝ заискрија, а ушите ѝ забучеа кога му рече тивко: - Ајде... Тргнаа покрај Вардар, по темната патека што криеше некој да не ги види или познае. Тоа време, млади заљубеници одат по неа. Со староста, врз Роса натежнаа болките. Најновата неснослива и најголема беше онаа што ја стори ќерка ѝ Бојка. Капак. Врз неа животот ги вежбаше ударите и многу работи истрпе, не можеше да истрпи срам, не можеше повеќе да се замисли да оди по улица или појде на кафе во старо родство, во родната куќа кај Попоските. По смртта на мажот ѝ во Горна земја, скоро да занеме, по Бојка, престана да јаде. Во бараката држеше душа, иако не веруваше нејзините коски ќе се вратат дома. Кој знае што може на овие години со неа уште да прави животот; вака, барем да замижи што дојде дома, со време да умре во куќата во која помина цел живот во самотија. Реши, ќе умре, тивко, молчаливо, како што го проживеа животот земен. - Доволна ми беше на крајов оваа попара, синко... - им велеше на домашните, галејќи ги со мајчински раце Оносима, снаата и децата. Оносим во целост ја живееше мајчината и семејна болка; доста долго е во Долна земја, емотивно вникна и го живее тој живот, а имаше и знаење да го разгатне мајчиното расудување: нераскинливо единство од постапки и зборови, не еднаш, описно изразени од нејзина уста; бадијала живот без чист образ и затоа не ѝ дозволуваше премногу на жена си да навалува кога ја нудеше свекрва ѝ со чаша млеко или јадење. Иконија некогаш ги тераше Иванка и Младена да ѝ подадат нешто на баба му, можеби од внуците, бабината слабост ќе попушти: и Роса попушташе, не можеше да ги одбие внучињата, очите со солзи ѝ се полнеа, од понадицата земаше, но грлото не ѝ се отвораше и залаците од грло ѝ се враќаа, лигавејќи ѝ се по гуша. Само ретко пивнуваше чаша вода. Старицата уште при живот прејдена во предание, не можеше да живее со ставена трбушка на глава. Душевната сила нераскинливо беше врзана со нејзината стаменост и секоја нова болка ѝ дооформуваше ореол на светост: на делничноста реагираше со истрајноста на вечното; кроткоста и одмереноста заминуваа заедно со неа. Решетана од убоди на животот, никаде видлива рана во однесувањето: нејзиниот лик во ниеден момент не дозволи однатре да ѝ се покаже ранливост, слабоста да ја издаде; со мали, невидливи потези се бранеше и го чуваше образот, сигурно држејќи го животот в раце до последниот здив на градите, самата одлучувајќи кога ќе заврши. Не кажа никому ниту збор ниту сакаше за тоа други да ѝ зборуваат; беше решена, ќе умре, со себе ќе го повлече клопчето несноливост од куќата. За неа доволно ќе е ако домашните од неа не направат нов панаѓур за околината. Господарката на осамата веќе му требаше мртва на домот кој не лежеше на темели туку на плеќите на исцицаната жена, со неа куќата опстоја, се издигна од дното на Долна земја и лебди како островче изгубена отменост од Горна земја; преку неа судбината на домашните се прекршуваше и колку што повеќе врвеше времето, се покажуваше дека таа беше стожерот на Маџовци, и во иднина, по неа ќе ја споменуваат и прикажуваат куќата. забрадена со темна шамија од ореова боја, совршено спокојна, само очите се движеа на неа; сушејќи се, лицето на старицата добиваше изглед на справедливата и кротка Богородица. Полулегната на кревет, потпрена на неколку перници, повторно како да беше сместена на островот на вечноста над сите долноземјени маки, како нивна праслика, мера на болката и издржливоста. Дојденците од горниот кат што не можеле да пребегаат од Загреб во Горна земја, со стопаните на куќата се спријателија. Госпоѓа Беата со преубавото девојче постојано слегуваше кај Иконија, а инженерот кога беше дома, водеше долги разговори со Оносим. Студирале во ист град, на ист универзитет, тој од Прага си донесол и сопруга и имаа меѓу себе на што да се потсетуваат. Некогаш и доброто не знаеш од кај ќе те стрефи; отвореното пријателство и човештина на двете семејства им дојде како неочекуван, скап подарок. - Како сте почитувана госпоѓо? - ја прашуваше инженерот со благост на син. - Подобро сум, добро... - скоро низ шепот му одговараше старицата, мајчински благодарна на добриот јабанџија што ѝ овозможи да умре во својот дом. Роса виде дека и во други светови има синови од мајка родени. - Почитуивај го како роден брат... По десетина дена гладување, Роса почна да се губи, паѓаше в јерум, водеше неразбирливи разговори со невидливи луѓе и се смееше на глас. Кога ќе се соземеше, посакуваше вода за изгорената душа и кажуваше дека зборува со сите умрени вруточани. - Одвај чекаат да им појдам, неразбирливо изустуваше старицата. - Ако, - низ болка ѝ велеше Оносим - барем горе нека ти биде поубаво отколку овде. Уште долго време ќе имаш што да си прикажуваш со вруточаните за ваму. Поземајќи му вода, мајка му, в раце му испушташе душа. Според вруточани, најубава смрт. - Кога ќе снема, мајко, од кал ќе те правиме. Нема веќе вакви мајки, нема веќе нашиот Полог да раѓа вакви мајки... Најголемиот заеднички споменик на нив треба да им го дигнеме... Покрај сета болка за мајка си, Оносим не ја губеше нејзината наследена издржливост и нималку не ѝ се лутеше на нејзино навалување што го довлече во Долна земја. - Прости ми, мајко, - ѝ велеше - прости ми и ако сум помислил дека нешто ми згреши. Секогаш ние тебе ти грешевме. Покрај тебе поминав, мачен, но полн и топол живот, прости ми, - ѝ рече на последното збогување, пред последниот бакнеж на покојната престорена во студен камен, меѓу миризбата на темјанот, попското опело, чадот и восочните свеќи, попружена во црквата „Св. Архангел“, пред последниот нејзин пат во вечноста и бегство од маките. „Се најаде зеири кутрата старица,“ велеа селанките тивко шепотејќи на спроводот. „Многу истрпе и виде. Беше чиста жена, никому ништо не сторила,“ велеа вруточани додека камбаната од „Св. Арангел“ чукаше тажно, по мртовечки, излегувајќи да ја испратат на последното патување до дабјето, на вечен мир. На погребот на маченичката се собра многу народ. Не дојде само ќерка ѝ Бојка. Уште утредента, со Алија отидоа во матично и со сведоци се потпишаа. Со треперливи раце, матичарот им го завери граѓанскиот брак, а новоста веднаш се разгласи: Бојка побегнала за Шиптар. Сама сакаше. Кога ќе слушне, одговорот на мајка ѝ, знаеше, ќе биде, „подобро да бев чула дека е мртва“. Роса така и рече. Ќе ја прежалат, барем не ја думаат. Нека ја заборават. Погребот на Роса, нецели три месеци по нејзиното бегање, беше последниот пат кога ја спомнаа рисјаните. Ја прошепотеа; беше причина за мајчината смрт, потоа, жива ја закопаа во мислите. Нечуената постапка за нив беше ужас три дена, четвртиот ден ја покрија со молк. Готово: за нив таков човек никогаш не се родил, ниту живеел меѓу нив во Вруток. Од почетокот, некој од околијата кога ќе ги прашаше за слученото в село, гледаа со неколку збора да му ја задоволат љубопитноста и да го прекинат тој разговор. Постапката на отпадничката жежеше во нив, ги повреди толку лично што ако прозбореа за неа, чувствуваа како да се разголуваат самите, покажувајќи го ачик срамот пред други. Мачно им беше и да помислат на неа, а не разговор да разврзуваат; требаше и натаму да се живее; им ја немаше веќе пред очи и очи нека вади... А неа ја имаше. Живееше со нив, заедно во исто село, а за нив ја нема. Вртејќи глава од она што те сопка, човек се залажува дека тоа му го снемува од светот. Подоцна, надвор некој и кога ќе ја препознаеше Бојка забулена во мантил, не кажуваше дека ја видел или ја покаже на помлади за да ја знаат нејзината приказна. Стореното не се случува често и никој не знаеше како да реагира; напредните сили од селото молчеа, не знаејќи дали таквите жестоки постапки влијаат врз хармоничниот развој на општествените сили. Муслиманите Албанци потајно ликуваа, но јавно преобратеничката не ја спомнуваа приквечер кога се собираа на Вијан. Волјата да си го избрише сопствениот минат живот ѝ ја почитуваа, а тие ќе се навикнат меѓу нив на човек што дотогаш бил рисјанин. Најубаво е да се молчи: Алах е голем, тој најубаво ги израмнува работите. Алија ја одјави Бојка од работа. Службеникот, поднаведнат над книгите, пуштајќи му рака да му го честита бракот, го збуни. Во мензата ретки му го честитаа бракот, а од збрканоста на неочекуваните честитки, божем презафатен со работа, по цела смена се вртеше околу казаните. Подоцна, повторно кога почна да седнува со неговата смена на паузи, во опуштените меѓусебни разговори за секојдневни домашни проблеми, тој никогаш не ја спомнуваше својата куќа, ниту некој го прашуваше како е Бојка и што прави. И Бојка не се интересираше за никого од довчерашното окружување. Имаше многу работи да совладува од новиот, избран живот. Сакаше себеси да се измени, на себе да не личи, а новиот живот ѝ даваше неограничени можности да се прекрои, од себе да избрише секаква трага на минатото. Збунета, но прибрана, правилата на новиот живот без инаетење ги примаше и слевајќи се во униформноста со другите жени, обезличувањето на неа влијаеше како олеснување, симнување невидливо бреме од плеќи, натоварено од дотогашниот живот; истребен од двоумења, тревоги и невидливи притисоци, новиот живот ѝ имаше јасен тек. За многу жени што ги сретнуваше, затвореноста во ѕидовите на домашната авлија беше неподнослива мака, па се клукаа со апови и пиеја отрови; за неа таа беше слобода, внатре имаше заштита, таа толку многу ѝ требаше и ретко, со месеци не излегуваше надвор, благодарна што било можно на толку малку простор да се најде мир. Него нејќеше да го изгуби. Модерниот живот без уточиште убаво го запамети: исплашена од надворешноста, нејзините желби се совпаѓаа со барањата на големата семејна задруга и мажот; надвор чувствуваше немир, а надвор никој не ја тераше да оди; ниту повишен тон, ниту преголема возбуда, домашните чекаа да слегне работата, време имаше и сите знаеја дека треба да ја ползуваат мудроста што често не ја практикуваат долноземјаните: полека. Во почетокот, изненадени од иноверката како наметнато чудо, штом видоа со каква леснотија го прима нивниот начин на живот, кон новиот член почнаа да се однесуваат како постојано да била тука, замаено суштество од магии и демонски сили, знаат кое е и што може, стрпливо чекајќи да се соземе, резервирајќи ѝ ја централната женска улога што ѝ припаѓа во куќата. Невестата се преобрази во сосема нов лик: косата ја пушти да ѝ расте до слабини, со турска к'на ја бојосуваше костенливо и ја плетеше во плетенки, фаќајќи ја над тилот во туфка. Ги к'носуваше со шари и прстите. Никогаш неизложена на сонце, кожата ѝ обеле; влакнестите делови на себе ги бричеше редовно, а од поразличната храна, без свинска маст и со употреба на говедски лој, телото инаку ѝ замириса. Тенко ги искуба веѓите, лицето почна да го бели со живино белило и набрзина, од живата ѝ помодреа забите; на јаготките од ушите и се тресеа големи ушници, околу вратот обеси низа од алтани, облече свилени шалвари и надвор кога излегуваше, со шамија наврена до над очи и долг мантил што ѝ ги покриваше и листовите на нозете, ретко некој ја препознаваше поранешната Бојка. Новиот живот од строги правила беше јасен и едноставен: знаеше што смее, што очекуваат од неа и тоа ја правеше да не се чувствува изгубена; имаше свое место во куќата што никој не ѝ го земаше. И имињата на девојките што им ги менуваат со нивното мажење, одеше во нејзина полза; новите имиња на невестите од Долна земја се по името на мажот. По Алија, неа ја викаа Алиица. Нејзиниот нов лик на Алија му се допадна. Беше нежен со неа и ја сакаше. Расправии немаа, ниту под присила за нешто ја тераше, побивајќи му ја недоверливоста што му ја наметнуваа поблиските роднини дека со каурката в куќи си донесол белја. Одпочеток, жена му знаеше само по некој арнаутски збор, не ги разбираше и не го прашуваше што зборуваат; по некој месец почна по нешто да пушта, а по една година откако почна да раѓа, почна на албански и да мисли. Се покажа добра готвачка, сакаше да готви и од јадењата сите беа задоволни. Полната куќа луѓе знаеја да ја пофалат: повкусни манџи, со малку мастраф, нивните непца никогаш не пробале. Од мензата, кришум, Алија ѝ носеше разни миродии што ги прават јадењата поароматични, замирисувајќи и нивната куќа на кујнски испарувања како никогаш што не замирисала. Гости штом ќе дојдеа, таа готвеше за нив и секој беше достојно испратен. Штом видоа дека со неа во куќата многу нешто добија, почнаа да ѝ се умилкуваат, станувајќи помеки и кон неа и меѓу себе. Во новата куќна состојба на раздвижување, домашните почнаа да внимаваат на своите постапки и навики, во гестовите стануваа попрефинети, а гласовите ги стишија: селската недоделканост и дивотија во домот се менуваше и зачмаеноста ја снема. По едно време, Алиица им побара да ѝ купат машина за шиење и за евтини пари, од Турци гостиварци што се селеа за Стамбол, домашните на старо ѝ купија убава „сингерка“. Нејзиниот ден беше разгазен и измазнет како дрвените налани што ѝ стоеја пред врата; со нив на нозе, од мугри затропотуваше низ дворот послан со утринското студенило и метеше додека мамурлив Вруток го удираат од Сува Гора првите сончеви зраци, а селото потпрено со плеќите на Шар Планина, изгледа како да си го трие грбот од Шара како од столетна, висока бука. Вадеше вода од бунарот, го прскаше дворот и дури го дометуваше, дома во тенџерињата, веќе клокотеше водата за утринскиот бакрдан или пита. Откако ќе ги испратеше сите најадени по работа, а децата на училиште, подготвуваше ручек. Попладне, домашните штом ќе ручаа и повторно се растураа по поле, а постарите пладнуваа со чај, лулајќи ги и чувајќи ги ситните деца, таа се повлекуваше горе, во својата соба и шиеше. Трошејќи ги своите најубави часови наведната над машината, како да параше и прешиваше сенки на осамата што се одмотуваа на зајдисонцето, штепувајќи шумови и миризби на сопствената изолираност. Преслаба својот живот да го ујдиса по сопствена волја, во кроењето и шиењето на парчињата платно се стремеше кон создавање свој ред и хармонија, несвесен обид за внесување внатрешен ред во надворешниот хаос од кој се повлече, сопствена терапија за животот за кој беше преслаба да го уреди по сопствен ќеиф. Се смири, се навикна, сè ѝ стана нормално и полека, почна да го заборава преѓешниот живот. Вртејќи се околу неа, девојчињата од золви и јатрви, подучуваа готвење и шиење. Во нејзината родна куќа слично постапи Иконија; секој спомен за Бојка требаше да се заборави; нејзините лични работи распослани низ куќата по секое катче со кои Бојка се служеше, веќе неколку дена во нејзината соба Иконија внимателно ги собираше на куп. На еден распослан чаршав од сите одаи се купареа: игли, плетива, напрстоци, конци, чешли, огледалца, панделки, копчиња, плетени милиња, везени перничиња, готварки за над шпорет и заедно со нејзиниот расклопен кревет, мадракот, душекот, ќилимите, јорганот, наткасната, масата и столчето, со количка, враќајќи се неколку пати, ги фрли во долот Милев, вруточани кај што фрлаат покабесто ѓубре, пцовисани говеда и во поново време, искршени коли и црно-бели телевизори. На крајот останаа Бојкините алишта во долапот; иако нови и со модерни, градски кројки, Иконија не се двоумеше: ќе ги фрли, ниту таа од нив нешто ќе облече, ниту на нејзините врснички во повоената сиромаштија нешто ќе им понуди; никоја ништо не би зела, самата понуда за нив ќе е голема навреда. Само што ќе им ја колнат и прекаруваат куќата... В количка ги нафрла и алиштата, ги истури в дол и враќајќи се преморена, пред да седне, ги пикна в оган нејзините фотографии, ученичката книшка и кршталното. земаше душа пред да ја фати четката и кофата со изгасена вар; ја вароса нејзината соба во бело и ја нареди со нова покуќнина што ќе ја довлечка од другите соби. Токму кога ја дочистуваше куќата од спомените на Бојка, Оносим пристигна од работа. Жена си ја затече седната пред отвореното вратиче од шпоретот како отсутно гледа во огинот што ги голташе домашните фотографии на кои беше сестра му. Не прашувајќи ја ништо и не чекајќи одговор, Оносим ја грабна и ѝ удри ќотек, прв и последен пат, како што само во Долна земја мажите пердашат жени. Иконија не го познаваше таков својот маж; растен во Горна земја, сметаше тамошен човек е, тој само може да мисли наопаку, па да испадне на негово. Своето мислење никогаш не го наметнувал со шлаканици... Нека ја удри, таа ќе молчи. Стисна заби. Не му се лути: и нему не му е сеедно; Иконија најмалку сакаше да се меша во чувствата на братот кон сестрата. Постапката на золва ѝ домашните ги скамени: таа не излегуваше надвор, свекрва ѝ во другата соба самоволно реши да умре, мажот ѝ уста со денови не отвора и да не беа малите деца, во нивниот дом не ќе се чуеше смеа. Со својата постапка, Бојка е мртва за нив и поубаво е што побргу да се ослободат од нејзините предмети во домот само што непријатно ќе пецнуваат на нерв, како јазикот што се пика во расипан заб по определената доза болка од навика. ќе истрпи: ја болеше, но се вардеше да не викне, да не ја чујат станарите над нив, туѓи луѓе, ниту свекрва ѝ на умирање. Колку што беше Иконија тивка, толку беше бучен Оносим. Старата Роса убаво го слушна плускањето шлаканици и викањето на Оносим. Со вртоглавица од изгладнетоста, стана и држејќи се со раката за ѕид, полека, се довлече до собата кај што беа синот и снаата и ја отвори вратата. Доволен беше нејзиниот поглед и Оносим, со дигнатата рака да застане, се соземе, престане неговиот ненадеен бес врз Иконија и увиди потиснатата болка до кај може и него да го повлече, тој што смета дека знае нешто повеќе за човечките постапки, за тајната вселена на емоциите што јуришаат на секој човек под кожа, покриената човечка долна природа на моменти што јурнува надвор, на видело. Старата, добра Роса, со мал грч на лицето, направи едно долго хоризонтално движење на главата, во знак на неодобрување дека грешат, погалувајќи ги со мајчин поглед да ги смири. Една доодена старица, со телото што ден из ден ѝ се ладеше, со послединте атоми на силата успеа да ја затвори вратата на емоциите што му кипеше од под кожа на син ѝ Оносим. Тој поглед беше нејзиното последно гледање на овој свет; излеснета, се струполи како долг капут, немарно закачен на закачалка зад врата ненадејно што паѓа сам од себе, тапо тупкајќи како згниено јаболко во летна, попладневна тишина што навестува дека подмолен црв однатре, одамна завршил работа. Закараните сопружници прејдоа во плач; заминувањето на Роса беше знак дека ништо во нивната куќа веќе не ќе биде како што било и без неа, главниот столб на куќата, ќе треба тие да го заменат и крепат. По закопот на мајка му, Оносим изгуби илузии дека е дојден само на поминување во Долна земја и се помири со животот што овде го живее повеќе од десетина години; одамна овде турнат, несериозно е веќе да мисли дека еден ден ќе успее со семејството да се извлече; колку стои настрана од животот и не презема големи потези, животот не го остава настрана, во него е влезен до гуша и го турка во подлабоките вирови на искушението. Неговата судбина е испреплетена со судбината на овие луѓе, нивната драма веќе е и негова, ја чувствува на своја кожа, неговиот живот одамна не се разликува од животите на Долноземјаните. Исправен пред љубопитноста на малиот син што требаше наскоро да заоди на училиште, неговата речитост и желба за убедливи одговори на неговите прашања ја снемуваше; црвенееше и се препотуваше, ширејќи ги рацете божем ќе фати зборови што му недостасуваа. - За смртта не се зборува, кога ќе пораснеш, ќе разбереш... - му велеше неодредено, обидувајќи се да му всади и мала вина за неумесните прашања. Младен за баба му знаеше дека умре, а за тетка му што ја снема, заминала за Австралија. зад седум мориња. Изгледа воопшто не стигнала дотаму... И штом сети дека смртта некоја голема тајна крие, како што може само дете, како со школска гума по тетратките што брише, од себе го избриша споменот за мртвите и веќе за смртта со години ништо не праша. За неа смееше само во себе да се плаши. Со покачениот адреналин на новиот живот, Вруток го достигна зенитот; новата власт беше при крај со копањето на ходниците во Долна земја за излез од напластената вековна темнина; на повидок беше беспоштедна пресметка на новиот свет со минатото и не се жалеа жртви; човекот беше алатка за постигнување на целта и немаше сила што можеше да го скрши. Се отвораше нова кртечина во земјата и душите; човек сака де се бори за нов свет и нови односи, не треба ни да ги знае, ни да ги види, најубаво е за нив кога мечтае. Впрегната во напредокот, селската младина не беше заборавена од Револуцијата: за новите културни потреби добија план да изградат Културен дом какви што се ѕидаа во секое поголемо место. Акцијашки влечеа греди, камен и песок, ископаа варница, печеа вар и за едно лето ја завршија големата зграда што доминира на Вијан. Мирот, мешавина од музика и детонација на мини, непрестајно грмеше: за градителите на новиот свет, организираните младинци во фолклорни и музички секции, секоја вечер приредуваа игранки, а често гостуваа и тогаш познати југословенски уметници. Ерихон навистина паднал од звуци на труби: на оваа музика овде не издржуваа и планините. Дозори грмеше во домот, а од изгрејсоце татнеа минерите. И пронаоѓачот на динамитот, Нобел, кога би можел да види дека пронајдокот му се користи само за мирновременски цели, би почивал мирно. Се разбира, кога би можел да заспие. Ако не, би се фатил в дом на оро. Во грмотевицата на мирот, немаше можност ни секунда да се чуе тишина. Неа да ја создаде му поаѓаше од рака само на едно момче што одвреме навреме се појавуваше во работничките мензи и градилиштата. Како ветре да го вееше: одненадеж ќе се појавеше меѓу работниците, ќе поседеше со нив и заминуваше. Слабо и високо, со занесен поглед, со кадрава коса пуштена подолго од партиски дозволеното, веејќи му се кадриците на ветрот, со впечатливиот лик од правилни црти на кој му се читаа емоциите како на мапа, изгледаше како подвижно, гордо развеано знаме на сопствената вселена. Беше од Железна Река, велеше дека бил поет, пишувал песни и им рецитираше неразбирливи стихови на работниците. Качен на маса, зинеше ли штотуку замомченото детиште со сонорниот, радиофоничен глас, во просториите со неснослива врева од гласови, чкрипењето на столови, тропања на лажици и трескања на врати, создаваше необична, возвишена тишина од која им подникнуваше кожата на присутните, роејќи стихови со необични слики и појави во ритмички говор што се римуваше со подзинатите лица на работниците. Имаше моќ да создаде илузија врз слушателите како првпат да ги слушнале зборовите што ги изустуваше, како никој да не знае што е небо, ѕвезда, молња или прстен. Од мензата за него секогаш имаше јадење, а работниците сакаа да го почестат и му подаваа да се напие. Младиот поет не одбиваше; како што имаше мерак да кажува стихови, сакаше и убаво да тргне. Никого не слушаше; разговорите беа повеќе монолози на самољубивото момче отколку дијалози, потоа ненадејно стануваше, учтиво со работниците се поздравуваше и си заминуваше додека по некое време, пак ненадејно не се појавеше. - Јас сум син на сонцето, побратим на месечината... Ова е вистинска поезија, мојата... - им велеше самобендисаното момче, замаено од метафори. Вие, како што копате во вашите јами, јас копам во својот поетски свет и ви вадам стихови. Вие ја живеете револуцијата, јас ја живеам песната. Ние сме поети сите до еден, пишуваме една песна. - Тоа што го кажуваш не те разбираме, ама од ова си се разбирал, тргни уште еднаш... - Јас сум повеќе врзан со вас, отколку со оние што ви рецитираат со тупаници, им пукаат жилите на врат и се црвенат в лице. Такви воздух не можат да земат, вртат со очи и се задушуваат пред вас, гласовите им откажуваат на највисокиот тон, стиховите им откажуваат на таквите, како машина на најтврда карпа... Кај мене тоа го нема, јас со леснина пробивам тие кај што одамна се откажале. - Можеби во иднина, во комунизмот така ќе зборуваат луЃето меѓу себе. Сите ќе бидат напредни и сè ќе те разберат му велеа добродушните, преморени работници на нивниот миленик. - Поезијата треба да се пее, песната да се живее... - Овој ќе го биде, гледај, сите ги маѓосува. - Магија има момчето. Сите го слушаат, беше почеток на разговорот меѓу инженер Прохаска и Оносим по случајните средби со младиот поет што го симпатизираа и тоа беше чест повод за лиричното настроение на двајцата пријатели што продолжуваше во долги седенки под лозницата во дворот, со потсетуваање на поетите и уметниците кои лично ги среќавале по старите прашки пивници. Имаа и книги на чешки, читаа на полуглас нежни стихови, боледувајќи ја Прага со сливова. Во стресните моменти на спасување глава, сопружниците Прохаска не заборавиле да го понесат со себе во Долна земја и грамофонот со трубичка. Не понесувајќи поважни работи, нивната непрактичност да се бранат со книги и музика во Долна земја, се покажа оправдана; неколкуте грамофонски плочи со синкопирани звуци на свинг оркестри им го земаа здивот и ги доведуваа до солзи двајцата пријатели чии животи случајно се наредија тука, не сретнувајќи се во Прага каде што двајцата, во исто време ги минувале најубавите, безгрижни денови на младоста. - Тато, ти само читаш. Знаеш да играш валцери како што играат горе, чичко Јосип и тетка Беата? - Знам, сине. - Тогаш, зашто ти не играш така со мама? - Ние немаме грамофон. - А кога ќе купиме, ќе играте? - Да, сине. - Дури купиме, вие ќе остарете. - Тогаш... Вие ќе играте. - Ние и сега играме. Тие додека играат и јас Хана и Иванка се вртиме во круг. - Многу убаво сине, само играјте. Младото момче што рецитираше на градилиштата, во шеесеттите години фуриозно влезе во македонската литература, а неговата поезија доби меѓународно значење и слава. Поетот е Радован Павловски. Инженер Прохаска не го дочека пуштањето на хидроцентралите. Од ноќ, џип го земаше за на работа и ноќе го враќаше. Едно лето, пет-шест години по неговото доаѓање, џипот кога го врати пред куќа, домашните беа на легнување. По малку време, куќата се смири, се изгаснаа светлата на сите прозорци и само од Културниот дом, од Вијан идеа звуци на народна музика и викотници. Вратата на горниот кат тресна и палавечки, по скали слезе госпоѓа Прохаска. Плачејќи, почна да чука на прозорецот кај што спиеја Оносим и Иконија. - Пане Оносим, те молам, помагај! Пан Оносим... Иконија ѝ отвори. Потресена, во ноќница, со витлерите на глава, влезе пани Беата. Нешто е големо: со витлери на глава, никогаш не ѝ се случуваше да излезе надвор. - Пан Прохаска влезе пред пол час во бањата и не излегува! Те молам пан Оносим, помогни! Оносим се стрча горе и силно зачука на вратата од бањата. Во тишината, инженер Прохаска целиот настан го следел штом на Оносим, подготвено, низ заби му одговори дека сè е во ред. Но, од бањата не излегуваше. Оносим ја тресна со плеќи вратата два-три пати, заклучената врата се отвори со трескот, затечувајќи го инженерот над лавабото црвено од крв: инженерот си ги пресекол вените. - Будала еден, те мислев поумен! Дурењ! Жените спискаа, а по мајкините гласови, веднаш се појавија и недозаспаните деца. И тие спискаа. - Ништо нема, бргу завој! Земете ги децата... Платна испарајте од шифонски кошули! Младен нека појде по Игнета возачот! Оносим, набрзина, вешто го преврза самоповредениот. земајќи го под рака, слегоа пред куќа. Неговиот возач веќе беше дојден. Влегоа в џип и заминаа за Скопје. Утредента напладне, Оносим сам се врати утешувајќи ја пани Прохаска и целата куќа дека Јосип е спасен. Неколку дена го задржаа, но е надвор од животна опасност. Имаме среќа: не знаел најстручно да се пресече... Но, треба да лежи, изгуби доста крв... Се посомневал во издржливоста на тлото за Мавровското езеро, тоа го кажал пред групата стручњаци и некој го отчукал... Ќе сече вени?... Јас требаше илјадапати до сега да се самоубијам... Утредента со џипот, на посета на Јосип отидоа пани Прохаска и Оносим. Попладнето неговата сопруга беше видно посмирена; по една недела подготви за мажот омилени јадења и слатки и Оносим му ги однесе. Вестите од посетата повторно беа охрабрувачки: Јосип одлично закрепнал. Следната недела пани Беата и ќеркичката Хана трепотеа во нови алишта. Насмеани и убави како од разгледници возачите што ги закачуваат над шофершајбна, во теренскиот џип никогаш не влегле толку елегантни суштества. Сепак, највозбуден во џипот беше Младен. Постојано го молеше татко му и него да го земе; татко му овој пат, попушти и тоа му беше првото одење во Скопје. Оносим на децата им вети дека по посетата, ќе ги води во Зоолошката градина. Во Зоолошката не отидоа; Јосип го немаше в болница. Ноќта, по пижами побегнал од клиника. Вечерта кога се вратија, пани Беата беше отечена од плачење. Утрината ако беше најелегантната жена на светот, вечерта беше најтажното живо суштество. за госпоѓа Прохаска веќе не помагаа никакви тешења; колку повеќе плачеше, толку повеќе очите ѝ добиваа поглед на незаштитена срничка од шарските дивини; плачеше и зборуваше, правејќи необични поврзувања на зборови од српскохрватски, чешки и македонски. За нејзиниот Јосип само Запад беше спас. Мораше. Во Загреб се извлече, овој пат, сигурно ќе го затвореа. Префрлил ли граница или е фатен и стрелан како многумина што не успеваа да пребегаат? По неколку дена, пани Беата и Хана со воз заминаа за Загреб, со ветувања дека ќе јават за сè што слушнале за нивниот Јосип. Маџовци многу ги растажи заминувањето на потстанарите: ненадејното пријателство како што се создаде, така се растури; по сè што им се случуваше, беа збунети од пријателството само што им дојде вкуќи. Како на други да им се случуваше: едни со други се здушија и тој период беше најубав во куќата кај што немаше многу среќни моменти. Изгубеното пријателство калено во сурово време го почувствуваа како ненадоместлива празнина; делот од Горна земја во Оносим што беше скршен, од пријателувањето со Јосип повторно му се залепи, продише со полни дробови и му се појави надежта дека светот сепак е еден, тој е цело битие и за да опстане, не треба да се дели на парчиња, како што наложува животот на Долна земја. По Беата патеше и Иконија: ја доживеа како постара, мудра сестра од која примаше секакви знаења и совети за проблемите што животот им ги трупаше, кажувајќи си тајни како што можат само жени пред жени. Најголема жал за растурањето на пријателството покажуваа децата на двете семејства. Играјќи по цел ден заедно, не им се исполни желбата и во исто училиште да учат. По неколку месеци дознаа дека инженер Прохаска се јавил од Италија; пикнат под воз, успеал да ја префрли границата. Бил во логор за странци и се надевал, наскоро ќе замине во некоја прекуокеанска држава. Беата и Хана не знаеја кога ќе добијат пасош и требаше уште многу време да тагуваат и се надеваат: еден ден, пак ќе бидат заедно. Контактите меѓу двете семејства се одржуваа долги години. Ретко, наретко, разменуваа по некое писмо, претходно задолжително отворено или новогодишна честитка испратена во декември, а што им доаѓаше во март, дури еднаш не добија писмо и фотографија на среќно, насмеано семејство од Аргентина. За спомен од прекинатото пријателство, тетка Беата на Младен му ја подари грамофонската плоча со оркестарот на Јарослав Малина, татко му и чичко Јосип често што ја слушаа. Подоцна, тој кога имаше грамофон, плочата не можеше да ја пушти. Новите плочи имаа помали жлебови за грамофонската игла и познатиот звук од старата плоча веќе никогаш не го слушна. Можеше само во убавата опаковка на големата плоча да го спружи мрсниот лист што го скина од распарталената книга кај Попоските, од дамнина кај му порачуваа дека ќе биде укасан од куче. Свиркајќи од мелодиите на биг бендот засекогаш врежани в уши, одејќи по пат со рацете во џебови, често потскокнуваше по нејзините тактови. Работите на градилиштето привршуваа: тунелите беа пробиени, турбините монтирани, далноводите поставени, браната беше издигната и езерото почна да се полни и зафаќа педа по педа од Мавровското поле. Капка по капка, секоја стопена снегулка на Шар Планина и Бистра влегуваше во прокопаните канали и се собираше во новосоздадениот рупалак, моќно пред да удри водата на големите перки на напредокот. Слободна во јуријата, водата се лизгаше по ливаѓето, копајќи корита што набргу сосе земја и поситни камења самата ги голташе. Иташе кон Долно поле, најрамните и најплодни ниви, отсега што ќе ѝ го постилаат дното. Стигајќи до веќе оформената каллива бара, со неуморност на подмолен див ѕвер штотуку сместен во нов простор, ги подлокуваше меѓите, за по некој ден да се поткачи над нив, фрлајќи на брегот гранки и суви базје трева. А брег немаше: секој ден сè повеќе се распашуваше водниот појас и сè тесно ѝ беше на неуморната вода. за два три месеци стигна до куќите од долните маала на околните села. Водната дијанија не застана со растењето; матежот се потсмири, почна да се таложи и разбиструва; од длабочината помодре и езерото веќе не можеше да се опфати во еден поглед. Плеќите на браната не мрднуваа. Незаситната вода ја стигна и мавровската црква и без прекрстување влезе и ја потопи. Езерото со полнењето не застана додека не ѝ се искачи над покривот, останувајќи над вода само малку од кубето сосе крстот, еве четириесетина години да се спротивставува на безбожниот натрапник. Спокојна, како губитник на кој сè му отишло по вода, освен гордоста и свеста за минатиот сјај, на чудесно изѕиданата црква од мајстори мавровци од пред два века, водата де ќе ѝ дојде до кубето, де неусетно ќе се повлече како кабаетлија од зад грб што ѝ работи, оставајќи на ѕидовите водорамни линии да покажуваат, која сезона, до каде ја лазела влагата. Во посушните години, без поголем дотек на вода, во црквата влегуваат селани и излетници, прескокнувајќи ги плочите од паднатиот покрив. заборавен од сите, напуштен од сите ученици и светци, на кубето до кај што сè уште не стигнала водата, стои единствено останатата фреска во црквата, осамениот Христос Пантократор, како што канонски, во секоја православна црква, на највисокото место се црта ликот на Божјиот син, заштитник на целата вселена, со целата болка во крупните очи над секого што бдеат. Многу години му доаѓа водата до гуша и сè уште не го потоморува. Оплакнатите ѕидови од малтерот со фреските, повторно станале тоа што биле на прапочетокот на светот: зрнца песок и водена прашина. Секогаш надвор од времето, вечните сили на изградбата и разградбата врз секоја човечка градба воспоставуваат монотона меѓусебна игра што создава време: повторувајќи ги едноличните бранови на здодевноста, не почитувајќи ни делник ни празник. Нафрлајќи се на секоја градба што им ја испрчиле, ништо човечко не ги интересира и не криејќи ја здодевноста, само брановите останаа рамнодушни на прославата, не тупотејќи по ритамот на едно срце на градителите. Дивите ѕверови побегнаа на други планини, птиците одлетаа во најглувото... Беше време на празници и славења. Народот имаше на што да се радува: историската победа над минатото беше добиена. Нивниот најдобар син, водачот на социјалистичка Југославија, Претседателот Тито, дојде да го пушти хидросистемот во работа. Целиот регион, од Полошко, Мавровско и Реканско се собра на свеченоста да го пречека својот Маршал. Времето беше измислено за прослави: лисјата сè уште ја немаа изгубено отворено зелената боја на растењето, тревите бувнати за прва коса, а пролетните роси создаваа виножита што залачуваа планина со планина. Имаше три дена до Први мај. Историскиот момент започна: долгата колона автомобили застана пред хидроцентралата во Вруток. Со цврсто стискање на рацете и долго тресење и снисходливо држење на телото, големиот водач и неговата делегација ги пречекаа Веле од Марка и локалните политичари. До Велета од Марка беше син му, деветгодишното момче, Анастас од Велета и заедно со едно девојче Албанче, облечено во традиционална облека, на другарот Тито и сопругата Јованка им подарија букети планински цвеќиња. Најмилите гости ги зедоа цвеќињата; Јованка ги бакна децата, а Тито ги погали по косичките и умесно се сврти да го сликаат со пионерите. Водачите многу сакаат да се сликаат со деца. Својот букет Тито ѝ го подаде на Јованка, а таа на определениот од свитата. Целото дејствие на пречекот беше следено од непрекинат, громогласен аплауз на многуилјадниот народ. Тито се прокашла пред микрофонот колку да им даде знак на насобраните да престане аплаузот и го започна својот свечен говор, многупати прекинуван со долги ракоплескања и извици на одобрување. Гласот на водачот одекнуваше од брдата однатре што попуштија. Му ја честиташе победата на работниот народ со мускули изведена, заканувајќи им се на непријателските елементи што го сопираат кон светлата иднина. Меѓу големата свита маршалови помошници, постојано беше домаќинот, Веле од Марка. Тој им покажуваше и објаснуваше на високите гости како функционира големиот систем и каде смеат да се движат по платоата што зујат како пчели со енергија од стотици илјади волти. Два дена траеше веселбата со најмилиот гостин, два дена неговиот „кадилак“ газеше по тепих од цвеќиња што пресреќниот народ му ги постилаше по патот. Централите беа пуштени. Се смири бучавата на градењето, работниците се преселија на други градилишта да работат за комунизмот, а езерото се престори во нов туристички центар. Подмолно, со децении, слично како и внатрешниот непријател, спитомената вода на езерото копала врз тлото. Вистинското лице си го покажа подоцна, по четириесетина години. Се поврзала со некои подземни ходници од исконските извори на Вардар, и една пролет Главардар надојде матен, страшен и бесвкусен. Стручњаците ја обоија водата што понираше на Мавровското езеро и само можеа да констатираат дека е таа истата што излегува на Главардар. На езерото почнаа да прават уште една брана. Постарите се сетија за зборовите на инжењер Прохаска, но немаше можност тој да се рехабилитира. А матен Вардар течеше од Вруток кон Гостивар, од Гостивар кон Солун. Градилиштата опустеа. На ред дојде крадењето: купиштата песоци, железа, делови од машини, кабли, талпи, ги снемуваше. Бараките од работничките населби, божем ќе се преуредат во детски одморалишта, почнаа да зарастуваат во трња и да пропаѓаат. Деца започнаа да им ги кршат керамидите и стаклата и почна да им ги снемува вратите, прозорците, штекерите... Во нив се пикаа скитници и палејќи огнови, ги корнеа подовите. Вруточани штотуку поверуваа дека се центар на светот, останаа сами. Вруток веќе никого не го интересираше. Освен смртта. На пуштањето на хидроцентралите, меѓу неброениот народ веќе имаше баеги мажи со црн флор на реверите и забрадени жени во црни шамии. Многу работници од градилиштето не дочекаа да го видат пуштањето. Стотиците тунелџии, десетина години неуморно што ја дупчеа планината, умреа предвреме. Дупчејќи ја земјата, однатре се појави смртта. Лута што ја разбудиле, се нафрлаше на кого ќе стигнеше. Прво, на тие што ја разбудија, на тунелџиите. Невидлива во прашината, смртта се криеше во некој од многуте ходници на издупчената планина, апансас пред да нападне. Мала и безначајна, за време на прославата, молчеше зад некоја врата. Чекаше да заврши свеченоста и да се расшета низ Полог. Лесно ѝ беше, работниците траса ѝ направија. Непопречувана од никого, фати правец: како да ја користеше трасата за влез во комунизмот. Никој не веруваше, трасата, таа прва ќе ја претрча. Трасите до комунизмот и смртта се невидливи, ама заедно, тие години се офираа... Видлива стана патеката на смртта. Иташе по зацртан ред и тропнуваше на секоја врата што имаше човек в каверна. Во повоеното време на глад и безработица, немаше куќа од која не отидоа најздравите мажи в тунел. Наголтани прав од дупчењето на карпите, каменот сурово им се одмаздуваше. Им се лепеше и таложеше на градите, им ги цементираше и полека, им кинеше капилар по капилар, отворајќи им крвави каверни низ белите дробови. Тунелџијата ќе ослабеше, ќе прокашлаше, ќе проплукаше крв и вжолтувајќи се како есенска дуња, сè посилно кашлајќи и плукајќи, во кашлање се задушуваше. Умираше борејќи се за воздух. А душа млада, не излегува. Смртта почна од Прекувардар. Од најмладиот, од Крстета, синот Најдов. Најдо имаше две ќерки и Крстета, машко. Најдо го жени, се позајми некоја пара да му направи свадба, а Крсте влезе в тунел да го вратат долгот. На четириесетина години, татко му, сè уште се коцареше со помладите и не им се даваше во силата. На Велигден в црква, Најдота сè уште никој не можеше да го натскока. Тактиката никому не ја кажуваше: имаше сошиено појас што го полнеше внатре со песок и исти такви натискани потколеници. Таа тежина од над десетина килограми на себе, цели Велики поклади не ја симнуваше од себе. Со нив работеше, со нив постеше, спиеше и ја закачаше жена си и ги вадеше дури утрото, на Велигден кога се оди в црква. Набрзина в клет ќе се искапеше и добиваше таква леснина како и тој со Исуса да воскреснал од маките. Таков, искапен и поминат по телото со црвено јајце и Дебела билка, леташе како пиле сред оро, пред вруточаните. Ниетеше уште еден Велигден да се натскокува и тајната ќе му ја предаде на сина му. Син му Крсте, убав в бокал со цвеќе да го ставиш, се вжолте, проплука крв и за нецели две години, како свеќа се стопи и изгасна покрај невестата. Од големи жалови, Најдо се пропи и кога ќе се опиеше, за сина му плачеше; со алкохол се одбиваше од земја и кога немаше контрола од испиеното, веројатно највисоко леташе во воздух, толку високо, до облаци, до Горна земја, во највисоката точка на отскокот да може за момент да го види Крстета. Неговата лесна снага повеќе не се одлепи од земја и сред оро Најдо не зафуче во воздух, во доскокот секогаш што се начекуваше на нозе. Набрзина остаре, се подгрбави, на плеќи како да му товарија една планина тежина. Тие години ќукалето никако не можеа да го избркаат. Птицата што ја претскажува смртта и дотогаш идеше и од некоја подалечна гранка, неопределено кому, ноќе му приќукуваше. Народот затоа вели, смртта не оди по ред. Продорната непријатност ќуук-кууќ ќе создадеше штама по куќите, ќе ги наежеше луЃето, да е далеку, старите ќе се прекрстеа нивните партали наскоро да не се веат на стап, а децата ќе прашуваа зошто вака ќуќа ќукалето. Со здрвени вилици, домашните ќе ги залажуваа, демек, некое дете некогаш го загубило магарето и од страв, дома да не го караат, престорено во птица и ден денес ќука и го бара магарето; уште истата ноќ птицата доќукуваше или најмногу по неколку дена, си заминуваше по адресите на живите, да заќука над друга стреа. Сега фати со ред, од куќа на куќа: по каурско и турско, низ цел Вруток, низ Печково, Јеловце, Дуфојте, Речане, Носело, Церово, Стретково, Равен, Мердите, Здуње, Лешница... Туку ќе чуеш, на Вијан, отишол Мире, готов е Адем, проплукал Амдија, заминал Угрин, Идриз, се вжолтел Драган, Јаким... Немаше куќа што не приписка. Веле од Марка со ловџиското чифте пукаше набавтана ноќе, гаѓајки го ќукалето. Деца со камење фрлаа во правец на гласот на птицата што ја ваби смртта, некои птици излетуваа од гнездата, некој ден молкнуваше прокобниот глас на птицата, ама за кусо... Тие десетина години беше презафатена; иташе на адресите на смртта по другите села, и пак кога ќе дојдеше времето на некој да му проќука, се враќаше. - Русите имаат измислено оружје да ја убијат смртта, ама уште го чуваат во тајност од Американците... Е, со тоа оружје ќе биде друго... Знам околу која куќа се вртка, со начек, кога ќе ја упрчам, ќе ја наредам овде, над сите, како најголем трофеј - велеше Веле од Марка додека им ги покажуваше обесените шпиртосани птици и диви животни со вкаменет поглед што гледаа низ неговата куќа. Беше фален и префален за изградбата на хидроцентралите: Полог беше негов. Доби стан во Гостивар, а тукашната куќа му беше целата во крзна, кожи, рогови, стаклести погледи и зголемени, врамени фотографии од средбата со Тито и фотографии со други високи функционери направени при заедничките ловења. Секој викенд луѓето од врвот на Македонија и Југославија шетаа по ловечките патеки, планинските бачила и ловечките куќи на Шар Планина и Долна земја. Домаќин им беше Веле од Марка; го биваше за организација и друштво. Човекот што го најмија да им подготвува дивеч беше Драган од Печково. Црн и мал, седмаче, беше колку пушката, лисица би го прескочила. Целата фамилија, од дедо, прадедо, кој поголем од поголем, беа прочуени ловџии, ама со Драган никој не се мереше. Сите ловџии од околијата му признаваа: појако срце од него нема. Не било сè до висината; Драган ќе ја свртеше бундата со сивото, измастено крзно наопаку и на кое волчјо врвиште со пушката да клекнеше, во која грмушка да се засолнеше или в снег да пропаднеше и најбистро око на дивата ѕверка се излажуваше; одеше директно на вперената цевка. Колку да се засолени ловџиските приказни со претерувања, само пред цевката на Драган за диво животно може да се рече е кутро. И за тоа, невнимателно, кутро диво животно, само што му се наближува на оптимален досег на неговата пушка, треба рака да го погоди! Храброст ли е или лудост, нема ловџија што дозволува толку да му се приближи дивиот ѕвер. За таков ризик треба да те краси рака што никогаш не затреперува, срце што не пукнува од страв кога во тебе се вперуваат очи на дијанија на која само чекор ѝ недостига, секунда, ако не се реагира мигновено и прецизно без грешка, кога ѕверот ги сеќава здивот и миризбата на пленот и во челуста веќе јазикот му пушта лиги, а шепите се отвораат сами да му ја распорат утробата, ете, во таков момент да не се исплашиш, да не ти примрда рака, да не ти затупоти срце, да не ти засолзи око... Новата работа на Драган му дојде како кугла на сачмарка. Минијатурен колку кокаре низ секоја цепка што се провира в кокошарници, не беше за друга работа; со пушката на рамо, ден и ноќ акаше по планина; селото им е сред орман, волци во двор ора им играат и сега како ловочувар за шлаење ќе зема плата. Со пушка како сејмен, а згора и пријатели од врвот на државата... Кај го има тоа? На збузените политичари само луѓе им прават сајгија: дивите ѕверови ич гајле немаат од нивната функција и надуеност. Токму тој, Драган малиот, не еднаш ги имаше спасено од сигурна смрт кога од дваесетина метри промашуваа и на нив се нафрлаа ранетите или вознемирени ѕверови. Да не беше до нив Драган да ја среди работата, многу од големите југословенски и македонски политичари не ќе владееја толку долго, одамна кожинките ќе им се сушеа по плотови... Преплашени и препотени, откако ќе се увереа дека е убиена дијанијата за неколку чекори што не стаса до нив, го прегрнуваа Драгана, се крстеа иако во бога не веруваа, благодарејќи му за спасениот живот, ветувајќи му секакви услуги. - Вакви партизани бевте, вака ги избркавте Германците? - важно трепкајќи со водените, крупни очиња им се потсмеваше дребниот Драган со чалам што го научи од нив, потенцирајќи го секој изговорен збор, божем е од историско значење. На ангелот спасител до нив, се разбира, големците од кои се тресеше цела држава, не му се лутеа, ниту во тие моменти тој им изгледаше одбивен како првпат кога ќе го видеа. Со изгубеното чувство дека го навредуваат, отворено вртејќи со глава и негодувајќи што таков зевзек им е определен од домаќинот за заштита, требаше неколкумина да се исплашат до посер, па да почнат сериозно да го третираат ловочуварот и да му се потчинуваат на советите. Драган од Печково е единствениот човек што им наредувал на недопирливите моќници од Долна земја, а тие наредбите послушно му ги извршувале. Неговите проценки в шума беа закон, за неговите способности, одраните кожинки кажуваа. Често пати пожолтените в лице што ја виделе смртта в очи, а вратени дома со кожи и рогови од застрелани најголеми капиталци, стравот бргу го забораваа и повторно на следниот викенд одеа во лов. Големците од Скопје и Белград сакаа Драган да им го организира ловот, тој да е до нив, на чеката поставена од него. Народот на Вијан само гледаше: - Толку им беше силата... - Толку. Се најадоа и се наебаа... Ги пуштија дизгините. Преку неделата, Драган ќе одеше до Гостивар в кланица и ја земаше внатрешнината од добитокот што го колеа; со црева и трбушки полни со измет, касапите што ги фрлаа покрај Вардар да сосмрдуваат наоколу, ќе наполнеше цели вреќи и на коњ ги носеше на неколку места, на волчји врвишта, дивечот кај што врви и неколку вечери ќе чекаше да види што дивеч иде на смрдеата да јаде. Надразнетите сетила од закланата мрша вечерта ќе привлечеа: лисици, волци, мечки... Утре тој пак ќе ги подлажеше, од кланица пак ќе им однесеше од смрдливата внатрешнина и така неколку дена, откако ќе се увереше кој дивеч, од која категорија по шепи, глава, крзно и рогови е подмамен, му јавуваше во Комитетот на Велета од Марка што има сè за отстрел и вечерта во петок, додека се довлечкаа големците со млади девојки за забава во ловечките домови и хотели, чеките беа подготвени. Од земјоделското стопанство со трактор ќе му донесеа бали слама и на дваесетина метри од истурените внатрешници, Драган ќе направеше начеци, колипки. Внатре, ловџиите во облека што не шушка, седнати, со поставените пушки на сламата, ги вадеа од внатрешните џебови плоските со виски за затоплување и ги чекаа очекуваните животни за отстрел. На животното од себе што им побегна, му правеа чеки да го упрчат. Дивото животно на властта, од под земја, шеташе на видело. Смртта беше полукава: при толку млади момчиња, не одеше по црева и шкембиња... Никој не ја виде, ни куче ја залаја, а трага оставаше. Високите ѕидови и ѕвонецот што одекнуваше при секое тропнување на големата авлиска порта, не ја спасија Алиица од допир со неа. Смртта начек ѝ направи, на Вијан; заедно со неа и со мажот ѝ, се качи в автобус за Гостивар. Алија одеше за Германија. На работа го поткажале дека поткрадува; го фатија со две кила месо в торба и го избркаа од работа. В полиција даде рушвет и зеде пасош. Границите кон Горна земја се подотворија и попладнето цела фамилија ќе го испраќа... На погорната постојка Оносим и Иконија влегоа в автобус. Алиица не ги виде. Најзините ретки возења со селскиот автобус, полн од туркања и поретки високи гласови, изнудуваа напната тишина. Години поминаа откако е со Алија, а народот не се промени; во неа се забодуваа десетици погледи и одбраната ѝ беше побргу да стаса дома. Штом не ѝ беа ѕидовите во близина, го спушташе погледот вземи и ја потпушташе уште малку шамијата над очи, не дигајќи го погледот. Предизвиканата неприродна тишина, мислеше со време, ќе ја снема, но ете, додека е жива, не се губи... Ги протри и стисна очите дури не ѝ се појавија светулки пред неа и потпуштајќи ја шамијата, пред себе ја забележа избледената кошула со шкотски дезен на брата си Оносим. Разбра: автобусот занеме поради средбата на братот и сестрата... Вообразијата на вруточани долго што копкаше во нив: како ќе раагираат братот и сестрата кога би се сретнале, пред очи им се случуваше. Глумејќи незаинтересираност, патниците меѓу себе збор не разменуваа. Гледаа сеир; а братот и сестрата, како и тие - молчеа. Бојка не смееше главата да ја дигне и да ги погледне милите суштества; вкочанета, можеше само со носот да ги помириса. Одамнешната миризба носот не ја заборавил; позната миризба, братска, куќна... Задлабочени во себе, со сведнати глави, братот и снаата не обрнаа внимание на ненадејната тишина во расчадениот автобус. Божји, блиски луѓе, невини за ништо... Никогаш, со ништо таа не им покажа дека ги чувствува блиски... Кој знае тие неа колку ја сметаат за своја? Го слушна брат ѝ болно како кашла и како се превиткува, ја виде раката на снаа си како заштитнички го прегрнува: брат ѝ е заболен од каверната! Веднаш нешто ѝ го стопли целото тело, мантилот што го носеше беспоговорно, за миг ја испоти. Низ неа како да поминуваше грејач и ја грееше до усвитување; ниту знаеше како да се воздржи, ниту како да постапи... Ниту мантилот ѝ пречеше, ниту шамијата, ниту братот, ниту мажот? Немаше брана да го прегрне брата си, а раце не смее да пушти? Како можеше да се најде во таква ситуација? Кој вака им го реди животот? За братот убавец толку што ветуваше, попусто се подотвораат границите... За да задржи убавина в куќи, на снаата наскоро ќе ѝ остане да сади само цвеќиња во дворот... Во Долна земја на убавината толку ѝ се дозволува... Со снаата никогаш асолно не се напи кафе, не прошепотија како снаа и золва на која само недели и месеци ѝ остануваат од моминството, пред да замине од мајкината куќа. Непишани, топли куќни односи... Родна куќа... Од кога ја нема видено? Петнаесетина години, а на стотина чекори од нејзината. Смее ли да се смета за дел од неа? Оттаму е изопштена, изрод и времето кај што не помага, престорена во суштество до што и да се долеви, од неа да бега. Предоцна е за саможртва како тетка ѝ Урубија, пред конзулите во Тетово кога го фрлила фереџето... Мантилот ништо не ѝ пречи, сама го прифати; таа нема чистотија да може сега јавно, пред народ да скокне и си го прегрне брата си. Веќе заборавена, отсечена од свеста на родната куќа, бесполезно е да чепка рани што само се прикриваат, а не зарастуваат. Самата почна да ги заборава ликовите на вруточани рисјани случајно штом излезат пред неа; времето си врви, идат генерации што ниту слушнале ниту сакаат за неа да зборат... Секој човек е приказна; нејзината доцни и нема уши што ќе ја чујат. Во многу приказни учествува, а остана без својата. Неискажаните приказни во неа сега се вжарија и сакаа да излезат низ крик. Не, не треба да прави циркус без пари, за сè е доцна. Нејзиното раскажување е молчењето. Најарно е да стега заби. На нејзината уста никој не ѝ верува; самата не знае да се објасни себеси. Нејзините родени деца, нејзината приказна ја нејќат. Додека бараше начин да почне, други им ја раскажале. Не можеше да ги воспита и да им ја каже мајчината верзија. Нејзините деца немаат дедо и баба, немаат вујко и вујна, ниту братучеди од мајкина страна... Затоа можеби рисјаните велат, секоја девојка што ја менила верата, умирала в кенеф. Можеби е измислица... Зошто сега тоа ѝ текна? Нов бран на топлина и пот ѝ јурна низ телото. Во петнаесетминутниот кошмар додека го гледаше пред себе тилот и кошулата на брата си, трепереше и се препотуваше. Секое кашлање на брат ѝ во неа се одзиваше. Оносим одвај слезе од автобус. Одеа со Иконија во Лешок. На слегување, Алиица успеа убаво да ги види брата си и снаа си. Тој: жолт исцеден лимон, снаата пресечена, пелин препиена. Во Лешочката болница за белодробни заболувања тунелџиите ги поминуваа последните месеци од животот. Алија го испратија за Германија, а дома жена му се врати со темпертура. Во неа како со ковачки мев да се спотнуваше оган и веќе никаков лек и мелем не ја оладуваше. На усните ѝ се поврати херпесот: еден ќе ѝ подгореше друг, ќе проработеше. Крупната снага почна да ѝ се топи, косата да ѝ белее, а забите ѝ се издолжија и занишаа. Се потеше, бараше воздух и неколку години се топеше сама од себе. Постојано во треска, сред лето ѝ студеше, а некогаш сред зима ѝ беше топло. На утро, од бунар кога црпеше вода, се плашеше од водата подмолно што ѝ мрда во длабочината. Авлијата ѝ се вртеше пред очи, ќе се затајташе, задржувајќи се на сандакот на бунарот, кофата внатре да не ја повлече. Од Германија почнаа да доаѓаат дојч марки. Во двор донесоа материјали и ставија темели за нови, модерни куќи. По првото доаѓање, Алија го зеде со себе и брат му, а по една година, ги повлекоа и машките деца. - Сакајќи да му направат лошо, на Алија му направија арно... - Нас Албанците, оваа држава не нејќе... - Го избркаа за две кила месо, а тие самите крадат милиони. Пропаѓањето на Алиица не попушташе. Чекорот го забави и одот ѝ стана несигурен; малку ако запнеше во работа, нешто ја стегаше в гуша. Сонот ѝ се изгуби; два-три часа ако поспиеше, в полноќ ќе се разбудеше и веќе око не затвораше. Ќе станеше сред ноќ и шеташе низ соба. Сама, без маж, домашните не знаеја што да ѝ прават; пред очи им гинеше, а велеше не е болна. Не знаеја што болест е нејзината, дали е тоа болест и каде да бараат за неа лек. Алиица за нив си беше истата, работната, само ја немаше поранешната сила да работи како за двајца. Свекорот и свекрвата, до кај што слушнаа за извори со свети води, теќиња и цркви, ја возеа со чезата; Алиица се миеше, оставаше конче за здравје, ама помош немаше: со нејзината судбина домашните веќе беа помирени. Смртта дојде по неа во старата куќа, на вториот кат одзади, старите куќи кај што ја имаат заедничката просторија од клозет и бања. Во него, ноќе, по водењето љубов, со топла вода жените и мажите ритуално се замиваат пред да заспијат. Големиот ѓугум постојано што стои над шпорет, секогаш е полн со топла вода и колку што ќе се земе, веднаш со толку студена вода се дополнува. Во приземјето, во топлите одаи кај што гори огнот, спијат дедовците и бабите со внуците и колку да се внимава при доаѓањето за топла вода, старите ќе те сетат. Така, домашните, особено свекрвите, најточно знаат кој каков помин има со жената в постела. Сама, Алиица не слегуваше по топла вода. Нејзиното влегување по полноќ во бањата со топла вода, не го зедоа со внимание. Знаеја, жената боледува. Ноќта беше чудесна, мајска, пенџерите кога се оставаат чкртнати по малку, преку цела ноќ да влегува свеж воздух в соба. Алиица се разбуди по полноќ. Прискока од сон, целата испотена со мрсна пот што ѝ ја лепеше ношницата за неа. Јужниот ветрец носеше мешавина од секакви миризби. Најсилна беше миризбата на трендафилите. Делеше. Кај мајка ѝ, целиот двор, од мај до октомври, мириса на трендафили. Цветните латици во сите бои пуплат и расцутуваат, натпреварувајќи се кој страк, поароматчна миризба ќе исцица од коренот, кој појарка боја ќе набере на листовите. Кој да поминеше покрај нивниот цутен Вардар од бои и мириси, главата ја извиткуваше од вртење по трендафилите. Мајка ѝ и снаа ѝ се натпреваруваа во нежноста кон трендафилите. Двете со слична судбина... Беше убедена дека миризбата доаѓа оттаму. Се рассони и мислите ѝ заиграа заедно со сенките на ѕидовите од собата. Цела ноќ кога би седела на чардак, трендафилите би ги почувствувала посилно, но домашните ќе помислат нешто ѝ се случува. Само во мајчината куќа имаше толку слободија... Само брат ѝ такво однесување можеше да разбере и ништо да не ѝ земе за кусо. Ја нервираше препотената снага и мрсотијата од која кожата светнува, а човек под мишки закиселува. Се двоумеше дали да стане и се искапе. Новите куќи во двор што се градат, ќе бидат снабдени со модерни тушеви и капењето ќе биде полесно... Зеде чиста крпа и ношница, донесе топла вода и влезе во бањата, на спротивниот крај од клозетскиот отвор. Се соблече; топлото тело, без вода ѝ парееше. Почна да се полева и да се сапуни. Од малите незастаклени отвори високо под таван, тесната и долга просториичка беше целата на провев; на моменти идеше силната миризба на трендафил, па се изгубуваше во налетот на непријатна реа ветрот што ја носеше од спротивното пенџерче. „Тоа беше моето, пикнат нос меѓу трендафил и реа“, прошепоте и со канчето в раце наведната над кофа, изгуби здив... Градите веќе не ѝ бараа воздух; доста им беа и миризба и реа. Зина, ѝ се сврте пред очи, падна, и така, остана здрвена до утрината, сите домашни додека станаа и прашаа што е со Алиица што не станува од кревет. Смртта на покојната ги разжали Садиновци. Покојната ја оплакаа и напладне требаше да се закопа. Муслиманите многу не чуваат мртовец дома. На Алија му испратија телеграма, но не очекуваа за толку кусо време да стигне до Долна земја. Жените дома го подготвуваа џеназето, а свекор ѝ Садин, појде в џамија. Оџата изрази длабоко жалење за загубата на член од фамилијата, но покојната не е муслиманка... Прашањето за бога и верата цел живот помина покрај неа; ниту некогаш Куран фатила в рака, не зеде друго име кога дојде во куќата на мажот, со жените никогаш не се исклања, ниту ги почитуваше правилата на однесување на муслиманка. Комшиски убедувања и молења не помагаа; оџата беше непопустлив: нема да ја отпее, а џамискиот совет нека реши дали треба да се закопа на нивните гробишта. Во животот со иноверката убаво поминале, тоа не им пречеше на домашните, но тоа важи само за животот; особено не помагаа убедувањата на свекор ѝ дека покојната не одеше ниту в црква, ниту в џамија. Тоа е најлошо: таа е безверник. Еден ден душата сите му ја предаваат на бога, а на кој бог таа душата ќе му ја предаде, требало да мисли порано; нека ги праша и рисјаните надвор, на Вијан, ако може на нивни гробишта да ја закопаат... На стариот Садин многу што искусил од животот, не му требаа убедувања: покојната никогаш не го спомна начинот на кој му се моли на бога, но штом беше добра за синот и куќата, добра му е и на бога. Жива не им пречеше на тие што беа со неа, им попречи на сите кога е попружена џеназе. штом Алах е голем, со неа таму бргу ќе се разбере... Тој најубаво знаеше таа жена што донесе во куќата и тоа не ѝ го забораваше. Со иноверката никогаш немале мака, сега првпат, мртва им направи проблем. Излезе подналутен од џамија, лутината не ја покажа. Се поздрави со своите врсници, на Вијан старечки што се печат на сонце, вртат низ прсти бројници и поткашлуваат, им кажа дека умрела снаа му, жената од Алија, му сочувствуваа, Алах да ја прости. Кога ги праша врсниците православни дали може да ја закопаат в црква, на гробишта до мајка ѝ, покојната беше нивна вера, доодените старци, ужалени од умирањата на толку млади луѓе, веднаш вцрвенеа, им проиграа слепоочниците и вилиците, им се притресоа брадите, подникнаа и пламнаа, живот им се поврати од богохулната помисла. Жива ја игнорираа, ја немаше за никого, сега мртва, жолчно ги распали. Свекор ѝ замина. Омразата некогаш такви работи помирува, умот вечно да прашува што се случува со луѓето; за чуварите на рајот, големиот престапник во животот престап прави и со смртта. Проблемите ги прават живите, не мртвите. Не чекаше да гледа како мртовец ги враќа доодените во живот: нема проблем што не може да се реши. Само тој знаеше престапот во определен момент како се престорува во блескав почеток, нова смисла на нов развиток. Просторите на рајот и натаму верниците нека ги чуваат; престапите на покојната снаа донесоа плодови на неговата фамилија, нејзиниот престап има скриени благодети за кои ѝ беше благодарен; додека ги има таквите благородни престапи, напред ќе оди светот. Син му Алија, подначу, во Германија почнал да оди по жени, можеби затоа нема да дојде на закопот... Снаата, столбот на куќата, треба достојно да се закопа и тоа, тој ќе го направи. Појде по маалото, извика неколку помлади роднини, им рече да земат крампови и лопати и да тргнат со него. Ги одведе над Главардар, на стрмниот рид, по козја патека, по која слегуваат и се искачуваат нејзините маалци, подалечни роднини Маџовци, кога одат в црква. Под ридот извира Вардар, а нагоре, се извишува Шар Планина! Од таа тумба над изворот, најубаво се гледа Вруток. Се отвора божји поглед на: „Св Архангел“, стариот даб, гробиштата, училиштето, полето, и планините како на дланка, битни коти на еден тука поминат живот. Пред неколку години, пробивајќи над Вардарот пат за на Шар Планина, младинците тука ископаа прастари гробишта. Сегашните вруточани не знаеја за прастарите нивни земјаци ни кои се, ни дека се закопувале на најубавата височинка над Вруток. Таму ќе ја закопаат, меѓу зарамнетите гробишта на древните, незнајни вруточани. На планински падини, во поле, покрај пат, на многу места низ Полог се сретнуваат камени плочи на зарастени гробови на знајни и незнајни луѓе; меѓу такви непознати гробишта ќе почива и прокажаната отпадничка на која и по смртта живите не ѝ даваа мир. Надвор од селото, далеку од сите. Силните момчиња за час ја ископаа дупката. Во копањето повторно налетаа на коски од идните вечни соседи на изопштената вруточанка. Напладне го донесоа табутот со неа и ја закопаа. Од покојниците никој не се бунеше против новопристигнатиот член. По нејзиниот гроб, тумбата со сè останатите гробишта, ја завикаа Алиичини гробишта, а по некоја година, од намера да се заборави името на гробот, вруточани го скратија зборот и месноста ја завикаа Лични гробишта, како што ја спомнуваат и денес. По дваесетина години, народот кога се моторизира, над гробиштата замина булдожер и поставија лента асвалт за да можат Маџовци со коли да одат до дома. Мирните покојници немаа против животот и напредокот. ВТОРА КНИГА Попладне, по шест часот, денот и ноќта заедно кога плетат мрежа од издолжени сенки на мракот, човек, на околу педесет и пет години, излегуваше на празното пазарче од една скопска населба. Почекуваше двајцата чистачи да го дометат пазарчето од ѓубриштето направено преку денот и откако ќе заминеа, зачекоруваше меѓу сергиите. Во квечерината на пазарната стивнатост се палеа светилките по продавниците што го оградуваа пазарчето од три страни и бледа светлина од болежливо жолтило се лепеше врз продуктите на рафтовите. Човекот на години пред зачекорување во староста, од неодамна живееше во близина. Излегуваше од дома, оставајќи ја жена си отсутно да гледа шпански љубовни серии и одеше од излог до излог на продавниците. застануваше на крајот, пред излогот од продавницата за семе. Семенарницата беше необично богато снабдена и дури е отворена, муштерија со мака ќе влезе меѓу разни подотворени вреќи и кеси од семиња, помагала за пчелари, препарати против штетници, пилички, клешти, пластични црева, мистрии, гребла, мотики, колички... Излогот и ѕидовите на семенарницата беа облепени со плакати од јадри плодови на домати, пиперки, краставици, зелки, моркови, англиски треви и цвеќиња во бескрајно убави, јарки бои... Населбата беше на крајот на Скопје кај што веќе тешко се прават разлики меѓу селата и градот, таму жителите имаат големи дворови со бавчи, а околните села тука преку ден продаваат свои производи и пазаруваат. Опуштено отсутен, човекот набрзина испушуваше неколку цигари, шетајќи со поглед од семе на семе и по опаковките. Настрана од врвулицата, неговата силуета остануваше пред излогот, многу долго, скоро саат време. Тој не цел час самотија пред излогот завршуваше пред да дојде време за вечерните вести. Изморен од пишување преку денот, пред излогот на семенарницата се одмораше. Семињата му создаваа безброј асоцијации што имаа значење само за него. Во галаксијата на семиња нема движење; без влага и почва, можат милиони часови и денови да минат, овие семки ќе останат ципа на суви клетки со мртовечки покров од шарени опаковки. Класифицирани и спакувани со белег на живот, а без живот, различните зрна на животот пекаа по матка, по влажна женска топлина на земјата за да про'ртат, да бувнат и се размножат со внатрешните скриени шифри на сортата. По кој знае кои методи на вкрстувања на видовите, запретани в земја, кој знае што живот носат и што плодови фаќаат овие издвоени семки од разни расадници на светот. Облагородените сорти, хемиските препарати против штетници, техничките алатки за подобра обработка и поголемите приноси е заокружениот резултат од постојаните тежненија на човекот за подлабоко навлегување во тајната на животот. Вака нагледни и нападни, како и секоја победа, некултурно е во нив и да се сомнева. Семињата и сликите беа на увид; пробајте, посадете, друго од нив не бива... Застанатиот пред излогот слично работеше со приказните на наговата фамилија и со приказните на Долна земја, но писателот се сомневаше во себе и во сработеното. Пред излогот со семиња можеше бргу да мисли и го расчленуваше материјалот утредента што ќе го работи; неговото пишување е сортирање очај; романот го пишуваше со години, стрпливо, како со пинцета ги вадеше приказните од животот на долната земја на стварноста и ретки беа моментите кога мислеше дека им нашол внатрешен ред на мртвите записи на хартија, им вдахнал нов живот и ги префрлил во вечноста, во горната земја на уметноста. Беше пролет, прва во новиот век. И милениум. Подрани, пријатно зајужи и само што влезе март, природата пропупли. Долна земја повторно го почна зелениот круг на растењето и замириса на цутови. Веќе десет години оваа новонастаната државичка од бившите југословенски републики се нишаше од околните меѓуетнички крвави војни: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово... На крајот, војната дојде до дното на Долна земја, во Македонија. Го зафати неговиот Полог. Омразата што траеше со векови меѓу македонското и албанското население, не ја смирија државнички баења. Албанците се дигнаа со оружје против државните безбедносни органи за поголеми етнички права... Фронт долг сто и педесетина километри се отвори од Куманово до Тетово, од Карадаг до Шар Планина... Се пукаше, рушеше и гинеше... Илјадници лица се разбегаа од своите домови... Долна земја беше преполна од меѓународни мировни мисии... Набљудувачи, преговарачи, посредувачи... Нато, Обединетите нации... Човекот пред излогот на семенарницата беше Младен, синот на Оносим од Вруток. Беше бегалец, но не се водеше за расселено лице. Со жена му Соња беа сместени кај син му Гоце. Синот им заврши јазици, без работа седеше во Скопје, но не се враќаше назад, во Вруток. Малку време пред војната завладеа мода кај младите: ако не си во Скопје, никаде не си... Во Полог младите Македонци не гледаа перспектива; мајка му нејќеше синот да ѝ биде подолу од врсниците и го убедуваше мажа си и тие да го сместат детето во Скопје. Од нивните скромни заштеди можеа да му купат само стара барака на крајот од градот. За повеќе немаа. Побогатите тетовчани и гостиварци ги продаваа имотите на Албанци за убави пари и купуваа станови и куќи во елитните населби на Скопје. Велеа, децата ги тргаат на сигурно. Кога дојдоа мировните мисии, им требаа преведувачи и Гоце најде работа во европската мировна мисија во Македонија. Цело време беше на конференции, низ Косово, по фронтови... за време на големите борбени дејствија на Шар Планина, Гоце дојде со џип на странската мисија по родителите и за извесно време ги зеде кај себе. Во куќата на Маџовци остана Иконија сама. Сè уште крепка, со префрлени осумдесет години, не ја плашеше веќе ни војна ни смрт. Беше време за садење џунџулиња и кроење на трендафилите во дворот. Младен ги понесе материјалите за романот што го привршуваше; во новото привремено престојувалиште пишуваше по цел ден, дури над глава ниско им летаа хелихоптери и авиони што одеа на линијата на фронтот на Шар Планина. По навика од Вруток, стануваше пред изгрејсонце и работеше на дневна светлина до зајдисонце. Се надеваше, војната ќе се смири и барем првиот дел на романот што го доврши, наскоро ќе го напечати. За понатаму, не требаше да измислува приказни. Како што старееше, чувствуваше се претвора во приказна; стануваше дел од фабулата на никогаш недовршениот роман. Загледан во опаковките на семињата, неприродно живите бои на цвеќата и јадрите плодови на зеленчуците, заличуваше на големо, изгубено зрно во просторот, посадено на ветар. Неговиот корен одеше само до страницата што преку ден ја завршуваше. Секое семе пред да згине, раѓа по едно зрно што внатрешната родова шифра ќе ја запише и објави, пред да се повлече таа семка во долната земја на ништожноста и се престори во небитие. Таа прокоба на зрно хроничар, воедно е негова дарба; на повлечениот живот од тоа семе, за последен пат животот му дава живот, и излеан на хартија, издигнат од реалниот свет, трансцендиран и префрлен во вечноста, тој засекогаш се престорува во победник и прелага над минливото и смртта. Неутешноста и надежта од суровата стварност му предизвикува катарза; сите тука, заедно сме живи и мртви и едни во други, само ритуално се престоруваме... На дното на Долна земја одделна смрт нема; му текна за пергаментниот лист од дамнешното евангелие, ставен во опаковка на грамофонска плоча со белешка на непознат писател од одамна исчезнат свет, дека Младен од Вруток ќе го укаса куче. Пораката беше жива како судбина. Неговата приказна можеби ќе се пресадува како лукчиња од семенарницата; беше старинска, некалемена сорта луѓе, убаво укасан од времето, на возраст кога почнуваат да му се бројат плодовите. Со постојана болка во себе, забите на времето долги години не ги сети; заб по заб, преку приказни се забиваа катниците во него, несвесен дека е постојано во челуста на времето. Долна земја е вечно зината кучешка челуст. Ги изгледа со жена му вечерните вести, легна столчен, долго во ноќта слушајќи рафали и експлозии од етнички мешаните населби во Скопје. Три месеци издржаа кај што не им беше подобро. Утредента, враќајќи се за Гостивар, поминуваа покрај јагленосани војнички трупови, дупки од гранати, тенкови и борни коли и ретки возила со вџашени погледи на патниците. Патувајќи, ги затвори очите и му се врати почетокот: првата болка од укасувањето, разговорот со стариот професор Владимир Поповиќ и празниот воз ноќе што јуреше низ Полог. Укасан, тогаш ја запиша првата болка како приказна. Младен слезе од возот и од зори отиде право кај сестра си Иванка, неодамна омажена во Гостивар. Сестра му го понуди да седне, но видно растреперен, немаше нерви да ѝ возвраќа со внимение. Сестрата очекуваше од братот да ѝ каже како поминал со уписот на медицински, фамилијарна болка на покојниот татко Оносим, незавршениот студент по медицина. Раното доаѓање на Младен, сестра му го протолкува дека брат ѝ ништо не направил, па се подготвуваше сестрински да го теши. Младен прејде директно на друг разговор. - Не послужувај ме... Кажи ми ти што знаеш за тета?! - Која тета? - Бојка, сестрата на тате. - Тате нема сестра... - Не прави се недоветна... - Што ти текна сега од сабајле?... За тоа идеш?... Затоа задоцнив на работа? Мислев ќе ми кажеш што си направил на приемниот? - Зар не се гледа на мене дека положив?... Не, не, не прегрнувај ме! Прво ќе одговориш, па ќе ми честиташ. - Дојде од сабајле да се караш со мене? Мислев си паднал, па треба да те тешам. знае мама дека си положил? - Не. Сега дојдов од Скопје. - Што не тркна прво до Вруток, па ќе се вратиш. што си дошол од сабајле? За карање? Јас не ја паметам, а не ти... Тргнала за Австралија и ѝ се изгубила трагата. - Знаеше ли ти дека побегнала во Садиновци? По необичното молчење, Иванка го погледна. - Да, знаев... - Знаеше или ти кажаа? - Слушнав. Сепак и јас бев мала... И јас мислев заминала за Австралија... Ги слушав мама и тетка Беата како си зборуваат. Кираџии ни беа, паметиш, ама пред туѓ човек сè можеш да си кажеш... Знаеш дека им одеше муабетот... Пиеја кафе и си збореа нивни работи. - Ти ја паметиш? - Кого? - Тета. - Така... Како в сон, ми избледела. - Зошто не си ми кажала досега? - Никој не ми рекол да ти кажам. Тебе кој ти кажа? - Бев кај вујко Владимир на Педагошка... Долго зборувавме за нашите фамилии. - И ти од тоа ли толку се возбуди? Тоа е заборавена работа, ехе. затоа не ми дозволи да те прегрнам? Тате покојни, барем овој момент да можеше да го дочека, да слушне дека си се запишал на медицина. - Ај, ај, не пуштај ми солзи. Не мрсулави се. Ако се запишав, не значи завршив!... Умреле во ист ден со тато, замисли! Ја закопале на Лични гробишта, меѓу древните гробишта што ги откопале младинските акции... Како може туку-така да се заборава? - Сама пресудила, сама така решила. Сè е завршено одамна, што ти текнуваат тие работи? - Како можете така да живеете? Жив човек како да не постоел? Тате многу ме чуди. Ме интересира тој како изреагирал? Тој беше од Горна земја, друг човек... - Што ако беше друг, животот ни беше ист. Мама ѝ кажуваше на тетка Беата, тогаш прв и последен пат окркала ќотек од тато. Не зборувај веќе за одамнешни работи. За да ме расплачеш дојде олку рано? Сакаш да ме слушне свекрва ми? Веќе не сум дома кај вас... Сакаш бракот да ми го уништиш? Што ќе помислат тие ако слушнат вакви разговори за нашата фамилија. Кој сака да живее рака под рака со срамот? Така сакаш да живееме? - Јас тоа ќе го пишувам. Ми иде да се запишам на литература? - А за доктор, не? - Не. - Ако тоа го направиш и јас ќе се откажам од тебе како сестра. Оди дома, ќе видиш мама што ќе ти рече... Го крстија на дедо му Маџо. - Нека е жив и здрав, бел сокол во пелени имаме, - велеше баба му Роса. На машко крстено по дедото и гредите на куќата крцкаат од радост, зборуваше пресреќната баба, првите пати дури го капеше и повиваше. На мајка му Иконија, името на свекорот ѝ звучеше премногу старински па премолчуваше кога ја прашуваа дали се согласува новороденчето да го крстат по дедото. Иконија беше од новото време кога фати мода децата да ги крстуваат со интернационални имиња, но штом ѝ спомнаа помодерна варијанта на името, Младен, во Горна земја како што го викаа Маџо, мајката се согласи и новороденчето така го крстија и заведоа во документите, иако дома, меѓу себе, често си го викаа Маџо. Имаше црти и на мајка си и на татка си. За неколку месеци напредна и ја исполни лулката. Вцрве во обравчињата и доби подгушница. Само спиеше и цицаше. - Ангел повиваме во пелени, од очи да го чувате. Мајка му и баба му го криеја рулекот од зли погледи, но татко му Оносим на такви бабини - деветини се потсмеваше и пеленачето го покажуваше секому, дури не им се направи белја. Потоа, неговите знаења од медицината, за детето немаа фајде. Во нивната куќа, особено по цвеќиња, постојано доаѓаа жени. Под чардак, в сенка од летната горештина и пријатната ава што удира од Вардарот во близина, напладне снаата и свекрвата плетеа топли џемперчиња и чорапчиња за децата, на моменти го лулкаа бебето и се блажеа со сок од трендафили. Иконија знаеше марифет за вкусна напивка од расцутените латици, стари сорти алови трендафили. Додека цутеа, скоро секој ден ги збираше листовите од најрасцутените трендафили, ги ставаше во стаклена тегла со вода, на провев, па водата фаќаше во миризбата и бојата бледа пурпурност на трендафилот и како растворен екстракт, со шеќер или мед, се добиваше ароматична лимонада што трае неколку дена. В чаша да ја пиеш, е подзаборевен израз во Долна земја за девојка или момче чија убавина трпки предизвикува слични на пиењето сок од трендафил. Слично по рецепт со миризбата на трендафилот, во време кога можело да се набави и желатин, со јатки ореви и шеќер во прав, жените правеа и локум, препознатлив ориентален траен желе колач, денес фабрички направен што се продава во секоја продавница на Долна земја. По пат пред куќа врвеше Николица, врсничка на Роса. Со мака, старицата вртејќи ја главата по спалавената убавина од цвеќињата, им мафна на жените што пладнуваа: - На староста, само уште цвеќе може да ѝ ја сврти главата... - влезе во дворот и ѝ побара на Иконија еден букет за в бокал на маса. Иконија ги зеде ножиците да ѝ натокми букет трендафили, па ќе им направи на врсничките кафе. Николица посака да им го види детето што спиеше в лулка. Роса не дозволи, но некој како да го викна Оносим, излезе од дома и му ја подигна тенката шамија на повијачето што спиеше покриено за да не го облазат муви или касне некоја оса. Неколкумесечното црвенушко мирисаше на сапун. Кога го виде, старата Николица подзина со штрбавата уста, ги ококори очите и го потплука бебето да не го урочи: - Леле, Маџовице, што ќе биде ова, олку убаво дете... Ангел в лулка. И уште непокриено и невратена шамијата над полукружната дрвена надглавица на лулката, детето ги отвори очите, се стемни, се стресе и се развреска. - Пуста Николице, што ми направи! Што мораше да го видиш детето! - Оносим твој го отскри... - Зар вчерашна си?... Кој покажува пеленаче? Ти реков немој! Иконија ѝ ги подаде цвеќињата, но Роса не ја понуди врсничката да седне и низ пиење кафе да му се почудат на новиот живот. Роса го лулаше и залажуваше малото, колнејќи ја натрапничката, цвеќето што ѝ го набра Иконија, на гроб да ѝ стои. Новороденчето преминуваше низ бебешки ужаси што не може да ги каже и погледот на дојденката како да истури врз него собран страв што му избиваше во болни крикови. Целото се престори во уста. Таман мислиш се смирило и затворило очи, вреснуваше со уште поболен крик. Роса му се лутеше на Оносим што создаде проблем од ништо, но и тој кога виде дека нема смирување на детето, застана со неговите евтини закачки. Неколку денови мирно не се спиеше кај Маџовци; еден член в куќи штом е болен, цела куќа боледува. Бебето се стопи в пелени колку еден врабец и никаква радост по детските рачиња на сестра му веќе не покажуваше. Баба му Роса го носеше по жени низ околните села да му направат за очи, му гаснеше жарчиња, му збираше билјачки покрај Вардар и му ги редеше на меше, го однесоа и кај доктор Никола Нејман, но ништо не помагаше; детето ниту асолно цицаше, ниту заспиваше. Разбраа дека в Скопје, на Бит пазар имало некоја Турчинка што закушувала на деца и немало дете да не му помогне. Немало скопјанец кој не ја познава... Сосе лулка, мајка му и баба му, утрото се качија на воз. Дури патуваа, баба му го лулаше. Патниците ја прескокаа лулката со рулекот, а некои жени што се качуваа и слегуваа на локални постојки со тешки торби полни со плодови, ќе си позборуваа со Роса и Иконија, разбирајќи ги и тешејќи ги во маката со збор на паталци. - Ич да не се грижите, ќе видите колкав ќе порасне, баба му на свадба ќе му игра. - Само нека се смири, нека е жив. - Сегашниве деца сè памтат, со решето вода ќе ни носат... Од железничката станица во Скопје, одејќи кон Бит пазар, бебето повторно се расплака. Се рассили точно на Камениот мост над Вардар, како да знаеше дека ја мине реката судбина на луѓето и земјата што извира до куќата тој каде што е пркнат и дури е жив, ден и ноќ ќе ја слуша и гледа... Првиот голем извор воопшто што го видел, од кој се напил, со чија вода го капат и во која е крстен, сега како да го плашеше со приточните матни води надојдени што рикаа под камените арки; немаше друго и баба му насред мост зеде да го лула. Народ брзаше по своја работа и ги узминуваше и само по некој поглед на минувачите се задржуваше над необичното дејствие на мостот. Неброени народи и војски минале по големиот мост што води кон Горна земја, многу важни собитија се случиле на камената градба од дамнина што се спротивставува на водата: тој што го држи мостот, ја владее Долна земја, но ретко на мостот се лулаат деца. Дали ја загледал мајката или му станало чешит лулањето на бебето во лулката, еден господин на четириесетина години застана до жените. Се покажа, знае да се однесува со народ. Учтиво ги запраша што мака имаат и откако му одговори бабата, ги праша дали би му ја продале лулката. Господинот работел во музеј, па му паднала в око старата лулка, целата спојувана со дрвени чивии, без ниедна шајка. - Какво продавање, бре, дете, остави нè! Кај ни е сега нам до твои градски кеифови! - Јас ќе ве одведам кај жената што закушува на деца, знам која е. Живее баш кај музејот... Само лулкава дајте ми ја... Веднаш, од столарите в чаршија ќе ви купам нова. Вашава ќе ја ставиме во постојаната изложба на музејот... Господин етнологот ги одведе жените кај фиљан Турчинката, таа му прошепоте и му изгасна волчја козина на детето и тоа веднаш заспа. На излегување, етнологот на Долна земја пак ги пречека со молења и убедувања за лулката. Кој да дојде од странство, ќе ја гледа вашава лулка в музеј. Ќе ја заведеме под реден број, точно да се знае од каде е и чија е, детево кога ќе порасне и кога ќе го доведат во Скопје на екскурзија, на изложбата ќе си ја види својата лулка. - Не, дете, да не си играме... Лулката на Маџовци не ја давам. Таа лулка дома ќе остане и детево кога сака, дома ќе си ја гледа лулката. Нека е живо и здраво, нека порасне, јас ќе му раскажам за сите во неа што се лулале и дека ја сакале и за в музеј. Па тој, ако сака, нека ви ја даде... Првата институција што ја посетуваат провинцијалчињата на екскурзија во главниот град на Долна земја е зоолошката градина. Целото нивно детство слеано со природата, за наставниците е недостатно и штом првачињата ќе стапнат в училница, веднаш ги организираат што побргу да видат и некое егзотично животно. За малите ученици најчесто тоа е и првата посета на главниот град. Радоста и возбудата кај младите суштества е неопислива. Низ Скопје секој ден се гледаат збунетите гостинчиња од групните ученички екскурзии: дечиња во колона две по две, најпослушно се движат по краевите на улиците држејќи се за рачиња, а пред нив трудна учителка со чанта преку рамо и стап в рака за воспитување, ги води малите возбудени дојденци низ улиците на негостољубивоста на кои од секоја страна им трубат нервозни возачи и напречни погледи на надменоста на тукушто вчера дојдените провинцијалци. Нежните душички на неколку часа првпат што се оттргнале од скутовите на мајката природа, убаво го сеќаваат недостигот на слободата во која растат, воопшто и не помислувајќи на нејзината топла покорност што ги прави уште од мали да се чувствуваат нејзини господари, а за возврат што ништо не им бара, освен едно: да бидат тоа што се, деца. Секој гест, секое однесување во неколкуте часа изгубеност од првиот шок со модерноста за која толку понатаму ќе учат и кон што се стремат, ќе остане во нив како клопче затурено под каделата на потсвеста што полека, неусетно ќе се одмотува со растењето. Стапнувањето на асфалтот е граничната линија по која се определуваат двата дела на провинцијалецот и колку да се спојуваат и преспојуваат, во животот нешто постојано ќе им стрчи и во зависност од тоа како ја носат својата провинција кога одат во друга провинција, таква и ќе им биде разликата во преденото: каква и што е севкупната човечка плетка, скини заврзи. Послана под табаните, материјата од која се абе човечкиот животот е принципот кој го дели времето на предасфалтно и асфалтно, непогрешливо покажувајќи каде се упатил светот и колку отстапил самиот од себе. Кој знае, можеби границата меѓу Горна и Долна земја не е небо, туку асфалт? Долната земја се намалува: за горната земја, таа е оставеното ќоше зад дуќан на гајби, од на нозе, дури бодина да испие едно пиво, самотно катче да биде сама со себе штом ќе премале, потон за употребени предмети и гајби со непрскани плодови и сè што не ќе изасфалтира Горна земја, тоа за неа ќе е неинтегриран предел, Долна земја. Создадениот хаос од екскурзијата на децата им поминува по неколку дена, впечатоците од виденото полека им подизбледуваат, но гиликот од црната мазнина веќе вечно ќе го сеќаваат под табаните и колку да цртаат, рецирираат и зборат против неа, таа е најсилната привлечна материја што ја измислил човекот, посилна и од гравитационите закони на природата и когатогаш, на крај, таа сила ги победува и полека, сите се префрлаат во асфалтната фаза од животот. Со двете нозе на асфалт, ошиклените очиња на вруточанчињата покажуваа дека ништо не ќе им ја помати радоста. Неподготвен за шокот од средбата со градот познат само од слики во читанките, на Младен колку што утрото на екскурзијата никако не му доаѓаше, дента сакаше толку побргу дома да се врати; изгубен при толку народ, го сети недостигот на родниот дом и несигурноста без топлиот поглед на мајка му и умерениот збор на баба му. Барем татко му Оносим да беше до него и да го фати за раче... Татко му често му раскажуваше за убавината на многу поголемите градови на Горна земја, Букурешт, Прага, Будимпешта и Виена каде што студирал и престојувал и му ветуваше дека ќе дојде време за рака низ нив да го шета и да му купува сладоледи колку што сака. Вака, треба да држи за рака свое другарче и да се туркаат и сопкаат едно од друго поради колите што праштат покрај нив, а градските надмени деца отстрана им прават потсмешливи гримаси, правејќи ги посметени одошто се. Со секое стапнување на асфалтот и учителите како да стануваат сами на себе непрепознатливи, чиниш сообраќајот им го изгазува авторитетот. Од нив воспоставените вредности ги снема; слегоа од автобусите и никој не може да објасни што стана: и деца и учители никој никого не поднесуваше. Другарчињата меѓу себе се закачаа, а кротката учителка на Младен, на која со детска милост секој ученик барем еднаш ѝ подал јаболко или орев, ги шибаше со стапот. Раздразлива, како да се срами пред себе и пред учениците што испаднала во животот толку некадарна: ако не повеќе, да останеше барем во Скопје и цел живот да гази асфалт, сега, гледајќи ги наконтените градски госпоѓи со женска незаинтересираност како врват покрај неа, се гризеше сама од себе што не ги исполни младешките мечти. Тогаш Младен го окрка првиот ќотек од учителката. Како најдобар ученик, сметаше треба да е прв во ученичката колона, веднаш зад учителката, но таа напред ги стави Јордан од Велета и ќерка си. Ем првачиња, ем тапилца. Сметаше, три години се докажува за повластеното место. Учителката не еднаш го фалела дека го обелува образот на одделението и училиштето; доволно беше да се наслушне ќе дојдат училишни инспектори, па да ги праќа и прво и трето одделение по часовите кај Младен на подготвка. Но ете, во моментот, образот на училиштето и класот им го белеше најнемирниот, Јордан од Велета. Исконската неправда на која само детски резон не премолчува, го натера Младен да ѝ се спротивстави на учителката: тој треба да е напред, па макар ја држел за рака и ќерка ѝ Соња. Одеднаш пред себе виде само лице на посинета жена од лутина која со стапот почна да го удира кај ќе стигне. Младен застана на крајот од ученичкиот ред, но не можеше да ги задржи солзите. Детски повреден, бидејќи не престана да плаче и не беше избезумено радосен како другите врсници, во зоолошката градина доби уште еднаш прачки пред погледите на затворените животни во кафезите. Да има за што да плаче. Потиштените екскурзијантчиња низ непознати градови само мајмунчиња ги развеселуваат. На враќање децата ги прераскажуваа доживувањата од средбата со мајмуните и в автобус беше весело. Младен не се смееше. Ништо не виде од мајмунлаците на мајмунчињата. Мајка му и татко му нејќеа многу да се дружи со децата на Велета од Марка. Не му рекоа отворено, но не му ги прифаќаа како другите другари. Младен ги трпеше. Во повоената сиромаштија, тие секогаш беа со пари и играчки: на нивниот велосипед Младен се научи да вози, прв кожен фудбал што шутнал беше нивниот, прво пукање со воздушна пушка беше од нивната... Помалиот, Јордан од Велета, беше полош. Немаше дете што не ги проба ѓоновите од неговите цокулчиња: му попуштаа и помали и поголеми. Смееше да опцуе кој било родител в село, да им се спротивставува на наставниците, а тие да молчат и пак на крајот на учебната година да го направат со петки. Некогаш кога му претеруваше, Младен ќе го натепаше, но потоа го фаќаше страв, татко му Веле од Марка и него да не го собере како што ги собираа народните непријатели, па сам го смируваше, го молеше за да не плаче, да го удри кај ќе сака, а тој ќе му стои мирен, му ветуваше ќе му напиш е домашна, ќе му ги нацрта сите цртежи, ќе му го враќа фудбалот кај и да одлета, само да престане да плаче и дури му набројуваше ќеифови што ќе му ги исполни, одненадеж Јордан од Велета ќе го удреше со цокулчето по писка од ногата и Младен како покосен се спрпелуваше на земја. Офкаше од болка, се виткаше дури искри му излетуваа низ очи, се триеше, го плукаше посинетото, му идеше да плаче, му идеше пак да му стане, но се воздржуваше; најважно, Јордан од Велета престануваше со плачењето. Постариот, неговиот врсник, Анастас од Велета, беше мирничок и дружељубив. Сакаше да се дружи со Младен, седеа во една клупа, пред одделението признаваше дека Младен е најдобар ученик, од него препишуваше и за сè се проверуваше, Младен на часови како на вистински другар му шепкаше, но невидливо, потајно му беше мака кога на крајот на учебната година, Анастас од Велета беше прогласуван за најдобар ученик на четирите одделенија. Тој беше секогаш претседател на младината, при пуштањето на хидроцентралите тој ѝ подаде букет цвеќиња на Јованка Броз, се поздрави со другарот Тито и со нив се фотографира, негови фотографии вадеа по младински весници во репортажи за изворот на братството и единството во Вруток... По пуштањето на Мавровскиот хидросистем, татко им, Веле од Марка, ги победи и природните закони и се ширеше како слободата; зацврсте, нафрла петнаесетина килограми што добро му се распоредија насекаде по телото, очите на лицето му се подзатворија, а набрекнатите мускули како ортоми му пукаа од подлактиците до вратот. По некое праменче од острата коса му побеле, ама ниту влакно му падна, ниту заб му се расипа. Ретко се гледаше во Вруток. Одненадеж се појавуваше со џипот напладне во некоја од оние тивки, здодевни и безбојни недели сите што заличуваат една на друга, засекогаш останати во паметењето како на вечна непроменета недела, час време пред фудбалскиот селски натпревар, таман колку да изигра со неговите врсници и еден табланет. Тој додека играше, неговите синови со возачот ќе направеа неколку крукчиња до Равен и назад. Деновите ако беше добар, со нив да се повози го земаа и Младен, а другите деца остануваа на Вијан чекајќи да им раскажуваат како скока кампањолата на дупки. Тројцата седнуваа на задното седиште, пред време кикотејќи се кога засилениот џип намерно налетуваше на дупките кај В'лчин Дол. Тука најсилно скокаше возилото, ги дигаше децата од седиштето во воздух и со главите удираа во плафонот. Од ударот, понекогаш на главите им се правеа и рокчиња но тие удари за такво уживање, никогаш доволно не болеа. Малку ќе ги спржеше на глава, ќе се протриеја по џумките смеејќи се и ќе бараа од возачот повторно да се врати врз истата дупка. Еднаш, само што скокнаа, во џипот нешто крцна и тој пат децата не летнаа од седиште. Џипот заквиче и застана. - Се скрши полуосовината!... Ти ќе ме браниш пред татко ти, - почна да се препотува возбудениот возач. Децата и возачот се вратија до кафеаната пешки. - Каква полуосовина?! - Од левото тркало, шефе, се скрши... Да појдам до Гостивар со друга кола по полуосовина, па на канал?... - Зашто да му ставиш полуосовина?! Цела осовина стави му! На мене ли ќе штедиш!? Држава ли е ова или не?! - Нема шефе, цела осовина, таков е делот: полуосовина. - Ти кажав, немој на мене да штедиш. - Добро шефе, добро, цела ќе му ставам, како ќе речете... Од Тетовско до Дебарско, Долна земја беше под контрола на Велета од Марка. Немаше време за селска активност, но сакаше и беше почесен претседател на фудбалскиот клуб. Фудбалот беше новата религија на младите во селото, а тој самиот беше еден од генерацијата на напредни кадри за новото време што фудбалскиот клуб ги исфрли и одвреме - навреме, за фудбалерите набавуваше бесплатна спортска опрема. Го биваше за друштво. Штом ќе стапнеше во кафеаната, патетично ја дигаше раката за да ја подгрее победничката атмосфера пред претстојниот фудбалски натпревар и за сите нарачуваше пијачка. Пораз не поднесуваше. Се лутеше да изгуби и на табланет. Турата тој ќе ја плати: никогаш не цицијчел. Важно да добие, па противниците му попуштаа. Можеше три работи одеднаш да извршува: да игра табланет, да каже виц и околу него да одржува состанок со фудбалерите. Знаеше само еден виц и на него сите мораа да се смеат. Вицот навистина беше добар. „Го прашале американскиот претседател која е најбогата држава на светот, а тој рекол, Југославија. Зар не е Америка, се зачудиле. Не, одговорил. Онолку да се краде во Америка, досега ќе пропаднеше, а Југославија пак е богата“. Младите фудбалери немаа обѕир за презафатеноста на нивниот славен земјак. Одвај чекаа да му се пожалат. Веле од Марка слушаше и играше карти, а момчињата запалено реферираа како ги победуваат другите селски клубови, како ги натепуваат и судиите кога не судат за нив, но уште подобри би биле ако се со комплетна опрема. Секогаш им недостигаше по некој дрес, копачка или костобран... Претседателот внимателно ќе ги исслушаше и задлабочено отсутен, на крајот секогаш ефектно го завршуваше состанокот: Не грижете се, ќе победиме. Сè помногубројни, младите Албанци од селото ретко играа во славниот селски клуб. На сакаа, или не ги биваше. Детството му мина во страв да не го касне куче. В џеб чуваше парченце леб. Секогаш. Немаше куче од Вруток на кое Младен не му потфрли леб и не го погали по вратот. Само да се спријатели, само да не го укасаат... И колку повеќе им фрлаше, тие толку повеќе се растрчуваа по него. Бегање пред кучешки заби нема, таа лекција мораше да се совладува: застануваше, клекнуваше божем бара камен, в очи им гледаше божем не им се плаши и викаше... знаејќи му го стравот, многупати расните кучиња на сè уште неизмешаната раса шарпланинци му се пуштаа, го фаќаа и тегнеа за алишта, играјќи кучешка игра со страшливиот пријател. Често, на шега, деца ги нас'скуваа кучињата на него одвраќајќи ги штом ќе му се доближеа на неколку чекори, а тој префркнат од страв, доаѓаше дома подмочан и скокаше од сон, бранејќи се од кучиња. За мајка му Иконија ноќните стравови на детето беа додатна неволја; со години трга од нејзиниот Оносим што плука крв и менува постели де дома, де во санаториумот во Лешок: барем детето ѝ беше здраво и напредно... Одеднаш од нешто се преплаши и никако не си доаѓаше на себе. Без болест, болно. Мајка му можеше да го води само на уплав по стари жени. Нема жена од околијата кај не го однесе, но детето не им кажа од каде доаѓа неговиот уплав; страницата од старата книга ја вадеше често и по илјада пати се уверуваше во веродостојноста на пораката: Младен од Вруток ќе го укаса куче. Ги гледаше клинестите црни букви постојано светнати од органската мрсотија на пергаментот, со ококорени очи го исчитуваше кусиот запис, крикнувајќи од стравотијата на неслученото. Знаеше многу деца што беа укасани од куче, за нив немаше порака дека ќе бидат укасани и ним лесно им зарастуваше укасаното. Нему неслученото му создаде рана, а невидливиот гриз лесно не заздравува. Со мајка си веќе не одеше на муабети кај баба Драгана. Во таа куќа, на полиците меѓу другите попски книги, стои и евангелието кај што ја прочита пораката од дамнина за него наменета што сега ја крие дома. Остануваше надвор, не осмелувајќи се и да стапне во авлијатата на попската куќа. Чкрташе по влезната порта со кредички и викаше со завивање по мајка му, не оставајќи ја на раат ни кафето да го испие. Во замена за свекрва, за своите маки Иконија слободно се плачеше пред блиската роднина. Во големата куќа на поп Аркадија беше останата само неговата остарена рахитична ќерка со домазетот, пијаница што ја паметеше старата слава на родот што даваше тон на околијата повеќе од стотина години. Сега овој дом мирисаше на мемла и гнилеж; сите Поповци заминаа, Владимир стана професор на Педагошката академија и со семејството замина во Скопје, брат му, поп Прокопија со неговото семејство отиде во Тетово, а и детето што го донесе домазетот со себе, порасна, се ожени и со семејството се пресели во Гостивар. Се ретчеше и семејството на Маџовците. Девојчето на Оносим и Иконија набргу ќе им замине: Иванка задевојчуваше во убавица, учењето многу не ја интересираше, а момчиња се врткаа околу неа... Потпората им остануваше во момчето. Оносим кога беше дома, го проверуваше во знаењето, го учеше светски јазици на Горната земја што им беа запоставувани во училишната програма, но од стравот од кучиња не можеше да го ослободи... До детали го распрашуваше кога првпат се исплашил, каде се исплашил, но Младен не знаеше да одговори и пелтечеше. Што и ако каже и го покаже листот со пораката? Ќе направи само поголема бркотија. Листот и да му го фрлат, пораката е прочитана. Примена. По неколкуте будења преку ноќ од кашлањата до задушување на Оносим и викањата в сон на синчето, Иконија стануваше со сè потемни мисли. Низ солзи го метеше дворот и подредуваше низ куќи, пред да ги испрати децата на училиште. Старата куќа Веле од Марка не ја сруши. Покрај новоизградената голема, малата семејна куќа како да клекна и допропадна в земја. Препокриена, потстегната и бојосана, навечер малку време ѝ ги палеа светилките и штом се разлееше светлина од прозорските окна во темнината, куќата заличуваше на фенер од огромна тиква со запалена свеќа внатре, играјќи се, дете што ја издлабило и заборавило меѓу бавчите и плотовите пред да појде на спиење. Во старата, нашарана куќичка, нови жители се вселија и внатрешноста не ѝ изгледаше питомо како однадвор. Сите отстрелани ловечки трофеи Веле од Марка ги нареди внатре и ја претвори во ловечка куќа. Имаше што да изложи: од секој ѕид висеа рогови на елени капиталци, подзинати мечкини усти, препарирани јастреби и орли со канџи расширени за заривање, итри лисици што демнат шареноперки само што не пропеале, верверици што веќе заборавиле кај ја складирале собраната храна, крволочни рисови што би ѝ извадиле очи и на месечината, притаени волци со стомаци наполнети со слама што демнат уплакани срни, зајаци со начулени уши и по смртта што не им поминал стравот, а со крзната од одраниот крупен дивеч беа послани подовите... Меѓу тишината на отстреланите животни, беа врамените слики од преживелиците на големиот ловец: на челно место ракувањето со Тито при пуштањето на хидроцентралите и давањето цвеќиња од неговото синче на Јованка. Застреланите ѕверки ги плашеа децата и не дај боже сами да се најдат меѓу препарираната менажерија што демне со страшните погледи, острите канџи и зинатите вилици, но стравот магнетски ги привлекува децата и тие одеа кај Анастаса и Јордана од Марка, ги лепеа носевите на стаклата од ловечката куќа, молејќи ги другарите да им отворат за да поиграат меѓу животните со кои им се исполнети приказните секоја ноќ што ги слушаат пред заспивање и престрашени од сон што ги будат. Анастас и Јордан од Марка ги пуштаа. Им раскажуваа кое животно татко им како го отстрелал, која пушка како пука, која сачма и кугла како дупи и кога ќе сетеа играта ги повлекла, набрзина излегуваа од собата и ја затвораа вратата. Најзаборавното дете што останало внатре почнуваше да писка и моли да го пуштат, а тие, држејќи ја вратата и кикотејќи се, штом плачењето на заборевенкото прејдуваше во лелеци, му отвораа. Неколку пати му ја затворија вратата и на Младен, церејќи му се од зад врата, чекаа да приписка, од страв гласот да му засипне и лелекајќи моли да му отворат. Друг вид стравови во Младена од дете про'ртуваа, тоа повеќе беа стравови на интуиција од незбиднатото, насетувани и дури реални за него, невидливи или божем невидливи за другите околу него, состојби што кога стануваа очигледни за сите веќе беше доцна да се избегнат; беспотребниот страв од мртвите ѕверови кај врсниците нему му беше смешен и не можеше да се изначуди на нивните стравови: колку да беа вешто препарирани, животните му беа безопасни ѕверскиот вомјаз од погледите им беше изгубен и во расплината широчина скаменетите погледи повеќе им беа свртени како навнатре отколку нанадвор, но детскиот страв тешко прави разлика меѓу живо пулсирачко и мртво безизразно. Браќата се уверија дека нивниот другар не само што не се плаши од препарирани дијании туку може и за опаш и за уши да ги потегне и домаќините веќе не се обидуваа вратата да му ја затвораат, но најмалку кога се надеваа, Младен набрзина излезе надвор и ним им ја затвори вратата, ја опре цврсто со плеќите и по малку време браќата почнаа однатре да тропаат од страв. Прво се исплаши помалиот, Јордан од Велета и неговиот страв го пренесе на поголемиот брат. И во сопствена куќа, сами меѓу ѕверовите е страшно! Ѕверовите не разликуваат домаќини од гости. Очите им се вширија на браќата како на застреланите ѕверки, срцата им ступотеа и низ плач, прво со закани па потоа со арно, го молеа Младен да им отвори. - Ќе ви отворам ама не после со тепање... - Ветуваме. - Ќе им кажете на сите деца дека само јас не се плашам од дивите животни? - Ќе кажеме. - Ќе ми дадете да ви го пробам велосипедот? - Ќе ти дадеме. - И воздушната... - И воздушната. - Ајде, бе мочковци, излезете! Препарираните животни им го зацврстија другарството; браќата го почитуваа Младен што може затворен меѓу ѕверките, а тој не раскажа, меѓу другите деца дека нив ги затворил. По пет години работа в тунел, Оносим проплука крв. На ден Божик. На враќање од црква, по земањето божиќна причесна. Поизносен, но употреблив, наконтен во костум што му остана од Горна земја, излезе од црква. Одеше полека и внимаваше кај гази, можеше да се лизне на смрзнатата лизганица што ја прават децата по патеката покрај Вардар, по која со санки и лизгалки јуреа побрзи од студениот вардарец што под сенките на столетните ели им ја задржуваше замрзната до март. Ледена канџа ја имаше зграпчено Долна земја и само Вардарот покрај разгазената патека пурееше како од огромен подземен чајник. Патеката до Главардар, покрај училиштето и црквата е како измислена за санкање и гланцана од учениците, цела зима свети од мраз. Се потсети на детските ученички денови и тој кога учеше во ова училиште пред да појде на понатамошно школување во Горна земја, отаде Дунав. На враќање од училиште, сите седнуваа на чантите и јуреа по удолницата; повештите санкачи слегуваа в село, а понеопитните завршуваа во Вардар. Зар еднаш и тој летнал со чантата под задник сред вода... Незабележлива насмевка му се појави на лицето дури деца викаа по минувачите да се потргнат на крајот од патеката. Животот е една долга смрзната лизганица, бесповратно лизгање по ридот на душата. Помисли колку би било убаво сега да ја има детската чанта, да се пушти по лизганицата и долу на колтукот, залетан, кога од студениот ветар веќе ти излегле солзи, намерно да летне сред вода, а децата од смеење да паѓаат в снег. Порано или подоцна, еден ден, сите во животот завршуваме со задникот сред вода... Меѓу децата веројатно е и неговиот Младен, сигурно веќе со наводенет задник и коленици и ледено копје во поцрвенетите, смрзнати раце, отечени од студот, зад некое ѕитче го лиже мразулецот и чека татко му да замине. Подоцна ако го исплескаат дома, барем да има за што... Нема живо суштество повеќе од дете што му се радува на снегот; детството трае додека му се радуваме на снегот. Има ли поголема возбуда за дете од првиот паднат снег, збрлавеност од радоста што по будењето и исчекувањето, најпосле, едно утро се здогледува првата обелена гранка над прозорецот на детството. Тој крик и напад на радост на сите сетила на децата може да го предизвика само снегот. Првото утро кога нема да нè спалави снежната гранка на возбудата, таа година значи дека веќе сме пораснале. Не, не смее да му се лути на неговиот Младен, па макар и настинал. Не му помага ни ќотек, ни совет. Во декември, утрото на св. Никола, Оносим ја виде првата обелена гранка оваа година, во себе се стресе, се наежи и опцу. Никогаш дотогаш не му се случило, да го опцуе снегот, макар што на работа тегне кабли и железа. Значи ли дека остарел и не само што не му се радува на снегот, туку и не го поднесува и веќе му се плаши, но веднаш му текна дека сè уште има дома некој што му се радува на снегот, па отиде да го разбуди син му. Сакаше да види како ќе реагира. Убаво отпатуван на санката на спомените, Оносим се насмевна на овие мисли и суво, без плунка поткашла. Леплива топлина од блуткава соленкост му се заголтна в грло и го натера да плукне. Црвена плуканица на белината за миг се згрутчи и се обвитка со снежна прашинка. Тоа беше неговото прво плукање крв. Не се ни возбуди, ни изненади. Потешко му беше додека го чекаше. Знаеше. Се изненади на длабочината на народното објаснување дека секој во себе носи своја грутка која го држи животот на човека. Спомнуваното примитивно објаснување од луѓето го смееше дури животот нему не му ја продупчи неговата грутка. Неговата судбина е иста со сите што проживеале во Долна земја: сите умираат на ист принцип. Различна им е само содржината на грутката во градите, кај некого тоа е топка мраз, кај други топка отрови, топка жолтила... Нему, топка блуткава топлина... Отиде на неколку чекори до Вардарот, ја исплакна крвавата уста и отиде дома. За време на празникот, дома ништо не спомна за болеста. Имаше време, Божик е. Прв ден. Во куќата на Маџовци само цвеќињата растеа без пречки. Очигледното внимание Иконија што им го посветуваше, на цвеќињата се гледаше. Од работа Оносим ѝ носеше празни кантички од моторни масла и во нив Иконија ги садеше. Ги имаше стотина. Секоја година, наесен пред да фатат утринските мразеви, кутиите со прецутените цвеќиња една по една ги празнеше, од наѓубрената почва ги вадеше репкастите коренчиња, ги виткаше во хартии заедно со запишано ливче со мастилав молив да знае напролет, при садење, што репка е, и која боја е семето. завиткана и запишана, скриена од мразот, притаената обезличена убавина, повлечена во кафеавестите суви репки криеше во себе ново, кревко растење; пикната под кревети, сушејќи се до пролет, мируваа сорти сорти, јарки бои на убавината која повторно ќе им ги врти вратовите на минувачи под нивниот чардак. Жените ѝ ја признаваа на Иконија посветеноста кон цвеќињата и немаше ден Шиптарка или Каурка да не ѝ рече, да не ѝ побара од цвеќата и таа зашто немаше репки убавина колку што жени ѝ бараа за пресад, напролет, на садење, репките и луковиците ги сечеше со нож, на две, на четири, само да не ги врати комшивките што имале мерак да зачнат убавина. Убавината тешко се размножувала, а при малку немукает ја снемува им велеше на жените. Една предвремена слана, еден детски шут со топка, една случајно залутана коза и убавината ја снемува. Еве, ќе ти пресечам од репкава, да не те вратам... Толку пуштаат... Да се во прашање магарешки трња, отровни млечки, шипови од див трендафил, глог, ни копање, ни вадење бараат. Сами се намножувааат. Од нив, однатре, без срам лошотијата ќе бувне по два метра нагоре... Овие, на толку копање и полевање, на толку ситно ѓубре, на толку покривање со најлони од слана, ретко кое ако пушти две репки... Будна в кревет при изгаснато светло, Оносим кога одеше во болница во Лешок, со такви мисли Иконија го мелеше умот за куќата во која одамна стапна, за мажот што го сакаше и за детето одеднаш нешто што го пресече... Стануваше и не палејќи светло, го смируваше детето што од сон, преплашено, скокаше и врескаше. за нив не умееше да подготви ѓубриво за напредок. Маџовци ниту многу се множеа, ниту многу поживуваа. Асолно непроцутени, венееја пред време. - Земјата ли не им одговараше или водата? - Кој знае, сè со сила. На крајот на февруари идната зима, по една година од проплукувањето крв, Оносим последен пат фати физичка работа. До небо беа наврнати снегови и небото и земјата беа едно, неодвоива белина. Напластени повисоко од човечки бој, меќавите неколкумина завеаја, а од глутници волци сам не се излегуваше на пат. Оперативата на градилиштата навреме беше подготвена за зимските услови и никаков снег на смееше да го прекине дупчењето на утробата на Шар Планина. Меѓу Божик и Водици железо за раце се лепеше, но внатрешните тунелски работи се одвиваа со несмалено темпо. Работниците во вреднотија се натправаруваа со врнежите. Колку што снегот неуморно пластеше од декември, толку работниците ги натфрлаа нормите во ходниците на земјата: класна поделба на трудот. Најпосле, на крајот на февруари, зајужи во зимата на изградбата. Снегот почна да се топи и клапнува, моќното јужно сонце блескаше по белината до заслепување и зимската убавина со недели недопрена ни со поглед се покажуваше во белата неповторливост. Настапија денови на наизменична игра меѓу пролетта и зимата; иако далеку календарски, мислата на пролет преку ден ја подгреваа сончевите денови; февруари напладне неколку часа му дозволуваше на март да прескокне во неговата авлија, но темнината преку ноќта си го враќаше студеното достоинство на сечко. Двете испреплетени сезони, незадоволни со кусите владеења на парче, само ја провоцираа неименливата дијанија на Долна земја да најде шанса и да излезе меѓу создадената климатска пукнатинка; водата што наскоро ќе биде насочена врз турбините и ќе засвети во електрична струја со сјајот на сонцето, молкум подлокуваше под снегот... Се навали Шар Планина и потфати под себе педесетина работници. Огромна лавина за миг збриша една работничка населба од градилиштето во Маврово. Одронот замесен од снег, камења, кал и човечко месо, тркалајќи се и поземајќи пред себе сè што ќе најде, за миг се престоруваше во безобличен материјал нагнетен во доловите. Она долго, непоимливо долго формирање на материјата, расчленување на живо и мртво и еволуирање, сега за несфатливо кусо време се стркала кон грутката на својот прапочеток. Не се знаеше само има ли преживеани меѓу несреќните градители што ноќта не биле на смена... Жалост и стаписаност. Не требаше објаснување што значи помош за настраданите. Механизација за снег Долна земја не поседуваше, а време за чекање немаше. Помош можеше да дојде само до Гостивар, а патот преку вруточкото поле што се искачува по Влајница до Маврово беше непрооден за возила. Коренчето на солидарноста не беше уништено стапи општа наредба: работниците од сите фирми со лопати да го изринат снегот до лавините. Им се придружи и населението. И Оносим зеде лопата и отиде да рине снег. Плукаше крв и ринеше. Беше на боледување, но не можеше да остане дома и да не помогне за спас на унесреќените другари. Утрото низ вруточкото поле почна да се формира и расте човечка колона од десетина километри, престорувајќи се во неименлив, огромен илјадорак организам како одговор на силата на природата, налик на митско чудовиште излезено од долниот свет, неуморно, полека што се искачуваше по угорнината, со форма што му се менуваше според серпентините на Влајница. Десетината илјади човечки точки во снежниот простор во темпо работеа до изнемоштеност. Попладне, на зајдисонце, кон човечката машина од десетици илјади лопати, од далечината им се приближуваше црно клопче што јуреше по исчистениот пат. Лопатите на илјадниците раце како да ја откопаа кртечината на кртот од Долната земја и ослободен, тој сега јуреше по растраженото. Силата на кртот пред светот се покажа без маска: до работниците застана нова, црна лимузина. Со придружба, однатре излезе другарот Лазар Колишевски, првиот човек на Долна земја; работниците се подисправија и тогаш првпат лопатите подзастанаа. Сакаа да го поздрават човекот чија слика ја редеа едно до друго со онаа на другарот Тито. Да беше за убаво, ќе го пречакаа со аплауз. Не еднаш така го пречекувале и испраќале. Намуртен, без поздрав, другарот Колишевски се наближи до луѓето со лопатите. Со измачени погледи од умора и скромното јадење секој што си го понесол од дома, чистачите на снегот изгледаа како тие да се извадени од снежната лавина, па на партискиот водач не му оставија впечаток на вредни работници. за да ги потсети на важноста, го извади „штаерот“ од внатрешниот џеб на кожниот мантил и со засипнатиот глас им се закани: - Ноќва немој некој да побегне од чистењето на патот! Издадов наредба во секој дезертер веднаш да се стрела! Непредвидлива, тапа тишина почна брановидно да се шири и ги застануваа една по една лопатите ритмично што црпеа снег и веројатно тој бран на погледи на исплусканите раце до бескрај ќе се ширеше ако натежнатата гранка од снегот под која беше застанат човекот со извадениот пиштол не се истресе сама од себе и не му го наполни тилот со снег. Човекот во кожниот мантил што стоеше неподвижен како скулптура од парковите прво се собра и згрчи, во раката му се олабави пиштолот пред да го стави во внатрешниот џеб, па потоа со истата рака почна да вади и патка од снегот во вратот. - Другар Колишевски, подобро да наредите на премалениов народ да му донесат топол чај за зимскава ноќ што иде, отколку да му вадите пиштол, - спокојно му рече смирениот Оносим. Водачот што дојде качен како на дијанијата од Долна земја, го погледна Оносима, го измери од глава до петици, се замисли за момент и кимна со главата. Го поднамести пиштолот во џебот и влезе во црната лимузина. Автомобилот нервозно збрче, зад себе од гумите зафрла снег и продолжи по патот. Огромната човечка машина на полноќ стигна до лавините. По толку години, денес над Мавровското езеро стои голем гранитен споменик во чест на настраданите градители и потсетува на трагичниот биланс на несреќата: четириесетина мртви и десетици повредени. Утрото, премален од чистењето снег, Оносим се врати дома. Еднаш преку недела, Иконија одеше до Лешок. В кошница му носеше на Оносим дента испечена пита и вода од Главардар. Болен човек, табиети отвора. Лешок е истиот негов Вруток, на педесетина километри по Вардар; под Шар Планина, целиот потонат во зеленило, сенки и студени водѓе. Сите слатки води на светот, мајчица земја, решила в Полог да ги отпушти. Полог какви што има води, светов нема, но Оносим друга вода нејќеше да проба. Велеше, само од вруточката му оладува душата. А се носи ли вода во букариња на педесет километри? Можеби вистина само таа вода му помага, си мислеше Иконија додека менуваше неколку локални автобуси за да стаса до Лешок. Цел пат врви под Шар Планина, на секој чекор го плискаат џадето води од жуборливи изворчиња и бразди од недотопените снегови што шаренеат по врвовите преку цела година, но ниеднаш Иконија не дојде со празни бардиња, да го излаже и да му ги наполни со вода пред Лешок. Тоа му го правеа болните од санаториумот. Му го научија табиетот, па се мајтапеа со Оносим. Тој кога ќе беше излезен надвор, водата од букарињата што му стоеја до креветот ќе му ја истуреа и му ги полнеа со вода од тукашните чешми, па после ќе го молеа да им даде да му ја пробаат вруточката. - зошто ја мачиш жена ти да носи вода дури од Вруток? - Вардарската вода е најубава. - Иста е оваа вода како вардарската. - Не, не е. - Еве, пробај ја лешочкава? Иста е како вруточката... - Еве, ќе пробам, ама не е иста. - Е, иста е. - Не, не е... - Како не е? Вие вруточани сте биле инаети? - Не, ние вруточани пиеме најубава вода. Не ја разликувате. Иконија само што ќе го поминеше лешочкото сретсело и ќе почнеше да се искачува на угорнинката кон манастирот, почнуваше да слуша кашлање од санаториумот кое од кое пострашно и подлабоко што доаѓа како од утробата на земјата. Не можеше да раздвои кое кашлање е на Оносим; ѝ се причинуваше дека сите кашлања се негови. Рацете ѝ омалуваа, кошницата со пита и двете полни букариња вода ја спушташе на земја и дури тогаш ќе ја сетеше сета тежина на молкнета вода дури од Вруток. Ќе пуштеше солзи, ќе поисплачеше, не гледајќи во лешочани случајно што врвеа покрај неа. Никој не ја прашуваше што ѝ е, само по некоја љубопитна жена од зад плот, со поглед и сочувствено тресење глава ја испраќаше кон куќата на кашлањата. Болницата беше пикната во дворот на манастирот, „Св. Атанасиј“. Во големиот заграден манастирски простор околу двете манастирски цркви шетаа мажи по пижами со небесна сина боја или ако е постудено, со наметнато врз нив по некое палто. Боси, во налани, со забавен чекор и одмерени движења, оној што првпат би ги видел овие смирени, испиени лица, би помислил испосници на нова религија се вселени во манастирот. Сами со себе обземени, сами на себе доволни, молчеа или шепотеа со свечени држења на телата како при празнична безработица. Се движеа низ дворот како штотуку излезени по продолжено празнично спиење, ненавикнати да избезделничат и на ден државен празник. И одеднаш, од празничната наметната мрзеливост, невидлив грч ги стегнуваше и им ја менуваше опуштената положба на телото, правејќи кусо сепнување како подготовка за пречек на првиот, најсилен кашлај. Поднаведнати при кашлањето, едни со раце ги стискаа слепоочниците, а други кашлаа и се држеа под стомак, за ципи. Од напнување при кашлањето имаа чести главоболки, а многу мажи скилавуваа. Се црвенеа в лице, им набабруваа сите жилички од вратот до темето, подбелуваа и насолзуваа во очите и искашлуваа крвави плуканици на кои долетуваа врапчиња да ги колваат. Иконија познаваше многумина од офтикавите. Најголем дел беа разболени работници од каверната во Вруток. Само што ќе стапнеше во кругот на санаториумот, незапирливо ѝ се враќаше преживеаното во слични услови; двете долги бараки направени без трошка вкус, само да соберат што повеќе болни, во однос на складните извиени линии на манастирските цркви уште повеќе грдееја. Во исти работнички бараки во Вруток и таа преседа една зима: зад нив истата Шар Планина, пред нив истите пижами и остри бради два дена небричени, истите отворени шаховски табли пред влезовите, само лицата поизбраздени и повжолтени од кои како и ѕидовите на бараките да добиле поизразито, нездраво жолтило. Ќе го видеше својот Оносим како ѝ се наближува и срамежливо ќе застанеше пред него со наведната глава дури тој со жедно грло на работник го дигаше едното букаре високо во воздухот. Долната усна ја местеше под дулето, ја поземаше главата наназад и пушташе да му клокоти студената вода низ грло, а јаболчната коска долго му играше. Прејадените камена прашина, со кашлањето сигурно ги будеа немите светци од црквите. Иконија одеше и долго им се молеше. Во нивните крупни очи од вечна несоница таа гледаше милост и разбирање за кашличавите што не им даваат мир. И кога не кашлаат, градите им свират како в уста да ставиле писки од слама. На влегување во кругот на болницата Иконија некогаш го сретнуваше и лекарот на санаториумот, па учтиво ќе го прашаше за болеста на Оносим. Бел мантил носи, лекар е. Колку нејзиниот Оносим да разбира болести, таа никогаш не дочека да го види мажа си како авторитетно носи бел мантил. Докторот ги подигаше рамениците и само ѝ велеше: - Не само мажот ти, сите дојдени од каверна од Вруток се млади, јаки и здрави како дрен... Белите дробови им се затестени, цементирани... Да можам сега на сите да им ги извадам надвор и да им ги удрам од дрво како чергиче кога тресете вие жени од прав, никогаш овие јунаци не би умреле... Држејќи ја со едната рака преку рамо, Оносим ја испраќаше Иконија со празната кошница до под село, до постојката на локалниот автобус. На излегување, гледајќи ги низ манастирскиот двор по жици обесените алишта на болните невешто испрани од машки раце, на Иконија ѝ заличуваа по теловите како да се префрлени нивните пепелави џигери што се веат на ветрот за да им ја издува камената прашина. Идниот пат кога ќе дојде, пак ќе му донесе вардарска вода, ако е тешка, можеби дури ја пие, само таа има моќ да му ги плакне дробовите. Како и цвеќето, и убавината на жената во Долна земја набрзина свенува. Жена штом префрли четириесет и пет години, на подбрадокот ѝ се појавува грда брчка во полукруг полека што ќе се прошири и на образите, гушата ѝ се собира во дипли, а розата на ветровите од неколку бразди што се составуваат на краевите на очите веќе не можат да се скријат: непишан закон дека жената веќе треба да почне да се привардува при покажувањето на својата кокетност. Некои жени тогаш почнуваат да се запоставуваат, а некои и натаму отимаат од времето, одржувајќи ги остатоците од убавината на младоста и колку ова сурово да звучи за жените од Горна земја и нивните феминистички сфаќања, таква е културата на живеење на тукашните жени. На таа возраст алиштата за секоја сезона веќе ѝ се поширочки и во посмирени бои, а од куќа надвор кога излегува, жената веќе не е гологлава, на глава врзува свилена шарпа што ѝ дава нова достоинственост на снагата веќе потстежната од неколкуте вишок килограми. Тогаш, на жената на Долна земја децата веќе ѝ се порастени, омажени или пред свадба и не личи свекрва да се прави невеста, пред невеста. Ретките жени што не знаат да го играат новиот чин од ненапишаната мелодрама се цел на мајтап и за нив има безброј народни вицеви и анегдоти. Жената е родена да се преправа и глуми и најголемиот број жени оваа фаза на возраста која од нив бара дискретност и сталоженост, ја сфаќаат како уште еден предизвик за женските итроштини. Новата игра на жената, мажот ја чувствува и нејзината надворешна воздржаност на него може да влијае само повторно да пламне подгаснатата желба кон сопствената сопруга. Колку што е почитувана како родилка, во ниеден свет, жената додека е жива, не е само родилка. Никој не им светел в постела, но водењето љубов и зборувањето за тие работи, на тие години се смета за непристојно, за разлика од бесрамноста на нивните врснички од Горна земја каде што сè е на мегдан и ачик и секоја жена во климакс е модерно да зборува пред сите за нејзините внатрешни температури, препотувања и раздразливост. Жената од Долна земја за тоа и кога ѝ личело, кога била родилка, не зборувала, а не сега, кога треба да е пример на млада баба, домаќинка и воспитувачка на внуци. Внуците на оженетите синови спијат со бабите и дедовците, да не им пречат во љубовта на младите машиженовци, а тие со дедото, демек, не прават белји в постели. Внуците за тоа се сведоци: колку да не забележуваат и слатко заспиваат од нивните слатки приказни, има многу еротски приказни за дедовци 'рзаци и баби ќапунки. Самото изустување на овие зборови покажува ласцивност и престап, колку сладок, толку смешен, за во моменти на мајтапење и по звучноста при изговарањето да асоцираат на смешните движења на телата в прегратка на две подостарени суштества. 'Рзак, цел збор рафално изговорен без асолно и да се зине устата, слично на животинско ѕвиснување од биолошки нагон при подигната опашка на женката, и ќапунка, цел збор, расширен од две исти самогласки на почетокот и крајот, па и да нејќеш го изговараш полека, широко и развлечено, со раширена уста и како што оди изговорот кон крајот на зборот, устата сама по себе сè повеќе ти се шири и тера на смеење. Кој дедо нејќе 'рзак да биде, а која баба не е ќапунка? Ќапунка е црвената назабена кожичка над главата на кокошката и петел кога подрипнува на кокошката, мавнувајќи триумфалистички бесрамно сред двор со крилјата, со клунот ја клувнува за ќапунката и ја држи за да не му побегне таа на која се намерачил. Таква поголема реса на главата има и петелот, таа му ја дава неговата карактеристична гордост без која нашата претстава за петелот е незамислива; по бојата и градбата многу заличува на оцепеното месо на жената и ништо чудно што на шега, народот од Долна земја, жените по престанокот на нивниот месечен циклус кога веќе не се родилки, а кои покажуваат знаци дека сè уште стануваат од спиење задишани и вцрвенети в лице, сомнителен знак дека сè уште уживаат во правење белји в постела, да ги нарекуваат ќапунки. Сѐ уште силни, дедовците на педесетина години се прави 'рзаци за да им го вцрвенат месото меѓу нозе на бабите. Траат, и лезет тераат. Стара кокошка, за добра супа ја бива. за викендите, во петок попладне, Оносим доаѓаше од Лешок. Секоја недела, в лице сè пожолт и поветов. Градите му пискаа како млеко во лонче над шпорет пред кипење, а и долу кипеше со машка сила. Иконија и натаму го посакуваше како од првите денови, но како да го мачи мажа си штом нејзиниот човек по слаткојната се закашлуваше и едвај се смируваше. - Луѓето што боледуваат на дробовите имаат и поголема температура од нормалната. Топлината нè топи. Такви сме сите во Лешок... Топлината во нас прави да умреме баш најмногу кога можеме со жена, - ѝ велеше на жена си дури ја убедуваше да се качи над него, таа со колковите да завесла, да го поштеди. Иконија ја имаше префрлено четириесет и петтата, што е многу за жена од Долна земја за такви срамни работи. Дотогаш на такви необични бессрамни барања Оносим никогаш не ја терал, тоа многу ја срамеше, ниту за такво нешто жена да биде над маж некогаш слушнала во пис женски муабети; на жена само под мажот ѝ е местото. Тоа, помисли, тоа секако му е дамнешен урок од жените од Горна земја. - Е, сега е друга еманципација, и жената треба да е над мажот, - ја задеваше Оносим колку да ја опушти жена си, да си го повторат слаткиот урок што двајцата толку многу ги поврзува. Не требаше многу жена си да ја убедува, а в темнина не се гледаше дали се поцрвенела од срам. Со него секогаш се чувствувала како кралица, па веројатно така ќе ѝ биде и јавајќи го. Навистина можело и вака, по оваа мода како што многу не водат љубов во Долна земја. Се качуваше над него и чувствуваше убавини од слабините што ѝ се ширеа од коритцето на 'рбетот по цело тело и ја тресеше во слатка треска. Паѓаше во сласт, плачејќи дека не знае оваа среќа кога ќе ѝ се прекине, кога ќе испукаат конците на издржливост на нагризените дробови на Оносим. Сè беше исто убаво, ама сè како да ѝ беше последен пат. И по неколку петоци такво слатко штедење на мажа си, се осмели да го праша: - Никогаш не сум те прашала за други жени, мој домаќине, за ништо од жените на Горна земја, ама вистина ли е што се зборува, си бил со романската царица? - Вистина... - ѝ одговори Оносим по долга пауза. - Каква има царица, кажи не се срами... - Како и на магарица... Ништо посебно. Оносим се засмеа со широка опуштена насмевка и набрзина смеењето му прејде во незадржливо кашлање од кое не можеше да се поврати. Иконија остина: готово, човекот не ѝ се враќа. - Леле, домаќине што ти направив јас. Јазиков да ми се иструпи. На што ме научи, никогаш такви пис зборови од моја уста не излегле, - низ плачење му велеше Иконија. - Нема поубава жена од тебе. И послатка. И помила. Не ми донесе зло со твојата љубов и убавина. Убавината и злото одат рака под рака. Ти ми донесе само милост. Ти ми ја крпиш, не ми ја раскинуваш душава... Во оние книги на полицана, од Достоевски, често што го читам, такви му се сите љубови, убавината им ја раскинува душата. Нашево не се објаснува низ такви книги: со тебе станав позрел и поиздржлив. Сè издржав... Освен каверната... - ѝ дорече Оносим низ стиснати заби, продолжувајќи да кашла. Силното кашлање на таткото како да го подисплаши во другата соба и нивниот син, в сон што се плашеше од кучиња. - Еве, ова е скоро секоја ноќ... Што ќе се прави со детево... Иконија стана, набрзина ја облече долгата ноќница и се стрча кон исплашеното синче. Најголемо уживање им беа проекциите на филмови! Колку малку треба за таа магија... Доволна е темнина околу платното за подвижни слики врз ѕид поголем од сонот. Во темната саличка влегуваа неколку одделенија и најголема казна за ученик беше некогаш ако не му допуштеа да присуствува на проекцијата. Срцата на малите гледачи чукаа во ритамот на зуењето на лентата во проекторот; низ пукнатинка на кој знае која земја, сенките на кој знае кој свет заигруваа пред нивни очи. И руски црвеноармејци и американски и англиски командоси и германски и италијански фашисти тропотеа и газеа по проекциониот ѕид на Долна земја. На осенчените силуети на децата притрепкуваа само очињата. Го голтаа секој гест на главните јунаци и соживеани со нив, на одморите од часовите гестикулираа и се удираа како јунаците од филмовите. Навиваа за позитивните јунаци, им се аплаудираше и беа бодрени да издржат во победата над негативците. Понекогаш, младата публика различно се определуваше кон јунаците на филмот: во темнината, Македончињата аплаудираа на јуришите на партизаните, а некои од Албанчињата кришум ќе приплескаа на налетите на германските единици. Некој од наставниците тогаш ќе привикаше и несигурното ракоплескање на рачињата престануваше. Тоа беше емоција на темнината, на виделина беше многу поопределено, под звучна придружба на хоровите, со победнички чекор маршираше револуцијата. Такво беше музичкото окружување: беше време на хорови. Единката се манифестираше преку хорот. На радија, на конгреси, на прослави, хоровите беа звучната придружба на револуцијата. Растворена во песна, му се сервираше на среќниот работен човек како стимул за нови работни победи. Оружјето беше молкнато, на револуцијата ѝ требаа песни и најголема вонучилишна активност за учениците беше хорот. Вежбаа и пееја. Има ли поубава прослава заплисната од детски ѕвонливи гласчиња? Хорот беше масовна појава и во него секој мораше да учествува. Без поддршка на хорот немаше напредување и талентираните за хорско пеење подготвено зинуваа и напредуваа. Младен важеше за талентирано дете, но за пеење немаше слух. Најважното. Имаше глас ушните тапанчиња да ти пукнат, но што фајде кога му пречеше на хорот. Немаше чувство да се усогласи со гласовите на другите и како антиталент, многупати ги уништуваше хорските настапи. Таман наставничката ќе ги дигнеше рацете и децата ќе зинеа за воздух, од желба да се докаже, Младен пред сите ќе испуштеше глас и целиот хор го вадеше од концентрација. - Оу, оу, дисхармонија, какафонија, катастрофа!... Како е можно да немаш толку слух!? Не внимаваш! Ќе им го уништиш слухот на тие што те слушаат! Знаеш ли колку значајни настапи имаме овој период? Знаеш ли кој сè ќе не слуша? Намерно саботираш! Дури му викаше, изнервираната наставничка со диригентската прачка го флускаше, го тегнеше за коси и за уши, но никаков музички метод не му помагаше. Понекогаш и молчеше, само зинуваше, но слухот на наставничката беше беспрекорен, веднаш забележуваше дека не пее и како вистински педагог, му одеше со увото на уста да го слуша, а од големото деколте пикнато под нос, ја мирисаше омамната женска плат измешена со парфемот од под недепилираните подмишки, и ѝ запејуваше на уво, без хорот да ја прекине песната. Во тие моменти само колку ја сакаше наставничката! Сакаше, сакаше да оди на хор, па макар и секоја проба од неа кркал ќотек! Нетелентираниот хорист единствено жалеше што со растењето, со секое ново одделение, диригентката го преместува во подалечните редови од неа. И колку што повеќе беше одделен од неа и сè повеќе му зацрнуваа мустачињата под нос, толку повеќе ноќе, на сон, наместо кучиња, му идеше раскошната диригентка и му се притресуваше со големите гради над глава, но од тој страотилак ниеднаш не скокна од кревет, туку жалеше сонот што трае толку кусо. Како нарачан за тоа време, еден млад академски скулптор од Гостивар, Томе Прлица, по нарачка на власта, првин Полошко, потоа цела Долна земја почна да ја реди со бронзени споменици. Неговите противници, скулптори што одвај преживуваа со таа професија, за неговите скулптури велеа дека се амбиентални бронзени чиреви, но тој качен на бронзената форма на дијанијата, метеорски напредуваше, се иссели во Скопје и беше примен во Академијата. Пред неговите уметнички изливи, детското хорче на училиштето се колнеше не еднаш низ песна, дури еднаш пред нив, Младен не ѝ го расипа слухот на револуцијата. Високите гости дури седнуваа во првиот ред и полека се стишуваше насобраниот народ, една ученичка ја пееше народната песна од овој крај, „Се навали Шар Планина, ми потфати три овчара“, а нејзин врсник ја придружуваше со шупелка. Потоа, по однапред планираната пауза, излегуваше наставничката по музика со нејзиниот училишен хор. Со куси движења на рацете, полукружно ги нареди учениците и дискретно се подзаврти кон публиката, да навести дека е време за почетокот. Црна, страстна, со нежен тен и катран виткана густа коса расфрлена по рамената, со извиено грло и крупни убаво оформени зелени очи, се поднасмевна со свечен грч и се сврте кон учениците. Ги дигна високо рацете, испушти едвај чујно пијанисимо, си, си, си, си... давајќи му интонација на хорот. Одеднаш, направи отсечен гест: главата ја зафрли назад, што беше знак за хористите да почнат. Добро почнаа. Совршената воедначеност на детските гласчиња почна да ги разгалува дотогаш намуртените револуционери. Полните влажни усни на диригентката, со бемка над горната усна, малку подзинуваа, се потресуваа и се облеваа со едвај видлива пот. Во припиениот долг црвен фустан со гол грб ѝ се оцртуваше снагата со тенката половина и цврстите колкови. Единствено таа смееше да им врти задник на борците. Најубавиот што го видела револуцијата. Сакаше, сакаше да им го врти на челниците. Очите на револуцијата тогаш се концентрираа во задникот на диригентката; таа почнуваше да се тресе на звуците на пригодните маршеви во кои се колнеа децата, и во полутранс, насочуваше кој глас, кое време да подзасили или да подзамолкне. Особено даваше отсечен такт на делот кога требаше групно да се заколнат со стиховите: кој инаку ќе каже, клевети и лаже... Тука, на тој прескок, гласовите кај што треба да се гранитни, Младен непоправливо киксна. Сакајќи силно да викне, еднаш засекогаш јавно да се заколне, да може и небото да чуе и при најсилниот извик зарипна и фати фалш нота. Наставничката се згрчи во лицето, со главата му се закани, но тоа не беше ништо во однос на киксот на крајот. Видно испотена, форсирајќи со целата снага сè посилно темпо како прегазување на матен Вардар, на крајот со еден увежбан гест на продорно сечење на воздухот, кога се подигна со потпетиците на прсти, замижа, се згрчи и подбели во очите, а брадавиците на градите ѝ потпораснаа и ѝ се појавија под фустанот; Младен со едно неконтролирано ееее, сите ги пресече од надојденото опијанување во кое заеднички западнаа неколку мига... Високото „це“, крешчендото на песната, минуваше низ секого од присутните како топла струја до триумфалното финале, неколку мига принудувајќи ја и поседнатата револуција да замижи. Момчињата од хорот сетија, нешто меѓу нозе им се здрви, но Младен со неконтролираниот извик ги врати во реалноста и ги изнасмеа. Готово. Испукаа ушните тапанчиња на револуцијата! Не, не е ниту клевета, ниту лага... По тој несмасен кикс на Младен, таа засекогаш оглуве. Нејзиниот нарушен слух се виде веднаш по завршувањето на хорот. Веле од Марка ги извади белите превиткани листови од џебот во сакото, го плукна сламчето што нервозно го вртеше в уста додека гледаше во задникот на диригентката, ја поднамести краватата, излезе пред народот и како и обично, почна да го чита пригодниот реферат со длабок заканувачки глас. И дури читаше дека напредните сили имаат слух за новото време, луѓето не го дослушуваа, си шепкаа, се потсмеваа, броејќи ги лагите на официјалната вистина. Не, не е клевета и лага: проблемот беше до ушите. Слухот засекогаш ѝ беше загубен... Ухранети, негувани и убаво облечени, само функционерите оставаа впечаток дека задлабочено ги слушаат и ловат вечните вистини и визионерства што им ги соопштуваше Веле од Марка. Но не беа сите од првиот ред здебелени и убаво облечени; во првиот ред, на крајот меѓу борците револуционери, секогаш седеше еден човек на средни години по сè разликувајќи се од неговите другари соборци од првиот ред. Единствено тој не беше во скап костум и кравата, не изгледаше ухрането како неговите другари, не се држеше надмено со народот како да не го забележува и не се ѕвереше во напучениот задник на учителката. Тивкиот човек со свежо избриченото измачено лице целото во дипли од брчки беше облечен во темносина излитена железничарска блуза, а од двете страни на градите, целата изнаредена во неколку реда со ордени, ширити и медали за храброста покажана во Втората светска војна. Додека Веле од Марка и другите другари држеа говори како херојски се бореле против непријателот и домашните предавници, тој отсутно гледаше во елите и брановите на Вардарот. Тоа беше првоборецот Русе Дојчиноски од Гостивар. Од народот, едни велеа дека е спасен од бесилка кога џемовците му ја ставиле јамката околу гуша и партизаните тогаш го ослободиле и од претрпениот страв му излегол умот и сега и да му купат нова облека, што ќе му е, а други велеа дека е онака во железничарска униформа зашто само тој е единствен вистински комунист и не краде како бандата неранимајковци околу него на власт и другите да се половина од тоа што е тој, државата не би одела, како што оди. Првоборецот со жалниот лик, оставаше впечаток како да се точни и двете работи: во некоја своја вечна војна што никогаш не ќе ја извојува, постојано беше под опсада од силите за кои никогаш не ќе се сети кои се и од кои никогаш не ќе се измолкне. Од своите. Секоја пупка што требаше да процути, цутеше, а листовите беа со отворено зелена боја на пролетна првичност сама од себе, по некој ден што ќе прејде во темно зелена. Сè растеше, леташе и зуеше... Во првите денови од мај, по патот што врви покрај Вруток, младинците поминуваа со штафетата на младоста што повеќе од еден месец, од митинг на митинг, ја вртеше Југославија. Од Кичево, штафетата се спушташе во Гостивар и Тетово, па се упатуваше кон Скопје, таму преноќуваше, па тргнуваше кон Белград и на дваесет и петти мај, на роденденот на Претседателот, во величенствено дефиле пред многуилјадна публика, на стадион, младински функционер му ја предаваше штафетата на Маршал Тито. Со транспаренти за верност кон Партијата, водачот, работничката класа, конгресите, братството и единството и со објавување војна на единиците, во шорцеви и маички, вруточките ученици излегуваа на патот да ја поздрават штафетата, потврдувајќи на дело дека младите сили не отстапуваат од зацртаниот пат. Убавите работи кусо траат: средбата со носителите на штафетата траеше кусо, дваесетина секунди. Колоната од неколку мерцедеси ќе ја намалеше брзината покрај учениците и младинските кадри што ги подготвуваа за замена на прекалените револуционери, од црните светнати коли, другарски ќе им свирнеа и ќе профучеа покрај нив, оставајќи ги со вкочанетите насмевки и акламаторските реквизити да ги пречекаат и идната година. Наставничката по хемија на Младен му додели да ја носи епруветата од хемиската секција на училиштето. Горд на доверената чест, веќе со зацрнети пубертетски мустачиња, осмоодделенецот во шорц и маичка се качуваше со другарите по угорницата кон автопатот. ќибритот му беше во задното џепче на шорцот, а епруветата полна со хемиски одвај запалив раствор и затворена со тапа, за да не му падне, ја стави в уста. Илјадапати повторена и извежбана, неговата задача беше лесна. - Кога ќе присвират мерцедесите, јас треба прво да ја протресам епруветата, да ја извадам тапата и на нејзино место да го ставам палецот, а со другата рака, да палам шкорче од ќибритот... За тоа време реакцијата во епруветата ќе биде завршена и штом ќе го приближам запаленото шкорче на памучето, тоа ќе се запали и ќе светне мал бледожолт пламен. Јас ќе ја подадам раката гордо пред себе што ќе е доказ дека обидот успеал, а со тоа ќе ја покажам активноста на хемиската секција. Поредени на краевите на трасата, учениците во неснослива здодевност го чекаа моментот од кој секоја година им притупкуваат срцата: знаат што ќе им се случи, истото што и минатата година, но не можат да си објаснат како настанува моментниот виор на кусото опијанување од среќа и восхит, чувство што го паметат и цела година се прашуваат дали ним им се случи. По вечност чекање, од зад кривините збрчеа два мотора од обезбедувањето и како веди пројурија покрај нив. Со брзина на брмчењето на ауспусите притупотеа срцата на учениците: за неколку мига ќе налета и колоната автомобили. за Младен беше време да почне со увежбаните постапки. На местото на вистинскиот настан, за него сè тргна наопаку. Одеднаш. Колку неговата задача да изгледаше лесна, дури и здодевна, колку да ја повторуваше на часови и по часови, вежбите не можеа да ја создадат неповторливата возбуда штом просвиреа моторите покрај него. Снагата му се стресе и со мака го извади ќибритот од задното џепче. Учествува во чин кој не чека и мигновено, дури трепнеш, го снемува. Штом се појави колоната мерцедеси по која цела држава мавта, сфати во колку голем настан учествува и колку голема улога му дале да изврши. Протресувајќи ја епруветата, се почувствува мал и ништожен за големата фешта; силните збрмчени мотори, светнатите мерцедеси, сирените и сјајот што врвеше покрај него му ја петнаа епруветата, потврдувајќи му дека е недостоен за доделената задача. Кревкото стаклено цевче, затворено од една страна, му падна од раце и се скрши. Младинските функционери од мерцедесите не ја видоа епруветата со синкавото пламенче; активноста на хемиската секција од вруточкото училиште како да ја немаше. што дека е добар ученик: не се покажа на најважното. Му идеше да се расплаче, но веќе замомчуваше. Амбициозната наставничка по хемија како стоокиот митски чувар Аргус сè што гледа и ништо не ѝ промолкнува, веднаш се најде пред него со дренова прачка. Сè беше на видело. - Толку вежбање и надежи во тебе, ти испадна најголемо разочарување! А војна да е и пушка да ти дадат!? Од раце ќе ти падне! - и почна да го флуска со прачката по голите краци и надлактици. Виновен беше и нема помилување. Ќе трпи. Пред да појде дома, се изми на Вардар и незабележано влезе да облече нешто со долги ракави и ногавици за да ги скрие црвените прачки по снагата. Татко му не го забележа. Сред зуењето на пчелите и чрчорењето на птиците, на посланата черга на трева, лежеше Оносим. Очите со боја на трева ги имаше спуштено над дебела книга. Сред живите бои на растењето што го окружуваа, в лице беше како обрана жолта есенска дуња што се става над шифоњерите. Изнемоштено земаше воздух, а градите му свиреа на вдишувањето и издишувањето. Облекувајќи се, Младен заслушуваше од здодевниот разговор на мајка му и татко му. - В кенеф умрела? - В кенеф. - Претпоставував... - Влегла и не излегла. Цела ноќ не ја побарале... здрвена ја нашле кога ја побарале. - Смртта нема миризба, инаку, би ја сетиле. - Така си избра... - Јас ќе одам на погреб. - Ако можеш, оди... - Можам... Со ждребето, со Фантаст, никогаш не го јавнав, сега ќе го оседлам за погреб, доста седи в племна... - Какво ждребе, црн Оносиме... Тоа одамна го нема... - В племна е, оседлај ми го... Јаболкницава млада што ја посадив, родила првпат две јаболка... Тој што го каснува првородениот плод од родно дрво, тој му ја зема среќата и силата... Едно јаболко јас ќе изедам и ќе ми дојде сила да јавам. Другото, ќе го ставам покрај неа... - Кај гледаш јаболка, црн Оносиме? Првпат раѓа, делишес црвен, еве две... Убав вкус, а не траат долго. ќе ми даде кувет... - Кај гледаш јаболко? Сега цутат јаболкниците... - Еве го, еве го, еве го, еве... Подавајќи ја едната рака кон небото, Оносим се дигна на коленици по невидливото јаболко, слепоочниците му се оросија со пот, закашла и целиот се затресе. Исконската страст за животот што постојано мораше да ја задушува ако сакаше да опстане во Долна земја, во најубавата младост да го гали и тимари својот Фантаст, а да не смее да го јава, по толку години, првпат го почувствува за миг својот вранец под себе и качен на неговите плеќи, со зашеметувачки галоп пред очи дури му минуваше целиот живот, забрзано гледајќи ја уште еднаш животната патека што ја галопираше, јасно го препозна патот без никакво распаќе и можност за избор, еднонасочната патека од принудна сиромаштија, болест и безнадежност што му го изгризаа пред време животот и сега откако во пеколен ритам в миг стигна до крајот, кроткото грло небаре е дијанијата од Шар Планина, го фрли од седло во темна каверна од тешка и уморна ударничка ноќ на непроџвакани залаци, тапа болка во мускулите и ситна прашинка во градите. Ги отвори зениците и падна врз посланите черги, од уста испуштајќи крв. И веќе не закашла. Ведро смирен, остана со отворени очи вперени во синевината. Иконија неприродно списка и Младен со трчаници излезе надвор. Стаклестите зеници на татко му што не покажуваа живот, беа упатени со погледот в небо. Како да го имаше опфатено со еден поглед. Ослабен и испиен од долго боледување, лежеше покрај отворената книга ветрот што ѝ ги вртеше страниците. Смирено ведар, попружен, со косата што му ја развеваше ветрот, како да кажуваше дека му помина боледувањето и пекањето по Горна земја кон која, најпосле, дочека да отпатува, а тлото под него цел живот што му се поткопуваше, во кое пропаѓаше сè подлабоко и подлабоко, со смртта конечно му застана. Рамнодушна мртовечка опуштеност го избави од земните маки; тој што можеше да биде пофалба на живеењето и стремежот за вишнеење, Горна земја што го оформи и му подаде да лизне примамливи благодети од тацната на животот за да може повеќе да пати, го спушти да заврши во Долна земја како цвеќе на буниште. Во широко отворените очи му се отсликуваше небото на Горна земја и гранки, лисја и птици му врвеа по сферните, очни јаболкца... Утредента, во преполната авлија со миризби и цутови, се собра тажен собир од соселани и пријатели да го испратат Оносим до вечната куќа на Св. Архангел. Од скаменетиот поглед и неподвижните усни на Иконија, одеднаш излегоа зборови што ѝ доаѓаа како водата на Главардар, како цутовите од ветрот што се отвораа. „Што разлиста, Шаро, не разлистуј, место од пролет, од цут да зажолтееш, ти до есен зеленееш. Од жал, Шаро, уште потпорасни, в темел збираш најубави чеда, најдобрите не им чинат за по земја, ти биди им добра мајка за под земја...“ Тажењето на Иконија ги потсети насобраните околу упокоениот на старата легенда за змејот што живее во ходниците на Шар Планина и за да им пушти вода, секоја година им зема најубава жртва, а поворката со мртовецот заличуваше на свечено принесување на жртвата на страшната дијанија што одамна си ја избрала. Немаше човек од поворката што не го пожали Оносима и не пушти солза за човекот што меѓу свои како цел живот да беше залутал, а сите на нешто необјасниво му завидуваа; сите по малку чувствувајќи се како виновни за неговата смрт, преку смртта како да го разбраа неговиот изживеан живот, живеејќи никому што не му пречеше. Ниеден од оние вчера што беа на погребот на сестра му, Бојка, утредента не дојдоа на закопот на Оносим. Иконија ништо не исфрли од предметите на покојникот и неговата миризба долго испаруваше во нивната куќа; брачната постела на која спиеја не ја смени, чаршафите не ги испра и ги чуваше со засушените жолтеникави дамки на сласта по кои се препознаваат брачните постели, а перницата со длапката на неговата глава не ја помрдна. На неа имаше останато по некое влакно од неговата коса... како штотуку да станал и пак ќе легне до неа. Нејзиниот круг на животот беше завршен; изживеа живот со човек кого го сакаше, чувствуваше дека му припаѓа и беше достојна за него, тој ѝ беше благодарен, тоа ѝ го велеше и веројатно не ја лажеше. Иконија можеби во сè не го разбираше нејзиниот Оносим, но таејќи ја љубовта во бракот како украдена нежност пред сечии зли очи во чиј поглед дијанијата дреме, преку нежност проникнуваше во неговиоте потреси и болки што толку видливо се читаа на Оносим, успевајќи да ја одржи љубовта како најнезаштитена билка прва што настрадува, последната, заборавена варијанта за живот и опстанок во Долна земја. Оносим со себе како да ѝ ја собра убавината и меѓу предмети и фотографии на поранешните домашни жители, Иконија се престори во пазач на долапите и шкафовите од натрупани спомени. Брчките набрзина ѝ се множеа и почнаа да ѝ ја бришат младешката свежина и лика по која беше прочуена; брадата старечки смешно ѝ се подаде нанапред, ѝ се изнафрла со старечки црвени точки и по некое долго црно влакно и постојано мрсејќи ѝ се, старечката мрсотија ѝ се прошири на целото лице. Постојано во црнина, некогашната прикажана убавица на својата надворешност веќе не обрнуваше внимание кога излегуваше од куќната авлија. За неа убавината изгуби смисла и таа почна да фаќа работи што не се оставаат за млади невести. Помладите што не знаеја како изгледала порано, никогаш не би рекле дека оваа сува грбавка некогаш била убавица, а оние што зинуваа од нејзината убавина, по смртта на Оносим ако имаа можност да ја видат, подзинуваа во чудење како може човек набрзина толку да се расипе. Од пролет, Иконија одеше по бавчи да копа и сади, цело лето собираше сливи за да продаде некој литар ракија и надвор цела летна сезона, дома асолно се завртуваше дури доцна на есен штом ќе се завршеше со берењето на костените. - Мамо, зошто в ковчег кај тебе си ги скрила овие неколку книги на тате? - Да не се изгубат. - Јас, мислиш книги на тате ќе фрлам?... И баш Достоевски? - За секој случај. Ништо не им е што се тргнати. Татко ти штом ќе фатеше да го чита тој Достоевски, на усна му излегуваше херпес. Кога го прашуваат што најмногу влијаело врз неговото формирање, Младен одговара без двоумење: гостиварското кино. Иднината беше пристигната, а проектираниот свет завршен; историјата и револуцијата го исполнија очекуваното. Во нехеројското време Младен можеше само да слуша, следи и гледа. Училиштето го контролираше: знаеше што не смее, а не знаеше што смее... Не смееше ни инаку да каже, да не го обвинат дека лаже. Не смееше ништо. Ја совладуваше лекцијата на набљудувањето и успеа: дури и на сопствениот живот му беше гледач. Беше сјаен, измислен за публика. Во киното кога имаше акциони и вестерн филмови салата ечеше од поддршка за недофатливите гангстери. И Младен во себе навиваше за нив, но не се осмелуваше јавно да ги поддржува, ниту удираше по столовите на карете филмовите кога од разни маегери летаа парчиња од фурнирот. Најпритаен беше на еротските соблазнувања на чудесните скандинавки: тогаш редарот Бируш со батеријата ги фаќаше и бркаше Албанчињата и Циганчињата што ги фатил како онанираат сред филм. Се разбира и Младен се возбудуваше од чудесните разголени женски тела, но не си дозволуваше да го избркаат како невоспитан гледач. Во Полог, Македонците и Албанците се разликуваат по однос на киното и големата посетеност на проекциите не се должеше само на културните потреби; гостиварското кино беше нешто повеќе изблик на живот без ограничувања. Беше кино на машка публика. Вљубени двојки понекогаш влегуваа на кино, но од непријатностите уште еднаш в кино не стапнуваа. А каква е таа љубов без одење на кино? Младен првпат со Соња прошета низ корзо и потоа отидоа на кино. Знаеше што може да им се случи и пак ја покани. Имаше филм со Елвис Присли. И таа сакаше. Лудуваше по Елвис Присли. Младен му љубомореше на Елвис, но можеби Елвис и темнината ќе му помогнат да ја фати за рака и ја бакне ќерката на неговата поранешна учителка. Уште на влегување, Албанци, нивни врсници, на неколкуте похрабри двојки Македонци што се осмелија да влезат во киното, им дофрлаа безобразни зборови и шицкаа на девојките, а машките ги провоцираа и пцуеја. Се чувствуваа несреќни што немаа девојки, или беа несреќни други што се среќни и заљубени? Истото беше и на игранките. Се организира ли младинска игранка, ќе влезат десетина Албанци и намерно ќе направат проблеми, другпат да не се организира забавата. Заедно нејќат да се забавуваат: задоволство им е ако ти ја уништата забавата. Младен дочека романтична балада. Раката ја пушти, а Соња не се бранеше; време беше за првиот бакнеж. И кога нежно ја повлече кон себе, од балконот на салата една голема плуканица темпирана за машкото теме, падна на челото на Соња. - Пичка ви матерна, простачка! - нервозно изусти Соња во темнината. задоволство на смеа ја исполни кино салата. Нечија безобразна намера, очигледно успеала. заљубената двојка на половина филм излезе од киното; веќе никогаш заедно во него не дојдоа. - Добро, па, не лути ми се мене. Ти божем не знаеш со кого живееме... - засрамено пелтечеше Мледен. - Не, не ти се лутам... Ич не ти се лутам. Само да видиш како се туркаат во автобуси во нас, секој ден кога одам до Тетово во медицинско... Упростениот филмски репертоар: вестерн, криминален, партизански, карате, еротика... што се вртеше со години, еден ден на публиката ѝ здодеа и киното се затвори. На огромен екран, во бескраен филм, пред збудаленото момче по филмови, почна да се врти Гостивар и Долна земја. Сабота навечер, магнетот беше во корзото; на главната улица во Гостивар се собираа Македонците од цела околија и во свечено бавен чекор, по два-тројца, шетаа од тротоар, на тротоар. Завлезе ли младо суштество во пубертет, време му е за на корзо. Секоја младост што држи до себе, таму е неизоставно од седум до десет во сабота навечер. Новостасаните генерации неусетно преку корзото влегуваа во светот на возрасните и сè што не стапнало на корзо, останало непелцано од чаршијата, не присуствувало на заеднички обред на доминантната чаршиска секта и достојно е за презир. Корзото секому ја одредува улогата во чаршијата; зависи како ќе се претставиш и како тоа ќе те прими... Што ниви се продадоа на Албанци, на корзо да паркираш кола... Главен фраер на гостиварското корзо беше Јордан од Велета. Во најскапи алишта, со бесни коли и мотори без ауспух, возеше по улици од која страна сакаше. Кај да влезеше, го честеа пијачка, секого можеше од столче да го стане, можеше секој наставник да истепа; со него секој беше другар, секоја девојка мечтаеше да му е женска... - За мене дојде комунизмот, вие ќе почекате, - велеше. Последната тепачка му беше најспектакуларна, на Мавровското езеро, пред десетина илјади народ, покрај бината за „Мавровските убавици“. Се тепаше со командирот на гостиварската полиција. Грешката беше во командирот; не знаел или се правел дека не знае кој е син на Велета од Марка, инаку ќе му дозволел отаде жицата, да се пика во шаторите меѓу разголените убавици. Командирот својата грешка ја плати со отечено око пред целиот насобран народ. Младост лудост. Јордан од Велета и командирот набрзина се смирија и оттогаш одлично соработуваа. Чаршиското искуство на Јордан од Велета не остана неисползувано: отиде на шестмесечен полициски курс и еден ден, се врати во Гостивар како полицаец. Строг, престрог. На брат му, Анастас од Велета, комунизмот му дојде по порамен пат; се запиша во Скопје на литература, а татко му му купи во центарот на главниот град голем стан и луксузна кола за побргу да му се вклучи синот во скопските елитни друштва. Со малата пензија од покојниот татко, во еднолични, слегнати денови како сивилото на студентските домови, Младен ја туркаше медицината. Комунизмот беше покрај него и не смееше да се разочарува додека не го дочека; со Анастаса од Велета се дружеа, понекогаш одеше кај него да чуе на грамофон најнови плочи што другар му ги набавил од странство, но никогаш не беше поканет на лудите вечерни журки што постојано за викендите ги организираше во неговиот стан. Сабота и недела, Младен најчесто одеше дома. Неговата забава во викендите навечер му беше гостиварското корзо. Купуваше семки и со грб кон стаклата на продавниците, на корзо грицкаше и кибицираше. Настапеното сиромаштво не можеше толку бргу да влијае и да го измени; младиот студент по медицина сакаше да ги задржи наследените благородни особини на татка си што само повеќе му ги врзуваа рацете во емотивната мелница на родната куќа; паметта за минатиот живот од секој агол дома инаку зборуваше, а набрзина создадениот јаз на сиромашењето во кое попадна неговиот дом друг живот диктираше... Во големата куќа, на времето единствена во селото по урнек на градските куќи од Горна земја, мајстор веќе со години шајка не удрил: фасадата и украсната штукатура паѓаше, покривот прокапуваше, од рамките на пенџерите бојата беше излупена, поткршените стакла на ќошевите Иконија ги затнуваше со картончиња и најлони, а подзинатите врати на собите чкртаа и сами од себе се отвораа, божем невидливи раце притискаа на кваките. Мазохистичката црта, збирна карактеристика на предците, во Младен задебелуваше на корзото: евтината провинциска забава од погледи на чмаење со неопределена копнеж; безбели и Адам и Ева со такви погледи шетале низ Еденската градина, Ева пред да го наговори Адама да скине јаболко од дрвото на познанието, па макар и биле протерани од рајот на невидливиот бог. Пред неколку години, тука им започна играта на погледите со Соња, ќерката на наставничката Ленче. Во Вруток кога ќе се сретнеа ништо не зборуваа и божем ненамерно, секоја сабота се чекаа во Гостивар на корзо. Соња доаѓаше со некоја другарка, му кимнуваше со главата и вртеше околу него кругови, а Младен за тоа време се гледаше на излозите од дуќаните, ја поправаше фризурата и, грицкајќи семки, заземаше пред неа поза на ноншалантна незаинтересираност. Целата вечерна средба со месеци им се состоеше од дискретни погледи на посакување и воздржаност, дури една сабота, двајцата заедно не прошетаа на корзото. Соња го заврши средното медицинско во Тетово, се вработи медицинска сестра во амбулантата во Вруток и веќе смееше да мисли на мажење. Младен ѝ беше добра прилика и планот полека го спроведуваше; тој идеше по неа од Скопје и ако не беше саботата во Гостивар, нему му се чинеше, промашил цела недела. Вртеа кругови, запалено ѝ кажуваше што учел и кога ќе полага, ѝ носеше и литературни списанија нешто ако во нив тој објавил, а таа внимателно го слушаше и му се восхитуваше, дозволувајќи му в парк или во некој ќош да ѝ ги пригмечи градите. За подолу, требаше време и докажување. Таа почна да оди кај нив тој кога не беше дома, божем на мајка му да ѝ измери притисок и да поразговара со осамената жена, дури сама Иконија не му спомна на синот за убавата медицинска сестра на учителката. Младен веќе подготвуваше терен да ја доведе кога мајка му не ќе е дома; Соња од тоа не бегаше, таа мамка како и самата да ја подготвуваше, но за да му дозволи целосно да ја соблече, прво требаше тој да појде кај нив на кафе. И колку испланираната посета да беше божем случајна, Младен ја затече бившата учителка без вилица. За најважниот час во нејзината кариера, првото стапнување на идниот зет во нивниот дом, учителката беше неподготвена. Држејќи ја постојано раката на уста, се извинуваше и туфкаше, отвораше и пребаруваше фиоки и шкафчиња, но вилицата никаде ја немаше. - Внучето од синот некаде ја зафрлило, тоа, тоа некаде ја има ставено... Неколку минути, колку мал училишен одмор додржа да не зборува и потоа без вилици ја разврза. Не можеше без зборување. Учителка. Најпосле и зет нека ѝ биде, што да прави што во најважниот момент, без своја вина останала без вилицата: сега цела куќа нека ја пребара и не ќе ја најде, ќе излезе пред неа кога не ќе ја бара... Тука е некаде. Навиката со часови да зборува не беше ја напуштила. - Мајка ми зборува по четириесет и пет минути, без пауза, - сакаше да биде духовита Соња. Мајка ѝ се насмеа на познатата шега и продолжи. Одамна го немаше видено нејзиниот бивш ученик. Имаше што да си поприкажат и за првото, случајно негово доаѓање, таа сакаше на двајцата да им направи кафе, по старски. Ставаше вода, кафе и шеќер во ѓезвето и зборуваше, примеша внимателно со мало лажиче и зборуваше, го вардеше над шпорет кафето да не искипе и зборуваше, не престанувајќи да зборува додека ги поставуваше и филџаните на маса. Тресејќи ѝ се раката кога истураше кафе во филџанот на идниот зет, од Ѓезвето во филџанот на зетот испадна вилицата на неговата идна тешта. Секоја сабота на корзо, а неделата, фудбал во селскиот клуб. И Младен трчаше и се туркаше со момчињата од другите села, кркаше клоци, тегнење и штипење, но сè издржуваше штом на тумбата околу стадионот, меѓу навивачите беше и неговата Соња. Како да не дојде: игра и нејзиниот Младен. Само нека дипломира, царица ќе биде до него, кој ќе е како нив. Тој со неа ќе се вработи в амбуланта, а децата ќе им ги чува Иконија. - Куќата да ја наполните со деца. Семката ни е убава како на нашиов Полог, преубав од кој парче земја давал турскиот султан на свои луѓе за награда штом оствариле голема победа или направиле важно дело за царштината. На неговото апсолвирање ја свршија и му ја пуштија да одат за Први мај на викенд во Охрид. И времето и поводот беа за паметење. Соња имаше што да му покаже и даде на својот свршеник, а никој да не им пречи и не брзаат. Го прошетаа царскиот Охрид и на вториот ден сакаа да појдат на прошетка до Струга. Држејќи се за раце, младите свршеници со кајче го поминаа кусото растојание до блиската Струга. Исшетаа покрај Дрим и низ чаршијата, им се стоплија нозете и со сандалите в раце, боси, тргнаа по песокта на езерските плажи на кои веќе имаше соблечени капачи. И тие планираа да се соблечат и искапат првпат во сезоната што доаѓа. шетајќи и смеејќи се, за малку што не се сопнеа на попружен капач покрај езерото. Двајцата го препознаа: меѓу сè уште ретките капачи се попружил нивниот земјак Арбен со дигнатиот тасе во гаќичките за капење. Божем спие, со очила за сонце, со животинска бесрамност молчи, лежи и гледа кој како ќе реагира. Соња се фати за уста, се затрча настрана до трските и мислеше цревата ќе си ги истури од стомак. Долго повраќаше жолтила. Целата утроба ѝ се корнеше. засрамено понижен и поцрвенет од бес, Младен стоеше покрај неа, со ништо не можејќи да ѝ помогне. - Како ќе живееме вака? Сè побезобразни се, - прва прозборе Соња. Младен ништо не ѝ одговори. - Братучед ти е, - пак таа прва се обиде да го насмее. Сезоната на капење тој ден за нив не започна. Ги облекоа алиштата и молчејќи заминаа. Ако сакаш да завршиш некоја работа во Гостивар, крсти се на куклата од Велета од Марка. Во никој друг. Тој што влегол, потврдуваше. Веле од Марка в канцеларија имаше кукла од Трст; пластично женско торзо поставено на дофат на раката. Кога ќе стиснеше на пластичната брадавица од едната града, кај него влегуваше секретарката да ги послужи гостите, а кога ќе стиснеше на другата брадавица, кај него влегуваше референтот кому му наредува што да изврши. Куклата, велеа, му ја донесол на подарок некој Албанец кому му помогал при дозволите за увоз, но со нејзиното однапред испланирано вклопување во начинот на работа на Велета од Марка, куклата прерасна во знак за распознавање за цел еден период на функционирање на власта во Долна земја, небаре овој оригинален бренд за нив го патентирале маркетиншки специјалисти по напорни истражувања на јавните потреби и за да се стигне до градите на пластичниот тотем требаше многу врати да се отворат и многу споредни патишта да се поминат. Прекутрупа, најдиректно беше, низ град да се побара Јордан од Велета. Син му беше цел ден по улици. Службено се здебели и пушти мустаќи; и да не беше на смена, шеташе во полицајската униформа. Сакаше да помогне, беше човек за народот, но требаше и да го помолиш, да му направиш темена. Властта љуби да ја гледа покорноста. Секогаш и на секој чекор. Особено Албанците знаеја тоа впечатливо да го изведат пред Јордана од Велета; во кој нивни дуќан да влезеше, сите ќе му станеа и ќе се поздравеа со милиот гостин и по стар албански обичај, глава со глава, слепоочниците ги долевуваа до три пати, од на нозе со пијалак ќе го почестеа и за поздрав дома, нешто в кеса ќе му испратеа. Еднаш, досадувајќи се пред стоковната, со друштво што секогаш се збираше околу него, Јордан од Велета го забележа Арбена од Вруток како одеше со прекрасна, отскриена жена, галиба странкиња. Одамна го немаше видено. Арбен одеше по Германии, Швајцарии... подработуваше на црно, на времето го молеше татко му уште неислужен војска да му даде пасош, а сега нејќе и да дојде да го поздрави, да му мавне со рака. - Арбен! - му свика и му покажа со показалецот да дојде кај него. - Ела ваму. Арбен му дигна рака, ама не му пријде, туку продолжи да си оди со девојката. - Каде бе, еј, зошто бегаш? - Се брзам, бе. Остави ме. - За мене немаш време? Со неприроден гест на лицето, Јордан од Велета се упати кон него и дури ги одеше петнаесетината чекори, им траеше разговорот. - Од кај ти е женскава, бе? - Од Швајцарска. - Не ме запознаваш. - Не разбираш германски. - Од кај знаеш дека не разбирам? - Му удри силна шлаканица. - Гледаш дека разбирам! - Ќе ти го вратам ова. Не заборавам. Русата Швајцарка се вџаши од слученото. Вцрвенета од лутина, ги впери студените сиви очи во полицаецот и почна да му вика на германски: - Нема да остане на ова, господине, запаметете! Јордан од Велета, сепак, не ја разбра што му рече. И да ја разбереше, сè едно му беше. - Ајде, оди, госпоѓо... Оди. Шпацирен... Арбен отиде и во Долна земја не се врати неколку години. Темни, тајни премини како каверните низ штичките исцртани икони и од црвоточини нагризани, меѓу Горна и Долна земја прв нагриза пат шверцот со светци. Плаќале и за камени парчиња што излегуваа при орање, за р'ѓосани пари, куќни предмети и народни носии... Суровиот афион во Горна земја чинел злато... Неверно беше иконите да се третираат како афион... Кој не се плашеше од бога, слободно можеше во цркви да влезе и да си однесе црвлив господ. Челниците од Долна земја не се плашеа од бога; велат, имале вредни приватни колекции на икони. Им давале и на подарок на водачи на големите држави на Горна земја... Сите стари куќи во Долна земја беа барем со по една икона. Во дрвена рамка, на ѕид, во големата соба со огништето, зиме кајшто се руча и поминува денот, иконата на возрасните им е при рака; пред спиење, понадолго да се прекрстат пред светецот, благодарејќи му за изминатиот ден; на станување да се прекрстат што ги разденило, молејќи се за помош во работата што ја наумиле и пред секое јадење со измиените раце, при кусо крстење го покануваат домашниот светец на софра со нив да седне, благодарни што им овозможил да имаат со што да го понудат. На празник и спроти недела, фитилчето потопено во филџанче со масло пред иконата, го палат, преку ноќта, пред светецот заштитник да мижурка, поубаво домот да им го гледа. Најчесто, околу главната икона има прикупено и наредено уште по некоја, а по некоја иконичка се наоѓа и во другите простории. За старите долноземјани незамислива беше куќа без молчаливи светци; најтајното што ти таи в срце, јанѕата што нејќеш и пред себе да си ја признаеш, како пред најблиска рода, шепнешкум ќе си ја речеш пред светецот и тој никому не ќе те прекаже. Домашниот иконостас немаше распоред по црковен канон, кој светец во кој ред да седи и од која страна на Христа; иконите си ги редеа по својот селски вкус и припростите расудувања. Распнатиот Исус им изгледаше жален и далечен до нереалност, кон него беше задржана селската стравопочит, со него не се обидуваа да се зближат како со куќен човек, името не му го спомнуваа требало - нетребало и не личеше да го обесат на ѕид кај им дошло и туриле шајка; пред неговите отечени очи и измачен поглед премали беа нивните болки и недоумици, ниту биваше под неговото распнато тело, ноќе, на рогожа во сласт да ги сплеткуваат нозете, па иконите со негов лик поретко ги имаше по куќи. Одлуките за купување икона беа ретки и ненадејни, по нив се пушташе рака ако нешто големо се случило во куќата, се донесле многу пари од печалба, домашните останале живи од некоја војна или епидемија, се омажила застојана ќерка, се родил тагуван син по неколку девојчиња, некој оздравел од кого тукуречи се простиле, или за да се пресретне навестеното зло од загадочен, страшен сон, на црковни собири застануваа до сергијата со наредените икони од Мијаците зографи, потенко распрашувајќи ги кој светец е посилен за припомош на куќата и колку чини. Домашните кон светците се однесуваа како кон свои луѓе, не криејќи го раположението. Карајќи се или наздравувајќи, по погледнувањето меѓу себе, кон нив се вртеа и им гледаа в очи; ако некому му пожелуваат добро, преку силата на светецот пожелуваат доброто да го стигне, а ако им се закануваат на своите соперници и непријатели, тоа го прават гласно и луто и со мавтање на прстот како да го потсетувааат светецот да не должи со казната таа што им ја определиле, побргу да ги снајде. Кога сакаат светецот некому да му пресуди, тогаш му се обраќаат на Св. Архангел; им изгледа сталожено и цврсто, кај него како да нема протекции. Св. Ѓорѓи пред очи им тепа ламја, силата му е в раце, но млад и убав, ќе се најде начин да го подлажат: достатно има подлаги на светов од кои не се одбранува младоста. Од Св. Никола многу не се плашат: добродушниот белобрад старец си го имаат како домашен дедо покрај огниште, како наглув стар свекор кому мораат секој збор по двапати да му го повторуваат. Мажите го почитуваат; ги чува кога смалени од преплашеност префрлаат големи води и сакаат да му наздравуваат. Секогаш во тајни, жените ѝ се молат на Света Петка, а се закануваат преку Света Недела и ниту пред Света Петка се домолуваат, ниту преку Света Недела клетвите до тие што сакале стигаат. За неизвршената работа не им оставаат кусо на кротките светици; вутума ќе ги прекараат со тешки зборови и ќе им се потсмеат на женски мани како што се потсмева в лице на золви стари моми на кои им умреле родителите, а браќата не ги штитат од сопругите. И по некој ден, ништо како да не било, со едно прекрстување пред нив, продолжуваат жените со молењето и заканувањето, до ново скарување. Митре од Бањица не се плашеше од светците в црква и од мртовците на гробишта. Непендек од дете, можеше в полноќ во секоја црква да влезе и за доказ да запали кандило пред која икона ќе посакаат, а во обложување, на гробишта ќе однесеше предмет на кој гроб ќе посакаат и згора на тоа, над него ќе испуши и една цигара. Неговиот бестрав некој ѝ го препорача на Горна земја за бизнис; влегуваше ноќе по селските цркви низ Полошко и како да се поткачил на лозница и собира гроздови во кошница, полнеше торби со икони. Ги заврте црквите во Галате, Дебреше, Балин Дол, Чајле, Зубовце... Во Вруток имаше роднини, мајка му беше оттаму и можеше кога сака да појде на гости кај вујковците. Кукулаво в косите, со едно око црно, едно шарено, чутураво во усните и тетовирано по рацете, ни роднини го сакаа, ни во друштво го трпеа. Во св. Архангел влезе сред бел ден, на Ѓурѓовден, девојките дури на црковните дабје се лулаа на нишалки. По зинатата празнина меѓу зимата и пролетта како што живот дели од смрт, со зеленилото на Ѓурѓовден сета грдотија на стварноста добива нова смисла; работите се какви што се, не можат да се променат, човечкото место во светот е жално и минливо, човек себеси таков треба да се прифати, со небеските закони да се согласи, ама умот со тоа не му се помирува и има потреба постојано да работи на разубавување на стварноста, самолажејќи се да си го троши животот. Околу Ѓурѓовден надојдената животна сила во природата и човекот накусо им ги израмнува односите и таа меѓусебна помирливост луѓето ги турка во нескротливо лудирање. Надворешноста тогаш е убава до нестварност и човек нема потреба да ја доусовршува и идеализира за да му биде поснослива; зеленилото лачи сок на пролетно пијанство, а тревата како врховна билка на растењето, се подзаборава дека е всушност билка на вечноста и заборавот и в камен што се провира, го раздробува и покрива: сè е минливо и ништо не ќе остане на овој свет, освен трева и ветер. На Ѓурѓовден девојките собираат тревки, плетат зелени венчиња и ставени на глава како кралици на билјето ги носат до влезот на домовите и ги закачуваат над влезната порта, а со зелените гранчиња в раце, запотуваат врати, племни, кошари, плугови, амбари, ниви, ставајќи дури и на оглавите од крупниот добиток: на кравите меѓу роговите, на коњите и магарињата на амовите, сè живо побргу да повлече живот, да потегне сок и млеко. Никогаш повесели и пораспеани, сите народи на Долна земја на Ѓурѓовден ги тресе зелена треска: младите Албанки целиот ден собираат тревки и плетат венчиња, а ноќе по чардаци удираат даириња и ги пеат љубовните копнежи, а машките, по месечина, во Краста печат јагниња и пукаат со пиштоли; Ѓурѓовден и Турчинките ги спалавува да не ги распознаеш: преку ден на теферич пијат чаеви и шетаат, а ноќе по ливади врискаат и се бркаат со момчиња дозори. Ѓурѓовден е спас за Циганите; дочекале излегување на зеленото и оттогаш па до Митровден секоја сенка и тревка им е подготвено легло. Најчешитни во прославувањето на денот, сепак ќе да се каурките; ручани, попладнето одат под дабјето на гробишта, префрлаат јажиња преку издолжените гранки, прават лулашки, пеат викаечки Ѓурѓово лето пролето и се лулаат до самрак над обрастените гробови како зелени перници од маховини и треви што им испаруваат со киселкава влажникавост под колковите. Во месецот на старословенски наречен Тревен, што може младоста да прави со животот врзан со конец на вечноста освен да ја лула својата трошност над камењата обраснати со трева. Машки не одат на лулање на нишалки на гробишта, но ако појдат, девојките не ги бркаат. Не им дозволуваат да се лулаат, а машките и да ги отепаш не би се качиле на нишалка, освен некоја девојка ако се плаши од нишањето, па да седне в скут на некое машко, некако да се престраши. Момчињата им помагаат на девојките да се поткачат, им го подместуваат перничето под дебелото месо јажето да не ги прежилува и силно туркани, во нишањето се како качени на тобоган; цивкајќи од страв, припретуваат со нозете и молат за доста. Од перспектива на лулашката, тоа пијано попладне гробиштата не изгледаат морничаво, ниту им се пали свеќа на покојните од тој свет за да можат на овој свет да ѕирнат; бившите соселани и без запалена свеќа од порцеланските сликички како да ги криват лицата и ѕиркаат во бутките на девојките ветрот што им ги отскрива, игра што пред многу години тие со свои врснички ја правеле. Во сеопштата распалавеност, Митре од Бањица незабележан влезе в црква. Ја зеде торбата што пред тоа ја имаше скриено во трњето и набрзина ја наполни со десетина икони. Светците молчеа. Дента и тие како да беа откажале од светоста и испосништвото и потпримиле животен сок од билјето тоа утро што го донесоа в црква постарите верници; вцрвенети во образите, очите постојано што им гледаат право како да беа ги свртиле кон веселите врисоци што доаѓаа од гробиштата. Со полната торба светци, Митре од Бањица ја проседе ноќта в поле и се качи на утринскиот воз за Скопје кај што го чекаа луѓето од шверцерскиот канал. Опијанети од веселбата, младите на самрак ја затворија црквата и не забележувајќи дека иконостасот е оштрбен и на највисокиот ред му зјаат празни рамки. Некој пред тоа како да беше го подучил Митрета од Бањица и тој најмногу ги собираше иконите токму на Дичо Зограф, чудесниот живописец од Реканската школа од времето на Преродбата; тогаш сè уште недооткриен од историчарите на уметноста, триесетина години подоцна Дичовите икони особено влегоа во мода по неговата зелена Веронезе боја, со која самоникнатиот уметник очигледно успеал сликарски да го досегне спалавеното зеленило од неговата Река... По многуте кражби, полицијата му влезе во трага на локалниот крадец што најспокојно си влегуваше и си симнуваше од иконостасите што ќе посакаше или што ќе му нарачаа. Само што слезе на железничката станица во Скопје и се упати кон Камениот мост, сети дека го следат. Забрзувајќи го чекорот, светците в торба почнаа да тракотат. На крајот на мостот, очигледно му имаа поставено стапица и за да не го фатат, затскриен меѓу раздвижениот народ, го откопча патентот на торбата и од највисокиот дел на мостот ги истури светците во Вардар. Ожеднети и излеснети, без вода повеќе од еден век, жедните испосници од црквата на Главардар што голтаа само чадови и мириси на свеќи и темјан, плиснаа во брановите на надојдениот пролетен Вардар и пливајќи по површината почнаа жедно да пијат со капиларите отворени од црвоточини и бабрат од водата што откако е свет оди од Вруток кон Гостивар, од Гостивар кон Солун. Полицијата и тој пат крадецот на светци не го фати на дело; торбата му беше празна при претресот што му го направија штом стаса на другата страна од мостот. Митре од Бањица набрзина се парализира и веќе не можеше да се качува по иконостасите од селските цркви. Извиткан во нозете и рацете, пооде уште некоја година низ чаршија в Гостивар, со прст за да го покажува народ како изгледа човек казнет од светците. Господ набргу беше избркан од христијанските домови во Долна земја. Во новите куќи што ги градеа, немаше место за насликани икони; нивното место го заменија евтини слики со љубовни двојки што ги купуваа од Цигани за неколку јајца. Попоската стара куќа во Вруток беше преполна со стари рачно изработени предмети и Миле, синот на покојниот професор Владимир Поповиќ, иако ретко навраќаше во татковата родна куќа, на враќање имаше што да понесе за Скопје. што сè однесе од Попоската стара куќа генерации попови што собирале и куќеле, никогаш не ќе се дознае, всушност тоа си е нивно фамилијарно наследство; но во едно опуштено летно туристичко привечерие во Дубровник, една несекојдневно стара и убава книга што им ја нудеше на дубровничките антиквари еден турист со говор што покажуваше дека е од југот, за искусните хрватски познавачи на уметничките старини беше јасно дека имаат работа со несекојдневно вреден предмет, веројатно украден, каков што не им се нуди често на западните туристи. Непознатиот понудувач велеше дека книгата е негово семејно наследство и бараше контакт со западни колекционери на старини на кои би им ја продал за не помалку од сто илјади германски марки, а книгата, навистина вредеше многу. Всушност, тешко и можеше набрзина да се определи вистинската цена на таква бесценета книга што одеднаш се понуди на црниот пазар на антиквитети. Господинот иако тврдеше дека старото евангелие е негово семејно наследство, немаше потврда од Министерството за култура на неговата држава дека книгата е негова сопственост и смее да ја продава, за таков сертификат ниту имаше слушнато дека се набавува, ниту ресорните институции во Долна земја тогаш издаваа такви соодветни документи и со непознатиот турист со нерегистрираниот уметнички предмет што мошне наивно низ антикварниците го нудеше, ретко некој од антикварите сакаше да влезе во тргување. Непретпазливиот дојденец на вештите трговци со уметнички предмети им заличи на полициска провокација за нивна проверка во работата и нивниот сомнеж беше повод да ѝ сигнализираат на хрватската полиција, далеку поорганизаирана против дивите трговци со уметнички предмети од Јадранското приморје. Сопственикот на книгата беше неусетно идентификуван и веднаш беше даден сигнал во Скопје да проверат кој е човекот што ја нуди небично скапата книга. Скопската полиција стапи во контакт со д-р Михаило Георгиевски, стручњак за старите старословенски ракописи; штом доби податоци дека станува збор за потомок на стара вруточка попска фамилија, на искусниот научник не му требаше многу размислување да претпостави за која книга се работи. Дали е на трага на своето најголемо научно откритие? Сè знаеше за еднаш откриеното Евангелие во Вруток пред Втората светска војна од белградскиот професор Грујиќ, само книгата ја немаше... На книгата уште тогаш загадочно ѝ се губи трагата и упатениот научник кога мислеше му беа попусти истрошените години за нејзиното повторно откривање, стариот ракопис како сам в раце да му доаѓа. Ако не се работи за некој друг помалку значаен ракопис, сите подредени коцкички покажуваат дека станува збор само за „Вруточкото евангелие“. Научникот отиде со полицијата кај Миле, потомокот на вруточките Поповци и му ја побара книгата. Миле малку се бранеше и се правеше недоветен, но кога му се заканија дека книгата и со сила ќе му ја земат, а тој може да лежи во затвор што се обидел тајно да продава богатство од исклучително национално значење, попушти и го извади старото, толку барано Евангелие. Задоволството од големото откритие ги избриша сите непријатности. Собраните мажи, на крајот, елегантно се договорија: сопственикот да ја подари книгата на Фондот за стари ракописи во Народната и Универзитетска библиотека, нему јавно ќе му се заблагодарат, ќе биде заведен како прочуен донатор и во сите пригоди ќе се спомнува како пример како би требало да се однесува секој граѓанин кон сопственото национално богатство. Неколку дена потоа, д-р Михаило Георгиевски направи конференција за печатот и ѝ го покажа на македонската и пошироката меѓународна јавност пронајдениот бесценет стар ракопис „Вруточкото евангелие“ и денес што се чува во Фондот за стари ракописи во Народната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“ во Скопје. Тој умре. Никој не веруваше тој дека ќе умре. Беше живо божество што оди дојдено од приказните, човек при живот престорен во мит. Ја управуваше државата, старееше, а старец за него никој не смееше да рече. Името му го поврзуваа со младоста и растењето и ретките што ќе изустеа дека е веќе престар за водач, беа напаѓани дека лажат и примерно беа казнувани. Како авторитет на кој не личи секој момент да му го спомнуваат името, од младешки години го ословуваа со Стариот, прекар за најдобриот од народот што означува искуство, знаење и почит, збор за најмилиот штом ќе го изговореа, најмилиот како да го милуваа... Можеби и не им требаше друг бог на напатените луѓе ненавикнати на поголема среќа од таа да можат слободно да се движат и спијат, а можеби и само толку му треба на човек, барем на човекот од Долна земја. Тој знаеше колку му треба и што му треба; армија ласкачи неговата црква ја бранеа, ретки се осмелуваа да го нападнат, а не беа многубројни ни оние што сомничаво тресеа глава, а уста не отвораа. Го надмудри Хитлер, потоа и Сталин, па не ќе ја надмудри смртта... Живеејќи во раскош за приказ, при живот влезен во приказни, како неговите врсници од приказните, Стариот не процени дека му дошло време да рече има наследници и навреме со нив да седне и им ја предаде на управување сермијата, додека е жив самиот да се насладува кога ги гледа како работат неговите без него, а при него. Времето го запре за да не се сретне со смртта и смртта не ја виде; никогаш не рече стареам, туку немам време да остареам. И така ненадејно, на старост умре. Целата нација се најде изненадена. Кај го начека дијанијата, како неговите сејмени дозволија да му се приближи, ќе остане тајна. Тие да не дозволеа да му се приближи, Тој уште ќе беше жив, ќе ви рече секој повозрасен во Долна земја. Тој си беше арен, тие околу него не чинеа. Ги изнахрани, а тие неблагодарници го оставија на дијанијата на времето... Беше каснат за нога, конзилиуми лекари се собираа и шушулкаа и за да не му се прошири раната по тело, ногата му ја пресекоа. Народот тогаш првпат се стресе дека некој му подвалил на Стариот, рачната на времето некој му ја спуштил за да се жртвува најдобриот син. Сепак, и в постела и со пресечана нога, сите медиуми зборуваа дека и оваа битка Тој ќе ја добие, никој ни на крај ум не помислувајќи да рече има смрт и за него. Тогаш кога беше предоцна, тие на кои им се слади животот околу него, го мачеа и враќаа во живот не сакајќи да ја испуштат живата влезница за престој во рајот. И едно мајско попладне светот кога застанува од попладневната неделна мрзливост, без поздрав со народот, без реч за збогум, молкум од зад на невнимателните поданици мрзеливо опуштени од прејаденост кога ждригаат, зеваат, дремат, гледаат фудбал или одат со трските на река и чекаат да удри риба, каменот на времето кога е на највисоката точка Сизиф што го истуркал на угорницата и со изморената рака победнички кога поминува по испотеното чело пред уште еднаш да му се стркала прудолу, тогаш, во таа секунда на природна нирвана и привидна победа, во тој миг дијанијата проработе и ги испревари граѓаните на среќната Долна земја. Медиумите, најпосле, крикнаа дека смртта ги разделила од нивниот најголем син и го положила во црната композиција на одарот што тргна кон вечниот дом во Белград. Народот хорски крикна и се разбуди од убавиот сон со ненадејната, горка завршница. Плачеше, се колнеше, носеше в раце негови слики... Телевизијата ден и ноќ ги следеше последните деноноќија од заедничката разделба со најмилиот син. Црната локомотива што не ја прегази смртта, со мртвото тело на водачот здијаше и испушташе бели пени лутина по пругите на братството и единството и трасите на успехот. И неговите ретки непријатели не ликуваа. Илјадници луѓе отидоа со организиран превоз на последен поклон на својот водач, траурна музика со денови ечеше од секоја станица, повеќето за првпат стапнаа бесплатно во Белград, а најповеќето беа со денови заковани пред телевизорите и го гледаа секој момент до величествениот погреб. Домаќинките никаков ручек за домашните не приготвуваа и насолзени како да следат најинтересна љубовна серија од пред екран не мрдаа, а мажите потшмркуваа и првпат не се срамеа солза да пуштат; ретката машка солза секогаш што покажува слабост, тогаш покажуваше верност; фраснати, молчеа како на најважен фудбалски натпревар да им губи нивната екипа од која никогаш не ќе се откажат и првпат машиженовците не се караа на која програма да биде пуштен телевизорот. Инаква програма немаше, а друго и да се гледа беше богохулно; потопени во искрена жалост, неколку недели целиот народ се движеше во молскиот такт на посмртниот марш. На неговиот погреб се собраа најзначајните светски државници и во последниот привиден мир што се одбројуваше меѓу неговите раскарани наследници, секој во себе се прашуваше: каде оди со човекот што не му беше дозволено да умре и животот на оние над земја, во Долна земја. Меѓу првите телевизори во боја во Гостивар беше оној во ресторанот „Централ“ и многу луѓе дома што имаа црно-бели телевизори, седнуваа во големата сала на ресторанот со гордо издигнатиот колор телевизор до под плафонот и во боја ја гледаа колективната црнина во која западна заедничката држава. Меѓу работниците со стандардот што му стигна само до црнобел телевизор беше и Видоја. Слезен од Шар Планина од Горно Јеловце, мало куќиче имаше направено отаде Вардар, во оние сиромашни работнички населби со куќарки што почнуваат од една соба па на неа, како што си доаѓаат децата, се доправаат соба по соба. И додека мајките ги воспитуваат девојчињата да се среќни ако се мажат во куќа што ќе има за неа со момчето посебна соба, таткото со синовите кои му помагаат, незабележливо ги воспитува и воведува во животот, од кои момчиња подоцна се регрутираат занаетчии, гастарбајтери, специјалци и телохранители. Внимателно умерен во постапките и уличните зборови, прв нудејќи ги со цигара, таткото ги опушта синовите да разговараат со него како мажи со мажи, низ задевање потпрашувајќи ги за нивните идни планови, гордеејќи се во себе со изградените соби дека веќе имаат неговите синови одвоени простории каде што ќе можат ноќе, божем неусетно да донесат прва девојка, од каде што со музика ќе ги испраќаат во војска, а по свадбата ќе спијат со невестата. Според тие работнички критериуми, Видоја беше успешен и преуспешен. здраво мажиште што може со рака вол да отепа, рус со необелена коса кој кога ќе дојде од работа преслекувајќи се од прашливите работнички алишта седи по маица со прерамки, со тетоважа на надлактицата од денот на влегување во војска и со иницијали на неговата девојка што го чекала да се врати, тогаш тенка мома, сега престорена во округла домаќинка вширувана етапно како проширената семејна куќарка соба по соба, заокруглена како огромен компир или кромид постојано што ги лупи околу пладне, домаќинот кога ќе ѝ дојде од смена да го пречека со топлата манџа (може и без месо). Нејадена, му ги мие нозете во леген и му истура една лута од креденецот, да мезне со салата пред да ручаат заедно. Таквите машиженовци по ручек не легнуваат туку фаќаат некоја домашна работа: вечната доправка на куќата, в бавча, в село, или ако не се најде некоја ситна работа приватно, ќе му помагаат на комшијата... Постојано во борба за гол опстанок, во таквите куќи ретко се мисли на вкус; што се пофатило сè грубо е направено; и ѕидовите на куќата криво изѕидани и водоводот донесен дома постојано што поткапува и струјата што често ги пука бушоните и штиците на подовите претерано што крцкаат... Штедејќи колку се може за породот да го извадат на пат, таквите машиженовци бргу се запуштаат во снагата; јадат колку да ги наполнат стомаците, носат евтини алишта што ги одрасле децата и такви неспастрени кога излегуваат до пазар или до чаршија, изгледаат барем петнаесетина години постари одошто се. Капнати од умор, си дозволуваат само в недела попладне да легнат и длабоко да зар'чат, да паѓаат корки вар од таваните сами што ги варосале. И така секој ден, од ноќ до ноќ, домаќинката штом седне пред телевизор и задреме без да ја изгледа шпанската љубовна серија, мажот може пред вечер да прошета, купи цигари и чуе што збори чаршијата. Неспастрен, во пластичните папучи што се оставаат пред врата и ги навираат домашните колку да појдат до чешма или до клозет, со нив Видоја излегуваше до град. Во почетокот, жена му го караше и не го оставаше мажот ѝ да излегува без чевли, но полека попушти и незграпното мажиште во маицата со прерамки над која му се вее руното на градите, во штофени панталони, со несоблечените чорапи и папучите, спокојно си извртуваше едно крукче низ град. Таков беше излезен и во „Централ“, во боја да го гледа закопот на Претседателот Тито. Во натежнатата сала од траурна тишина на уплаканите мажи, на масичето што седеше до вратата што води кон клозетот од каде што постојано удира смрдеа и во најголем навал што е празно и на него скоро никогаш никој не седнува, на него беше седнат Видоја. Сам на маса, в ќош каде што цел живот е напикан, ниту му пречи и му е непријатно на кое масиче за него останало место, ниту бара од келнерот ако се ослободи некој стол, да се префрли. Со чашка лута пред себе, уплакан, низ чад од цигарата го гледаше закопот со глас на спикерот што не можеше да го скрие задоволството дека токму тој се догребал да го врши преносот на погребот, па наскоро ќе очекува унапредување. Видоја пушеше и плачеше. И во сите работи како што изгледаше незграпно, необично ужален беше и во плачењето; вадеше едно големо шамиче од џебот, ги бришеше крупните солзи што му врнеа од очите, на крајот дувнувајќи во него со носот што смешно му свиреше како труба. Беше најуплакан во целата сала и тие денови да можеше некои од државните новинари да го видат, него сигурно во крупен план ќе го снимеа и запрашаа да каже неколку скржави, искрени зборови за Претседателот. И Видоја кажа. Без некој да му рече нешто, во моментот кога целата држава и слободољубивиот свет му оддаваше почит на Тито, а во салата сите шмркаа, не срамејќи се сами на себе што изгледаат неприродно, на суровите луѓе никогаш што не се расплакале, божем каналите за солзи им се залепени, расплаканиот Видоја, тресејќи му се брадата, најде глас да им свика на присутните: - Што сте се расцмиздриле, бре олкави мажи! Плачете по стар човек од осумдесет и осум години што умрел, а за детето мое од дванаесет години пред три дена што ми умре и збор не рековте, не го зажаливте... Тоа беше единствен пат концентрираните погледи да се свртат од екранот. Сите го погледаа Видоја и во смесата тишина од траурност и патос, одеднаш надвладеа непријатност. Никој ништо не рече, ниту пушти нова солза. Без дотогашната вообичаена концентрација и жал, насобраните во салата го догледаа погребот кој по некоја минута заврши, и се разотидоа. Тогаш, во салата имаше многу луѓе и не може за некого да се рече фиљан човек тоа му го направи, но некој очигледно го пријавил за навреда на јавно место на ликот и делото на другарот Тито, по неколку дена, на Видоја му дојде пријава и тој одлежа шеесет дена затвор во Тетово. Треската што ги стресе со смртта на Тито не ги напушти; врвеа месеци и години, а температурата не им се симнуваше. Со времето, таа состојба на луѓето им стана нормална; им студеше горејќи во сопствениот оган, забите им цакотеа од студ и за да се стоплат, се групираа, разговараа во бунило и од групираноста се стоплуваа; говорите им се престорија во оган и со збор и допир самите предизвикуваа искра. А се соберат ли стотина илјади под температура, не беа далеку пожарите. И дотогаш се случуваа пожари. Од стара инсталација, од невнимание, од испушок, не еднаш пламнуваа куќи, племни... Ќе тлее искрата, ќе создава жар, дури еден момент незапирливо пламне. За војната, огнот е најупотребуваната метафора во литературата; има ѓаволска неистрошливост во таа метафора што ги поврзува двете појави, не создава замор на излижаноста и трпи и натаму да се употребува... Сè е напишано за огнот и војната; не се знае од напишаното колку однесле огнот и војните и не се знае што има повеќе војни со намера или пожари со намера. Видлив им е крајот, не им се гледа почетокот, тлеењето. На војната, времето на тлеење е мирот, а на огнот, дури не се види пламен. Некој го пали фитилот, но ако не се видел потпалувачот, не може на кој и да е, да се фрли шерот. Фитилот е врската и разликата меѓу огнот и војната. Во Долна земја имаат големо искуство со пожарите и војните: обичен човек не го знае рецептот да направи војна, ја знае смесата да направи пожар. Рецептот за пожар е смеса од говедски лепешки и коноп. Се мешаат лепешките и колчиштата и се лепат за греда или чатма од тој што треба да е пален и се остава запушената цигара на лепешката. Лепешката не дозволува бргу да пламне конопот, а конопот не дозволува да изгасне искрата. Тлеењето трае и два-три дена дури убаво не се вжари дрвото и пламне на ноќно ветерче сите кога спијат, а палачот за тоа време може без проблеми да биде надалеку и никој во него да не се посомнева. ќе запламти некоја племна, ќе се расчади оџак, старо кујниче или клет и дури огнот не фатил сила, стрчува селото врз безверниот оган; тогаш не се гледа кој од која вера е; ако е куќа, прво домашните да се извадат надвор, а ако е племна говедата да ги истераат од клетот и сите, од рака на рака, од Вардар со кофи подавајќи вода, гаснат дур' не дојде пожарната често пати празна; на Вардар дури се изнапие, пламенот цупка и танцува по покриви, под нозе му пукаат керамидите во пламениот вознес и радосен што никој не го прекинува, се пика и подава јазици од кај ќе му дојде, за чиј пламен полет ќе сведочи утре пепелиште од вчерашниот огнен пир, јагленосана празнина сред нечиј двор... Од присебноста и меѓусебното помагање, досега во Гостиварско не се случило некој да изгори во пожар. Племните се друга приказна. - А бе, докторе, им реков, имате ли во племнава оружје, сопственикот ми вели нема, гасни слободно - му вели пожарникарот Мурат, на доктор Младен во вруточката амбуланта. - Фала богу што ме погоди в нога. Кога фати да пука во племната, одвај се извлеков. - Нема проблем за боледувањето, ќе го продолжиме колку што сакаш. Чувај се. - Се чувам, ама не прашува куршумот... - А, бе, комшија, што да ти речам, чувате оружје... Тоа, самото еднаш пука... - Чуваме, вистина е. Има во наши племни оружје. Затоа секогаш одиме со полупразна цистерна... Слушнеме ли дека има повик за племна, ја земаме полупразната, дур' ја полниме, да видиме дали пука... И ние имаме душа, бе, докторе. Отворено луѓето ги прашуваме, има ли внатре оружје или нема? Некои кажуваат, не доближувајте се, некои лажат. - Варди се, што да ти речам... - Се вардам, бе, докторе, ама опасно е... - Добро е. Овој пат си имал среќа. Пензионирањето го исплаши. Новиот, здодевен живот и во поодминатите години не можеше да го истрпи. Го сметнаа во чекалната на смртта, до отворот на дупката од дијанијата и го чекаат денот, внатре да падне. Не се исплаши в шума, од војната, од Џемо од Симница и од илјадници проблеми со кои се сретнувал додека раководеше, се исплаши дека треба повторно да загази по земја, цел живот што ја одеше качен на нешто невидливо, а очигледно присутно; ќе излезе в чаршија, ќе купи весник, ќе го намести во џебот од мантилот како останатите пензионери да се гледа дел од насловната страница, покровителски достоинствено ќе зачекори по тротоари, но не стигнува до парк кај пензионираните другари со нив да подише... Ни дваесетина чекори не ќе помине, туку некој што не смеел дотогаш и да му се приближи, сериозно ќе го поздрави и рече, а бе ти си знаел да читаш; ќе влезе во кафеана, ќе го затече истото друштво со кое седел и му се клањале до пред некој месец, ќе го исфалат дека не старее и ќе честат за побргу да им се тргне, отколку од него да бараат совет и ако набрзина не стане, ќе се разотидат божем по работа, намигнувајќи меѓу себе за да се соберат во друга кафеана. Познавајќи ги луѓето преку пороците со кои се нафрлаат на власта, а преку кои потоа таа ги контролира луѓето, Веле од Марка не можеше да претпостави дека власта била толку отпорна на здодевноста и пороците пливнувале од страв од здодевност; знаеше дека околу него има и мирен живот, понекогаш во презафатеноста и си го посакуваше, но здодевноста него цел живот го гледала оддалеку и не смеела да му се приближи. Се истопори пред него целосно да ја запозна по пензионирањето, сега кога не ѝ може со моќ да ја избрка и измешана со немоќта, сега му избива во погледот и во грчот на краевите на усните. Почна да прави тикови; без власт, Гостивар му се престори дупка во која пропаѓа. Вака веќе не можеше: отиде во Скопје кај син му Анастас од Велета, младиот универзитетски професор по литература да го води по лекари за неговите нови маки и учениот син имаше разбирање и подготвен одговор за пензионерските проблеми на татка си. Неговиот совет за татко му беше бегај оттаму. Подалеку од Гостивар, си подалеку од смртта. Потоа ако не ти е подобро, ќе бараме лекари. Материјален проблем за него одамна немаше и Веле од Марка се иссели во Скопје. Купи куќа на Водно, најелитниот кварт во кој живее управувачката класа на државата, и за неколку недели во новата средина, се прероди. Апчињата за смирување престана да ги пие, тиковите му се изгубија, а сонот и апетитот му се повратија. Во главниот град Веле од Марка ја откри својата нова улога. Сè уште беше употреблив. Сега уште еднаш кога би можел да се роди, би се родил како пензионер во Скопје. Се изнајде со старите другари, бивши функционери, нивните синови и ќерки веќе ги држеа најодговорните државни места, меѓу нив и син му, професор Анастас од Велета, па лесно издејствува за другиот син, Јордан од Велета, да го постават командир во гостиварската полиција. Животот му се престори во игра; се чувствуваше како да воспостави клацкалка меѓу родниот град и новото место на живеење и кога сака се префрла де од една, де од друга страна. Преку недела му беше интересно и преисполнето времето во Скопје, но за викендите му се појавуваше мала здодевност, па ја пополнуваше во неговиот Гостивар. На своите гостиварци сега нашироко им раскажуваше како живее во главниот град и никој не се осмелуваше да го прекине или му се подигра. Единствено можеа да го избегнат, (само оддалеку ако го видат). А за фалење, имаше со што да им се исфали. Во Скопје живееше живот од друг свет. Од Горна земја. Неговата елитна населба извишена на брдцето над Скопје, со едната нога веќе беше во Горна земја. Качен на Водно почувствува пак како да се качил на дијанијата на властта. Тој и беше еден од избраните јавачи на Водно; избраник да јава планина. Не многу голема, ни оддалеку колку Шар Планина, но сепак е планина и стабилна, утробата не ѝ е издлабена и не се навалува одвременавреме да потфати под себе кого ќе најде. И државата на која водњанци ѝ ги држат дизгините не е голема, ама е држава. Ќе се наспие, ќе се избричи, ќе се наконти во бесперекорен костум со обврзната кравата, шешир и мантил, со такси ќе слезе до Центар, ќе купи провладин весник наместувајќи го во џебот по насловната страница секој да го легитимира на која струја ѝ припаѓа елегантниот господин, но нема време весникот и да го пипне; го отвора дури дома по ручек пред да дремне. Му се отвори многу работа; низ центарот се врти со врсниците и наслушнува што збори народот, ги провоцира младите незадоволници отворено што зборуваат против државата, се пика меѓу групите работници со месеци што не зеле плата или појдени под стечај сè почесто што штрајкуваат пред Собранието и божем со нив сочувствува, ги потпрашува за нивниот револт и водачите на протестот, а потоа седнува со друштвото во некоја градска кафеана, информира и чуеното го анализираат. Постојаното друштво не можеше да се изначуди како е можно самата работничка класа да го мрази и пцуе работничкиот систем и авангардата за нив цел живот што се бори, крвави и бдее. Не демократија, камшик требало за овој превртлив и неблагодарен народ што слуша надворешни капиталистички служби, златна држава што сакаат да им рушат. затоа сè што е подолу од Водно, вечно ќе е Долна земја. Никогаш овој народ не ќе се искачи до тоа стапало и сфати дека тие на Водно, барем малку од повисоко и подалеку гледаат од нив, ако не со друго, со главата, со свеста се во Горна земја. Разприкажаното друштво за да се потсмири, потоа оди на кафе-муабет во Институтот за национална историја, Архивот или Академијата. Таму ги пречекуваат со должната почест научните работници, а младите асистенти што треба да магистрираат и докторираат им се умилкуваат исто како од времето кога беа на власт. Ги честат со кафиња, ги испрашуваат, фаќаат белешки и црпат податоци од извори од прва рака за борбите, ликовите и делата на револуционерите за кои подготвуваат научни трудови и популарни незаборавници, ги консултираат за монографии за загинатите народни херои, ги пишуваат во публикациите како консултанти, ги фалат за беспрекорното паметење, им исплаќаат хонорари за соработката, им нудат со нивна помош да напишат спомени и сеќавања, а кога има промоции на мемоарско-историска литература, Веле од Марка обврзно е во првите редови на публиката. Книгите најчесто ги промовира син му, Анастас од Велета, кадар со педигре од новата класа што успешно ја владее Долна земја, специјалист за вдахновени предговори од национална проблематика. И сè е епохално, пирамидално и среќно. Неповторливо. Заминувајќи во Скопје, Веле од Марка се врати во времето наназад. Детинесто среќни, со Скопје заличуваа на нацицани и успани деца, од убавите соништа што си ги наполниле пелените. До петок работеше, петте делнични дни му беа преполни со активности, а во сабота се облекуваше во ловџиската униформа и со чифтето му се враќаше на ловот. Шеташе, пукаше и во недела навечер се враќаше во Скопје. Може да оди со кола, но нејќе. Сака да е со народот. Секогаш беше со народот. Сите го знаат. Повозрасните патници ги знае, а и да не ги знае, со секого започнува разговор. Смета, чест е што можат со него да зборат, од него имаат и што да чујат додека е до нив и само тој зборува дури не слезе во Гостивар, или пред тоа, на некоја мала постојка по млаките и елаците покрај пругата што врви до Вардарот. Не се надеваше дека во воз ќе го сретне неговиот земјак Алија. Беше слезен на една локална постојка кај Јегуновце; прошета по шамакот, но голема магла надојде во дервенот и не можеше да се лови, па се врати на пругата и потчекуваше нова композиција за Гостивар. Досегајќи со мака до високите скали на шинобусот што застана, некој однатре му подаде рака и го позеде. Шинобусот беше преполн и одвај влезе. Пред Нова година доаѓаа гастарбајтерите од Горна земја и вагоните беа преполни од луѓе и стока. Влезе и остана до вратата меѓу камарите куфери, торби и пакети. Го погледна човекот што му пушти рака да му заблагодари и виде дека рака му пуштил Алија од Вруток. Не беше го видел со години. Да знаеше дека тој ќе му пушти рака, оваа тура ќе ја пропуштеше. Алија беше најмодерно облечен како што приличува за неговите години, негуван, со поправени заби и добиено достоинство што никогаш го немал: на него ни трага од сиромаштијата и понизноста што му ја знаеше. Сепак, нешто требаше да прозборат. Неговите скопски фалби кај Алија не ќе палеа, а Веле од Марка не знаеше друг да слуша. - Многу куфери, бе Алија, цела Германија ја донесовте... - Фала богу што имало од каде да се носи и некој што дава. Ако беше до вас, ќе останевме перишан. - Да мрднеме некако, тука до клозетов смрди... - Бујрум, ако можеш, помини. - Сте го закрчиле возов, до влезот. - Му дадов на кондуктерот десет марки... Не добил три месеци плата од вашите. И тој има деца. Да има пари, сигурно и тој ќе купи пушка и ќе пука. Кој знае на кого. Фала богу што ме избрка од оваа држава за две кила месо. Те молев, дојдов... Фала ти за сè. Со клопотењето на возот меѓу нив нараснуваше непријатната тишина и клатејќи се, Веле од Марка подгледнуваше кон купиштата торби наредени до таван како му се закануваат да му се струполат на глава. Алија извади странски цигари и го понуди. - Фала ти, јас сум тргнат на рекреација, на лов. - До вратата ти смрди, па со чадот малку да ја избркаш... - Јас ќе слезам овде, во фазанеријава... - Ако, ако, само ти рекреирај. Само што се качи, Веле од Марка слезе на следната станична постојка. Маглата од Долни Полог дотука уште не беше дојдена. завлезе во елакот, газеше по водните огледалца образувани по калливата земја и скорните му пропаѓаа во калта. Никогаш тлото метом вака не му пропаѓало под нозе. Врнеше ситна лапавица и ги тераше птиците ниско да летаат. Гракнуваа заканувачки лошо над него и сам сред елакот му стана шубе и не се обиде да пука. Се врати на пустиот влажен колосек што мирисаше на мочка и катран и почна да чека нов воз. Сеедно му беше од која насока ќе дојде, дали кон Гостивар или кон Скопје; ќе се качи. Диви патки, фазани и гргурлици летаа над него, чиниш, очите ќе му ги извадат и да не му ја дигнат шапката од глава, со едната рака ја придржуваше. Во Горна земја, Арбен се приклучи кон албанските организации за нивно обединување во една држава. Горд и убедлив, нему му пружаше гостопримство секој албански гастарбајтер; со добро или со закана им собираше пари за каузата, пренесуваше оружје, учествуваше во разбојништва и кражби и продаваше дрога. Од неговата швајцарска пријателка Арбен имаше поддршка; таа ги анимираше хуманитарните организации за заштита на човечките права, пишуваше по весници и сведочеше за обесправеноста на Албанците во Долна земја. Арбен во Горна земја неколкупати дојде во судир со законот, му удрија црн печат на паспортот и оттаму беше протеран. Дојде дома и назад веќе не можеше без помош од тукашната власт. Тоа беше лесно: му однесе видео-рекордер на Јордана од Велета и како ништо да не било со шлаканицата, се смирија, доби нов паспорт и повторно Арбен тркнуваше преку граници по некоја недела. Можат таму да му удират колку сакаат црни печати и да го брка Интерпол, тој на секое доаѓање со франци и марки го зацврстуваше важното пријателство. И едно лето, во сезоната на свадбите кога доаѓаат на одмор Албанците гастарбајтери од Горна земја и нивните најнови коли со марки на лавови, пуми, мечки, јагуари, со коњските сили што создаваат џунгла на асфалтираните тесни сокачиња низ селата и градовите во Полог и не можеш пешки да ги преминеш и нагрмени со прегласна албанска музика за да ги нервираат Македонците што р'мбаат по државни фирми за без пари и такви коли можат само да сонуваат, се врати Арбен со бесна кола со швајцарска регистрација. Летото и тој се ожени. Невестата беше една убава Албанка од соседните села што му ја свршија неговите, а тој првпат ја виде на свадбата. за веселбата ништо не се штедеше: за неколкуте казани манџи да се повеќе на месо, домашните заклаа огромен вол, а за музика за мажите пазарија фалена група од Струшко, а жените посебно ги забавуваше една ченгија од Скопје. Како што е од памтивек, меѓу многуте гости, од вечер имаше и една софра за селаните Македонци, и тие, зашто ја бендисуваат алвата што ја подготвуваат Албанците, само за нив извртеа еден казан алва. Богато и весело, свадбата беше за приказ. Неколку недели пред свадбата, Арбен за кум го покани Јордана од Велета. Тој со задоволство го прифати кумството на својот голем пријател и како што од полните казани со мастрафи под вештите раце на готвачите испаруваа ароматични јадења што дразнеа непца и желудници, необичните испреплетени врски од интереси на главните гости, под дејство на музиката и алкохолот, на сеирџиите на свадбата им правеше тие да им заличат на миродии од големата манџа што се крчка како одамна случена иднина во огромниот казан неречен Долна земја, но не ѝ се знае вкусот пред да ја сркнат. На свадбата беше дојдена и Швајцарката и во кумот веднаш го препозна полицаецот пред неколку години што го ошамари нејзиното момче во центарот на Гостивар, навреда што ја натера таа да се вклучи со сета енергија во заштита на Албанците, а сега како кум и највесел гостин на свадбата да го слика како се опива, како му излегува кошулата од панталони, како го вади пиштолот од футролата на колкот и пука во воздух... Заради атер на шефот, половина полициска станица беше дојдена на свадба. И тие пиеја и пукаа. Маѓепсани и опијанети од светов каков што е и во светов каков што е, од лицата на веселите сватови што меѓу себе се знаат како дишат, ништо не се читаше; без најмала трага на омраза, симпатии или зачуденост, едни со други најнормално се гледаа в очи и си наздравуваа. Швајцарката дури на свадбата во целост ја разбра самопонижувачката постапка на нејзиниот Арбен што го поканил за кум човекот што најмногу го мрази, но не ѝ беше јасно каков интерес има овој глупав командир по свој избор да го прави тоа што најмногу го мрази и става на глава бело албанско кече таа да го слика. Тој барем е во состојба да постапува по свој кеиф; се сети ете одлични ненапишани текстови за искомпромитираноста на оваа власт за весниците во Горна земја, сега поткрепени со нејзини фотографии. Мирничка и незабележлива, на нејзините модри и безизразни очи ни трага од повредено женско достоинство и љубомора кон законитата жена на Арбен, ниту притеснетост што е под лупа на сватовите. Нејзината еманципираност имаше разбирање за заостанатите резонирања на луѓето од Долна земја: дојдена е на свадба на човекот со кого тој кога е таму живее, го сака таков, див и оригинален, а Арбен има сила и за неа и за жена му со која сака деца, одамна изживеан проблем за нејзиниот женски феминизам и јавното мнение во Горна земја. Швајцарската новинарка си ја знаеше работата и фотографиите од свадбата беа сјајни: на добродушните насмевки од суровите погледи на лицата на долноземјаните не се читаше ниту срам во изразот на Јордана од Велета, ниту трошка бес во спокојното лице на Арбен. Некои фотографии Швајцарката објави по весници, а ситните доушници за полицијата од Долна земја ги прибраа исечоците за пополнување на интерните досиеја на своите вработени. Божем, да се најдат за нивно идно компромитирање. И народот во Долна земја во тоа време се забавуваше со слични теми: новинарите нашироко објавуваа скандали дека поранешниот претседател Тито имал осум жени и дваесетина деца по светот... Националното единство беше фаулирано преку фудбалот: Албанците во Вруток, сепак, сакаа да играат фудбал. На селското игралиште еден ден дојдоа на тренинг со друга боја на маичките. Сè ново на нив. Комплетно нова спортска опрема. Регистрирале свој фудбалски клуб. Од Македонците никој не слушнал дека ќе прават посебен тим. Во гостиварскиот потсојуз ќе играат одвоено. Едни против други. На една селска полјанка - два клуба. Ни нешто да им речеш, ни да им честиташ... Младен поразговара со Јордана од Велета. - Толку ли ти значи да си претседател на селски фудбалски клуб? - А, што ти е тебе гајле, докторе? - За селани фудбалот е сè. Се плашам, зад ова стои нешто поголемо... Работа имаш колку сакаш, па и селски активности... Да пробаме ако се може, пак да ги обединиме. Да ставиме Албанец претседател на клубот, ти откажи се... - Јас да се откажам! Никогаш! Тоа е наша традиција! И татко ми беше претседател на клубот дури можеше! За што не мислиш нас!? - И за еден клуб, малку сме и сиромашни. Во Вруток нема ниту пари, ниту многу деца за еден поасолен селски клуб. Ќе дојде ден, ќе играме едни против други, ќе се потепаме. Сè почнува од фудбалот... - Одвај чекам да играме едни против други. - И досега кога одиме во некое село на гостување, одвај најдуваме пари за едно комби за играчите. Седумдесет години селото плаќа фудбал, сега ќе плаќаме да се тепаме. - Така не збори бивш играч за свој клуб! Генерации во него кршеле коски. Нашите играчи се поталентирани. Кај Албанец знае да игра фудбал?! - Сме играле во клубот и ти и јас и секое дете од селово. И ние и Албанците. Гледаш отаде Шар Планина, во Косово што се случува... Немој и нас да нè вовлечат во тоа. - Нема никаков проблем; не знам кај го гледаш проблемот?! Работите се решаваат на терен, на видело, докторе. - Ајде да испратиме како клуб едно писмо до УЕФА. Два селски клуба врз национална основа никој не би поддржал. - А, бе, докторе, ти од многу учење малку да не си... УЕФА ќе се расправа со селски работи? Чесен збор, немој ова да го спомнеш пред други, ќе те зафркаваат... Оди спокојно, ќе ги наполниме. Младен се врати дома. Не му остануваше друго, освен сам да испрати писмо до централата на УЕФА во Горна земја. Нашироко, на две страници им образложи дека кај нив, преку фудбалот се кршат основните спортски принципи и тој наместо луѓето да ги зближува, ги раскарува. Неевропски е спортот да се дели по национална основа; оваа мала работа за фудбалот е голема провокација за меѓусебниот живот на населението и меѓународната асоцијација треба навреме и енергично да ги декуражира таквите струи во фудбалот. По два месеца, докторот доби повратен одговор од фудбалската федерација со поддршка дека тие во принцип ги осудуваат таквите тенденции во фудбалот, но почитуваниот господин прво треба да се обрати до фудбалскиот сојуз на државата, па откако тој ќе се изјасни и заземе став, тие можат да помогнат со определена арбитража. Меѓуселското првенство течеше и наближи определеното коло кога двете вруточки екипи треба да се сретнат. Фудбалерите никогаш понапорно и подисциплинирано не тренираа. Тренираат и молчат. Селскиот меѓунационален дуел е повеќе од игра, многу повеќе од селски фудбал во неделно здодевно попладне. На зарамнетата селска лединка немало таква тишина и напнатост дури и кога се решавало за прваци меѓу селата; како насрчени петлиња на селско буниште, фудбалерите скокаа деведесет минути едни на други. На топката многу не гледаа. Можеби и затоа немаше голови. Модрици и отоци значително. Поделената публика на два навивачки хора остана само на 'ржење. Немаа многу повод да се истакнат. За повеќе, ќе попричекаат до следната година. По натпреварот заедно веќе не се собраа на Вијан и живо, со пиво да го прокоментираат мечот. Влегоа секој во своето бифе и преку пенџери, едни со други напреку се гледаа. Потоа со денови меѓу себе не зборуваа. На стари години во Скопје се исели и Кипре касапот. - Дијанијата е во Скопје, не е по планини - велеше. - Не се храни со сочна шарска трева и вода: кој знае со што се храни штом порасна толкав брав. Дијанијата е Водно, таа планинка личи на заспан бик; со тоа месо една планина, многу, колку сакаш ручеци и свадби можеш да направиш, цела Долна земја да касне и пак да остане, - за таков брав сонуваше и зборуваше Кипре касапот од Гостивар на стари години кога се пресели во Скопје. Во неговата долга касапска кариера во гостиварската чаршија, сигурно има исечено и продадено толкава планина месо. Силата на функционерите во Гостивар ја мереа по Кипрета касапот. Тој како ќе пресече. Со нож или со сатар. А Кипре сечеше прецизно и долго. Четириесетина години. Секој ден по две кила месо. Ретко повеќе. Мала беше привилегијата на власта. Барем тогаш. Попознат месар во Гостивар од Кипрета касапот ниту имаше ниту ќе има. Долги години веќе го нема во големата месарница спроти градската кула и човек и денес кога врви покрај излозите, по стара навика се врти кон сивите мермери на сега, веќе други дуќани, каде што висеа на ченгели огромните заклани шарски говеда од кои сè уште докапуваше по некоја капка крв, а меѓу бутовите и плешките се наѕира Кипревата слаба фигура со бело касапско капче, со подигнати пискули на двата краја, и во бел искрвавен мантил, го остри ножот од острилото пред да ги услужи бројните муштерии во дуќанот. Од после војната, со години тој беше шеф на најснабдената државна касапница во градот. Се покажа вешт во работата и никој не се обидуваше ни да помисли да го смени. Врз такви безимени работници се потпира држава: половина да беа како Кипрета касапот, комунизмот веќе ќе беше дојден и Берлинскиот ѕид никогаш не ќе паднеше. Правилата на Кипрета касапот цел град ги почитуваше. Дури и револуцијата. Четири години за војната што преседе в шума, четириесет години в чаршија преку Кипрета касапот си го наплаќаше данокот на ситно. Секој ден в месарница за претседателот на Комитетот и командирот на полицијата имаше по кило кртина. Тогаш немаше големи кражби. На ситно и ачик. Кило по кило. Наутро првите тазе заклани брави од кланица, одеа во месарницата кај Кипрета. Камионот ладилник застануваше на тротоарот пред дуќанот, помладите месари ќе го растовареа месото, Кипре касапот ќе им ја потпишеше фактурата за примената стока и прво пресечуваше насе - насе по едно кило најубаво месо, го завиткуваше во хартија и го ставаше во фрижидер да ги чека жените на градските големци, па потоа другото месо по месарски го расправаше и класифицираше. Како го расправаше месото никогаш да не испадне на кусок, за Кипрета касапот беше лесна работа. Жените на градските татковци, допладне си доаѓаа по статусната пластична кесичка, иако некогаш се случуваше на пауза за појадок по месото да дојдат самите чауши, па Кипре касапот или некој од вработените ја исправаа некоординираноста на сопружниците, учтиво соопштувајќи им: претседателе или командире, земено е месото, веќе дојде Вашата сопруга. И така, домашната манџа за градските татковци никогаш не доцнеше. Власта го расипува човекот и апсолутно за да не го расипе, имаше ротација на функциите. Првиот ден кога ќе беше ротиран фиљан претседеател или командир и му треба некој ден за да се соземе, првото трезнење му доаѓаше во касапницата кај Кипрета. Навиката е една мака, ама одвиката две: тој ден ротираниот сам ќе појде в месарница, учтиво ќе молчи сам да им проработи на месарите Павловиот рефлекс и мигновено вработените да се сепнат кој им влегол в дуќан; но ни Кипре касапот, ни никој од месарите не се стресува, ниту некому му текнува да извади од фрижидер нешто завиткано, да го стави во пластично кесиче и му го подаде со поклон. Од вчера бившиот, веќе не знае што да прави и му иде да пропадне в земја: нозете му се пресечени да излезе, грлото му се затнало и не може ништо да рече, а да се фати за џеб и нешто сам да нарача, на тоа одамна се одвикнал... Со сочувствена интонација во гласот како од Папата да доаѓа, Кипре касапот тогаш пријателски ќе го потсети: другарот бивш да не ја згрешил, од денеска друг е поставен за кесичето кило месо; па полека ќе го утеши, ќе го охрабри, не грижи се, пак ќе се вратиш кесичето месо да е твое, тоа чека, само стрпи се, времето бргу поминува... Од вртелешката на властта никој, никогаш не паднал и кесичето и да не е подготвено, чека. Поткрепа од Кипрета касапот им требаше и на новопоставениот командир или градоначалник; избрани вчера, ама уште тазе и за убавото случено како да е сон и не им се верува дека ним им се случило, пак првата проверка на функцијата ја тестираат в месарница кај Кипрета касапот. Ненавикнати, при првото влегување по малку се срамат, нарачуваат кило без коски, па пуштаат рака в џеб по пари да платат, но Кипре касапот пак е тука за да ги предупреди и охрабри: од денес па натаму, барем олку, ако не повеќе, барем за олку овој дуќан може за своите раководители. И охрабрен по успешно поминатиот најважен тест, раководителот в чаршија веќе може да ја дигне гордо главата никого да не познава и сите нему први да му се јавуваат, а веќе од утредента неговата жена може да си оди по гарантираното парче статусно мевце. И да не паднеше Берлинскиот ѕид, Кипре касапот и ден - денес ќе делеше секој ден барем по две кила месо. По едно насе - насе. Како ѕидаа во Берлин, ѕидот сам од себе што падна, ќе остане тајна. Кипре касапот со месо ѕидаше и неговото ѕидано не попушташе: таквото постапно ѕидање е најцврстиот чиновнички ѕид; гостиварци велат, со кесичките месо Кипре касапот што им ги дал на општинарите, слободно можеше ако не Берлински ѕид да се заштити, барем Гостивар да се опколи... Сега, по падот на Берлинскиот ѕид, откако дојде демократијата во Долна земја и гостиварската кланица банкротира, велат, Кипре касапот со семејството отворил приватна месарница во Скопје. Недобронамерните велат дека и таму секое утро на Претседателот и Премиерот по едно кило месо им одвојува за функцијата. Насе - насе. Но, на оваа обична клевета, никој сериозно не ѝ верува. Засега, жените на Претседателот и Премиерот никој не ги видел да излегуваат со пластични кесички од нивната месарница. Горноположани не престанаа да јадат камена прашина: им се слади и четириесетина години не можеа без неа. Ја зајадоа по ослободувањето. Откако се направи мавровскиот хидросистем и изумре генарацијата негови градители, камена прашина продолжија да јадат работниците од „Силика“. На излезот од Гостивар, во нивјето здуњски, кон Вруток, се изгради фабрика за огноотпорни силикатно-доломитни цигли. Се вработија две илјади работници, носеа камен од Равен, Чајле и Македонски Брод, го мелеа до микронска гранулација, ги мешаа меѓу себе камените брашна божем ќе замесат мешани лебови од пченично, пченкарно и 'ржано за в црепни, па ги пресуваа во цигли, ги печеа и им ги продаваа на железарниците по светот. На работните места, посреќните работници на пресите сечеа прсти и раце, а понесреќните поработуваа по некоја година и умираа од правот; во огромната воденица и пекарница за мелење и печење камен ретко некој работник дочека пензија. По околните ниви и населбата што никна покрај фабриката, ситото на ветрот катадневно потсеваше камена прав. Изѕиданиот фабрички оџак, симбол на индустријализацијата, висок над четириесетина метри, и сега доминира над градот. Преку оџакот, три - четири децении, точно во шест часот наутро, во два часот попладне и во десет навечер, од фабриката рикнуваше длабок, моќен звук што се слушаше низ цел Горни Полог, одекнувајќи до висовите на Шар Планина, Сува Гора и Влајница што ја затвораат котлината. Продорниот звук на сирената означуваше дека една смена работници ја завршила работата и започнува следната. И веднаш по тој страшен, заканувачки звук со подземна сила што ја потресуваше земјата, се отвораше големата фабричка порта и река брашносани работници со камена прашина излегуваше од фабриката. По сменскиот ритам на внатрешниот, органски часовник на фабриката пулсираше и животот во Гостиварско. Природата и луѓето дотогаш се ориентираа по сонцето и месечината, по стемнувањата и сабајлињата, а по изградувањето на „Силика“, по сирената; сметаа, во хангарите на фабриката е затворен поразениот змеј од под Шар Планина и неговиот подмолен и застрашувачки глас сега може само да рика точно на време што не може да го застане или врати назад, па макар да гризе камења и живи луѓе по погоните. Неговата положба не му даваше реална надеж дека тој некогаш повторно ќе биде господар со Долна земја; барем во почетокот, десетина - дваесет години по војната. Изгледаше дека човекот, најпосле, ќе биде негов вечен господар. Победен, кутнат на плеќи, гласот на ѕверот повеќе заличуваше на рик на ранета дијанија, на признавање на поразот и каење за сопствената контрареволуционерна дејност за сите векови наназад, а оџакот пред уста како огромен засилувач само подалеку му го разнесуваше гласот на неговиот пораз. На дело беше уште една работна победа; отворена беше уште една каверна во дувлото на дијанијата и престорена во огнооотпорни цигли кои се ѕидаат во печките на железарниците по светот, во чиј стомак железо се топи, а обложените гостиварски цигли не се топат. И по четириесетина години рикање на ѕверот, почнаа да шушкаат гласови низ чаршија: фабриката е искрадена и ќе пропаѓа, дури еден ден не молкна фабричкиот оџак, звучниот ориентир на времето. Гостиварци се исплашија штом замолкна оџакот: што стана и што ќе биде... Човека најмногу го плаши тишината, повеќе и од здодевноста; шиштејќи им в уши, како моќна воздушна пумпа да им ги пумпаше ушите до неснослив притисок од кој им пукаа ушните тапанчиња. Во работниците истерани на улица, единствен звук што одекнуваше беше сменската сирена по која се ориентираа со години. Последното јавување ѝ беше најстрашен заканувачки рик што излегол од грло на живо создание: толку воздух можат да соберат и испуштат само бели дробови што вдишиле слобода, па макар и на дијанија. Градот и околината оглувеа и без сирената ги побркаа саатите, а се побрка и природата префрлена да работи од вселенскиот часовник, по сменскиот ритам на „Силика“. звукот што тераше на подникнување, на сите им недостогаше и врз секоја тревка и животинка различно се манифестираше. Никој не ги видел Ерихонските труби, но сигурно биле барем колку оџакот на „Силика“, од звук штом паднале градски ѕидини. Звукот од оџакот на „Силика“ руши други, поголеми и поцврсти ѕидови: оние што го опашуваа Берлин. Во Горна земја објавија, Берлинскиот ѕид ни ја задржувал светлината. Сме биле како зад завеса и ѕидот ни правел сенка. ќе нема веќе два света и сите ќе бидеме еден: Горен свет, една Светлина; дојде вистинската слобода, демократијата. „Зар не грее сонце за сите нас, зар не врне дожд за сите нас,“ им велел на Латините во Рим, во Горна земја уште пред десетина века Св. Кирил, обвинет што ја превел со брат му Методија на четврти јазик Библијата. Ете, по повеќе од десет века задоцнување, Горниот свет сфатил дека ни треба светлина: демократија, пазарна економија, повеќепартиски систем... вечна Западна светлина никогаш што не заоѓа. Новата постојана светлина создаде голема сколободија: положани шетаа како на поларно светло, не знаеја кога е ден, а кога ноќ и сите се чувствуваа како кокошките несилки во фарми што ги чуваат под вечно светло за никогаш да не го прекинат несењето. Тоталната светлина им годеше на сите птици, диви и питоми и почнаа да несат јајца во три смени, без престан, тетовирани и изгравирани јајца со чудни, необични нишани: јајца со ѕвезди петокраки, јајца со српови и чекани, јајца со орлиња на Скендер бег, јајца со ѕвездата од Виргина на Александар Македонски, јајца со лавчиња, јајца со четири букви „С“, јајца со полумесечини, јајца со јубилеи, јајца со годишници, јајца со ликови, јајца со шифри... Јата од врани, кукавици, гргурлици, трнарчиња, ќосови, ластовици, орли, сојки, грачеа, несеа и квачеа јајца. Немаше дрво, гранка, цепка во карпа, стреа, греда, племна, да не е начичкана од гнезда преполнети со јајца во разни бои и шари и со необични белези кои народот секој на свој начин ги толкуваше. Низ Полог имаше многу прочуени гледачи на карти, на зрна грав и кафе, ама сè уште немаше гатачи на јајца и никој со сигурност не можеше да им ги протолкува симболите. Ред се чакаше за несење. Јајца над јајца. Немаше гнезда за толку несилки. Несеа во чие било празно гнездо и само што ќе снесеа, другото јајце стасало, ги притиска на шалтер и мораа да бараат ново гнездо. Старото веќе друга птица го зафатила; несе или налегнува. Воопшто не гледаа чии јајца клапаат и какви пилци ќе излетаат. Новостасаните голичиња набрзина намовнуваа во пердуви, пролетуваа и прерастуваа во пилци, надлетувајќи го зацрнетото небо од птици. Бели, црвени, сини, зелени, шарени, матоци, на јајца смрдеше Полог, јајца се тркалаа по дворови, по улици, со јајца да се гаѓаш, со лопати да ги ринеш. Купишта. Меѓу народот повторно се прошири една стара шега од времето кога господ одел по земја: демек, во околијата повторно се појавил мајтапчија, божем златар и лековерните жени што сметале доволно не ги сакаат мажите, божем им ги позлатувал оцепените меса наместо со злато, со жолчка од јајце. Но, кој да верува и се смее на наивни приказни кога никому не му беше до смеење... Почна да доцни и дождот или да се истура кога не му е време. Ќе посадиш пипер, патлиџан и друг зарзават и дожд и сонце ќе ти го уништат бавчанлакот точно кога дошло за збирање; цела зима ќе држи топлина и мраз ќе стегне во април, расцутеното да го попари. Ваквите промени на времето, научниците ги бараа во експлозијата на нуклеарката од Чернобил, во „сталкените бавчи“, озонските дупки, но горноположани ја знаеја вистината: сите промени се од секнатиот звук на оџакот на „Силика“. Дури беше дијанијата во халите, сигурен беше животот: понекогаш дофаќаше и здробуваше по некоја рака на работник како што дробеше со вилиците камен до прашинка, ќе се наситеше за извесно време и сменски рикаше преку оџакот: сè беше спокојно и чадот си одеше нагоре. Претпоставуваа, избеганата дијанија е пак на старото место, под Шар Планина. Пак ќе ја навали и кој знае кого сè ќе поклопи... Костените, две-три сезони пред време, го насетија навалувањето на планината. Најубавото родно дрво на кралицата на планините, како што Страбон уште пред нашата ера ја нарекува Шар Планина, го нападна непозната болест. Костеновите гори се почетокот од планинскиот појас со кој Шар Планина го опшива Полог. Питомиот костен е ендемско растение, го нема на многу места по светот, а површински и по бројот на стеблата, најмногу е застапен токму во Полог. Македонската литература по чудна случајност не го венла костенот во своите песни и проза, не се инспирирала многу од благородното дрво, едно од нејзините препознатливости, вишнеејќи што ја разубавува и дава деликатесен, препознатлив плод за регионот. Такво дрво, а самоникливец. Костен ретко некој сади, а костенот секогаш ги дарува положаните повеќе одошто заслужуваат. Никне на меѓи и во долчиња, на места кајшто никнат трње и шипови. Убава земја никогаш не зафаќа. Убавата земја ја остава за растенијата кои не можат без постојана нега. Истеран на тумби и к'рови, како што благороден човек цел живот се повлекува пред некадарните да се шират и му ја кројат, и тој, онака достоинствен, со правилната круна на стеблото, од посните брекчиња како да порачува, ако, можам јас и тука и вака, само вам нека ви е токму, па покрај неговите плодови, во своите влажни сенки овозможува да никнат и разни видови вкусни печурки. Густиот котлински воздух миризбата на костеновиот цвет ја впива и дига кон терасестите брегови, дополнувајќи ја неповторливата атмосфера од возкликнати утра и ѕвездени полошки ноќи над маалата и селата начичкани на шарските падини и тој простор дури со костенот прави Полог и Шар Планина да се спојат во една неделива, заедничка целина, компактност на континенталната определеност што стигнала до својата крајна смисла. Сè е блосувано на ова благородно дрво што не знае за неродна година. Во Полог ако немаш брат, имаш ли костен, ќе те извади од кал. Ќе паднеш во тесно за недајбоже: пари за по лекари, да се оттарасиш од некое згебе што ти донесло беља, рушвет некого да подмачкаш, ќе пресечеш костен, ќе ги продадеш трупците и ќе завршиш работа. Костеновите трупци се мало богатство: најквалитетниот и најскап мебел и ламперија се костенови. Малку потемен од ливадските, најздрав и најкалоричен, велат, е костеновиот мед: во тој водопад блажина има мала жица на нагорчување што го прави медот уште повкусен. Костенот расте високо и на неговото стебло можат да се качуваат само вистински мајстори на ездењето. На по дватриесет метри над земја, со долг стап в раце да чукаш, тие ездачите се вистински еквилибристи на долгите гранки по петнаесетина метри. Само тој што чука костени, може да се пофали дека е мајстор ездач, баран и пазаруван од преку неколку села. Чукачите на костени се остатоци од сортата на митските јунаци од приказните и од недостигот на ова време од такви возбудливи авантури, сега за тие јунаци како постојани предизвици остануваат само костените. Нема селски марифет на чија смелост толку зинуваат децата, воодушевени и престрашени кога на секој негов удар, во вистинскиот порој костени, чукачот останува на гранка, ни на небо ни на земја. Многумина чукачи на костени имат паднато и настрадано, или засекогаш алипни се останати. Наесен, по големите градови на Долна земја, од Букурешт до Белград и Софија, кога ќе се појават сезонските улични продавачи и покрај вас што брзате ќе замирисаат печените костени, знајте, најповеќето од костените се полошки. Испечени на ќумур, на железно, издупчено тенеќе, костените се магнет за младите вљубеници: додека шетаат, еден на друг си ставаат од топлите костени в уста. Со накипнатите љубовни чувства, младите заљубени заличуваат на костените што пукаат на жарта. Испуканите печени костени што убаво се лупат, не случајно ги викаат гулапчиња. Но, ништо не е без пари и есенската улична романтика релативно скапо ќе ви ја наплатат: во грамажа, неколку печени костени завиткани во хартиен фишек, секогаш чинат повеќе од најквалитетна чоколада. Не чудете се, купените костени од уличните продавачи што така убаво се лупат. Тајната е во печењето. Купите ли некогаш сурови костени и имате ли можност во современите станови да ги испечете без да зачадите, потсечувајте ги со ношче, со долг рез преку целата испупчена страна на костенот и прво на таа, исечената страна, ставајте ги на релативно силен оган. Самиот костен ќе ви се отвори. Гол костен, ко гола жена: мек топол и миризлив, моли да го каснеш. Ако ги има во цели костенови кории, костеновите дрвја си имаат имиња, најпрецизни на светот. Како кумови, луѓето само кон нив во имињата не згрешуваат. Не се залетуваат како за човек. ќе се роди, и веднаш тури му име. Ти ќе го крстиш златко, тој животот ќе го мине како Лајнарко. Со костените луѓето поумно работат: ќе го чекаат да зароди, да му го видат родот, па по плодот ќе му дадат име. Оди после, смени го името. Вистинското свое име секој сам си го покажува и тоа подоцна ти го наденуваат како прекар: човечките имиња се од кумови, прекарот е својата заработка. Прашајте за името на костенот и ќе разберете каков плод врзуваа: Ѓокман, Шарко, Блакче, Шаренко, Ситначка, Шупливка, Црвенко, Црнка, Црвливко... Костенот како растение да го има во Светата замја, евангелистите во Библијата сигурно ќе го запишеле како свето дрво. Ако Христос со две риби нахранил толку многу народ, две кила костени и денес отвораат и најзатворени врати. Таква моќ нема секое растение и плод и народот ја доживеа болеста на костените како претсказание за нив. И тие со костените боледуваа. Ги есапат за свои. Ептен свои. Од нив прехранувале деца, со нив терале гурбет, потплаќале писари и министри, освојувале срца, добивале дипломи... Костените цутат најдоцна, во јуни, црешите веќе кога се собрани, а се збираат најнакрај, од втората половина на октомври, па до почетокот на ноември и нивното собирање значи и завршување на сезонската земјоделска работа за таа година. Собирањето на слатките есенски плодови е мал марифет: костеновите плодови растат во добро обвиени трнливи ежунки заштитени со безброј ситни трнчиња што незгодно влегуваат в прсти; не се вадат, со месеци стојат в месо и откако под кожа ќе згнијат, сами оттаму излегуваат токму кога ќе дојде време за следната есен, пак нови трнчиња да ти ги наполнат рацете. Наведната, со болки во половината, остарената Иконија преташе со стапче под испопаѓаните костенови лисје и ежунки, збирајќи костени во скутот на престилката и како што баркаше низ шумулките, со стапчето на паметењето спокојно си претураше по изминатиот живот. Се навикна цела летна сезона да е надвор и пред време се ежеше како затворена дома ќе ја издржи зимата што наближува. Таа година немаше многу костени: многу костенови стебла уште летото почнаа да се жолтеат в лисја и да се сушат. Син ѝ Младен некаде прочитал зошто се сушат костените, дома нешто им објаснуваше, но таа не можеше да го разбере. Тие години кој ќе ја загледаше шумата костени веднаш над куќи на ободските села на Шар Планина, ќе помислеше, во Полог сред пролет, настапила доцна есен. Скоро да немаше костеново дрво на кое не му капнале лисјата, или барем неколку гранки на мајка, не му се пожолтеле и свиткале. Сè околу нив улавее во зеленило, а најгородото и најубаво дрво ги спружило безлисните гранки кон небо и чиниш плаче за себе во што се престорило. Дојдоа научници од Горна земја за да ја определат болеста и по нивното истражување, виновникот за оваа жална состојба на костените го најдоа во една мала пеперутка (Камералиа орхиделла), костенов молец. Всушност, виновни биле нејзините премногу размножени гасенички што се хранат со темнозелените листови на костенот. Тие молци-пеперутки ги имало и досега, но биле во хармонија со околината. Од несносливата горештина што почна тие години да ја зафаќа Долна земја, младите птици како нивни природни непријатели на кои овие гасенички им служат за храна, се повлекле на повисоките делови од Шар Планина. Научниците се надеваа, функцијата на птиците ќе ја преземат осите; положувајќи ги своите јајца во леглата на гасеничките, како посилни, осјите ларви уште в легло, внатре ќе ги голтнат гасениците на молецот; сепак, овој сложен процес на динамичката природна рамнотежа меѓу двата молци не се воспоставил толку бргу како што очекувале сериозните ботаничари на Горна земја. Во своите лабаратории тие лесно би создале препарат за уништување на овој молец, но стравуваа дека при негово прскање ќе загрозат некој друг биолошки живот во околината. Овој загадочен молец првпат е забележан во Полог во 1986 година, за неколку сезони тој се проширува низ цела Долна земја и успева да се префрли и во Горна земја. Неговите последици сега се гледале на листовите од дивите костени по Германија, Франција, Италија, Холандија... Таа инвазија на молци налик на експлозија, направила пустош по украсните костени низ парковите и булеварите во нивните големи градови. Секогаш имало масовни појави на инсекти и нормално е потоа инсектите да ги снема; под два услова и овој пат тоа ќе се случи: да не е настаната мутација на молецот и да не се изменети условите на природната средина... Рационализмот на Горна земја се преточи низ практична препорака на научниците: на местото на исушените костени по дрворедите на нивните градови, отсега да садат јавор или липа. Тие дрвја, сепак, повеќе одговараат на нивното поднебје. Од жабји поглед на Долна земја, можеби ние грешиме: без костеновите стебла ќе биде ли виенскиот ринг и натаму толку романтичен за прошетки на вљубените во удобни колесници по здодевниот, доцноесенски дожд; одвреме навреме, на покривот тапо удираат лакирани, кафеави костени како светнатиот пајтон што ита кон царскиот дворец на бал; кочијашот ја отвора вратата на кочијата, го добива заработениот бакшиш, кавалерот ја придржува дамата да слезе, ѝ отвора чадор, а таа го фаќа под рака и се упатуваат кон отворените порти од кои допираат веселите звуци на валцерите. Сегашната практичност, својата полусестра, романтиката, ја смета за некадарна, од неа по малку како да се срами и логиката на посочениот научен предлог е одлична можност за нејзино конечно бркање во кујната од заедничките сестрински простории, најпосле да ја престори во Пепелашка. Младоста на жената во Полошко ја определува берењето костени; жената е млада додека не ја земаат на збирање костени. Девојка и невеста не пуштаат под костен; некој тоа и да си го дозволи, срам е за куќата што го допушта. За да ги зачуваат нежните прсти и дланки, девојките пред мажење и скоро дојдените невести не се врткаат околу костените. Дојдената старост кај жената набоцкува преку ежунките, по форма и име што потсетуваат на еж и од постојано наполнетите прсти со ситни трнчиња, рацете на берачките почнуваат да заличуваат на испуканата, тврда кора на костеновите стебла. На млада, скоро дојдена невеста во Полошко од крај кај што немало костени, а сè уште не пробала да ги збира, ѝ се поплакала младата золва набоцкана на ежунките. Неискусната снаа почнала со игла да ѝ ги вади, но многуте убаво набиени микроскопски трнчиња во прстите на золвата не се гледале, младата снаа не можела да ѝ ги извади, па невестата се обидела да ја насмее и подготви за задевојчувањето: „Ти плачеш мали трнчиња што ти влегле, а што да правиме ние жени, секоја вечер со цел колец“. Човек може и на собрани костени да се набоцка. В град, особено за Бадник, костените кога достигнуваат максимална цена и килограм суров костен чини колку пет килограми банани, коравите раце, оние што ги собирале, можат задоволно да си ги протријат. Госпоѓите што излегле да пазаруваат, по десетпати ќе здодеваат одејќи од вреќа на вреќа, џбарајќи со рацете, постојано муртејќи се на цената што ќе ја слушнат. Богета од Печково го дразнело како го гледаат од високо негуваните госпоѓи со рацете што не сетиле трнче, му претураат по костените и вртат очи од високата цена, па со селска итрина, решил да си поигра и да им се одмазди. Во вреќите, под најгорниот слој костени, наредил неколку ежунки и кога убаво негуванте прсти со лакирани нокти ќе џбарнеле, набодени на невидливите трнчиња, офнувале со грч. - Што е, госпоѓо? - прашувал недоветно Боге. - Се набоцкав, - потскокнувала госпоѓата. - Е, госпоѓо, вие се набоцкавте овде, насобрани и донесени во вреќа, а како нè боцкаат нас да знаете кога ги собираме, - одговарал задоволно и победнички, и по правило, костените ги продавал со добра цена; секој сака костените да ги јаде, ретко кој сака да ги збира. Најбројни се оние што собираат под туѓи костени: туѓ костен, секогаш е покрупен. Деца или градски дембели фрлаат ајдамаци, стапови долги до еден метар, ќе ги зафучурат во гранките со испуканите, подзинати ежунки и костени паѓаат во изобилство. Некој од Полошко ако ве прекара дека сте ајдамак, ете, да го знаете потеклото на прекарот; и овој прекар да го запаметите: стап боцнат в земја и грав да се врти околу него, сумустрак го викаат; така ги прекаруваат луѓето ништо што не пофаќаат и само им пречат на оние што не седнуваат од работа. По дракот, седум - осум метри долгиот тенок стап за чукање костени, се вика на младо, суво момче набрзина истерано кое со неговата пубертетска збунетост предизвикува симпатија во средината; овој прекар, всушност, има една скриена благост: полошките варвари и кога сакаат да се нежни, пак тоа го прават преку дрво и стапови. Не кријат: поинаку не знаат. Во тишина, не ретко, од некој дол, ќе чуеш разговор. ќе појдеш одоколу, ту ќе видиш фиљан човек зборува со костенот како со најблизок; се испушта, му ги кажува маките. Костенот, за разлика од најблискиот, никому не те прикажува. И в доцниот октомври, по дождливата ноќ што ги доизрони есенските лисје, утрото Иконија се нагрна во големи, одамна износени домашни палта во кои целата ја снемува и како подвижно страшило преку летото што ги чувало бостаните и бавчите, оди под костени и ги собира капците. На нејзините одамнешни како хартија бели раце самата не се сеќава и веќе многу есени оваа старечка работа ѝ причинува задоволство. Понекогаш син ѝ Младен ќе ѝ рече да го земе со себе и внукот Гоце, барем на враќање да ѝ ја носи торбата, но бабата станата од ноќеви, на секој начин гледа да го остави, бранејќи се дека ѝ е жал толку рано да го буди детето што треба да оди на училиште. Не е престарена, здравјето ја служи и старицата на ништо не се жали и не пати како жени убави во младоста што не можат да се помират со стареењето и раздразливи стануваат уште асолно ненападнати од староста. Иконија и староста ја носи достоинствено и без поговори, знае: тоа е бубалка, некаква пеперутка што напаѓа на узреано и од таа гасеничка огрубува и најсовршено лице и става. Се подвиткала, сама од себе се суши како костеновите стебла, ѝ се дипли кожата на челото и вратот, па дури и сините очи ѝ олителе и подобелени, убаво ако не се загледаш во нив, не ќе ги различиш од белките. Времето на нејзината убавина и младост одамна заврши; смета: да беше жив мажот ѝ, не ќе можеше бубачката на староста да се пикне меѓу неа и нејзиниот Оносим. Покрај него таа никогаш не ќе остареше, но такви нешта не се зборуваат никому, освен наведната, низ стомачни неразбирливи монолози со костените. Убавината е раствор од опасност и проклетство и благодарна му е на животот што со убавината не им донесе дополнителна несреќа на домовите кајшто живееше. Без маж, сега подобро што ја нема. Господ на жената ѝ остава со убавината и чувство да знае како да ја крие, поважна особина одошто да ја покажува кому не треба и каде не треба. Нејзината прочуена убавина се пресели во приказните и на некои црти од домашните; староста ѝ донесе ослободување и ваква огрдена штрига од ништо веќе за себе не се плаши и најмалку ѝ треба некој покрај неа да се вртка додека собира костени. Уште само синот ѝ и снаата да се сетни за катчињата издишка на нејзината немоќ, на изживеаниот живот како голема приказна... Нејзините приказни ги знае внукот ѝ Гоце. И тој беше лулан во лулката со чивии... Му раскажува баба му доброј ми се бисере... Стар човек сака слушач, а дете - раскажувач, само луѓето на средна возраст немаат трпение ниту за раскажување, ниту за слушање. На синот и снаата по малку им додева; синот внимателно ја избегнува, снаата поотворено негодува. Внукот Гоце ја слуша без прекин. Сè уште е мал во човека да го дофати вардарот - недоумици уста никому што не ги изустува... Во есенската самотија, без оглед дали врне или е суво, Иконија штом ќе се наведне под костен и крвта ќе и пливне в глава, ѝ доаѓа мала несвестица, ѝ се замешуваат јавето и јанѕите, ѝ пливнуваат одживеаните години пресувани во сеќавањето, барка со стапчето по листовите и ежунките, си шушка сама на себе, причинувајќи ѝ се дека однекаде го заслушува 'ржењето на коњот Фантаст со кој беше донесена како невеста во оваа фамилија, вранецот кој Оносим цела младост го хранеше и тимареше, а никогаш не го јавна. Внукот кога е со неа, ја прашува со кого зборува, на мајка му и татко му им вели дака баба му под костени зборува сама сосебе, па малку подзасрамена, старицата сè гледа да не го земе внукот со себе. Нешто посилно од неа ја тера да збори со костените и ги прашува дали се сеќаваат на Оносим како не ѝ дозволуваше таа да збира костени, дури нејзиното градско момче вешто се пентареше по стеблата; таа не гледаше, се тресеше како гранките од кои паѓаа плипот костени и не се вртеше сè додека тој не слезе и не ја допре со набоцканите прсти, благодарејќи што барем овие стебла не го истресоа од себе нејзиниот човек што беше принуден на најтешките работи за да преживеат, жалејќи ги благородните дрвја што набрзина се сушат. Задлабочена во саморазговорот, ја штрекна машко офкање и човечка фигура што се стркала во долот на петнаесетина чекори од неа. - Иконијо, помагај! Иконијо, аман! Стркаланиот низ брежниот лескарник не го позна веднаш по гласот. Раката што ѝ го држеше полниот скутник со костени самата ѝ се пушти и собраните костени ѝ се истурија в нозе. Кога се приближи кон човекот што продолжуваше беспомошно, болно да офка, го препозна: Веле од Марка. Во ловечките наводенети и искалавени алишта, Веле од Марка беше нагнетен во млаката како огромен ранет брав што бега пред ловци, и во намерата да се подзакрие, на себе изнасобрал цели нарамници листови и тревки. На два чекора до него, лежеше ловечката пушка. - Помагај Иконијо, се лизнав... - Како да ти помогнам? Кај можам јас да те подигнам? Да појдам кај син ми во амбуланта, да дојде. - Оди, Иконијо, оди... Само нешто во 'рбетов да не скршив. Добро што се најде човек во близина... - Немај гајле, стрпи се... - му рече Иконија и тргна за в село. Дури тогаш, спуштајќи се по удолницата, се исплаши: што барала оваа проклета дијанија во нејзина близина? Ја видел штом ја викна по име... Неусетно ли ѝ се доближувал? Неговата расипана природа да напаѓа жени едно време беше омилена тема на селските озборувања за него. Самата се сеќава од време на изградбата на хидроцентралите кога пред нивната куќа подзастануваше со џипот и ѝ потсвирнуваше на нивната подстанарка, госпоѓа Беата. Тогаш на Оносим му имаше речено, нив, две жени премногу сами да не ги оставаат дома: кој знае, можеби и ќе ја нападнеше Чехинката, да не беа дојденците потстанари во нивната куќа со повеќе народ. Повредениот во долот стискаше заби и се препотуваше од болки. Му олесна кога го виде доктор Младен со шоферот на амбулантниот џип. - А бе, чичко Веле, што е работава? - Се лизнав, еве... Помагај нешто... Носи ме до Скопје кај син ми. - Чекај да видам... - Што ќе видиш? Ни деснава рака ни колков можам да го мрднам. Свртени ми се наназад. Младен го раскопча повредениот, го изгледа и го истеши дека не е многу опасно. - Како помош на ранет партизан... Ти вакви работи зарем еднаш в шума си преживеал. Ако немаш скршеница, лесно ќе поминеш. Сега ќе одиме на снимање. Полека, старечки, Иконија се врати под костените. Повредениот не изгледаше дека настрадал посериозно. Син ѝ полека го стана Велета од Марка, го исправи, со шоферот му се поднаместија и тој со рацете преку нивните рамена се потпре врз нив. - Вода дајте ми, ако има некое шише... - Имам, еве, - рече Иконија и му подаде едно пластично шише со вода што го имаше скриено во билјачките. Повредениот кога го позеде шишето и веќе еднаш долго потегна, на Иконија пред очи ѝ дојде сликата како таа трудна и со две ситни деца, од кои едно токму докторот, насилно ги иселија од дома во работничките бараки на Бигор, токму по наредба на овој, Веле од Марка. - Напиј се, уште малку, отруј се! - Мамо, што ти стана одеднаш? - Качени на коњската запрега, со некое парталче и покуќнината што ни ја фрлаа младинците од чардак, врвејќи покрај „Св. Мина“, свекрва ми, покојна, низ солзи те проколна, светецот да те казни. Да дојде време, од нас пак помош да бараш, од наши раце што си јадел и пиел, со подадено од наши раце, пак да вртиш душа. Имало Господ! - Мамо, доста, што ти стана, престани... - Ми стана!... Од арно да им правиш цел живот, само лошо да чекаш! што видел од нас лошо, лошо ги изело! Ниеден бутур не му е! На оваа гнаса главата да му ја пресечеш и ја фрлиш по пат, кој ќе помине, ќе се чуди од што животинче е. Никој нема да се сети дека е од човек... Штом се напи од мои раце, сега не пцојсува. Уште бели ќе прави овој скот. Одете сега... Веле од Марка го испушти шишето в трева и ништо не рече. Потпрен на подадените рамена, повредениот можеше да подзачекорува и мажите полека почнаа да слегуваат до патот кај паркираниот амбулантен џип. Од силните зборови на Иконија, мажите ја заборавија пушката. - Пушката ја заборавивте, - им се јави повторно старицата. Возачот за момент се пушти од групата, ја зеде пушката и ја префрли преку рамо. Тој повод на старицата ѝ беше добредојден за уште една тирада погрдности до повредениот. - Не да го земате на рамена, пушката да ја земете и да го отепате како куче в дол, божем сам се отепал. Вакви 'рѓи и господ нејќе. Тој не зема вакви, зема како татко ти... Оваа гнаса што да допре, ќе зацрни. - Мајке, доста мајке, престани... Со џипот отидоа во гостиварската болница и на повредениот набрзина му направаија рендгенски снимки. За среќа, скршеници немаше. - Види, чичко Веле, ти си за кај Јоанчета... Немаш скршеници. - Јас за кај Јоанчета? Јас сум цел живот против надрилекарство! Сам лекар да ми рече да пробам надрилекарство?! Нечуено! Ти сакаш да ме осакатиш на старост, да ѝ ја исполниш желбата на мајка ти пред малку што ме колнеше! - Остави ја мајка ми... За благодарност, не ми накалемувај што не е... Еве, ако нејќеш, ќе те бандажираме и ќе те испратиме во Скопје. Влегувајќи во одделот за гипсирање, во тесниот ходник го затекоа стариот доктор Никола Нејман. И првиот доктор во Гостиварско само што ги виде рендгентските снимки, најотворено му рече на стариот познаник: - Не оди со болки веднаш во Скопје, оди кај Јоанчета. Имаш извртено зглобови: народ што вели, имаш месо лапнато. Најдобар доктор за тоа е Јоанче. - Како, бе Јоанче? - Шарено. ќе појдеш со џип, ќе те врати на нозе, - со мирниот руски акцент, пак му повтори доктор Нејман. - Не прави се толку мутав, исчашеност само тој мести, сите тоа му го признаваат. Божем не го знаеш Јоанчета крепијата? Само што цел живот попусто го малтретиравте и сослушувавте. Па и јас кога ќе сум се лизнел на мразовиве, шинат сум појдувал кај него. Само, ти си шинат во главата, остаре и ништо не научи... Ајде, и јас ќе дојдам. Ако се инаетиш, ќе те акнам во гипс, вака од болки, со месеци да кривиш. И без да го прашаат, двајцата лекари повторно го качија пациентот во џипот и застанаа пред ниската фурна покриена со стари керамиди. Качена и распослана и врз покривот, краставата, стара лозница што одамна не прави крупни гроздови, обвиткувајќи ја трошната плитарка изградена пред стотина години уште во време турско, со долгите гранки како заштитнички да ја прегрнува куќарката и не ја дава на околните нови, невкусни куќи со зината челуст од остри пердиња и железни шилци, нестрпливо накострешени што чекаат стариот крепија побргу да умре и фурната да му ја голтнат. Повеќекатните куќи полни со бетон ја правеа фурната уште помала и потрошна; потклекната пред посилните нови комшии, како самата да се срами уште што ја има. Во старото дуќанче со ниска врата само подгрбавениот стар крепија влегуваше без да се наведне. Колку и да беше дооден, Јоанче не дотрпе да го извадат кутрецот од џипот што застана пред негова врата и мирно чека да го внесат во сиромашното дуќанче. Кај него никој не иде за арно, а од него и млад и стар арно очекува. Тој треба да притрча; дур' жила му колка, ќе помага. Неговата дарба е божји благослов, со неа не смее никого да уценува и да му ја наплаќа маката, па макар синови, ќерки и внуци постојано го гризат што при толку работа, ништо не ќе им остави во наследство. Извиткан како препечена, корава кифла какви што ги пече во дуќанчето, стариот крепија кога се доближи и се поздрави со докторите први што излегоа и му помагаа на логавиот да излезе од џипот, се збуни: од тој што имаше преку цел живот мака, токму тој му дошол на врата за помош. Крепијата го причеша носот и не знаеше дали да му пушти рака за добредојде на Велета од Марка, но десната рака нему му беше шината и повредениот не можеше да ја испружи. Доктор Нејман тоа го забележа, па направи успешен мајтап; - Види, чичко Јоанче, се шинала раката и ногата на Партијата. Десната рака, левата нога. Кој чекори таму, мамичето негово, со десна: лева, лева... Оваа луцидна забелешка според прочуената песна на Мајаковски, помладиот негов колега добро ја разбра и многу го изнасмеа; Младен кон стариот доктор имаше посебна почит и за него го врзуваа убави сеќавања: кај тој доктор го водеа на преглед како дете, а ја знаеше и целата приказна меѓу него и неговиот покоен татко... Пациентот веќе беше седнат на триножното столче во ординацијата со црвјосани греди. Фурната на дрва беше штотуку запалена и колку да изгледаше сè старо и на распаѓање, неповторливата исконска топлина и миризба на печење леб на дрва не се споредуваше со ниедна современа фурна преполна од стрелки, светла и автоматски свирки. Внатре, на едно место како да беше собран сет минат живот на Полошко; надвор победената традиција во некоја нерамноправна игра со современоста, овде повторно беше залечена и заштитените добри духови на минатото летаа во воздухот и чиниш можеа да се фатат со рака; ги лепеа носевите на испотените стаклени окна и ѕирнуваа во мрсулавиот, облачен есенски ден; не, не сакаа веќе надвор, убаво им беше меѓу стариот заштитник крепијата и стоплени и раскомотени, мирисаа испарувања на лебот топол како мајчина душичка. Под жолтеникавите стакла на очилата, очите на крепијата младешки се раздвижија. Остаре, но дотогаш не беше му се случило дури двајца лекари да гарантираат за него пред власта. На угледните гости реши да им приреди игра чиј ефект ќе го сетат дури откако ќе заврши. - Донеси ми една од белине, платнени врекички, - ѝ рече на жена си. - И ќупот во кој го чуваме квасот за сомуниве, празен е. Бабичката откако му ги донесе вреќичката и ќупот, Јоанче му се обрати на Велета од Марка: - Во белово вреќиче, стави го со здравата рака ќупчево... Посинет од болки, Веле од Марка стенкајќи го зеде ќупот и го пикна во вреќичето. Настана мала меѓупауза и дојденците се потпогледнаа меѓу себе како да се прашуваат што му значи ова на старецот. - Сега, удри го вреќичето од ѕид. Веле од Марка ги дигна веѓите, направи гримаса на чудење и го удри надуеното вреќиче. ќупот внатре се скрши и вреќичето ја изгуби добиената амфореста форма. Тогаш, Јоанче го зеде платненото вреќиче со скршениот ќуп, го спушти на земја и не отворајќи го, ги пикна во него рацете до лакти и почна да ги напипува и фаќа искршените парчиња керамика и парче по парче, вреќичето почна повторно да си ја добива формата на облост. По пет минути напната тишина од која Веле од Марка ја заборави болката, Јоанче го отвори вреќичето: внатре си беше истиот ќуп со секое парче на свое место. Присутните дојденци само зинаа. Јоанче повторно им остави една куса пауза колку повторно меѓу себе да се погледнат. И да сакаше, никој ништо не можеше да прозбори при овој прастар зашеметувачки театар без зборови што беспрекорно вешто го играше крепијата. Јоанче не дозволи да се прекине дејствието и со тивок глас му рече на Велета од Марка да му ја подаде раката. Ракавот му го подигна на повредениот до надлактицата и потоа го зграпчи како пантер од заседа молкум кога лови и со два вешти потега му го сврте лактот. Коската клапна и раката си дојде на свое место. Силно олеснување низ болка му помина низ телото на Веле од Марка. - Ајде сега и колкот... Крепијата ѝ рече на жена си да излезе надвор, а на Велета од Марка му рече да се соблече по гаќи и да се попружи на посланото чергиче. - Само посилно стискај, чичко Јоанче, Партијата тоа може да го издржи, - ја прекина тишината доктор Нејман. Веле од Марка викнуваше од болка што потоа ја покриваше бран слатка омалштина. По неколку минути викање што му се чинеа вечност, Јоанче му рече: - Стани, кукурек си. На Велета од Марка не му се веруваше дека ќе стане со леснотија. Стана без ничија помош, се облече, и збунет дека му отиде болката, се фати за паричникот и му подаде на Јоанчета крупна пара. Првпат и власта да се фати за ќесе, - рече со смеење стариот доктор. - Што да се прави, ќе трпам, - најпосле изусти нешто низ смеење и Веле од Марка. - Ме фатија еден син на белогвардеец и еден син на кулак. - Можам ли сега да одам на лов? - Кај сакате, - му рече на испраќање Јоанче. - Не, на друго место ние ќе одиме. Јас знам поубаво место, во „Златно буренце“. Ти таму ќе се покажеш... - Нема проблем, - рече Веле од Марка - заслуживте да ве честам. Џипот го испратија, а тие пријателски отидоа на ручек. Пријатните закачки што ја следат добро завршената работа беа прекинувани и со посериозни разговори. - Ние те однесовме кај вистинскиот човек, но ти како власт за овие години како му се оддолжи? Зашто сте толку букови глави? Од кај знаете, од кај се разбирате вие од наши работи!? Ние лекарите не се жалиме од него, цел народ со децении му благодари и го благословува, на Партијата ѝ пречи! Не ли ви е срам цел живот да му испраќате полиции на мирничок, народен човечец кој треба да е гордост на градов? По ручеков, ќе одиш кај твоите од градов и гледај да му дадете една благодарница, барем еден картон да му дадете... Немаше сила да го заузда многуглавиот змеј. Сенки од неговите глави над секого висеа, а стравот на секој човек во својата вообразија му додаваше глава повеќе: пострашна и позаканувачка, глава со бели пени лутина и здив што им дише во вратот. Секој ја сеќаваше како ги следи во чекор, им дише в тил, но никој нема храброст да се сврти и ја погледне. Од вомјазот на новата состојба се изгуби лезетот на сонцето и натаму што грее, свежината на ветрот и водата, топлината на разговорите на Вијан... Чесната интелигенција се обидуваше да ја смири работата: ги тераше граѓаните да се сеќаваат на водачот и секоја година му стојат мирно на моментот кога испуштил душа; продолжија организирано да ги носат на неговиот гроб, да прават фестивали и прослави во негово име, но дијанијата ќе да беше без уши и не слушаше наредби. Полицијата и писателите си го знаеја својот долг: треба да направат илузија божем сè уште се врз плеќите на дијанијата... Им истекна: најголем сојузник на власта е филмот и ќе направат тв - филм за убиството на Џемо, цел народ да ја види драмата за последниот пораз на мрачните сили. Сценариото да го напише му го дадоа на Јован Бутика, внук на Никола Бутика, познатиот адвокат од Тетово, на стари години по Војната суден за непријателска дејност. Немоќна да го заузда животот, а моќна да го контролира народот, секое придобивање на своја страна од фамилиите на идеолошките непријатели, власта го смета за своја идеолошка победа. Една од таквите големи победи на Титовата власт е писателот Јован Бутика, внук на познатиот адвокат Никола Бутика од Тетово, жив што не излезе од затворот во Идризово. Перспективниот преобратеник остро се пресмета во сценариото со непријателите што се осудени да губат. Нарачателите беа задоволни, подготовките на проектот протекоа без проблем и снимањето на драмата за последните денови на Џемо можеше да почне низ Полог, Шар Планина и Тетово. За поверно прикажување на настаните од пред педесетина години, како стручен консултант беше повикан Веле од Марка, човекот што ја водеше операцијата за Џемовото ликвидирање. Стариот борец го прочита сценариото и откако се увери дека во филмот не е зафатено нивното заедничко момокување кај Маџовци, се нафати да даде определени сугестии. Чувајќи се од секакви можни реперкусии, режисерот нејќеше да снима без мислењето на крунскиот сведок за дефинитивниот изглед на главниот актер; се плашеше дали ќе успее во тоа што од него се бара: Џемовиот страшен лик и дело да предизвикаат одбивност и осуда од гледачите. Улогата на Џемо од Симница му беше доверена на Џемаил Максут, познат артист од Театарот на турската драма од Скопје. На снимањето на првата клапа во тетовското теќе, Велета од Марка го доведе посебна кола. Се поздрави со филмската екипа и многубројните артисти и само што се испречи пред него Џемо, нозете му се стресоа и малку подмоча в гаќи: пред него Џемо кипе од сила. Неговиот побратим на млади години од Симница никогаш олку убаво не изгледал; со светнато, негувано лице, во неговите алишта, ама ганц нови, наконтен, баш само за сликање. Со страшниот поглед, шмајзерот, кечето со орле, опинците, опчаниците и беневреѕите, со црното полуверче под шајакното палто и двогледот на градите, Џемо се шета пред камери и погледи полни со восхит, а тој стар немоќен, обелен и со џебови полни со апови. Божемниот Џемо рака му подаде на само тој што од сите овде вистински го знае, а вистинскиот негов познаник се засрами што излезе пред него. зар не го препозна? Очигледно, не и кога се увери не го препозна, се потсмири. затоа ли му пушти рака? Подобро; да сака, сега ќе ја извади „беретата“ и ќе му стрела в лице. Не верува дека сака помирување со стариот пријател, ниту има потреба да ја премерува со него силата. Е, само еднаш, само сега да е со старата сила, па да се фатат рака со рака на софриве од Теќево, пред камера да си ги измерат силите, па веднаш нека умре. Најнерамноправната игра што ја измислил господ е животот и само во тоа се разликува човек од Бога, во човечките настојувања за фер игри со кои ќе му се спротивставува на расудувањето на Севишниот, без да помисли дека позицијата на сила е ѓаволското во човека што се стреми преку приграбување на власта да си вообрази дека божјото во него му проработило и тоа ги диктира игрите. Веле од Марка најубаво знае какви игри со години форсираше и играше, и сега, расудувајќи со длабокото човечко што ненадејно кој знае од која запушена каверна сега од него бликна, за момент му се замати свеста. Учтивиот актер ја стави пријателски раката на грбот на стариот борец и подготвено го потпрашуваше за некакви битни за него детали. Веле од Марка се поврати дека пред него е престорениот артист во Џемо и почна да му одговара расеано и без волја, како да му е мака што не зборува со вистинскиот негов познаник. Бог да не си поиграше така лукаво со ѓаволското во нив и неговиот врсник сега да е жив, би бил како него и двајцата остарени, ќе немаше поубаво ако вака заедно понекогаш седнуваат на клупа на Вијан и со тацните в раце, потпивнуваат чај. Со вистинскиот Џемо има што да збори, нему има што да му каже, што да го праша и да му се посмеат на времето што носи и што направи тоа од нив, но пред него беше нов Џемо качен на дијанијата ѓаволски искушенија; млад, зоврен и стрвен од нешто пред него неопределено широко како неизживеаниот живот што го исполнува, го води и од кого многу нешта очекува и не дај боже, ваков остарен и бессилен тој да треба утре пак да се бори со овој млад и суров воин. Старееше, но никогаш до толку не се почувствува слаб и немоќен. Режисерот заповеда артистите да излезат пред камера на плоштатката за снимање и увежбаниот, прв кус кадар без повторувања беше снимен. Работната тишина ја сменија аплаузи, меѓусебни честитки, шампањско и желби убаво да им оди работата. Одејќи тие неколку дена до Тетово, Веле од Марка нагло како да доостаре. Од исконското понижување при соочувањата со новиот Џемо, увиде како неговата биологија се престорува во историја. Цело Тетово беше на нозе. Македонците се самоубедуваа: овој филм е само минато, а Албанците се магнетизираа од самата појава на актерот што професионално си ја вршеше работата. Тетовските Албанци му ракоплескаа на Џемо и чест им беше со него да се поздрават и да го допрат. Стари тетовчани Албанци му стануваа на нозе и длабоко му се поклонуваа; ја видоа остварена нивната најскриена мечта, дочекаа уште еднаш, на крајот од животот да го видат Џемо низ Тетово. Цела чаршија му прави темена и од Џемо во нив им притупкуваа срцата, волни повторно нив да ги дигне. Не на артисти, ним да им нареди: земајте пушки, ќе земеа. - Џемо е жив, луѓе, Џемо е жив... си шепотеше на носот Веле од Марка. Стариот ослободител со години недопирлив низ Полог, никој не го препознава ниту од пат му се трга... Возбуден во себеиспитувањето, бабулето му се грчеше и црцнуваше по две-три капки в панталони. Долгиот мантил, за среќа, му ја покриваше водената трага на панталоните меѓу нозе. По многу претходни најавувања, една зимска вечер, студот секого штом го втера дома, на телевизија беше емитуван филмот „Од зад грб“. По недобројните приказни за него што си ги кажуваа, Албанците си го видоа Џемо и на телевизија. Кај нив тој не предизвика одбивност и очекуваната осуда и оградување кон национализмот во своите редови, не дојде. Власта веќе не го репризира филмот уште еднаш, па после уште еднаш, па уште еднаш... При снимањето, Веле од Марка заборави да предложи една мала ситница што двајцата непомирливи идеолошки непријатели ги оцртуваше како карактери. Во стварноста и двајцата правеа ист мангуплак: двајцата низ уста вртеа тревка. Гоце, синот на Младен ги студираше и зборуваше големите јазици на Горна земја и татко му многу се гордееше со синот што станува граѓанин на светот; преку размени на студенти со универзитети од Горна земја, одеше по тие држави како и неговиот дедо и прадедо. Татко му беше исцело рожба на Долна земја. Во неа роден, школуван и вработен, во Горна земја никогаш не престапи. Докторот читаше на јазиците на Горна земја, ги пелтечеше, но течно не ги прозборе. Ги д'ткаше. На рушењето на Берлинскиот ѕид, син му Гоце се најде во Берлин и грутче малтер од ѕидот му донесе на татко му како сувенир. Рушењето на Берлинскиот ѕид ги поклопи под себе државите од Долниот свет и за две недели, десетина држави паднаа како кули од карти. Чувствувајќи се цел живот затворен во потонот на Долна земја, грутче малтер од Берлинскиот ѕид како да му отвори на Младен преку него да прогледа во надежта на светот голем и волшебен... Горна земја или светот: за него тоа секогаш е едно исто. Колку да имало маки, има и надеж за нивниот крај; камчето од Ѕидот на вештачката поделба на световите, докторот го стави на полицата со книги над работната маса и пишувајќи, штом ќе ја дигнеше главата, погледот му застануваше на безличното бетонско грутче прераснато во амајлија со многу значења; барем толку, колку тоа грутче бетон ако успее да руши од планината предрасуди и омрази во својот Полог и отвори барем толку простор за надеж, има смисла со децении што ги пишува книгите и никако не може да ги објави. Подгазен како домашните папучи на нозе, живее живот со зачепена можност за повдигнат интензитет. Литературата му е единствен израз на себечувствување и интензивирање во животот. Секоја ноќ гувее над машината за пишување; станува, по полноќ, пред петли, сварува чај и седнува над хартиите. Грутка наследено студенило, од половината по целото тело го ежи и не го топли ни волнениот појас што го носи по дома. Од долниот кат на големата куќа, одвреме - навреме, ќе ја чуе мајка му Иконија старечки како кашла. Секогаш е будна. Во шест и пол мајка му ќе излезе, ќе клопне за да ги разбуди синот и снаата за на работа. Тоа време синот е често задреман на маса. Повеќе куриозитет како појава, отколку по делото, за новото време Младен е старински, препотопски писател на Долна земја, преживеан како стари сорти овошки што ги има по ридовите, по кои им мирисаат одаите и шпајзовите преку зима. Писател без дело, појава позната само во државите на Долниот свет; неговите исчукани „самиздати“ ги читаат по неколкумина пријатели. Печатење приватни изданија во Долна земја е забрането. Новото време доцна му се отвора и по овие историски пресврти, прашање е дали веќе некого ќе заинтересира да ѕирне во неговите томови испишани страници. Без литературата одамна ќе капитулираше пред тиранијата на дијанијата; како фамилијарен пород од темнината на Долна земја тој само може преку литературата интензивно да живее и им се доближи на дедо му, татко му и сега син му, на кои, сепак, им се отвориле двата света и ги преоѓаа границите на световите. Невеселата, прифатена и кризно изживеана реалност го принудуваше да се навраќа кон минатото и да го идеализира, а неговата фамилија му даваше за тоа изобилно материјал; беше како измислена за мечти и самозалажување кон божемното враќање на изворите на животот. Повиен во лулката со чивии, трите наречници на Младен не му порорекоа бовчичка за пат кон Горна земја и како домашар, презрената машка социјална категорија во Долна земја, наместо просперитет, неговиот тукашен живот со половина здив, на семејството му донесе стагнација и назадување. Напикан во каверните на меланхолијата, чувството на промашеност го туркаше кон литературата низ која ја бараше својата смисла со пишувањето како алат за обликување на животот и израз на сонуваниот и креативно измечтаениот друг живот што не го проба. Писателот во него проработи одамна: пишувањето му носеше чистотија и стимул за избавување од неизбавливото и во исто време свртен и кон светот и кон себе, мислејќи со својата литература ќе спасува и избавува, постојаниот допир со создадената убавина од човек му помагаше само себеси да се избави од ненаклонетата реалност. Професор Анастас од Велета, член на владината комисија за издаваштво, неколкупати ги одбиваше неговите романи. Одејќи за Охрид, неприкосновениот авторитет по прашањата на националната литература ако наминеше некогаш во Вруток, навраќаше кај Младен. Водеа коректни разговори, зборуваа и за литературата, шетаа по запустените, неорани ниви ловејќи ја од секоја глетка музиката на минливоста како чиста форма и на заминување, без докторот нешто да му рече, Анастас од Велета ќе му спомнеше дека се заложувал пред комисијата за неговите романи, но не бил моќен да ги истурка. - Интензивното лепење на приказните за тебе е чистото надоаѓање на естетиката, само ти продолжи, ќе дојде и твоето време, верувам во тебе... Младен никогаш не му ги поземаше тие зборови на пријателот од детството, знаеше дека се пози од извежбани ласкања катадневно што ги изговараат моќниците кога се наоѓаат во ситуации од кои сакаат да се ослободат, условен рефлекс стекнат со власта што го применуваат и кога немаат потреба од него, кога и никој ништо не им бара. Отскоро, влијателниот професор беше поставен за директор на Националната и Универзитетска библиотека во Скопје. Во специјалните фондови на библиотеката се чуваше „Вруточкото евангелие“ и еднаш кога отиде Младен по некаква работа во Скопје, појде да се види со Анастас од Велета, сакајќи да ја види и старата книга. На другарот од детството кому така добро му оди кариерата, му ја честита новата угледна функција и во опуштената атмосфера што се создаваше при ретките нивни средби, го замоли ако е можно да му ја покажат книгата по која научниот свет од таа област ја спомнува скопската библиотека и за неколку минути, по кој знае колку години, Младен повторно го имаше в раце ракописот на неговата возбуда. Пак му светнаа мрсните листови од зајачка кожа со перфектен ракопис и едноставно сведени цртежи... Истата книга. Само таа... Додека ја врти одамнешната книга со дофатен правопис на вечните вистини, постојано му иде на ум како јавно да признае дека е недостоен тој и сите во оваа средина да ја имаат оваа книга, како јавно да признаат од што се недостојни да се однесуваат според неа, стасаа таму каде што стасаа. И останаа. Во Долна земја. Ги гледа и глосите на маргините. Може и да ги прочита: Митница место патријархово... Вечниот рушвет, корупција... Го гледа на последната страница и ракописот со графитен молив на поп Аркадија Томов, син Димов... Како нив ниту живее, ниту ќе знае дали кадарно ги напиша во неговиот необјавен роман нивните судбини како негови предци, вака забележани само на маргините на вечноста. Дома, во Вруток, чува еден лист од истава книга со загадочната порака упатена до него. Старите пријатели не останаа долго во кабинетот. Директорот го одведе својот гостин на ручек кај Јоле, во кафеаната на Друштвото на писателите. Вкусниот ручек и црните вина влијаеја врз текот на нивниот разговор. - Знам зошто си дојден... за твоја одбиена книга. - Па... - Имаме посериозни проблеми од твоите 'рчкања... Државава, системов ни пропаѓа... - Би ја објавил и со свои пари, но овде сè уште тоа не е можно... Забранета е приватната издавачка иницијатива. Пак дојде вашето. Наскоро ќе можеш сè да објавуваш. Не верувам. ќе најдете вие механизам пак сè да стопирате. - Колку да се маскираш, те препознавам во романот. Божем неупадливо, самиот внатре си се навел... - Нејќум само да го напишам, сакам по малку и да сведочам... - А јас да одам против себе? На тоа ли со години ме тераш? - Јас не лажам. Ајде кажи, емотивно кај си излажан како читател? - Одлично пишуваш и морам да признам, ми беше интересно како класата на изумирање ја гледа нашава стварност. Колку да ги криеш работите, тие излегуваат од тебе. Не требало до толку да ги камуфлираш... Со тоа само повеќе ме навредуваш. - Важно е дека си ме читал. Јас не ги дочитувам книгите што за државни пари ги објавувате. Ме навредувате што ми подвалувате. Затоа не ве читаат. Сè е ачик, на Вијан, а во нашата литература ништо од тоа не се гледа. Дијанијата е посилна од вистината. - На провинцискиот доктор не му недостасува енергија и инспирација: ако те заборавам тебе, Вруток, нека ме заборави десницава моја... - Направивте сè да се заборави. Уште Вруток ми остана. Ме тераш да напишам продолжение, втора книга... - Па баш ме заболе, напиши и десет сељачки продолженија!... - Јас сељак? Секогаш сум бил господско дете... Еднаш не видов овде некој да истера правда, еднаш не видов системот, интелектуалците да застанат на страната на правдата... Овде секој мој чекор е мое понижување и неправда што ти ја сервираат како скршени стакленца во леб, јадејќи го, сам да се исечеш. - Ете затоа книгата не може да ти излезе. Од првите твои текстови се построи да бидеш од другата страна против кои не треба премногу избирање зборови и средства. Ништо не направи да го измениш погрешниот поглед на светот на кој си воспитан. Многумина со такво потекло кај нас успеаја таа семејна замка да ја прескочат. Ти не успеваш и тука јас малку што можам да направам. Добро се знаеме и ова можам без нараквици да ти го кажам. - Слободата и судбината да бидам каков што сум ја добив дома, ќе си остане вечно моја и за моите сфаќања никого не ќе консултирам. Грешката ми е што воопшто дојдов кај тебе. Ти благодарам што ми овозможи да ја видам книгата што ја држев в раце како дете. Незанимливи сте како личности и како книги, а постојано сонувате како нашата литература да стане светска. - Да знаеш само како изгледаш овде смешно и поразно од секоја маса, во секој поглед на писателите. - Од петни жили се трудиш да направиш со мене скандал... - Самото твое пишување и твојата минорна појава во нашава литература е еден голем скандал. - А знаеш како ми изгледате вие писателите, овде кај Јоле? На препарираните животни по ѕидовите во вашана стара куќа во Вруток. Ме тревожи тој безизразен, скаменет поглед на вакви подзатворени очи од сало и тапост и не знам тие одоколу што толку ти значат дали тебе како нивни авторитет ти се церат или на мртвите поети наредени по ѕидовите. Гледате во мене или преку мене: тој ракурс ви го нема ниту во погледот, ниту во книгите. Одненадеж, професорот му удри на Младен тупаница, од ударот тој се преврте од столот и со себе го повлече чаршавот од масата. Чашите, шишињата и чиниите паднаа со трескот на подот. Младен потоа стана и му се пушти на професорот. Двајцата се свалкаа на подот, се удираа и прпелкаа во срчите и масите со останатите гости. Вешт во таквите чести книжевни пресметки, сопственикот на кафеаната во која навраќаат уметниците ги раздели ладнокрвно, повторно ги седна на маса, а тој се намести меѓу нив. Настанатиот неред и за околната клиентела не беше кој знае каква новост и по почетната љубопитност и смирувањето на кавгата, сите повторно се свртија на своите маси. Младен набрзина потоа излезе од кафеаната и со пополноќниот воз за Гостивар, кога нема многу патници, тргна за дома. Скандалот во кафеаната не остана забошотен: утредента во весник излезе голем текст за безочен напад на фрустриран писател врз големото име на домашната критика, а по некој ден, Анастас од Велета напиша за Младен серија подбуцнувачки текстови како за антидржавен непријател и да се случеше овој инцидент пред некоја година, во златните времиња на хајките, на Младен сигурно ќе му монтираа судски процес. Вака, сè остана на медиумски напади и нови прилози за неговото досие. Писателите со скаменет поглед и кога немаат перфектен безбедносен систем, ако сакаат, знаат да укасаат. По враќањето од кај другар му, Младен почна да ја пишува втората книга од „Приказните...“ Му требаше подметнат скандал за да се освести од лажната утеха на провинциска супериорност што го залажува преку цел живот, мижејќи пред поразите катадневно што ги трпи како единка и народ, сè толкувајќи само како резултат на улавштина. Правејќи разлика меѓу лудост и зло, секогаш се прекоруваше ако на момент нешто порадикално изусти: не е сè така лошо и до толку црно, голтајќи ја јадицата на наметната автоцензура за да прогледа кога можеби е доцна за сè; улавштината секогаш пактира и неодвоива е од злото. Неговите преживелици нејќеше многу да ги надградува со измислици за да заличуваат на приказни: личните приклученија однадвор што го заразуваа романот во него не беа идеи кои доаѓаа од него, туку тема што му ја наметнуваше средината, чудејќи се како можеше толку години од таа материја да бега, да нема храброст да се зафати со личната драма, со јадрото на кризата со многу ракави и странични ликови што само ќе го допотенцираат битното. Одеше на работа, лекуваше луѓе и си поставуваше сам себе стапици да се лови во потреси навечер што ги пишува. Блазе си му на писател ако ги запише; времето секогаш работи за потресите и романот. Качен на коњ, со големо куче во рацете, Арбен неодамна дојде пред амбулантата. Без да дига врева, не испуштајќи го кучето од раце, со извежбани движења набрзина слезе од коњ и влезе во амбулантата. Со мешавина од мир и фанатизам што може да исплаши човек, без да тропне, сосе куче упадна во лекарската ординација. Огромното куче, убав примерок на шарпланинец, не мрднуваше. - Бргу, докторе, ставај му инекција! Змија ми го укаса на бачила. - Да не си ја згрешил зградата, бе, Арбен? Јас сум, доктор за луѓе, не за животни. - Знам јас за што си доктор... Ставај и не кажувај многу! Плаќам јас... Трите медицински сестри, меѓу кои и Соња, спискаа од изненадување и гадење и побегнаа во друга просторија. - Добро, имам серум против змиски отров... Сестрите се плашат, еве јас ќе му дадам... Си имал среќа. - И ти си имал среќа... Само да не му дадеше инекција!... Тоа ни е најдоброто куче во бачилото. Подобро дете да ми умре одошто кучето. - Внимаваш ли што зборуваш? Дете да ти умре?... - Не знаеш, ти, докторе, какво куче е ова. Не знаеш со колку волци на Шар Планина се има давено... Тоа ми ја исхрани фамилијата. Дете ќе храниш, ќе го учиш, ќе трошиш на него и кога ќе порасне, ќе ти пцуе мајка. Ова, ниту ме пцуе, ниту су му правел гарамет колку на децата... - Вака кога збориш, ми иде, тебе подобро да те каснала змија... Зошто имаш толку тврдо срце?... Ова е првата доза, излези надвор со кучето, за десетина минути, таму јас ќе дојдам со втората доза... Арбен откако излезе надвор, во ординацијата притрчаа медицинските сестри и еден нивен познајник. Внимавајќи во начинот како му се обраќаат, сепак, сите се нафрлија на докторот. - Многу ја претеравте со Албанциве!... - Ќе видиме до каде ќе дотуркате вака! - Не сум јас политичар за пратенички прашања. - Не политика, ова е претеризам! - Ова се искуства на селски доктор. Од каде инаку ќе црпам јас материјал за книгите што ги пишувам?... - Не, докторе, не е ова литература... Со куче во лекарска ординација? - Ова ниту било, ниту ќе биде... Расправањето им го прекина карактеристичниот звук на кампањола што збрче отаде прозорците, на патот. Со долг поглед во тишина, заеднички го проследија движењето на џипот до кривината што им го затскрива погледот. Со тоа, на насобраните во ординацијата им се отвори позначајната и понеизвесна тема за зборување што ја зафаќаат по неколку пати на ден, со секое појавување на овие бели џипови со упадливи обележја на Обединетите нации. Набљудувачи на нивна Мисија за превентивна интервенција, подзаглавена како УНПРЕДЕП, веќе неколку месеци патролираат по планинските беспаќа на Шар Планина. Во околните држави што се осамостоија од распадот на Југославија, со години беснее меѓунационална војна. Уште Долна земја не е вовлечена во конфликтот и Обединетите нации првпат откако постојат, испратија контингент што ќе го одвраќа судирот. На дваесетина чекори подолу, на насобраните на Вијан им недостасуваат зборови. Ќе збрчи белиот џип со знамето и сите ќе ги потсоберат рамениците. Само деца трчаат и им мавтаат на патролите од сите човечки раси на светот, што се нафатиле да го бараат дувлото на дијанијата и да ја пресечат каверната на војната одовде Шар Планина да не се излее. Докторот излезе надвор со подготвениот шприц со серум. Шарпланинецот на Арбен по малку подмрдуваше. Со отворени очи, мирно го гледаше докторот како најспокојно му става инјекција. - Добро, зашто ми правиш вакви проблеми? Никого, никогаш за ништо не сум ве одбил... Лете-зиме, дење - ноќе... - Тоа никој не ти го оспорува... Кажи колку сум должен, друго не збори... - Ништо не должиш... - Нејќум да ѝ должам на оваа држава што пропаѓа. Кажи колку треба, докторе!... Отиде вашето, доста ве титравме. За една мала услуга, ќе испадне, ви должам. - Ем те услужив, па уште ме заебаваш... - Никој не те заебава. Ќе платам, имам пари да те купам. - Ете, зашто имаш толку пари, јас ќе го оправдам серумот. Мој проблем. - Мислиш ако си учен, сè знаеш. И јас неучен, нешто знам. Еднаш, треба да се наплаќа. знам кој си и чиј си, докторе, и што должите... - Што ти должам? - Една машка глава. Ништо не се крие под небово. Ја знаеш приказната на бачила за овчарот што го отепал газдата и го фрлил во Ѓољојте... - Ја знам. - Е тој газда бил ваш, од каурите. - И? - Што, и? - Вие сте почнале, вие ни должите глави. Ние сме овде орли, стари колку планините, постари од Шар Планина. Сè паметиме. - А, бе, Арбен, ти ли си тој што едвај заврши осмо одделение?... Ти си завршил академија за омраза. Е, па, конкретно од која фамилија е тој што ви должи глава? - Конкретно не, потенцијално, секој од вас. - Значи и јас, со години кој да ме викне што ви доаѓам по дожд и снег?... - Па... Ништо не ти одземаме, а сè пишуваме. - И чаре, за да не должиме глави? - Да заминете. Реконквиста. Сте дошле овде пред два тринаесет века, сте нè натискале в планини, сега дојде времето, со Америка ќе ве бркаме. - Каде? - Во пичката мајчина, кај сакате. Имате полно држави за избор. Сега дојде нашето и ќе ве избркаме од наша земја. Кој ви е виновен, докторе: не ве бива, постојано се фаќате со тие што губат, со Србија и Русија. Ние прво се фативме со Турција, се потурчивме и почнавме да ве истискуваме, сега со Америка, конечно ќе ве избркаме. - Добро, кои се доказите, или само така, реконквиста... - Името ни е главен доказ. Скипе - орел. Ние сме постари од Шар Планина. Знаеш што значи на шиптарски шар? - Знам, пила. Имало во времето на орлите пили? - Шара е целата запци. Целата е како пила, вие само лажете дека името му доаѓа од снегот преку цела година што се шаренее на неа. - Можеби зборот му доаѓа од пила, само со неа никако да сечеме по нашите емоции... А како вие сте дојдени на Балканов пред десетина века, а овде пред два - три века? Добро, дали можеш да засечеш во тебе и да ми одговориш: што ми е мене мајка ти и што си ми ти мене? - Што сум ти? - Братучед. Што му е мајка ти покојна на татко ми покоен? - Ништо. - Сестра. - Знаеш ли каде е закопана мајка ти? - На гробишта. - Не. - Ти ли ќе ми кажеш? Не ме интересира! Ние не мислиме многу на гробиштата! Вие каурите многу сакате гробишта. Вам таму животот ви помина, да носите кошници и да раздавате за кучињата. - Кога дозна дека мајка ти е рисјанка? Арбен застана, направи долга пауза, прошета со погледот од кучето што се размрдуваше, накусо го погледна докторот и тивко изусти: - Скоро. Ама јас сум Албанец! - А јас сум ти?... - Не!... - Братучед сум ти. Прв. - И да си ми, тоа е по слабата крв. По женска линија. Неважно. што има лошо татко ми што ебел рисјанка? Јас сум Албанец, по дебелата крв. По таткова линија. Колку должам за услугава? - На кучево што е животно, му треба љубов и човештина, па му ја даваш, а кон децата свои и кон мене се однесуваш како ѕвер. Кој господ те казни толку што си суров? Ниедна Америка ниту тебе, ниту нас, ниту самата ќе се заштити од лошото во себе. Тоа носи несреќи. земи го кучево и замини. - Ете, за оваа услуга ти простувам за главата што ми ја должиш - Арбен со мака му се изнасмеа, го фати коњот за оглавот и пешки се упати кон дома. Шарпланинецот се исправи и тргна на два чекора по коњот. Младен од доживеаното прво требаше да се соземе, па навечер да го напише. Октомври врз Полог го навре есенското лице и вжолтена и натежната од плодови, котлината сè уште чекаше раце да ја растоварат од годинашниот род. Исушените зелени војници на летото со крупните цомбури пченки преку рамо ги нишаше ветер по поле, а оштрбените зрнести заби на гравот од недобраните мешунки висеа околу пченкарниците... Здивот на есента замаглуваше на светнатите пиперки што едно утро ќе се претвори во слана, по црвените тупаници на доматите колваа врапци и капеа, а неоткорнати кромиди и компири гниеја по леите... Народот имаше поважна работа и не мислеше на полето. Беше прва година на демократијата. Историска. Граѓанските слободи и права се симнаа до Долна земја и наближуваа есенските парламентарни избори. Секоја етничка заедница си направи своја партија, истакна свои кандидати за пратеници во македонскиот парламент и во периодот кога време за работа недостасува и секој ден без дожд е благодет за да се влезе в нива или да се појде по дрва на Шар Планина, деновите на народот не му врвеа: никако не доаѓаше датумот за гласање. Роднини, пријатели и комшии се караа меѓу себе кој за кого ќе гласа и не мислеа на скусените денови и сонцето што се оддалечува од земјата... Така е цела година. Со сила по нешто изораа и посадија и со неќезлок по нешто собираат. Повеќе оставија одошто собраа: што ќе остане по нивите и градините, нека капне и изгние... Мажите по цел ден се собираа во своите кафеани и се расправаа кој што ќе им направи на партиските соперници ако дојдат на власт, а жените по куќи гледаа јужноамерикански љубовни серии и ги озборуваа сопругите на политичарите која како изгледа и како била облечена... Во ист ден, во почетокот на октомври, на двата народа во Вруток им доаѓаа водачи на партиите. Најпосле, дочекаа в село да им дојдат новите водачи на народите и претседатели на партиите и сите мажи сакаа да си го видат својот демократски лидер. Напнатоста растеше, но никој не верува дека ќе има меѓусебни судири. Својот лидер, младо момче со ретка козја брадичка и мали очиња, Македонците го излепија на својата кафеана, а Албанците својот лидер со бојосана коса и бела потстрижена брада на нивниот локал. Еден наспроти друг, на двата краја на Вијанот, новите лидери попреку се гледаа од постерите... Денот привршуваше. Луѓе се издвојуваа од темнината и во купови се групираа на Вијан. Ѕвезди веќе светеа на небо кога збрмче колона од четири-пет луксузни автомобили со марки од Горна земја. Двата купа луѓе се стрчаа по колите, а народот што беше во кафеаните излезе надвор. Колите направија полукруг на коцката и гумите им припиштеа од наглото кочење. Запреа пред чајџилницата, значи - пристигна раководството на партијата на Албанците од Тетово. Домаќините со извици, аплаузи, ракувања и прегратки ги пречекаа своите национални лидери и по почетната еуфорична развиканост што преоѓаше кај насобраните во свечена опуштеност на срдечен џагор, влегоа во локалот. Гостите седнаа под начичканиот декор од албански знамиња и фотографии на албански историски личности, а домаќините чувствуваат дека се присутни на настан што треба да го запаметат и раскажуваат како безбројните приказни што ги знаат и прераскажуваат пред или по излегување од џамија или на вечерни муабети пред полна тепсија со печени врели компири кога во слатко безделништво се претеруваат преживелиците на фамилиите и поединците од бескрајната приказна што си ја има секоја куќа било нивна било каурска, секој ден што си се надополнува и останува само нивна препознатлива, распредување пред присутните седнати скрснозе на под пред штотуку извадените компири од рингла што пуреат на сред соба, а секој збор на постарите одмерено им излегува од устата, удира по свеста на присутните како зрно монисто од бројниците кои помагаат во интонацијата и заводливоста на раскажаното, па слушнатите зборови пуцкаат во свеста на помладите кои во моментот, неусетно учат нешто многу поважно од слушнатото, научуваат како да слушаат и не упаѓаат во збор на раскажувачот, доведени во состојба кога секој збор безрезервно се памети и прима како лакомо пикнатиот в уста топол печен компир кој жеже во свеста и пали по хранопроводот и нема веќе враќање напред или назад, туку мора да се голта. Со ледени пијалаци в раце, ладени во моќните фрижидери преполни со безалкохолни напитоци, пијачките на присутните в грло им жежеа, им беа топли и ништо не ја ладеше нивната зовриена внатрешност која ги потеше. Фрижидерите во просторијата брчеа и трепереа по ритамот на тупкањето на срцата на присутните и во моментите при нивно автоматско исклучување и вклучување, потскокнуваа сами од себе, од своето студенило, притресувајќи го целиот товар од стаклени шишиња на кока коли, швепсови и фанти што зацакотуваа удирајќи се едни од други како вилици кога му зацакотуваат на човек лито облечен на студ. Новопридадената важност на домаќините им се читаше од лицата: пред нив е седнат лидерот со неговата цела свита што тајно, со години го спомнуваа само меѓу себе, и некој ако се пофалеше дека го видел, му се смееја, а сега тој од нив бара поддршка, разбирање и трпеливост. Токму затоа и се собраа: да поддржуваат, да аплаудираат и покажат беспоговорна верност на идејата, партијата и знамето што ги обединува, жртвите, крвта и минатото... Од вжештениот непроветрен воздух измешан со пот, чај и чад, на збиените машки тела градите им се дујат како со опивен, наркотичен здив. Доволно е што дишат заедно што, ете, организацијата не ги заборава и ги почестува за нивната дотогашна работа, ги цени и смета на нивниот понатамошен придонес за доизградување на големото ткиво на сеалбанството за кое толку многу години секој фис, куќа и човек одвојува пари и тајно работи на тешко остварливата идеја да живеат сами во една држава, но која еве веќе полека, навистина им се отвора пред нив. Молчат, дишат, треперат и гледаат во отсутно поднасмеаниот водач, занесен во некакви само нему видливи неколку потези однапред што ги влече и дури шета со погледот како да врши смотра по присутните. Водачот очигледно е дека е поприлично болен, се тресе, со мака ги движи целото тело и рацете, зборува тихо, со напор и без силина во гласот, скоро да шепоти и колку е тој тивок, толку поотворени им се ушите на присутните што ги чувствуваат неговите зборови како пчели да им зујат в уши, заразни бацили на групната треска на што е подложна целата просторија. Сите сакаат да го слушаат. Им зборува тихо: така подобро ќе го чујат. Нетипичен за политичари кои се нафаќаат да работат со маси, нагризаното тело од болести за овој водач дури како да е негова предност за ефектот што го постигнува врз луѓето: скаменетото лице без можност да прави гримаси, без темпирани извици и гестови, неговото шепотење ги наведува присутните да го исслушаат во свештена тишина, чувствувајќи се како верници на света молитва на албанството, нивната колективна религија пред чиј олтар ништо не се жалело; пренесувале разни информации, кријумчареле оружје преку граници и пратки дрога, кркале ќотеци од полицијата и лежеле по затвори, но никогаш вака срцата не им поттупкувале да можат на тој до себе да му го слушнат, мечтаениот момент по толку жртви и сомнежи вака јавно умрежени да можат да кликнат: времето работи за нас. - Не треба да ви објаснувам во кои ситуации се одвиваат овие избори... Околу нас е војна, нашите браќа Албанци од Косово, од нивните бегалски кампови, најпосле се вратија дома, на светата косовска земја. По десетина години војна, со мировната конференција во Дејтон, заврши Војната за етничко обединување на сите Срби во една држава. Србите изгубија и се протерани од Косово. Големите Сили на двапати на Србите им доделија голема држава и тие ја изгубија. Сега нека седат настрана и нека чекаат нова шанса. Ако ја дочекаат. Милошевиќ изгуби, а тоа значи дака нам, на Албанците ќе ни дозволат да се обединиме во една држава. Сега се појавуваме ние како доминантен фактор на Балканот и не ќе е можно никакво идно моделирање на Илирскиот полуостров без наш главен збор. Запад нема никогаш да го заборави нашето партнерство за рушење на комунистичките империи и еве, влегуваме на голема врата на историската сцена. Ние сме овде од првиот ден на создавањето на светот. заедно со земјата и водата. Полог е наше место на светоста, но натрапниците ни го поганат. Славомакедонците се нестабилните, течните и истечните. Ние сме земјата. Цврстината. Ние остануваме. Секоја нагодба и примирје за нас е погубно: силата ни се намалува, а цврстината ни опаѓа. Тој што помалку брои жртви, тој победува... - Нека ни кажат прво кои се, за да знаеме кои ни се браќа, - се уфрли да биде духовит заменикот до него. - Нема жива сила што може да нè запре со Албанија да не бидеме под нашето свето знаме, црвено од крвта што Славјаните ни ја излеале, но над него гордиот орел на Албанците сè уште гордо лета. Освен Шар Планина, нема сила која не ќе ја рушиме... - И Шар Планина ќе ја рушиме, Албанија да ја видиме! - извика некој од задните редови. Низ громогласното одобрување со аплауз, во моментот и Шар Планина им изгледаше како театарска кулиса, географска граница како поставена од нечија славјанска рака да им ја дели заедничката народна енергија на која демнат со векови да ја рушат планината и да ја срамнат со земјата, конфигурација што го определува животот во регионот, дувлото на дијанијата што ги разделува браќата по крв од двете страни на Шар Планина. - Борба со сите средства против славјанските вредности! - беше последната порака што ја изрече тивкиот глас на водачот. Веќе и тој немаше сила да ја контролира накипнатата енергија што сам ја создаде. Од зборови им беше доста и секој беше за конкретна акција. - Назад, назад ќе ги избркаме во Русија! - Може и во Бугарија! - Така е! - згрмеа гласовите во просторијата. Во миг тишина меѓу два извика, Арбен ги пресече со едно, „не, не“ и го сврти погледот на присутните кон себе. Сите го знаат, му ги признаваат неговите залагања за каузата и токму тоа ги принуди присутните да подзастанат и чујат што ќе рече. Силните вилични коски и остриот поглед на опаленото лице од сонце и ветер, му даваа отсечност на ликот престорен во талкач од разни нелегални потфати по кого одамна ни куче лавнува, ни некој го забележува и полн гнев од таквиот живот, се разжестува кога најмалку се очекува, предизвикувајќи страв со кој никој, никогаш не знае колку е саатот. - Како тоа да ги избркаме Славомакедонците оттука? А што ќе ебеме без нивните жени? Настана општо смеење со кое се достигна кулминација на воодушевувањето. Состанокот беше завршен на најдобар начин: Арбен поентира и даде негово резиме. Присутните во просторијата почнаа да се тупаат меѓу себе по рамена и се поздравуваат како кошаркарите на НБА по ефектен поен. Домаќините ги испратија високите гости, а некои активисти се приклучија кон колоната на раководството, на новите средби со членството и симпатизерите. По неколку месеци, илегалната воена формација на партијата, Арбен го постави за еден од реонските команданти на Армијата за национално ослободување на Албанците. На Арбен му остана само да си избере партизанско име и да прима наредби од претпоставените. Викањето на Албанците од чајџилницата ги здрвуваше активистите во македонското бифе што седеа на штрек. Од громогласното викање на албанскиот собир отспротива, во нивното бифе се тресеа и фрижидерите со кока-колите. Нивниот лидер го немаше. Ќе збрчеше некоја кола, ќе ги свртеа главите кон улицата, некој и ќе стрчаше надвор, но возилото си продолжуваше по патот. Пред влезот на нивното бифе ништо не застануваше. Го немаше и очигледно нема да дојде. Потчекувајќи го лидерот што го нема, на насобраните во бифето им стануваше сè постудено: како на прелага да беа напикани во огромен фрижидер и од студот им се тресеа вилиците како внатре наредените стаклени шишиња и лименки. Потпивнуваа ракија за да се згреат, но песна комитска не им излезе од уста. Се почувствуваа сами и излагани. Партиски поактивните, засрамени, неубедливо го правдаа лидерот дека можби имал работа и чувствувајќи дека само повеќе дразнат и тие се приклучија кон мнозинството што одвременавреме повторуваше: „Никогаш, никој на нас не мисли“. Во кафеаната дојдоа тие што најмалку се очекуваа, Веле од Марка и син му, Јордан од Велета. Стар и немоќен, Веле од Марка неколку години не беше дојден в село. Постојано подмочан, можеше само накусо да излегува од дома. Од внатрешната страна на мантилот, во поставата имаше посебен џеб за пластично кесе поврзано со црево директно за мочалото и така опремен можеше сопствената мочка накусо да ја прошета низ Скопје без никој ништо да забележи, само што скопските изгор лета набрзина доаѓаат и мантил низ град неколку месеци не може да се носи. Овој пат имаше голема причина да дојде во Вруток; покрај состојбата во Скопје, го копкаше да види и во Полог како реагира населението на новите демократски правила. Син му, Јордан од Велета, знаеше кога ќе имаат вруточани средба со претседателот на скоро формираната партија што беше опасна конкуренција на дотогашната единствена владејачка партија и попладнето појде со полицискиот џип по татко му до Скопје. Пристигајќи во Вруток, таткото и синот беа изненадени од празниот Вијан без коли и очекуваната врева што требаше и надвор да се слуша. Се паркираа, влегоа в бифе и кога разбраа дека не им дошол претседателот на партијата што има амбиција да прерасне во национален лидер, таткото и синот почнаа да се мајтапат со присутните, подопијанети активисти. - Не ви дојде војводата? Ако сум со униформа, сега јас честам. Шише коњак, овде на маса... - нарача командирот Јордан од Велета. - Да видите со кого имате работа, - дофрли татко му, Веле од Марка - А бе, македонска работа... - се обидуваа од почеток да ги избегнат закачките, но не им успеваше. - Пусти ваш лидер, го знаеме ние тоа смрдле... - Тој лидер? В лице удрен како со тава. - Е, кој дојде да зборува! Нека ви дојде вашион комунист, в лице како издупено тенеќе. - Бабуш е тој, а не како вашиот, со очиња како дупнати со вретено. - Не, како вашиот пијаница и шмркач! Ве знаеме до кај нè донесовте... - Ќе го барате вие нашето, ама доцна ќе биде... - Имал работа, затоа не дојде... - Барем нека ви дојдеше заменичката негова, маторицата... - Оставете ја таа работа, меѓу себе не карајте се за арамии. Тоа е една иста банда поделена на две - ги смируваа поумерените. Немаше фајде. Алкохолот во заседнатите сè поинтензивно работеше и отвораше внатрешни брани да си речат едни на други зборови што никогаш трезни не би ги рекле, за кои потоа со години не зборуваат меѓу себе. Машки се искараа и испцуја и едни на други се заканија. Тепачка, за среќа немаше. Се стемнува и неодреден ужас зачекорува по сокаци низ Вруток. Ноќе смеат да се движат само Албанците. Нивна е ноќта, значи: господарат со сè. Каурите се плашат надвор да излезат... Некој вели веќе ја видел алата: се појавува на Шар Планина онака, огромна, смрдлива и темна, обрастена во влакна, страшно заканаувачки за'ржува со силните вилици, крши гранки и стебла, рика по врвовите, ледејќи им на положани крв в жили. Виделе нејзини шепи, влакна, па дури и крв... Веќе не влегуваат едни кај други в бифе. Никој не ги брка; нешто невидливо ги станува: не си за во нивна кафеана. Кога се сами, зборуваат тешко и жолчно и им влезе ли друг човек, го прекинуваат муабетот. Ти ги поздравуваш, некој ќе ти отпоздрави, но повеќето ја веднат главата. Небричени по неколку дена, подзинати, со полни усти расипани заби, секој во својата кафеана, ги гледаат вестите на сите програми. По нешто ќе прокоментираат и бегаат дома. По војните во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, се завојува и во Косово... Во Албанија државата се распаѓа. Од воените магацини народ дига сандаци муниција... - Она оружје, преку Шар Планина сè кај нас ќе дојде... - Оние цевки во нас ќе се вперуваат... - Намерно е ова... - Божем, таму нема власт... - низ долги паузи ќе прозборат Македонците. И на првата година од новиот милениум, рајот и апокалипсата заиграа заедно во Полог; кој знае, кој чин... Војната се пресели отаде Косово, одовде планина, на Шар Планина. Над Тетово се судрија силите на македонската војска и полиција и албанските вооружени единици. По раскрсници се направија полициски пунктови, возот од Скопје за Кичево преку Полог беше нападнат и престана да сообраќа, маскирани типови по автопатот застануваат коли, ограбуваат, земаат луѓе во заложништво... Тишината и мракот и издупченото студенило на ноќните истрели создаваат нова темнина што стежнува и скрцкува над покривите. Само неколку чекори му треба на ѕверот од Шар Планина до секоја порта... Сепнат, секој е со начулени уши. Во војна, секој човек принудно станува шашлив: едното око продолжува да му гледа надвор, а другото му се вперува во себе, се самонабљудува, регистрира и се чуди кој го тера така да реагира и подоцна, ако ја прегрми војната, не можејќи да ги распетла надворешните и внатрешните слики на наметнатата шашливост, сам на себеси си вели, како да не беше верно сè што почувствувал, видел и чул во времето кога степенот на аголот од кој се саморасчеречуваш расте со секундите што го отчукуваат наближувањето на зајдисонцето и студената пот што ти го изладува телото како студените цевки на наполнетото, репетирано оружје на маскираните војници што ти шетаат под прозорец и затропуваат на која порта сакаат. Кому повеќе, кому помалку, на некои привремено, на некои засекогаш, на луѓето околу кои војната оро играла, погледите од шашливоста докрај не им се враќаат на старото и секундите и од најмирното и здодевно попладне в уши им одекнуваат како рафали на калашников и вечната лузна од воената шашардисаност им ја гледа само оној што на своја кожа никогаш не сетил војна. Положани кој знае што гледаат во војниците од Нордискиот баталјон од Силите на ОН: модрината во сините очи како уште да им потемнува и убаво ако им се загледаш во длабокото очно синило, мислиш внатре ќе пропаднеш... Од Сили за предвремена интервенција, се престорија во бројачи и сведоци на насилства и жртви... Дома седиш и на друго мислиш. На ништо не мислиш... Одиш и сам себе се слушаш. Од себе најмногу ќе чуеш... Сабајле одиш до продавница. Отворена е. Не дека нешто ќе купиш, не дека нешто ти се јаде... Да видиш човек, мрда ли некој... Се погледнуваш во Албанците, и на нив им е твојот страв; се издржала уште една ноќ. Не се зборува за толку голема работа. За војната, уште помалку. - Пролет е и треба да се ора, - ќе рече некој додека пазарува ситници, во моментот најнебитното на ум што му паѓа и сите што се нашле в продавница го поддржуваат, а секому му е страв да појде до поле. - Да, да, треба орање. - Кој би дигнал пушка на нас селани... - Да, да, на нас селани... - Гром во коприви не удира. - Да, да, гром в коприва не удира... - Можеби нема војна. - Да, да, можеби нема војна... - Треба да се појде до Гостивар на пазарче, немаме семе и расад... - Треба да се појде, да, да... Окуражени едни од други и од утрото што го дишат, излегуваат од продавница надвор и со рацете над очи, од Вијан гледаат в небо дали има војна. Знаат дека се смешни сами на себе, дека од оние што ќе ги видат од двата локала, подоцна од мајтапи не ќе можат надвор да излезат, ама ако, само нека се смири и да ја зачуваат главата. Можеби ова намерно подетинување на луѓе во години што се знаат откако се пркнати е само наивна селска лукавштина да се прелаже лошото преку нов вид молитва од нова, поефикасна религија со директен поглед во Господа од дотогашните верници што на различни начини, на две места во селото му се молат да ги спаси нив и нивните блиски. Втренчено гледајќи в небо, во височина близу до Бога, забележуваат неколку гулаби како вртат кругови; спокојни во летот, небаре излетани од гулабарникот на Севишниот, подвижните бели точки на синевината како негова рака да ги има врзано со сончев конец за себе, за да останат високо над човека. По првиот пад од Рајот и многуте следни сè подлабоки човечки падови, луѓето на Вијан само увидуваат колкаво е нивното конечно пропаѓање во длабочината на земните маки над кои гулабите кружат како над случен потоп со кои во моментот со најскапото што го имаат со нив би се трампале и некаде одлетале. Следејќи ги гулабите во летот без да трепнат, луѓето ги фаќа мала вртоглавица. Се подзатетеруваат, меѓу себе се придржуваат и од допирот на туѓа човечка топлина се потстресуваат, им проработува мешавина од срам и жал што не смеат меѓу себе да си признаат: сепак, секој носи душа, па се договараат дури е ден да појдат до Гостивар по арпаџик и салата. Стравот за до попладне од нив е истеран; пролетното сонце со миризба на неусилена тага, веќе не ги пушта да влезат однадвор, дома. Градското пазарче врие од народ. Тројца Нордијци на ОН, со добродушни и отсутни погледи и бели во главите како полошки зелки, ја застануваат кампањолата близу до пазарчето и влегуваат меѓу пазарџиите. Купуваат по еден венец кромид, го префрлаат околу вратот, кинат од крупните главици што им свиснуваат на градите, вадат по една главица од кромидот и го лупат во од дури се враќаат кон возилото и слатко го гризат како јаболка. - Што си се загледал толку, во странциве, бе, земјак? - му вели Младен како за поздрав на неговиот прочуен имењак и презимењак со српски завршеток во презимето, на сликарот Младен Србиновиќ. - Гледај ги?!... Со кромиди околу врат? Колку слатко го јадат!... Благ е нашиов кромид, не ги пече на уста, подготвено му отпоздравува прочуениот сликар на непознатиот роднокраец. При неговите посети на крајот на неговите предци и спомени од детството, мило му е кога го поздравуваат непознати лица. Најчесто тоа се далечни роднини и пријатели на нивната голема фамилија со кои и тој сака спонтано да позборува и ги испраша кои се, од каде се и чии се, како пред шеесетина и повеќе години кога дедо му, секој вторник го водеше со себе гостинчето од Белград во ритуална прошетка меѓу пазарџиите што се ценкаа, пазаруваа и од на нозе се испрашуваа со пријатели и за пријатели, со задолжителниот поздрав до сите домашни. - Кој си ти? Да не сме роднини? - љубопитно го прашува сликарот. - Јас сум од Вруток. - Сега бев во Вруток, еве шишево со вода ми е од изворот. Кога да дојдам, на Главардар доаѓам. - Ако имаме исто презиме, не сме роднини. Јас дури и име имам како вашето. Јас сум од Маџоските. - И имењак и презимењак, а?... Интересно. Убаво ви ја знам фамилијата. И вашите беа угостители како моите. Веројатно името ти е по дедо ти Маџо? Дедо ти од Букурешт кога доаѓаше, навраќаше во ресторанот кај татко ми во Белград. Ти што работиш? - Лекар сум и во Вруток работам во амбулантата. Сега некој да ги слика војнициве со низарите околу гуша како гризат кромид, таа фотографија би ја објавиле на насловната во „Тајм“, се обиде непознатиот писател да остави впечаток врз сликарот. Ако му го поземе разговорот, можеби и ќе му каже дека пишува. - Да, да, баш така... Мило ми беше што се запознавме. Ајде, да сме живи и здрави и да се сретнеме во помирни состојби. Околу вратот со задолжителниот свилен шал со сите бои на плодовите на родниот Полог што со години ги пренесува на своите платна, сликарот продолжи да разгледува по тезгите од снабденото пазарче. зелено, црвено, сино, портокалово, жолтозлатно, се боите што ги собира и запалува овој голем уметник да светат и сведочат за рајската софра на изобилието и вкусот од неговиот детски, изгубен свет. И најмалку кајшто очекуваше, пред сликарот излезе друг близок роднина од големото уметничко семејство, прочуениот белградски актер Данило Стојковиќ. застанати под низарите од црвени, сушени пиперки и венци од лук и кромид како триумфални арки на плодноста на Долна земја, две семки од најквалитетните полошки плодови што од којзнае какви ветрови, одамна судбината ги одвеала во Белград, и двајцата веќе прераснати во амблеми на српската култура, некоја тајна врска што ги поврзува луѓето, природата и миризбата на родниот југ ненадејно како да прор'тила во нивните чувствителни души, привлекувајќи ги во време на опасности на местото на нивниот праплод. Длабоко свесни дека се сретнуваат на местото на нивното п'ркнување, а изненадени што се среќаваат кајшто не се очекувале, меѓу едри јаболка и крушки сочни, податни и заокруглени како женски облини, во паузите меѓу два лета на воени хеликоптери и далечни експлозии, си разменија неколку реченици. - И по овие времиња, ти, Младене, по гостиварски плодови за слики? - Јас сум како кртот, собирам и складирам... Се плашам за овие семиња... Треба семето да им се задржи во вечноста. Затоа дојдов. Наполнив вода од Главардар и преку неа ќе видам како ќе се справат со дијанијата. Без таа вода, не би биле тоа што се... Водата има меморија што ја прима однадвор. Може да чуе и реагира. Никогаш не сум наполнил ваква густа вода. Со месеци кога ќе застои во ателјето, во шишето е со кристали со правилна и убава структура. Јас ја барам и сликам свежината и хармонијата меѓу водата и плодовите. Штом ќе се вратам во Белград, на неколку прозорци во САНУ, овие плодови ќе ги пренесам на витражи. Дали зашто вкусивме олку вкусни плодови од рајските бавчи на Полог, господ нè избрка некаде оттука, во некој полош пекол од каде што потоа се сеќаваме на овие места како на поранешен предел од рајот. - Нашите тукашни роднини кога доаѓаа во Белград, доаѓаа со тој поглед, поглед на истерани од рајот. Татко ми од врата ги познаваше: дојдени се за по лекари или се во збегови. Нивниот поглед ме направи глумец, погледот на излезените од рајот. Во придружба на неколку негови домаќини, со лик на подостарен актер од холивудски филмови, двајцата уметници ги узмина американскиот нобеловец по медицина Ферид Мурад, син на одамнешен албански иселеник во САД. Зачуден и вчудовиден од можностите да ги гледа сите форми на живот без микроскоп, од првата средба со родниот крај на татко му, Долна земја му заличе на огромна клетка врз која без анестезија, вечно експериментира некоја необична франкенштајнска наука. - На Шар Планина, овде змејот го носел најубавиот данок од народот и го пикал онаму, кај Ѓољовине. И за да не му побегнат оттаму, а очи не требаат в темнина, очите им ги вадел и ги фрлал по рудиниве. Од цел свет вадени очи, со текот на времето се направиле олкави купишта, цела Шар Планина. Сега цел свет доаѓа и по планинава си ги бара очите. Ќе пронајде чифт очи, ги става на очните дупки, прогледува, ама никој не ги наоѓа своите вистински очи. Затоа сега во светот, секој гледа со туѓи очи. - Чудесно, генијално... Тоа се вечните политики испробувани врз нас, овде. Вака длабински својата судбина можат да ја искажат само Македонците, си прошепоте повеќе сам за себе софискиот универзитетски професор Михаил Огњанов, родум од овие западни краишта. Седнат под тремот на куќата на далечен роднина од неговата фамилија иселеници, раскажаното од старецот му предизвика пријатна вртоглавица. По три часа одење по угорница кон Горно Јеловце, во приказниот шарски пејзаж како добар водич на мислата, го сврте погледот од старецот, ја погледна Шар Планина со врвовите недотопен снег и разнобојните расцутени цвеќиња и целата планина му се здочини шаренее од купишта извадени очи. Го извади мобилниот телефон, ѝ се јави на сопругата и ја истеши да не се грижи за него. - Да, да, вечерва на полноќ ќе бидам дома, во Софија. Сигурно. Овде во Македонија, постојано, во секој момент се случува крајот и почетокот на светот. На планината отспротива кајшто застанува погледот, на Сува Гора што оди паралелно со Шар Планина, под највисокиот нејзин врв, Добра Вода, поетот Радован Павловски мислеше како и најновово премреже да го искова во нови стихови. Поленовиот прав и расцутените планински цвеќиња, на него се лепеа како метафори. Војната стигна до под Гостивар. Го зафати само Тетово со Долни Полог. Во Горни Полог ѝ стигна само стравот. И татнежите. Тие одат неколку чекори пред војната. Со дијанијата. Можеби стравот е вистинското име на дијанијата. Тој што видел војна, а не ѝ го видел стравот, тој не сетил ништо. Луѓето кога зборуваат за војната, зборуваат за стравот. Во моментот те онемува, а подоцна за него ти недостасуваат зборови. Вруточани мислеа стравот не може да им влезе во визбите, по шупи, по кошари, в племни и при куќи, таму преспиваа и ја чекаа војната стигната до пред праг. Не, не мислеа така... Знаеја дека се смешни нивните детски потфати, се смееја сами на себе и се плашеа сами од себе нешто посилно од нив што ги тера така да прават. А требаше нешто да прават. Не правејќи ништо, само повеќе ќе го назлијат лошото врз себе. И да дојде, полесно е ако те затече со зафатени раце во некаква работа, отколку да го чекаш скрстраце. Лошото пизми пречек со скрстени раце: откако ќе позаметеш куќа, ќе направиш јадење што никој не ќе го сркне, ќе посвршиш некоја работа дома или надвор и кога поопуштено за дента си велиш, не го отепав напразно и го пушташ телевизорот, како да го вклучуваш сопствениот приклучок на стравот од кој добиваш удар на уплав што те тера да бегаш од куќа. Тогаш останувањето во сопствената куќа те плаши и самите врати ти се отвораат за надвор. Пред отворените порти им прораборуваше чувството за родниот дом и сè што човек замразува од секојдневниот, монотон живот; оставајќи дома по некој старец за кого никој не би потрошил и куршум, излегуваа во збег. Дури им избледуваа и им се мешаа нивните издолжени сенки со сенките од шиндрите на куќните авлии, ќе се шуткаа по бавчите околу куќи до стемнување, нерешителни додека ја гледаат својата куќа, а така лесно си се пооддалечуваат од родната порта, думаат кај ќе ја преседат ноќта. Во близина на родните куќи, само со голиот живот во густата темнина, сигурно така некако им било и на Адам и Ева при истерувањето од рајот... Времето на дијанијата, од полноќ до првите петли, со ноќни хеликоптерски летови и тупотот на нивните срца го пробдејуваа во некој дол, во некоја заветрина меѓу племни или во тракторски приколки покриени со најлон и во мразните утра кога росата се фаќа за најстудените камења и тревки, со кукурикањето на првите петли, штом ќе се нафатеше и на челата на онемените од страв, вруточани се враќаа дома, ги наоѓаа пуштените телевизори и радија што сами на себеси зборат како луѓе по улици што си го изгубиле умот и без да фрлат покривка над себе, се вкутуруваа во кус, длабок сон. На стемнување, и старата Иконија од куќа ги бркаше синот и снаата; знае дека двајцата прават арно на целата околија и ги блосуваат и турско и каурско, но лошото е како нем пес, те фаќа вутума и во мигот на најголема опасност треба да си подалеку од неговата челуст... Сегашните куќи на Долна земја немаат просторија против стравот и луѓето се кријат на несоодветни места. Тајната просторија в земја изѕидана, како непотребна и смешна, при поправките што ги правеше на куќата, Младен ја затвори со нов под и сега ако сакаше да остане дома и да не се расправа со мајка му, се согласи да ги откорне штиците и да го оспособи потонот, а шкафот што стоеше пред затворената, задна врата за бегање, од пред неа мораше да го тргне. Гоце, синот на Младен, вработен како преведувач на европските мировници, дојде дома со нивниот бел џип, со ознаки на УН. Решил, татко му и мајка му, за извесно време да ги одведе кај него во Скопје. - Ќе одиме сега до Гостивар, ќе се пријавите во Медицинскиот центар за неплатено и двајцата ќе дојдете кај мене во Скопје. Сега и онака скоро ниедна институција во регионов не работи. - Па таму не е посигурно... - Не е, но мене ќе ми бидете поблиску. - Што поблиску, овде не е којзнае колку далеку. - Слушај, не ми се инаети како баба Иконија, немој на старост најзини табиети да ми примаш. - Мајка му е... - Спакувајте се побргу. Гледаш ли до кое дереџе дојдовме? Вие се плашите за мене, јас се плашам за вас... Бессилен, Младен првпат беспоговорно се покори на син му. Се спакуваа во две торби, се поздравија со старата Иконија и тргнаа со џипот. Синот ги смести во неговата барака на периферијата од една скопска населба и за тие четири месеци родителите колку што тука преседоа, дојде да ги види само двапати. Предпладне додека Соња подработуваше низ куќа и ги следеше вестите за воените операции, Младен се распосла со хартиите. Го довршуваше романот со големите приказни на средината што ги создава и живее, немоќна од нив да се отпетла, но пресилна да го спречува нивното спознавање. Во непрестан дијалог со своето време, цел живот фрлен на мртвицата на случувањата, потомокот од куќа чија болка е нејзината суштинска недовршеност како појава и слој во средината на Долна земја, се чувствуваше како трагикомична фигура со одземено трагичко достоинство што ги трпи притисоците на времето, а без средба со големото во епохата на својот живот. Изморен од пишување, приквечер гледајќи во излогот со безбројните семиња од семенарницата во блиското пазарче, нагледно му доаѓаше мислата дека божјото и ѓаволското се рдно исто семе со спротивни појави: светот е вечно труден стомак пред пораѓање, а внатре во него, двете сили се вртат и клоцаат. Пишува од најтемното, од газерот на светот: неговиот роман некогаш ако и дојде до Горниот свет, кој знае некој дали и ќе сака да ги прочита гадните, варварски приказни... Долноземната, провинциска литература нека е и егзотика, и ако очекуваш да ти дојде господ на софра, најпрво треба добро да ја наполниш и стокмиш софрата. Господ можеби има гадливост како и луѓето меѓу себе во Долна земја, тој може и да не дојде на маса, но сигурно не ќе дојде, ако добро не подготвиш софра и немаш што да понудиш. Од дете, од првите контакти со Албанчињата, првото што му паѓаше на ум е дека се гнасни; прво што помислуваш за другиот е дека во него има нешто антрополошко гнасно што никаков Вардар не го измива. Убаво паметеше како со сила земал кога ќе му подаделе како дете татлија или нешто слично, дури и јаболко. Те гледаат како ќе реагираш на подаденото в грло што ти застанува, а треба да го голтнеш. Се сеќава како од баба му и мајка му и Албанчињата земале со шубе кога нешто ќе им подаделе. Подоцна, како лекар со години влегуваше по албански куќи и секаде, заедно со домаќините, испиваше барем едно кафе. Жена му дури бараше вести по програмите, за момент, од програмата на албански јазик, Младен зачу познат глас на народна албанска песна. Ја замоли жена си да ја врати програмата со песната, го остави завршениот ракопис што го препрочитуваше и отиде да ја ѕирне пејачката: сува црномурна жена со глас на славеј. Саде нос и глас. На старата црнобела снимка од шеесеттите години беше албанската пејачка Лучија Милоти. Повторно се сретна со гласот што често пееше од пуштените радија низ куќите од албанските маала дури трчаше како дете низ Вруток, и сега зарифте како на славејче што завива тенко и создава треперење од кое воздухот стануваше видлив и брановиден и го тераше да подзастанува да го дослуша, тој глас повторно по многу години го зашета по градините од неговото детство. - Ама знае да пее оваа жена... Го знаеш овој глас? - Го знам, како не, зарем еднаш сум го чула, ама многу писка. - Ее... можеме да се мразиме колку сакаме, ама баш неповторливо пее. - Добро, да, да убаво пее... - Не знаеш колку често ги сонувам Албанцине од Вруток. - Убави се тие соништа... Да сониш човек од друга вера, значи, ти се појавил светец. Еднаш и тебе светци нека те земат под заштита. - Само кои? - Ете, ја заврши книгата. - Ќе одам на Бит Пазар, ќе побарам цеде со оваа пејачка. што ти текна сега таква работа? Какво цеде? Кој да чуе кај нас албанска песна, ќе ни се чуди. Пазарите во воено време колку и да се недоволно безбедни, Младен отиде на Бит Пазар и по малите дуќанчиња низ чаршијата што ги држат Албанци, бараше цеде на Лучија Милоти. Во едно од малечките дуќанчиња продавачот сети дека муштеријата по зборувањето не е Албанец, а му бара албанска музика, веднаш не му кажа ни дали го има, ни дали го нема тој носач на звук, туку најдиректно го праша што ќе му е нему таа музика. Неверно му беше со свои очи што гледа: Македонец бара албанска музика. И Младен дури не го подлага дека е фолклорист и тоа цеде му треба на работа за заедничката збирка од народна музика на балканските народи, продавачот не го услужи. Над главите им се водеше, главите им беа во прашање; секој народ си имаше своја вистина и приказна за војната. По официјалните верзии на завојуваните страни, истите борци за едните беа терористи, а за другите народни бранители. Свои информации од боиштата си имаа и медиумите, свои видувања имаа и околните држави и Големите сили, а што точно се случуваше на Шар Планина, никој точно не знаеше. Сведок што знаеше да каже точно што се случува на Шар Планина беше Јаков од Вруток. Петнаесетина години работеше во Предавателите и врските на релејот на Попова шапка. Токму тој кога беше на дежурство, се погоди да се најде сред војната. Имаше завршено средно техничко училиште, нема занает што го нема совладано, нема машина што не може да ја поправи. По цел ден во сини, работнички алишта, потсвирнува и работи. Сè му одеше од рака: поправаше радија, телевизори, машини за перење, моторни пили, автомобили, трактори, вршалки... Пред да се ожени, без мајстор да пазари, својата куќа сам ја направи од темел до покрив. Беше од оние момчиња што повеќе ги сакаат мајките од девојките. Убав и строен, од преголема одаденост на работата, девојките на младост таквите премногу не ги сакаат, но кога ќе подостарат, цел живот патат што ги пропуштиле. Таквите и од ноќта прават ден, од едно - две, кај нив дома секогаш сè е во ред и сè беспрекорно функционира, ниту славините поткапуваат, ниту вратите неподмачкани потчкртуваат... Сè што им треба на комшии, кај нив ќе најдат. Сè подредено под конец, сè на свое место, и алат, и материјали... Вардар стои, Јаков не стои, велеа. Се расипе ли некому нешто, Јаков е тука. Постојано со моторцангли в раце и шрафцигери во џебовите, наведнат над отворени хауби, чепка во мотори или чука, заварува и зашрафува... Поситното што не стигаше да го сработи дома, го земаше и го сработуваше на работа. Каејќи се што не продолжил со школувањето до факултетска диплома, од мака да се покорува и прави ќеифови на претпоставени, некадарни инженери, убава му беше вака работата настрана: без шефови над глава, сам на себе господар. Од првпат кога се искачи на релејот Шар Планина и го внесоа во просторијата со машини за пренос на врски, беше фасциниран. Десетици сивозелени кутии наредени едни над други во два реда, со илјадници приклучени кабли, чепчиња и отворчиња за преспојување ја исполнуваа огромната визбена просторија, небаре некој од пчеларите по летна паша преку сезона на вегетацијата што ги носат сандаците со пчели по падините на Шар Планина згрешил и наместо на илјада метри подолу, го истовариле повисоко, па и тука, истоварен на оваа височина од две илјади метри не се кае; вклучените машини весело зуеја како разлетани пчели низ расцутените падини на планината, а илјадниците црвени светилки што одвреме - навреме потсветнуваа, тераа да помислиш дека и тие со новиот мајстор се радуваа и за поздрав му намигнуваа. Јаков почувствува дека е само за тука: сакаше што побргу да ги испрати дома старите сменски колеги и сам, наведнат над шемите да почне да дежура во оваа шума од жици и кабли каде што на прв поглед секој би се подисплашил. На релејот дежураше една недела со уште двајца колеги, а потоа една недела беше слободен. Таа недела на Шар Планина иако не ја седеше, ја чувствуваше како одмор. Додека неговите колеги по цел ден вртејќи се во креветите гледаа телевизија и пцуеја што не врви времето, Јаков сè нешто чепкаше. Што било да се расипеше или скршеше, сменските колеги му оставаа на Јаков да го поправи и дури навечер, откако ќе им ги поправеше и нивните домашни далечински управувачи, видеа или раскантаните коли, ќе поиграше некоја партија шах со колегите или ќе фатеше да решава некој крстозбор. Тој откако дојде на работа на предавателот, свежо бојадисана и стокмена, зградата го изгуби поранешниот лик на запуштеност што го имаат работничките живеалишта кои баздат на пот, тутун и алкохол и заличе на една од убавите планински куќи од околната викенд населба на зимскиот скицентар Попова шапка. Кога се запука на тетовското Кале и владините полициски единици ги потиснаа албанските бунтовници високо на Шар Планина, новоотворениот фронт се одигруваше околу зградата на предавателот. Построениот објект на одбрано возвишение беше како нарачана цел за завојуваните страни: хеликоптерите и авионите ниско кружеа над покривот на зградата и се чешаа од антенскиот столб, во дворот паѓаа гранати од минофрлачки орудија, а рафали на залутани куршуми не еднаш ја решетаа зградата. Релејот ечеше и се тресеше на секој татнеж; стаклата излепени и со леплива лента и при спуштени ролетни се кршеа... Јасно беше дека е веќе опасно да се остане на објектот. Без да му кажат на Јаков, двајцата сменски колеги побегнаа и тој на релејот остана сам. Се заклучи однатре и не излегуваше од визбените простории. И тој сакаше да замине, но нешто посилно во него не му даваше да ги остави сами машините, сепак тоа е неодговорност и ги крши правилата на службата. Јасно му беше дека тој сам не би можел да се заштити од некоја војска кога би дошла по него, знаеше и во каква неодговорна држава живее и за ваквото негово однесување дека му се смеат, но тој е скроен така, почитува работа и одговорност и проблемот не е што ќе замине, маката ќе се појави еден ден кога сè ќе се смири: со кои очи ќе се погледне со колегите пак кога ќе дојде овде на работа. Би заминал кога некој од шефовите со збор ќе му одобри; вака, никогаш тоа не би го направил. Вртеше во диспечерскиот центар во Скопје, им кажуваше на претпоставените дека неговите сменски колеги заминале и сред фронтот е сам, но началниците го молеа да не заминува, потсетувајќи го на исклучителното значење на релејот во овие денови на војната кога преку него се пренесуваат илјадници воени, полициски и цивилни телефонски разговори и десетици радио и ТВ програми. „Војнава кратко ќе трае, ќе бидеш награден. Ние знаеме каков работник си ти. штом имаш доволно резерви од двопек, издржи, ќе добиеш помошници“, беа постојаните реченици што ги слушаше од раководителите, постојано задавајќи му нови преспојувања на канали, но ниту сменска замена доаѓаше по тоа време, ниту воена или полициска сила дојде безбедносно да го заштитува национално важниот објект. Групи од по неколкумина од македонските резервисти неколку пати доаѓаа да се чујат по телефон со домашните и за благодарност, на Јаков му оставаа многу конзерви и алкохол, иако нему ниту му се јадеше, ниту тој пиеше. Во едно подолго затишје, со поголема група резервисти дојде и нивниот претпоставен, Јордан од Велета. Резервистите што немаа мобилни телефони, влегоа во зградата да позборуваат со своите, а другите се курдисаа на тревата, пред влезната врата. Имаа доволно храна, цигари и алкохол. Со широки возбудени движења, од почеток, борците се натпреваруваа кој повеќе ќе каже од впечатоците и јунаштините од фронтот и Јаков слушаше за остатоци од раце, нозе и црева што виселе на дрвја, но како што алкохолот ги совладуваше, еуфоријата им секнуваше и нова природа од нив почна да зборува. - Скара на кило, попара ги направивме... Да не е Америка со нив, досега ќе завршевме, ама добро ни прават, ние сме виновни, ние ги направивме луѓе. Да не бевме ние, уште ќе јадеа урда и леб. затоа нè мразат. Шиптарите сè бргу забораваат, - ја прекина тишината Јордан од Велета. - И ние бргу забораваме. Нè избркавте од работа, ги искрадовте фирмите и сега, ви требаме за војна. Сите сме без работа, а фамилии гледаме. И ние дома имаме жени и деца. За дневници од по десетина евра, главата в торба ја ставаме, а зошто? На репликата на пијаниот резервист се надоврзаа и другите. - Ние ѝ требаме на државава само за гласање и за војна. - Самите не знаеме за што се бориме. Која е целта на војнава? - Несфатливи ни се и командите: несериозни и нерешителни, слабаци командуваат! Еднаш во јуриш и откога ќе го освоиш просторот, врати се назад. Добро, де, добро, видовте некој куршум што ви просвирел околу уши и како баби плачете, а што да рече овој, земјаков мој, Јаков. Овде е месец и пол, сам сред фронтов. А, бе, акмаци, знаете ли вие што тој сè може да направи? И на Македонци и на Албанци, на цело село ни ги поправа сите коли и сите машини. Поправа сè, од игла до локомотива, па молчи, - им одговареше на групата Јордан од Велета. - Го знаеме тој филм, вам такви гуски ви требаат. - Такви луѓе штом навреме не побегнале на запад, нека ги ебаваат. - Го оставиле да наебе. Овде секогаш го кркаат честитите. Зошто не побегна досега дома? - Зошто? Сега, секаде е опасно. По шумава сам, пешки да тргнам? зарем мене не ми се оди? И јас имам дома шестгодишно дете. Ако се смири работава, наесен ќе тргне на училиште. Е, пред триесетина години, се сеќавам, јас кога бев на негова возраст, дома сигурно сум им додевал и татко ми ме зеде со него на пазарче во Гостивар. Шетавме, пазарувавме, за рака ме води низ тезгите и на излегување, едно дете колку мене, Албанче седнато на стол, пред него една тепсија со по неколку сливи во завиткани хартиени фишеци, ги продава. Татко ми, отпрво, не го виде детето и се чуди што му се тегнам од рака, детето, пак, ми подава еден фишек од сливите, јас се тегнам и не можам да ги дофатам; татко ми, најпосле виде што е работата, ме попушти да ги фатам, но детето никако не му зема пари. Не, вели, дете е тоа, не треба пари од него. Па ти да не си поголем, му вели татко ми и се смее. Дома во двор вакви сливи ни гнијат, твојов другар нејќе да ги проба и ако сакаш да ги земеме штом сега му се пријале, ќе ги земеш парите. Детето ги зеде двата тогашни алуминиумски динари, јас детето го запаметив и се зазнавме, во Вруток имаа роднини, понекогаш им доаѓаше на гости, ама по неколку години, кога тргнав во Гостивар во средно техничко, на училишните одмори со него често се тепавме. Кој нè искара од ништо до толку, никако не можам да разберам. - Е, кај се тие времиња, секој со секого кога бевме другари? Народот се исчуручи, се излоши. што убаво нѝ беше. Ќе го бараме пак Тито. Умре тој и сè отиде наопаку. Ќе прошетавме низ чаршија, ќе седневме, и на гитарче ќе засвиревме, а женски од прозорците ќе подотворат завеси. Фудбал на мали голчиња, најслатки кебапи, и ждригавме со „скопско“. Десетка со кромид. Па, и прднувавме за здравје. Сега и кебапите го немаат тој вкус. Ама, кај го видел тоа запад. - Од тоа наше прднување, Јордане, убаво си ги испостравме гаќите. - Ама вие нешто постојано ми контрирате! Јас со таквите можам и поинаку! Што мислите вие! А, бе, јас немам ништо против Шиптарите, па колку другари имам меѓу Шиптарине!... Па цела чаршија в Гостивар ми се другари. Тие ни го заборавија доброто и зашто се превртливи, ние сега овде, на Шар Планина војуваме со нив. Мене, мислите, сега во оваа убавина ми се војува? Наместо да дигаме нозе, ние се бркаме по доловиве! Е, да ми се врати поранешното, знам како да гувеам. Колку имам носено женски по овие викендички, што ебење имам тука удрено да можат само куќичкиве да зборат... - А, јас што работа имам удрено на овие викендички да знаеш. Директорите ги земаа без пари плацевите од државата и си градеа вакви чудесии, а ние им работевме без пари, за да не примат на работа. Е, сега дојде време како резервист и да им ги вардам... Затоа плачеш ти, Јордане, плачеш по цицките што ѕвонеа од пластичната кукла на татко ти. Тоа ти сакаш да се врати. Од зад објектот, ненадејно експлодира бомба. - Залегнете, нè нападнаа, - искомандува Јордан од Велета и некаде неопределено во воздух, од „калашниковот“ испразни еден шаржер. Настана исчекувачка тишина. - Не, пукајте, јас сум Шики, еј, - и пред нив се зададе еден војник со слечени гаќи до колената што му пречат побргу да бега, а по него, смеејќи се гласно до замалување, доаѓа друг војник. - Се исплашивте, а? - им вели оној што се витка од смеење. - Јас активирав кашикара зад аголот. Рики кењаше и сакав да го зафркнам. Ха, ха, се прејал и бутур го фатил... Ха, ха... Кога скокна со пантоланите недигнати, газ преку глава фати, ехе, хе... Ама не знаете како прискока, ехе, хе... Вратот ќе го скрши човеков, помислив, ха,ха... Гракнаа сите весело изаразно да се смеат. - Добар штос, нема што, - им рече Јордан од Велета, - ама нема секој од нас смисла за хумор. Еве, мене ме напаѓаат наши колеги дека јас сум вардел овде нечии викендички и затоа сум дојден овде со вас? Така ли е или не? Кажете дали е така, гласно сакам да чујам од вас! Насобраните резервисти молчеа. Секогаш пријателски расположен и мирен со оние што му прават ќеиф и ненавикнат во животот на ничие противење, Јордан од Велета можеше од ништо, во секој момент да се изнервира и ова молчење му беше знак дека сега тој е сам и со него не се согласуваат резервистите. Очигледно веќе добро изнервиран, и покрај алкохолот во него, свесен беше дека нервозата сега не треба да ја покажува и поумно ќе е овојпат да покаже некаква широкоградост. - Ама, вие убаво знаете јас дека не сум пичка и секогаш сум бил фер со сите вас! Јас се борам за правда и сето она што е наше да си го задржиме ние. Еве, секој што мисли од викендициве е негово, слободно нека влезе и нека си земе што сака. Подобро земете го вие, отколку да го палат и крадат наоружаните Албанци од УЧК. - Така, е - извика некој од присутните. - Ние ќе крвавиме за мафијаши, а тие дома ќе се тегнат на кревети и ќе гледаат на телевизија каква е ситуацијата! Почивката пред релејот им заврши и резервистите се нафрлија на викендичките. Им ги кршеа вратите и прозорците, влегуваа внатре и земаа сè што ќе им дојдеше при рака. Ќебиња од креветите постилаа на под и ги полнеа со телевизори, видеа, телефони, ски -опреми и разна поситна покуќнина. Вјанѕени што гледаат раскош што го посакувале, а самите никогаш го немале, ги корнеа и керамичките плочки од ѕидовите, ги вадеа славините од чешмите и им ги кршеа лавабоата. Насмеаните лица од врамените слики по ѕидовите ги сметнуваа и газеа и со натоварениот плен на рамо, пијани лунѕаа низ Шар Планина... Потпијанет, Јаков влезе во објектот, се затвори, удри со брадата на бирото и така спиеше неколку часа. Здрвен, кога му се подизбистри од испиеното, се разбуди на полноќ и неопределен страв го стресе од штотуку слушнатите приказни на бркотија и вчудовидувања. Неговото сфаќање на работите веќе може скапо да го чини: не побегна кога можеше и сега е доцна. Наоколу сè е блокирано, катадневно се киднапираат цивили, а по патеките има и минирани полиња. Утредента, еден хеликоптер од пред хотелите товараше резервисти од сменската замена и Јаков појде и ги замоли и него да го земат. Се правдаа нема место и не го зедоа. И подобро што не се качи. Хеликоптерот само што се дигна од земја, удри во жиците од електричниот далновод. Блесна огнена молња и хеликоптерот се струполи на земја. Сите седум, осум души во него настрадаа. Срцето му причука в гради и со трчање се врати во зградата. Ненавикнат на алкохол, главата сè уште го болеше од вчерашното пиење, но мораше пак да се напие за да се смири. Голташе ракија со сила, а во стомакот му растеше мачнина. Почна да врти по сите значајни министерства и институции на кои им ги одржуваше линиите, им кажуваше на некакви секретарки на кабинети за неговата безизлезна ситуација, но тие наместо да се ангажираат и да му помогнат за некакво евакуирање, го прашуваа како е фронтот на теренот за да си раскажуваат кога пијат кафе дека имаат информации од прва рака. Неубедлив од постојаната опијанетост и повторувајќи сè едно исто, на неговите повици веќе не дигаа слушалка. Мора да има излез, мора да има решение на оваа војна, си велеше сам на себе и на строго заштитените телефонски линии, Јаков им приклучи прислушни кабли за да ги слуша разговорите на луѓето што ја водат војната. Почна да го прислушкува телефоните на Претседателот, на Премиерот, на министрите за одбрана и полиција, на командантите на теренот, а бидејќи знаеше коректно и албански и англиски, ги слушаше и телефоните на албанските водачи на бунтот, странските медијатори и американскиот амбасадор. Не можеше да им верува на своите уши: како гласот на алата од Шар Планина да го слушаше од телефонските кабли; креаторите на војната меѓу себе си правеа пазар од информациите на своите вооружени единици, самите туркајќи ги своите луѓе во устата на ламјата што ги голта. И откако беше во можност да знае неколку часови или минути кои и каде ќе се новите жртви понудени на ламјата, на случајните жртвувани јагниња какво што е и тој што по своја или по туѓа вина се вртка околу устата на ламјата, Јаков разбра во вистинска смисла што значи митскиот Аргус со стотини и илјади очи што му паѓаше како енигматски проблем во крстозборите. Неговата лична војна беше борба со стравот, а тој со него не знаеше како да војува. Стравот е пресилен противник за секое суштество и при немоќта да се совлада, стравот штом испука во човека, ококорените очи почнуваат да му гледаат стооко; сонот на Јаков му се изгуби, треската не го напушташе и целиот беше облеан од постојана пот. Грозничаво слегуваше горе - долу од просторијата со предавателните уреди до просторијата за престој, ги отвори со шипка шкафовите на неговите сменски другари и им ги зеде и нивните останати шишиња со алкохол. Шишињата седеа до него и слушајќи ги телефонските разговори на господарите на војната, ги празнеше едно по едно. Повраќаше, рикаше од балконот во планинската тишина божем ќе го искорне и желудникот низ уста што му се грчи в стомак кој освен алкохол, веќе ништо друго и не му пропушта надолу, а страшниот глас му одекнуваше меѓу врвовите на планината и секој што отстрана би го чул, би помислил дека ја слушнал како рика дијанијата излезена на фронтот. Од празниот стомак во кој со денови ништо не беше ставил, му излегуваа само жолтила. Неизбричен, неистуширан и постојано препотен, засмрде во алиштата, а видно поднадуеното лице му се престори во тапа отсутност. - Мајката нивна расипана, купиштата украдени пари ги покриваат со купишта луѓе, - со денови шепотеше во себе Јаков и веќе сеедно му беше кога во објектот дојде Арбен со група борци и неколку проститутки. Арбен сакаше на својот земјак да му остави впечаток, да му ја прегледа пушката и муницијата со која секој државен објект се должи, Јаков како дежурен да му изреферира за моментната безбедносна состојба на објектот, па потоа како нов воен претпоставен, Арбен да го презадолжи со оружјето и му ја врати пушката без куршуми, но беше изненаден од состојбата во која го сретна комшијата. - Е земјак, бе, и тракторот си ми го поправал и косачката и фритезата и колата... Наместо со тие златни раце да си милионер, до кај си дотуркал... Тоа твоите ти го направија, не ние. Си го окркал како, бурек. Сакаш да видиш пичка, да се повратиш? Види, - и ѝ го подигна кусото здолниште на една од девојките. Девојката немаше гаќи. - Сакаш да им ги видиш и на другите? Ајде натртете му се. Сè имам на лагер: Молдавки, Украинки, Русинки, Бугарки, Румунки, Циганки... Борците кога не се на линија, прават турнир во ебање. Ако сакаш, дојди да погледаш... Неговиот земјак изгубено молчеше и дојденото друштво набрзина замина. Мајтапите со Јаков беа напразни; и човечкиот мозок е склопен и функционира како машините за врски; полн чепчиња и отворчиња, во тие воени денови нешто непредвидено да не се преспоеше во Јаков, тој најточно ќе знаеше да каже што, всушност, се случуваше на фронтот и по кабинетите на властта. И зашто сè знаеше, и војната ја виде и од лицето и од опачината, вистината беше преголемо барутно полнење за да ја издржи. За целиот период на војната, телефонските линии и видео сигналот во Долна земја не престанаа да функционираат. „Ова ќе е нашиот голуб од Вруток“, - помисли Соња. Сивкавиот голуб ги наду градите и кусо гукна не отворајќи го клунот, колку да ѝ каже дека е тука. Беше застанат на гранката што се подаваше до под тремот на бараката и со маслинестите очи ја гледаше Соња. Чиниш, ќе ѝ прозбори. Соња беше в раце со ѓезвето со штотуку свареното утринско кафе секое сабајле што го пиеја со Младен во утринската свежина набрзина што преоѓа во неснослив припек и преку цел ден на затворените прозорци им се спуштени и ролетните. Вечерта Младен го заврши пишувањето и утрото се тегавеше да стане. - Стани побргу да видиш... Нашиот голуб од Вруток. - Кој голуб? - Оној од јаболкницата пред куќа... - Е, од Вруток, па ти... Друго нешто ќе ти текне... Еден голуб личи така... - Стани, па ќе видиш... Зарем еднаш сум им давала трошки. Еден од двата голуба постојано што се загнездуваат на јаболкницата. Мамурлив, Младен ја подаде главата од отворениот прозорец и голубот веднаш му слета на рамо. Му седи мирно, ги дуе градите и му гука на уво. - Неверојатно. - Гледаш дека е тој? - Тој е, тој. Машкиот со маслинестите очи. Двојката гулаби загнездена на јаболкницата пред родната куќа во Вруток беа сродени со домашните и од нивни раце колваа подадени трошки и зрна. Благодарен и на фрлените трошки, по кој знае кои шифри на природата, голубот инстинктивно успеал повторно да ги пронајде од самиот себеси определените стопани со кои беше здушен. Птица и куче умираат од тага при грабнатата им куќа, стопан или гнездо; тоа се нивни перформанси на верноста што како генералии на нивниот идентитет во нив човекот ги открил и им ги впишува во нивниот територијален пасош на жителството. - Ете ти го твојот убав сон. На Соња ѝ се насолзија очите. Голубот ѝ дозволи да го фати со рацете. Голубјото срце во дланките ѝ тупотеше. - Види, ранет е. Едново крило му е раскрвавено. - Настрадал дури со гукање нè бранел... Птиците не пеат само од радост на животот, тие со песна ја бранат својата територија. Колку поголема територија владеат, толку поголем им е репертоарот на песните. Пак со гугање ќе нè брани... При завршената книга, мојот живот веќе не вреди толку многу. Ајде да се вратиме дома? - Одвај чекам. Да се напиеме кафе и ќе се вратиме... Уште малку ако останам овде, ќе се разболам. - Што е тоа што го тера човека толку сигурно да се чувствува дома? - Овде повеќе стравови претргав, отколку во својот дом, - рече Соња и отиде по една капсула пеницилин. Лековитиот прашок ги истурија на раната на голубот, седнаа да го испијат утринското кафе што цело лето го пиеја под тремот, повторувајќи некое од вруточките приклученија преку кои одржуваа поднослива атмосфера при нивната привремена исселеност. Му се јавија на синот дека заминуваат, ги спакуваа нивните два куфера, се качија на веќе подзачестените автобуси, поминуваа покрај испржена земја и изгорени камиони од воените судири и попладнето веќе беа во родната куќа и сенките на столетието кое штотуку помина. Највозбудливиот дел од нивниот живот без возбуда им заврши; повторно беа дома меѓу расцутените џунџулиња и трендафили како црвени искри надеж. Меѓу цвеќињата беа седнати старата Иконија и една врсничка Албанка и си разговараа. По неколку дена и гулабот си дојде на старото гнездо на јаболкницата. Распукувајќи се, Шар Планина им го потфати момчето на Муаремоските. Работеше во Швајцарија, беше поврзан во нивните албански организации и на нивен повик дојде да се бори во Долна земја. Слезе на аеродромот во Скопје и дури не дојде и да се поздрави со фамилијата; татковината е поширока фамилија, важно е секој да се бори и ја помага како него и целта ќе биде постигната... Не дека не му се одеше прво до дома, чевлите да ги собуе од нозе, сами ќе му појдеа на Вијан, но знаеше: штом ќе стапне сретсело, образот не му дава да не се поздрави и со Македонците... Колку да се мразиш, најслаткото пиво што го испил било додека бил седнат и со нив на гајби пред продавница, со нив му одела најдобрата партија табланет, нив ги опцул најсочно, со нив се дриблал на фудбал, на сите им ја пробал како дете санката... Војната нејќе сентименталност: ако нејќеш да пуштиш рака, подобро не оди. Поубаво е кога од поодамна не си ги видел и домашните и соселаните. Ќе ти откопаат спомени, ќе те омекнат и фронтот на Шар Планина не ќе те види. А за тоа дојде. Само што слезе на Скопскиот аеродром, виде тукашни сурати, слушна познати јазици и од чувството дека е свој меѓу свои, му ступоти срцето, но ја исполни клетвата дека не ќе посака да оди дома, туку од аеродром со такси појде до над Тетово. Стигна во единица што го очекуваше, се облече во војничката униформа, го разгледа од Шар Планина расцутениот Полог и дури тогаш по мобилен им заѕвони на домашните и им кажа дека е во близина, на фронт. Дома спискаа домашните. Дошол на два чекора до дома, му имаат и посвршено невеста и го чекаат за свадба, тој прво дома не дојде. - Не грижете се, да победиме, па ќе се женам. Свршеничката нека почека до есен. Свадбите се забранети додека мои врсници гинат за татковината. Во слобода ќе ги направиме свадбите. Сите одеднаш. Со денови да грми селото. Каурите да пукнат. Едно време тие правеа свадби по три дена, а ние земавме бегалки, сега ние правиме свадби по три дена, а тие земаат бегалки или ќе продумкаат на еден ручек! Најдебели златни ланци што ги има на златар, ќе им испратиме на невестите во чеиз! Момчето на двапати се јави дека добро се држат со никаквата армија на Долна земја и веќе не се јави. Загина од граната што падна до него и со сите воени и верски почести го закопаа во заедничката гробница на паднатите херои во Тетовско. Баба им нивна, Муаремица, скоро секоја пролет што ѝ бара цвеќиња за садење на Иконија, по трагедијата што ги снајде, подзачести со доаѓањето кај врсничката. Попарени од големата болка, дома им завладеа молк и немаа нерви за старата постојано што кукаше и прашуваше како дозволија внукот да го испуштат од раце. Растени во затворена средина како и другите женски деца, двете старици не си ги знаеја меѓу себе јазиците, но како што децата создаваат само за нив разбирлив јазик на играта и се заигруваат, и старите луѓе меѓусебно воспоставуваат надјазик на приклученијата и меѓу себе си комуницираат. Зборуваа и имаа до себе жив човек кој стрпливо слуша. Повеќе и не бараа: копнежот да бидат сочувствено исслушани е поголем од божемното нервозно разбирање на недоизреченото. Поранешното случајно сретнување на стариците преку летото на војната им прерасна во секојдневни разговори. Осамената Иконија одвај чекаше да ѝ дојде в авлија врсничката Албанка. Под сенка, меѓу џбуновите убавина си ги кажуваа една на друга своите преживелици. Имаа што да си кажат. Сами им доаѓаа зборовите. И солзите. за тој не цел час разговори, ќе се назбореа без да имаат чувство дека некому старечки додевале. Број ми се, бисере. Ќе си збореше Муаремица и сама на себе ќе си ја редеше својата приказна, со постојано потврдување од другачка ѝ, така, вистина да, така... Во разговор тивок, опуштен и жуборлив како Вардар на дваесетина чекори плавно што потскокнува и ита, на пристигање дома, Младен и Соња ја затекоа старата Иконија сред приказна. Албанката ѝ потврдуваше, по нусе по, по... - Ќе одам прво на Главардар, па после ќе пиеме кафе... - му рече Соња по првото будење дома. Младен ја разбра нејзината намера. - Не брзај. И јас ќе извртам околу, наоколу... Сите лоши соништа Соња што ги сонувала во Скопје, сакаше да му ги каже на Вардарот; лошиот сон прво Вардар го дознава. По сè што истрпеа, Младен не смееше за избликот на празноверието да ѝ префрла на жена си; лош сон штом сонува вруточанец, рисјанин, ќе скокне испотен и префркнат и сонот не им го кажува на домашните за да не ги исплаши, или не дај боже, сонот да се фати, туку одвај ќе чека да се развидели и удри зрак од Сува Гора кон Шар Планина... Така буден, веќе измислил оправдување пред домашните за да појде на Главардар и на пенењето на изворот никој кога не ќе те чуе, го кажува сонот и се измива, лошото да замине по вода. Сонувачот и да не го дозапаметил ноќниот кошмар, по бојата на сонот знае што сакала судбината да му порача и доволно е само тие црнила од сонот да му се спомнат на Вардарот и бистрата вода што брза од Вруток кон Гостивар, од Гостивар кон Солун да ги раствори и земе со себе. И штом лошото ќе ги узмине, или ќе се случи, сонувачот го кажува сонот; измислува и додава, се присетува за детали или ги изостава и така, кажуван повеќепати, сонот полека се ткае и престорува во необична приказна како прв завој во постелата на болката. Сите човечки соништа одат по вода и целиот живот е еден долг и подол сон; Вардарот ги знае сите соништа и приказни на сите што живееле и го газеле земниот живот околу него. Им ги брише, им ги носи по вода зашто се повторуваат. Само луѓето никогаш не ќе ги научат приказните на Вардарот. Убавото што ретко ги стрефува, не одат да му го кажат на Вардарот, среќата да не им ја исплакне и им појде по вода. Рисјаните положани имаат сигурна среќа штом на сон ги сонуваат Албанците; да знаат само Албанците колку многу на сон ги посакуваат, од сон нема да им излезат. „Заедничкиот живот меѓу вруточани ако е неможен, тој секогаш ќе има литературен статус и место во сонот. Незбиднатиот сон. Човек што и да сонува и прави, постојано е на Вијан“ - помисли Младен кога го извади пергаментниот древен лист од „Вруточкото евангелие“. Седна на работната маса покрај топот листови од штотуку отчуканиот роман и грутчето малтер од Берлинскиот ѕид, и повторно ги загледа напишаните зборови со кирилски букви како изгребани чкртаници на остареното лице на Бога. Мрсниот лист со порака од дамнина до него, почна да го витка во хартиено бротче. Со тукушто напишаниот роман имаше илузија дека и тој направил уште една, нова брчка на лицето на Бога; таквите брчки на Бога убаво му стојат: само ја доистакнуваат староста и физиономијата на светот, допотцртувајќи ја и неговата немоќ што веќе не може да види што се случува кај божјите чеда, ниту да преземе нешто за нив. Мрсниот лист од органско потекло светеше како испотено чело по кое штотуку поминала подлактица и го избришала, извадено излишно парче од старечка кожинка на затегнато лице што легнало на хируршка маса да се подмладува и фрлено по извршениот козметички лифтинг, врз која потоа сами ја пишуваме нашата историја, нашето евангелие. Подмладувајќи се, Бог ги жртвува своите деца: евтини кожинки за Свети ракописи никогаш не ќе недостасуваат. Ние сме подвижни некролози што не сме ја научиле азбуката на смртта за да прочитаме со еден поглед на челата што ни напишала. Многу поголеми држави и светови пропаднале без да остане од нив ни ред, ни чкртаница на камен и можеби судбината сакаше токму Младен кој го изживеа животот во челуста на дијанијата да префрли во уметноста раска од времето на Долна земја. А само колку се плашеше од загадочната порака од дамнина на овој лист? Цел живот му помина со тој страв, и сега престрашен, остарен и искасан од времето, листот ја изгуби својата смисла; хартиеното бротче беше направено. За да не го види жена му, Младен слезе со пергаментното бротче до Вардар, стотина метри подолу од изворот, на истото место кај што секоја година на Св. Јован нови кумови ритуално влегуваат да се прскаат и собираат јаболка, и го пушти бротчето по Вардар. Древната мрсна хартија со чудната порака тргна на нова непознатаа адреса, од Вруток кон Гостивар, од Гостивар кон Солун. Го префрли Вардарот, направи еден круг до црквата, гробиштата и училиштето и само што почна да се спушта кон полето, Младен здогледа човек што му доаѓа во пресрет. По фигурата му е ко познат, но по такво одење не може да го препознае. Ниеден возрасен при памет така не оди... Загнатиот дига думани прав од полскиот пат, а со рацете се размавтал како да отима и фрла зад себе од прашината. Кога му се наближи, гледа и не му се верува: Јаков работливиот е... На него ни трага од неговата педантност и одмереност. За три-четири месеци колку што не го видел, најлошата енергија на војната испукала во него и наполно го уништила. Со неопределен поглед како да гледа низ човека, Јаков му прозборе: - Каде бе, докторе? - На поле. - Што бараш на поле? - Да ги видам нивите, како е гравот... - Секој се грижи да ја спаси главата, ти си се загрижил за гравот. Расте тој и без нас. А, бе, докторе, има спас за народов? Што ја наведнал толку главата? Господ и без нас ја реди работата. Што никнало в поле еден грав, нема пченка што може да го издржи. Фатил нагоре едни филизи, крај нема кај оди. В небо расте. Целиот е во мешунки полни зрна, долги колку подлактицава. Оди нагоре, в небо стасал, в небо. златен конец до небото. Не се гледа. Се има проврено преку некоја цепутка од небото, ѕвездите од кај што светат и стасан е во Горна земја. Ете го спасот. Гравот. По неговиот ползавец може и ние да се искачиме на небо. Сега одам да му кажам на овој народ што остана да дојдат и по грав да се качат за Горна земја. Ни визи ни пасош, ни ништо. Директно горе. - Оди Јаков, оди. Можеби само гравот ни е нашиот спас. - Да, бе, докторе, да. зошто се овие војни? За гравот. Најголемите држави за гравот овде испратија свои војници. Богатиот сака да прди. Ние сме стратешки регион, го имаме гравот. Кој го има гравот, прди на светот. Има војни, за злато, за нафта, за дрога, ама нашева е најважна, за гравот. Торбешите биле гладни за баклави и тулумби, па ако ја сменат верата, мислеле и тие ќе јадат како беговите, само слатко и благо. Откако се потурчиле, го викнале бегот на ручек, го нагостиле со по некоја тулумба и баклава и мислеле и тој кога ќе ги викне на јадење, ќе ги послужи со многу тулумби, баклави и алви. По некое време бегот ги викнал фукарите да им возврати, ама тој ги послужил со грав. Торбешите кога го виделе в чинија тоа што го јаделе секој ден, дома, рекле: е, граше наше, верата ја сменивме, ама тебе не те сменивме. Треба да го цениме тоа што го имаме, однадвор гравот повеќе ни го ценат... - Така е, Јаков, така е. - Пријатно, докторе, јас се брзам да им кажам... - Оди Јаков, оди. Кажи им... Европа ги принуди завојуваните страни да потпишат Рамковен договор во Охрид и кусата војна заврши. Траеше само едно лето. И оваа генерација долноземјани сега имаат свежи гробишта над кои ќе се поклонуваат, ќе ставаат венци и ќе пеат пригодни хорски песни, над чии жртви ќе вежбаат патриотизам и ќе им се закануваат на своите комшии. Танушевци, Вејце, Карпалак, Арачиново, Бриони, Љуботен, Раштански лозја, онеспособување на водоводот за Куманово, рушењето на Лешочкиот манастир... се некои од имињата на свирепоста. По завршена војна кога е лесно да си генерал, сезнаечките медиумски генерали на Долна земја ги снема. Оваа играчка од војна за Долна земја сега ја нарекуваат конфликт, судир, криза... Точниот број на загинатите никогаш не се дозна: се оперира со цифра од неколку стотици. И разрушените и опожарени куќи и илјадниците расселени лица и малтретирањата и свирепите убиства на цивили, очигледни злостори против човештвото, европските судови не ги зедоа под своја недлежност. Не се дозна и гробницата на дванаесеттемина киднапирани Македонци и шесттемина Албанци. Нивните фамилии и ден денес одат од врата, на врата на највисоките инстанци на власта на Долна земја, но ниту Претседателот, ниту Премиерот знаат да им кажат кај распука Шар Планина кога ги поклопи. Не се открива лесно местото кај што дијанијата од Шар Планина ги одведува своите жртви. - Во Долна земја и добиена војна е релативна работа, особено ваква, никаква, шугава. Зашто тие победија кога ние ја добивме битката? - велеше потпијанет в бифе Јордан од Велета. Нему никој не му плаќаше пијалак како на победник и ослободител, додека во кафеаната на Вијан отспротива, на неколкуте албански учесници вратени од војната, Албанците од немајкаде им плаќаа да пијат. - Не се предаваме ние толку лесно, ајде... - мрмореше Јордан од Велета. Сега ќе видите која е династијата моја. Братот на факултетот со него ја има целата интелигенција, а татко ми - струкрурите. Ќе фрчат петиции, тркалезни маси, декларации... Европа со потпишаниот Рамковен договор во Охрид сакаше да ја приближи Долна земја до нејзините демократски стандарди, а на тукашните Албанци за да ја засакаат Долна земја како своја држава, им гарантираше повеќе граѓански права. За нов командир на полицијата во Полог, наместо дотогашниот Јордан, сега од мнозинското локално население беше поставен Арбен. На враќање од Охрид кај што преведуваше при потпишувањето на Рамковниот договор, синот на Младен дојде во Вруток. Мајка му го подготви полошкиот специјалитет што создава чувство на добро здравје: тавче гравче со суви сливи, ошавки, завиткани во сува, пушена сланина. Со Гоце во џипот дојде и една девојка. И прво што внукот ја праша баба си Иконија, беше дали ѝ се допаѓа девојката. - Да, многу е убава, внучко, спроти тебе е. - Да ја земам? - Земи ја, ич да не му мислиш. Од кога ти велам да се ожениш. Татко му и мајка му само се изнасмеаја. И тие сакаа да им се скраси синот. - Ама ништо не збори невестава? Или отпосле ќе отвори уста... - Американка е, не разбира. - Американка? - Американка и Албанка. - Каква Албанка? - се вмеша и мајка му. - Нора е Албанка, таму родена. Во Њујорк. Нејзините се исселени во Америка. Отаде, како Американка е дојдена во оваа мисија. - Аман бре... Со Албанци ќе нè смешаш, не знаеш кои се... - Добро, тие не се овдешниве Албанци. Тамошните ја оплакнале пизмата кон нас... - Таму, како ќе го примат Вашите родители?... - прв пат, со мака изусти и на англиски ѝ се обрати Младен на девојката. - О, нема проблем. ќе го обожаваат. - Еј стари, не заебавај. Остави ги ти вашите приказни. Доста си ми кажувал кај да одам и со кого. Утре одиме за Њујорк, ако сакаш да се поздравиме, добро ако не, никому ништо. - Утре? - Дај една копија од книгата, ако чини, јас таму ќе ти ја преведам. Половина живот ми помина во гледање насилства, пизми и крадење. Не може да опстои држава што подржува крадци и неработници! Јас не знам што значи нормален живот и напредок. знам само за страв, омраза и вардење од лошото, од невидливата дијанија од зад секој агол што може да ме нападне. Ме вардевте и довардевте приказните да ви ги паметам и со половина уста да ги раскажувам да не ги чуе злото зашто и ѕидовиве имаат уши! Доста ми е од тоа! Иако ништо не разбираше од жолчниот монолог на Гоце, на девојката ѝ беше јасно за што се расправаат таткото и синот. - Мене ми се сосем познати расправиите меѓу татковци и деца. Вечен проблем, но ако расправате за државата, ќе ви речам една работа: Македонија ќе ја има ако има македонски капитал. Никакви приказни и патриотизам на гладно срце, - му рече на Младен идната снаа. - А дали има според вас македонски капитал? - Јас не знам, македонски капитал не видов. Видов македонска омраза, но видов капитал на околните држави. - Ете така. Ние одиме кај што се стекнува првиот капитал. Приказната на Маџо прадедо ми, можеби преку мене ќе се повторува. Утредента, на испраќање на аеродромот во Скопје, тазе свекрвата Соња извади од портмонето две бурми и сува, поцрнета мала кожичка завиткана во парче газа. - Овие две бурми да си ги ставите кога ќе се венчате. А оваа кожичка е твоето папоче кога се роди што ми го дадоа од болница и го чувам. Кога ќе стигнеш во Америка, ќе го фрлиш на некој покрив, на некоја банка, на некоја зграда со пари, за да ви тргне работата. Гоце сето ѝ го преведуваше на неговата избраничка. - Јес, бјутифул! - Нора со одобрување ја прими инвентивната идеја на свекрвата. - Само што ќе стасаме во Њу Јорк, ќе појдеме и ќе се искачиме на највисоките згради на светот, Светскиот трговски центар, ќе го поделиме папочево и над двете згради ќе оставиме парче. Америка ќе ја освоиме, јес. Младоженците заминаа. По враќањето од аеродромот, како што е ред и што прават блиски роднини, Иванка, сестра му на Младен, попладнето дојде со внучката во Вруток на ноќевање. Мајката, братот, сестрата и снаата сè што знаеја од збор за утеха кураж, меѓу себе си рекоа и додека Гоце и Нора сè уште го надлетуваа Атлантикот, на телевизија одекна вестта за неверување: од терористи самоубијци беа киднапирани два авиона полни со патници и удрија во Светскиот трговски центар во Њујорк. Двете кули, симболот и гордоста на американската моќ, пред очите на целата вџашена светска јавност, клапнаа како макети од хартија. Илјадници невини луѓе во нив најдоа смрт. Маџовците излегоа надвор, седнаа под старата јаболкница и веќе не знаеја што да речат. Голубот со заздравеното крило, загука и му се спушти на рака на Младен. Малечкото гостинче, внуче од сестра му Иванка, од преголемата желба да го милува и да си игра со голубот, прекумерно ја стискаше птицата и голубот ѝ одлета од раце. Девојчето се расплака, постојано прашувајќи каде одлета голубот. - Далеку одлета голубот, кукле, далеку. На небоно. Го гледаш? Чекај да те дигнам на раце... Ене кај онаа бела маглина на небо е. Тоа е Млечниот пат. Од пиле млеко истурено на небо. Само таму за нас има спокој. Од ова гнездо на јаболкницава, до тоа истурено млеко е голубовиот лет. И ти зашто силно го стискаше, сега таму, на небоно прави гнездо и наместо на јајца, над ѕвезди лежи, нови ѕвезди рои и со млеко од птица ги храни.